СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 13
ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам
Како можеш да се увериш дека Јехова е задоволен од тебе?
Ти си по мојата волја! (ЛУКА 3:22)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да ги надминеме сомнежите што можеби ги имаме во врска со тоа дали Јехова е задоволен од нас.
1. Со какви чувства можеби се измачувале некои верни слуги на Јехова?
МНОГУ нѐ охрабрува тоа што знаеме дека Јехова е задоволен од својот народ како група. Во Библијата пишува: „Јехова му се радува на својот народ“ (Пс. 149:4). Но, понекогаш некои толку многу се обесхрабрени што можеби се прашуваат: „Дали Јехова е задоволен од мене лично?“ Голем број верни слуги на Јехова од библиско време понекогаш се измачувале со вакви чувства (1. Сам. 1:6-10; Јов 29:2, 4; Пс. 51:11).
2. Кој го има Јеховиното одобрување?
2 Библијата јасно покажува дека несовршените луѓе можат да го стекнат Божјето одобрување. Како? Мора да покажуваме вера во Исус Христос и да се крстиме (Јован 3:16). На овој начин, јавно покажуваме дека сме се покајале за нашите гревови и дека сме му ветиле на Бог дека ќе ја вршиме неговата волја (Дела 2:38; 3:19). Јехова многу се радува кога ги преземаме овие чекори за да бидеме блиски пријатели со него. Сѐ додека даваме сѐ од себе за да живееме во склад со нашиот завет, Јехова ќе биде задоволен од нас и ќе нѐ смета за свои блиски пријатели (Пс. 25:14).
3. Кои три прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Но, зошто некои понекогаш мислат дека Јехова не е задоволен од нив? Како Јехова покажува дека е задоволен од некого? И како еден христијанин може да биде сигурен дека Бог е задоволен од него?
ЗОШТО НЕКОИ МИСЛАТ ДЕКА ЈЕХОВА НЕ Е ЗАДОВОЛЕН ОД НИВ
4-5. Во што можеме да бидеме уверени дури и ако се чувствуваме безвредно?
4 Многумина од нас се борат со чувство на безвредност уште од детството (Пс. 88:15). Еден брат по име Едриен вели: „Отсекогаш сум се чувствувал безвредно. Се сеќавам дека, уште како многу мал, се молев моето семејство да живее во рајот иако бев сигурен дека јас не сум доволно добар за да бидам таму“. Тони, чии родители не биле Сведоци, вели: „Моите родители никогаш не ми кажуваа дека ме сакаат или дека се гордеат со мене. Поради тоа, имав чувство дека што и да направам, тоа никогаш не е доволно добро“.
5 Ако понекогаш се бориме со чувство на безвредност, добро е да се сетиме дека самиот Јехова нѐ привлекол кон себе (Јован 6:44). Тој ги гледа убавите работи кај нас кои можеби ние самите не ги гледаме, и знае што навистина имаме во срцето (1. Сам. 16:7; 2. Лет. 6:30). Затоа, можеме да му веруваме кога тој вели дека сме скапоцени (1. Јов. 3:19, 20).
6. Како се чувствувал апостол Павле поради неговите гревови од минатото?
6 Пред да ја дознаат вистината, некои од нас правеле работи поради кои можеби сѐ уште чувствуваат вина (1. Пет. 4:3). Дури и верните христијани се борат со грешни склоности. Како е со тебе? Дали твоето срце те осудува поради нешто? Ако да, може да те утеши фактот дека и други верни слуги на Јехова се бореле со слични чувства. На пример, апостол Павле се чувствувал бедно кога размислувал за своите слабости (Рим. 7:24). Се разбира, Павле се покајал за своите гревови и се крстил. Сепак, за себе рекол дека е „најмал од апостолите“ и дека е најголемиот грешник (1. Кор. 15:9; 1. Тим. 1:15).
7. Што треба да имаме на ум во врска со нашите гревови од минатото?
7 Нашиот небесен Татко ветил дека ќе ни прости ако се каеме (Пс. 86:5). Значи, ако навистина ни е жал за гревовите што сме ги направиле, можеме да имаме доверба дека Јехова си стои на зборот и дека ни простил (Кол. 2:13).
8-9. Како можеме да се избориме со чувството дека никогаш не можеме да направиме доволно за да му угодиме на Јехова?
8 Сите ние сакаме да му служиме на Јехова во што е можно поголема мера. Сепак, некои мислат дека никогаш не можат да направат доволно за тој да биде задоволен од нив. Една сестра по име Аманда вели: „Обично мислам дека, да му го дадам на Јехова моето најдобро значи дека секогаш треба да правам повеќе. Честопати, од себеси очекувам многу повеќе од она што навистина можам да го дадам. Потоа, кога нема да можам да ги исполнам моите очекувања, си мислам дека и Јехова е разочаран од мене исто како што сум јас од себеси“.
9 Како можеме да се избориме со чувството дека никогаш не можеме да направиме доволно за да му угодиме на Јехова? Не заборавај дека Јехова не е крут. Тој е разумен и никогаш не очекува повеќе од она што реално можеме да го направиме. Тој го цени сето она што го правиме за него сѐ додека му го даваме нашето најдобро. Исто така, размислувај за некои личности од Библијата кои му служеле на Јехова со сето срце. На пример, размисли за Павле. Тој ревносно служел со години, при што пропатувал илјадници километри и основал многу собранија. Но дали Јехова повеќе не бил задоволен од него кога околностите му се смениле и не можел да проповеда толку како порано? Не. Тој продолжил да го прави она што можел, и Јехова го благословил (Дела 28:30, 31). Слично на тоа, во зависност од околностите, она што му го даваме на Јехова понекогаш можеби ќе се менува. Но, за него е најважно од кој мотив го правиме тоа. Да разгледаме сега неколку начини на кои Јехова покажува дека е задоволен од нас.
КАКО ЈЕХОВА ПОКАЖУВА ДЕКА Е ЗАДОВОЛЕН ОД НАС
10. Како можеме да го „чуеме“ Јехова како ни вели дека нѐ сака и е задоволен од нас? (Јован 16:27).
10 Преку Библијата. Јехова бара начини за да им покаже на своите слуги дека ги сака и дека е задоволен од нив. Во Библијата се запишани две прилики во кои Бог му кажал на Исус дека тој е неговиот сакан Син, кој му е по волја (Мат. 3:17; 17:5). Дали би сакал да го слушнеш Јехова како ти кажува дека е задоволен од тебе? Ние не можеме дословно да го чуеме гласот на Јехова, но тој ни зборува преку неговата Реч. Ние може да „чуеме“ како Јехова ни вели дека е задоволен од нас кога ги читаме зборовите на Исус во евангелијата. (Прочитај Јован 16:27.) Исус совршено ги покажувал особините на својот Татко. Затоа, кога читаме како Исус им вели на своите несовршени, но верни ученици, дека ги сака и е задоволен од нив, можеме да си го замислиме Јехова како ни ги кажува тие зборови нам (Јован 15:9, 15).
11. Зошто неволјите што ги доживуваме не покажуваат дека Бог повеќе не е задоволен од нас? (Јаков 1:12).
11 Преку неговите постапки. Јехова многу сака да ни помага, на пример, така што се грижи за нашите материјални потреби. Но, понекогаш Јехова може да дозволи да ни се случат лоши работи како што било случај со праведниот Јов (Јов 1:8-11). Неволјите не покажуваат дека Бог повеќе не е задоволен од нас. Напротив, тие ни даваат можност да покажеме колку многу го сакаме Бог и колкава доверба имаме во него. (Прочитај Јаков 1:12.) Додека траат тие неволји, ќе видиме како Јехова се грижи за нас и како нѐ поддржува додека ни помага да истраеме.
12. Што можеме да научиме од искуството на Дмитриј?
12 Размисли за еден брат во Азија по име Дмитриј. Тој ја изгубил работата и повеќе месеци не можел да најде друга работа. Затоа решил да го зголеми своето учество во службата и со тоа да покаже дека има доверба во Јехова. Поминале многу месеци, а Дмитриј сѐ уште не можел да најде работа. Потоа, толку сериозно се разболел што не можел ни да станува од кревет. Тој почнал да мисли дека повеќе не е добар сопруг и татко, и се прашувал дали Јехова сѐ уште е задоволен од него. Потоа, една вечер, неговата ќеркичка ги отпечатила на лист хартија зборовите од Исаија 30:15: „Зачувајте ги мирот и довербата, тоа ќе биде вашата сила!“ Таа отишла до неговиот кревет, му го дала листот и му рекла: „Тато, кога нема да се чувствуваш добро, можеш да се сетиш на овој стих“. Дмитриј сфатил дека, благодарение на Јехова, неговото семејство сѐ уште има храна, облека и покрив над главата. Тој вели: „Она што требаше да го правам е да останам смирен и да продолжам да имам доверба во мојот Бог“. Ако и ти се соочуваш со сличен проблем, можеш да имаш доверба дека Јехова се грижи за тебе и дека ќе ти помогне да истраеш.
13. Преку кого Јехова може да ни покаже дека е задоволен од нас, и како?
13 Преку соверниците. Јехова ги користи нашите браќа и сестри за да ни покаже дека е задоволен од нас. На пример, тој може да ги поттикне другите да нѐ охрабрат токму тогаш кога тоа ни е потребно. Ова го почувствувала една сестра од Азија во период кога била под голем стрес. Таа ја изгубила работата и тешко се разболела. Потоа, нејзиниот сопруг направил сериозен грев и повеќе не можел да служи како старешина. Сестрата вели: „Не можев да сфатам зошто ми се случува ова. Си мислев дека можеби сум направила нешто погрешно и дека Јехова повеќе не е задоволен од мене“. Нашата сестра сесрдно го молела Јехова да ја увери дека го има неговото одобрување. Како Јехова ѝ го покажал тоа? Таа објаснува: „Старешините зборуваа со мене и ми помогнаа да увидам дека Јехова сѐ уште ме сака“. По некое време, повторно го молела Јехова за помош. Таа вели: „Истиот тој ден добив едно писмо од една група браќа и сестри од собранието. Додека ги читав нивните охрабрувачки зборови, почувствував дека Јехова ја услишил мојата молитва“. Навистина, Јехова честопати ни покажува дека е задоволен од нас преку љубезните зборови на другите (Пс. 10:17).
14. На кој друг начин Јехова ни покажува дека е задоволен од нас?
14 Јехова ни покажува дека е задоволен од нас и така што ги користи соверниците за да ни даде совет кога тоа ни е потребно. На пример, во првиот век, со својот свет дух, Јехова го поттикнал Павле да им напише 14 писма на соверниците. Во тие писма Павле им дал директен совет, но на љубезен начин. Зошто Јехова го водел Павле да напише таков совет? Јехова е добар Татко, и тој ги укорува своите деца кои ги сака (Изр. 3:11, 12). Значи, ако некој ни даде совет што се темели на Библијата, тоа не значи дека Јехова повеќе не е задоволен од нас. Напротив, тоа покажува дека Јехова сѐ уште нѐ сака (Евр. 12:6). Што друго ни покажува дека Јехова е задоволен од нас?
ДРУГИ ДОКАЗИ ДЕКА ЈЕХОВА Е ЗАДОВОЛЕН ОД НАС
15. Кому Јехова му го дава својот свет дух, и во што нѐ уверува тоа?
15 Јехова им го дава својот свет дух на оние од кои е задоволен (Мат. 12:18). Можеме да се прашаме: „Дали успевам да покажувам некои од плодовите на светиот дух во мојот живот?“ Дали си забележал дека си пострплив за разлика од времето кога не си го познавал Јехова? Всушност, колку повеќе учиш да ги покажуваш плодовите на светиот дух, толку поуверен ќе бидеш дека Јехова е задоволен од тебе! (Види ја рамката „ Плодовите на духот се...“)
16. Кого Јехова го користи за да се проповеда добрата вест, и како се чувствуваш поради тоа? (1. Солуњаните 2:4).
16 Јехова им ја доверува добрата вест на оние од кои е задоволен. (Прочитај 1. Солуњаните 2:4.) Забележи како на една сестра по име Џоселин ѝ користело тоа што ја споделува добрата вест со другите. Еден ден, кога се разбудила, таа се чувствувала многу потиштено. Џоселин вели: „Се чувствував исцрпено и бескорисно. Но, бев пионер, и тој ден требаше да излезам во служба. Затоа, се помолив и отидов во служба“. Тоа утро Џоселин ја запознала Мери, една љубезна жена која прифатила да ја проучува Библијата. Неколку месеци подоцна, Мери кажала дека таа му се молела на Бог за помош во моментот кога Џоселин чукнала на нејзината врата. Што научила Џоселин од тоа искуство? Таа вели: „Тоа беше како Јехова да ми вели: ’Задоволен сум од тебе‘“. Се разбира, нема секој да сака да ја слушне пораката што ја проповедаме. Но, можеме да бидеме уверени дека Јехова се радува кога гледа дека даваме сѐ од себе за да ја споделиме добрата вест со другите.
17. Што учиш од она што го кажала Вики за откупнината? (Псалм 5:12).
17 На темел на откупната жртва, Јехова им ги простува гревовите на оние од кои тој е задоволен (1. Тим. 2:5, 6). Но, што ако нашето срце сѐ уште не е уверено дека Јехова е задоволен од нас и покрај тоа што имаме вера во откупнината и сме се крстиле? Не заборавај дека не можеме секогаш да имаме доверба во нашите чувства, но можеме да имаме доверба во Јехова. Оние што имаат вера во откупнината се праведни во негови очи, и тој им ветува дека ќе ги благослови. (Прочитај Псалм 5:12; Рим. 3:26.) На една сестра по име Вики ѝ помогнало тоа што размислувала за откупнината. Еден ден, откако длабоко размислувала за откупнината, таа го сфатила следново: „Јехова е стрплив со мене долго време... А јас како да му велев: ’Твојата љубов не е толку голема за да можеш да ме сакаш. Жртвата на твојот Син не може да ги покрие моите гревови‘“. Со тоа што размислувала за откупнината, која е дар од Бог, таа почнала да чувствува дека Јехова ја сака. Додека размислуваме за откупнината, и ние ќе можеме да почувствуваме дека Јехова нѐ сака и ќе се увериме дека е задоволен од нас.
18. Во што може да бидеме сигурни ако продолжиме да го сакаме нашиот небесен Татко?
18 Иако можеби ќе вложуваме голем труд за да го примениме она што го научивме во оваа статија, сепак, понекогаш можеби ќе се обесхрабриме и ќе се прашуваме дали Јехова е задоволен од нас. Ако тоа се случи, не заборавај дека тој ги одобрува „оние што го сакаат“ (Јак. 1:12). Затоа, продолжи сѐ повеќе да се зближуваш со Јехова и да ги забележуваш сите начини на кои ти покажува дека е задоволен од тебе. Секогаш имај на ум дека Јехова „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27).
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
-
Зошто можеби некои мислат дека Јехова не е задоволен од нив?
-
Кои се некои начини на кои Јехова покажува дека е задоволен од нас?
-
Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова е задоволен од нас?
ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки