Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 11

ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!

Не се откажувај и покрај разочарувањата

Не се откажувај и покрај разочарувањата

Трпеше поради моето име и не се умори (ОТК. 2:3)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да се увериме дека можеме да продолжиме да му служиме на Јехова и покрај тоа што доживуваме разочарувања.

1. Кои се некои од благословите што ги имаме затоа што сме дел од Јеховината организација?

 НАВИСТИНА е голем благослов да се биде дел од Јеховината организација во овие последни и тешки денови. Животот во овој свет станува сѐ потежок и потежок. Но, Јехова ни дал едно обединето духовно семејство од браќа и сестри (Пс. 133:1). Исто така, тој ни помага да имаме среќен семеен живот (Еф. 5:33 — 6:1). И, ни ја дава мудроста што ни е потребна за да се справиме со грижите и да чувствуваме внатрешен мир.

2. Што треба да правиме, и зошто?

2 Сепак, ние мора да вложуваме голем труд за да продолжиме верно да му служиме на Јехова. Зошто? Затоа што понекогаш другите можеби ќе нѐ повредат со своите зборови или постапки. Исто така, може да се обесхрабриме поради нашите сопствени грешки, особено ако ги повторуваме истите грешки одново и одново. Ние треба да продолжиме да му служиме на Јехова 1) кога некој соверник ќе нѐ повреди, 2) кога брачниот партнер ќе нѐ разочара и 3) кога ќе се разочараме од себеси. Во оваа статија ќе ја разгледаме секоја од овие три ситуации. Исто така, ќе видиме што можеме да научиме од некои верни Божји слуги кои се спомнати во Библијата.

КОГА НЕКОЈ СОВЕРНИК ЌЕ ТЕ ПОВРЕДИ

3. Со каков предизвик се соочуваат Јеховините слуги?

3 Предизвик. Некои соверници имаат карактерни црти што нѐ нервираат. Други можат да направат нешто со што ќе нѐ разочараат или можат да постапат со нас непромислено или нељубезно. Освен тоа, старешините можат да направат грешки. Ваквите реални ситуации можат да наведат некого да се посомнева дали ова е Божјата организација. Наместо да продолжат да му служат на Бог „рамо до рамо“ со нивните браќа и сестри, тие можеби ги избегнуваат оние од кои биле повредени, а можеби дури и престануваат да одат на состаноците (Соф. 3:9). Дали ова е мудро? Да видиме што можеме да научиме од една библиска личност која доживеала слични проблеми.

4. Со какви предизвици се соочил апостол Павле?

4 Библиски пример. Апостол Павле знаел дека неговите христијански браќа и сестри се несовршени. На пример, кратко откако станал дел од собранието во Ерусалим, некои од тамошните христијани погрешно го процениле (Дела 9:26). Подоцна, некои му зборувале зад грб за да го оцрнат (2. Кор. 10:10). Исто така, Павле видел како еден старешина донел погрешна одлука која можеби ги спрепнала другите (Гал. 2:11, 12). И, еден од неговите блиски соработници, Марко, многу го разочарал (Дела 15:37, 38). Поради овие ситуации, Павле би можел да одлучи да престане да се дружи и да соработува со оние што го повредиле. Сепак, тој задржал позитивно гледиште за своите браќа и сестри и продолжил верно да му служи на Јехова. Што му помогнало на Павле да не се откаже?

5. Што му помогнало на Павле да не се откаже од браќата и сестрите? (Колошаните 3:13, 14; види ја и сликата).

5 Павле многу ги сакал браќата и сестрите. Таквата љубов му помогнала да не се концентрира на нивните слабости, туку на нивните убави особини. Исто така, љубовта му помогнала на Павле да го прави она што самиот го запишал во Колошаните 3:13, 14. (Прочитај.) Размисли како постапил Павле со Марко, кој го напуштил за време на неговото прво мисионерско патување. Иако отпрвин се вознемирил, Павле ги надминал таквите чувства. Подоцна, кога Павле напишал едно срдечно писмо до собранието во Колоси, тој го пофалил Марко како вреден соработник кој му помагал и го зајакнувал (Кол. 4:10, 11). Додека бил во затвор во Рим, Павле побарал токму Марко да дојде да му помогне (2. Тим. 4:11). Јасно е дека Павле не се откажал од своите браќа. Што може да научиме од Павле?

Павле имал несогласување со Варнава и со Марко. Но, Павле не им останал лут, и подоцна со задоволство соработувал со Марко (види во пасус 5)


6-7. Што ќе ни помогне да продолжиме да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри и покрај нивните слабости? (1. Јованово 4:7).

6 Поука. Јехова сака да продолжиме да покажуваме љубов кон браќата и сестрите. (Прочитај 1. Јованово 4:7.) Ако некој пропушти да покаже некоја христијанска особина, можеме да покажеме доверба дека тој сепак сака да ги следи библиските начела и дека едноставно во таа ситуација постапил непромислено (Изр. 12:18). Бог ги сака своите верни слуги и покрај нивните слабости. Тој не нѐ отфрла кога правиме грешки, ниту пак постојано чувствува гнев кон нас (Пс. 103:9). Навистина, многу е важно да го следиме примерот на нашиот небесен Татко, кој ни простува (Еф. 4:32 — 5:1).

7 Исто така, имај на ум дека, како што се приближува крајот, ќе треба да останеме блиски со нашите браќа и сестри. Можеме да очекуваме прогонството да станува сѐ поголемо. Можеби дури и ќе бидеме ставени во затвор поради нашата вера. Доколку тоа се случи, нашите браќа и сестри ќе ни бидат потребни повеќе од кога и да било порано (Изр. 17:17). Размисли што му се случило на Хуан, a еден старешина во Шпанија. Тој и други браќа биле ставени во затвор поради нивната неутралност. Хуан вели: „Во затворот сите живеевме заедно, и затоа понекогаш си одевме на нерви. Требаше да се поднесуваме еден со друг и често да си простуваме. Тоа ни помагаше да останеме обединети и заштитени. Заедно со нас беа и затвореници кои не му служеа на Јехова. Во една прилика се повредив и раката ми беше во гипс. Затоа, некои работи не можев да ги правам сам. Но, еден од браќата ми ја переше облеката и се грижеше за мене на други практични начини. Почувствував искрена љубов тогаш кога најмногу ми требаше“. Навистина имаме добри причини да ги решаваме меѓусебните проблеми уште денес!

КОГА БРАЧНИОТ ПАРТНЕР ЌЕ ТЕ РАЗОЧАРА

8. Со каков предизвик се соочуваат брачните парови?

8 Предизвик. Сите бракови имаат тешкотии. Во Библијата отворено е кажано дека оние што се во брак ќе имаат „телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Зошто? Затоа што бракот соединува две несовршени личности кои имаат различни особини и на кои им се допаѓаат различни работи. Тие можеби имаат различна култура или потекло. Со текот на времето, тие можеби ќе покажат особини кои не биле забележливи пред венчавката. Која и да било од овие работи може да предизвика проблеми. Наместо да признаат дека секој има свој удел во проблемот и да се трудат да го решат, тие можеби го обвинуваат својот брачен другар. Може дури да почнат да мислат дека решението е да живеат одвоено или да се разведат. Но, дали тоа навистина е решение за нивните проблеми? b Да видиме што можеме да научиме од една личност од Библијата која истрајала и покрај тоа што имала особено тежок брачен живот.

9. Со каков предизвик се соочила Авигеја?

9 Библиски пример. Авигеја била во брак со Навал, за кого Библијата вели дека бил „груб и зол“ човек (1. Сам. 25:3). На Авигеја сигурно ѝ било многу тешко да живее со таков маж. Дали Авигеја имала можност да му стави крај на нејзиниот брак? Да, таква можност имала кога Давид, идниот цар на Израел, дошол да го убие нејзиниот маж затоа што ги навредил него и неговите луѓе (1. Сам. 25:9-13). Авигеја можела да побегне и да му дозволи на Давид да го спроведе својот план. Но, таа не го направила тоа, туку го убедила Давид да му го поштеди животот на Навал (1. Сам. 25:23-27). Зошто го направила тоа?

10. Што веројатно ја поттикнало Авигеја да остане во брак во кој животот не ѝ бил лесен?

10 Авигеја го сакала Јехова и ги почитувала неговите мерила за бракот. Без сомнение, таа знаела што им рекол Бог на Адам и на Ева кога тој го основал првиот брак (1. Мој. 2:24). Авигеја знаела дека за Јехова бракот е свет. Таа сакала да го радува Бог и тоа ја поттикнало да направи сѐ што може за да ги спаси своите домашни, вклучувајќи го и нејзиниот сопруг. Таа брзо реагирала за да го спречи Давид да го убие Навал. Исто така, била спремна да се извини за една грешка што таа не ја направила. Сосема е јасно дека Јехова ја сакал оваа храбра и несебична жена. Што можат да научат сопругите и сопрузите од примерот на Авигеја?

11. а) Што очекува Јехова од оние што се во брак? (Ефешаните 5:33). б) Што научи од начинот на кој Кармен се трудела да го спаси својот брак? (Види ја и сликата.)

11 Поука. Јехова сака оние што се во брак да останат заедно, дури и ако не им е лесно да живеат со својот брачен партнер. Бог сигурно многу се радува кога гледа дека оние што се во брак вложуваат голем труд за да ги решаваат проблемите и да си покажуваат несебична љубов и почит. (Прочитај Ефешаните 5:33.) Размисли за примерот на Кармен. Околу шест години откако стапила во брак, таа почнала да проучува со Јеховините сведоци и подоцна се крстила. Кармен вели: „На мојот сопруг не му се допаѓаше мојата одлука. Тој му стана љубоморен на Јехова. Ме навредуваше и ми се закануваше дека ќе ме остави“. И покрај тоа, Кармен не се откажала од нејзиниот брак. Цели 50 години, таа правела сѐ што може за да покажува љубов и почит кон својот сопруг. Таа вели: „Како што изминуваа годините, почнав подобро да ги разбирам чувствата на мојот сопруг и научив да зборувам со него на љубезен начин. Затоа што знаев дека бракот е свет во Јеховини очи, правев сѐ што можам за да го сочувам. Бидејќи го сакав Јехова, никогаш не се обидов да го напуштам мојот сопруг“. c Ако и во твојот брак се појават проблеми, можеш да имаш доверба дека Јехова ќе те поддржува и ќе ти помага да истраеш.

Што учиш од Авигеја, која била спремна да направи сѐ што може за да ги спаси членовите на нејзиното домаќинство? (види во пасус 11)


КОГА ЌЕ СЕ РАЗОЧАРАШ ОД СЕБЕСИ

12. Со каков предизвик може да се соочиме ако направиме сериозен грев?

12 Предизвик. Можеме многу да се разочараме од себеси ако направиме сериозен грев. Во Библијата пишува дека, поради нашите гревови, може да се чувствуваме „скршено и здробено“ (Пс. 51:17). Еден брат по име Џон, со години се трудел да ги исполни условите за да стане слуга-помошник. Но, откако станал слуга-помошник, направил сериозен грев и сфатил дека го изневерил Јехова. Тој вели: „Мојата совест многу ме измачуваше. Се чувствував како да носам цел тон цигли. Подоцна чувствував мачнина во стомакот. Многу плачев и му се молев на Јехова. Си мислев дека Бог никогаш повторно нема да сака да ме слуша. И зошто би ме слушал кога јас го изневерив?“ Ако направиме сериозен грев, може да бидеме толку скршени од болка што ќе почнеме да мислиме дека Јехова кренал раце од нас (Пс. 38:4). Ако и ти се чувствуваш така, размисли за еден верен Божји слуга од Библијата кој продолжил верно да му служи на Јехова и покрај тоа што направил сериозен грев.

13. Каков сериозен грев направил апостол Петар, и кои други грешки го воделе до тоа?

13 Библиски пример. Ноќта пред Исус да биде погубен, апостол Петар направил неколку грешки кои воделе до тоа да направи многу сериозен грев. Прво, Петар покажал преголема самоувереност, фалејќи се дека тој ќе му остане верен на Бог дури и ако другите апостоли го напуштат Исус (Мар. 14:27-29). Потоа, во градината Гетсиманија, Петар неколкупати заспал и покрај тоа што Исус јасно им кажал на своите ученици да бдеат (Мар. 14:32, 37-41). Освен тоа, кога една толпа луѓе дошле да го уапсат Исус, Петар го напуштил (Мар. 14:50). На крајот, Петар трипати одрекол дека го познава Исус, па дури и се заколнал дека е така (Мар. 14:66-71). Како реагирал Петар кога сфатил колку тежок грев направил? Тој бил скршен и силно заплакал, можеби поради огромното чувство на вина (Мар. 14:72). Замисли колку му било тешко кога неколку часа подоцна неговиот пријател Исус бил погубен. Петар сигурно се чувствувал крајно безвредно.

14. Што му помогнало на Петар да продолжи верно да му служи на Јехова? (Види ја сликата.)

14 Петар можел да продолжи верно да му служи на Јехова од неколку причини. Тој не се изолирал од другите, туку отишол кај своите духовни браќа и, без сомнение, тие го утешиле (Лука 24:33). Освен тоа, воскреснатиот Исус му се појавил на Петар, веројатно за да го охрабри (Лука 24:34; 1. Кор. 15:5). Подоцна, Исус не го укорил својот пријател Петар за неговите грешки, туку му кажал дека ќе добие поголеми одговорности (Јован 21:15-17). Петар знаел дека направил голем грев, но продолжил да го прави она што е исправно. Зошто? Бидејќи бил уверен дека неговиот Господар, Исус, не се откажал од него. Исто така, духовните браќа на Петар продолжиле да му помагаат. Што можеме да научиме од примерот на Петар?

Од Јован 21:15-17 дознаваме дека Исус не се откажал од Петар, а тоа го поттикнало Петар да продолжи верно да му служи на Јехова (види во пасус 14)


15. Во што сака Јехова да бидеме уверени? (Псалм 86:5; Римјаните 8:38, 39; види ја и сликата).

15 Поука. Јехова сака да бидеме уверени дека нѐ сака и дека е спремен да ни прости. (Прочитај Псалм 86:5; Римјаните 8:38, 39.) Кога ќе згрешиме, ние чувствуваме вина. Тоа е сосема нормално и соодветно. Но, не смееме да мислиме дека Јехова повеќе не нѐ сака и дека не може да ни прости. Наместо тоа, треба веднаш да побараме помош. Џон, кого го спомнавме претходно, вели: „Направив грев затоа што, додека се борев да му одолеам на искушението, се потпирав на мојата сопствена сила“. Тој сфатил дека треба да зборува со старешините. Џон вели: „Кога го презедов тој чекор, веднаш ја почувствував Јеховината љубов преку нив. А почувствував дека и старешините ме сакаат. Тие ми помогнаа да се уверам дека Јехова не ме напуштил“. И ние можеме да бидеме уверени дека Јехова многу нѐ сака и дека ќе ни прости ако се каеме за нашите гревови, ако бараме помош и ако искрено се трудиме да не ги повторуваме нашите грешки (1. Јов. 1:8, 9). Таквата увереност ќе ни помогне да продолжиме верно да му служиме на Јехова дури и откако ќе направиме некоја грешка.

Кога гледаш колкав труд вложуваат старешините за да ти помогнат, во што те уверува тоа? (види во пасус 15)


16. Зошто си решен да продолжиш верно да му служиш на Јехова?

16 Јехова многу го цени трудот што го вложуваме за да му служиме во овие тешки последни денови. Со помош од Јехова, ние можеме да продолжиме верно да му служиме и покрај разочарувањата. Ние можеме да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри и да им простуваме дури и кога ќе нѐ повредат. Ние можеме да ја покажеме длабочината на нашата љубов кон Бог и нашата почит кон бракот така што ќе правиме сѐ што можеме за да ги решаваме проблемите што можеби ќе се појават во нашиот брак. А ако направиме грев, можеме да бараме помош од Јехова, да ги прифатиме неговата љубов и неговото простување и да продолжиме да му служиме. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова богато ќе нѐ благослови ако „не се откажеме од правење добро“ (Гал. 6:9).

КАКО МОЖЕМЕ ДА ПРОДОЛЖИМЕ ВЕРНО ДА МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА...

  • кога некој соверник ќе нѐ повреди?

  • кога брачниот партнер ќе нѐ разочара?

  • кога ќе се разочараме од себеси?

ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?

a Некои имиња се сменети.

b Божјата Реч ги советува брачните другари да не се одвојуваат и јасно кажува дека, доколку се одвојат, ќе немаат право да стапат во брак со друго лице. Меѓутоа, има сериозни ситуации во кои некои христијани би можеле да одлучат да се одвојат од брачниот партнер. Во книгата Радувај му се на животот засекогаш, види во белешка 4, „Одвојување од брачниот другар“.

c Ако сакаш да видиш друг пример, на jw.org гледај го видеоклипот Нека не те залажува привидниот мир — Дарел и Дебора Фрајзингер.