Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова ни даваше сила и во војна и во мир

Јехова ни даваше сила и во војна и во мир

Пол: Бевме пресреќни! Беше ноември 1985 год., и бевме на пат кон нашата прва мисионерска задача — Либерија (Западна Африка). Патем, застанавме во Сенегал. Ен рече: „За отприлика саат време ќе бидеме во Либерија!“ Но потоа дојде едно известување: „Патниците за Либерија мора да се симнат од авионот. Поради државен удар, не можеме да слетаме во Либерија“. Следните десет дена останавме кај мисионери во Сенегал. Секој ден на вестите слушавме дека во Либерија се убиваат голем број луѓе, дека е воведен полициски час и дека војниците го убиваат секого кој ќе го прекрши полицискиот час.

Ен: Ние не сме некои големи авантуристи. Всушност, уште како дете ме викаа „Плашливата Ени“. Страв ме фаќа дури и кога треба улица да преминам! Но бевме решени да одиме на нашата задача.

Пол: Јас и Ен сме родени во западниот дел од Англија и тоа само на осум километри еден од друг. И двајцата почнавме со пионерска служба веднаш штом завршивме средно училиште. Мене многу ме поттикнаа на тоа моите родители, а Ен мајка ѝ. Тие беа многу радосни што сакавме да го посветиме животот на полновремената служба и многу нѐ поддржуваа. На 19 години имав чест да почнам со бетелска служба, а Ен ми се придружи кога се зедовме во 1982 год.

Кога дипломиравме на школата Гилеад, на 8 септември 1985

Ен: Многу го сакавме Бетел, но отсекогаш ни беше желба да служиме таму каде што има поголема потреба. Во Бетел соработувавме со некои поранешни мисионери и, дружејќи се со нив, уште повеќе се разгоре таа желба кај нас. Три години, секоја вечер се молевме во врска со тоа и бевме пресреќни кога во 1985 год. добивме покана да присуствуваме на 79. клас на Гилеад. Добивме задача да служиме во Либерија (Западна Африка).

ЉУБОВТА НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ НИ ДАВАШЕ СИЛА

Пол: Кога беше дозволено да се лета за Либерија, веднаш се качивме на првиот авион. Атмосферата таму беше напната и сѐ уште имаше полициски час. Се сеќавам еден ден на пазарот една кола испушти малку посилен звук, и сите почнаа панично да бегаат. За да останеме смирени, секоја вечер заедно читавме нешто од Псалмите. Но многу си ја сакавме задачата. Ен беше мисионер на подрачјето, а јас работев во Бетел заедно со Џон Чарук. a Тој имаше огромно искуство и многу добро ги разбираше околностите на браќата и сестрите. Можев многу да учам од него.

Ен: Зошто ја засакавме Либерија толку брзо? Поради нашите браќа и сестри. Тие беа срдечни, отворени и верни. Се зближивме со нив, тие ни станаа семејство. Нивните совети нѐ зајакнаа духовно. Службата беше за мерак. Луѓето се лутеа ако останевме кратко кај нив. По улиците, на секој ќош се водеа дискусии на библиски теми. Едноставно можеше да си застанеш и да се вклучиш во разговорот. Имавме толку библиски курсеви што едвај постигнувавме. Тоа беа слатки маки!

ЈЕХОВА НИ ДАВАШЕ СИЛА И ПОКРАЈ СТРАВОВИТЕ

Им помагаме на бегалци во Бетелот во Либерија, 1990

Пол: Во 1989 год., по четири години релативен мир, сѐ тргна наопаку — изби граѓанска војна. На 2 јули 1990 год., бунтовничките трупи ја зазедоа областа околу Бетел. Три месеци немавме никаков контакт со надворешниот свет, вклучувајќи ги и нашите семејства и главното седиште. Владееше анархија, немаше храна и многу жени беа силувани. Таа ситуација траеше 14 години и ја погоди целата земја.

Ен: Членовите на некои племиња се бореа со оние од другите племиња и ги убиваа. По улиците насекаде имаше бунтовници вооружени до заби, со некои чудни униформи, кои пљачкосуваа каде што ќе стигнеа. Некои велеа дека за нив убивањето луѓе е како да колиш кокошки. На контролните пунктови имаше купишта мртви тела, а неколку такви пунктови имаше и во близина на Бетел. Беа убиени и некои наши браќа и сестри, меѓу кои и двајца од нашите драги мисионери.

Ризикувајќи го својот живот, Сведоците криеја други браќа и сестри од племињата кои беа прогонувани и убивани. Тоа го правеа и мисионерите и бетелците. На долниот спрат во Бетел, по ходниците и во канцелариите спиеја некои раселени браќа и сестри, а некои, пак, беа сместени во нашите соби на спратот горе. Ние ја делевме собата со едно седумчлено семејство.

Пол: Бунтовниците секој ден се обидуваа да влезат во Бетел за да видат дали криеме некого. Смисливме еден систем за предупредување: двајца ќе стоеја на прозорецот и ќе набљудуваа, а двајца ќе отидеа до портата и ќе зборуваа со војниците. Ако тие што беа на портата ги држеа рацете пред себе, тоа значеше дека сѐ е во ред. Но ако ги ставеа рацете назад, тоа значеше дека војниците се агресивни, и тогаш оние што беа покрај прозорецот брзо ќе ги скриеја браќата и сестрите.

Ен: По многу седмици, една група гневни бунтовници насила влегоа во Бетел. Јас и една сестра се заклучивме во купатилото. Имавме еден шкаф со лажно дно и долу мало местенце за криење. Сестрата успеа да се пикне таму и да се скрие. Бунтовниците се втурнаа горе со пушките во рацете. Почнаа со сета сила да тропаат на вратата. Пол ги молеше: „Ве молам почекајте, жена ми е во веце“. Знам дека се слушаше врева додека го затворав капакот на лажното дно и кога ги враќав сите работи на полиците, и многу се уплашив, се тресев како лист. Што ќе биде кога ќе ја отворам вратата? Се помолив во себе, преколнувајќи го Јехова да ми помогне. Ја отклучив вратата и некако успеав смирено да ги поздравам војниците. Еден од нив ме оттурна и веднаш отиде до шкафот, го отвори и почна да пребарува по полиците. Не му се веруваше дека ништо не најде. Потоа тој и другите војници ги пребараа сите соби и таванот. Но повторно, ништо не најдоа.

ВИСТИНАТА СИЛНО СВЕТЕШЕ

Пол: Со месеци речиси немавме што да јадеме. Нѐ држеше духовната храна. Единствениот „појадок“ ни беше библиската утринска програма, и чувствувавме колку сила ни дава.

Знаевме дека, ако излеземе од подружницата за да бараме храна и вода, не ќе можеме да ги заштитиме оние што ги криевме и, веројатно, ќе беа убиени. Честопати, Јехова ќе се погрижеше да го добиеме тоа што ни беше потребно во вистинското време и на начин кој за нас беше вистинско чудо. Јехова се грижеше за нас и ни помагаше да ги држиме под контрола нашите стравови.

Колку помрачен стануваше светот, толку посилно светеше вистината. Нашите браќа и сестри мораа често да бегаат за да спасат жива глава, но успеаја да останат смирени и да задржат цврста вера. Некои дури велеа дека војната им е „вежба за големата неволја“. Имаше храбри старешини и млади браќа кои правеа сѐ за да им помагаат на своите соверници. Кога мораа да избегаат на друго место, браќата и сестрите се држеа заедно, почнуваа да проповедаат на нови подрачја и да одржуваат состаноци во импровизирани сали во шумата. Состаноците им беа вистинско прибежиште каде што можеа да најдат утеха од сиот очај околу нив, а проповедањето им помагаше да истраат. Кога им доставувавме помош, наместо да бараат облека, тие бараа ташни за во служба. Тоа многу нѐ допре. Луѓето беа истрауматизирани и потиштени и беа желни да ја чујат добрата вест. Не им се веруваше колку се среќни и позитивни Сведоците; нивната светлина силно светеше во темнината (Мат. 5:14-16). Кога ја видоа ревноста на нашите браќа и сестри, дури и некои од тие сурови бунтовници станаа наши браќа.

ЈЕХОВА НИ ДАДЕ СИЛА ДА ЈА ПОДНЕСЕМЕ РАЗДЕЛБАТА

Пол: Додека траеше војната, неколкупати моравме да ја напуштиме земјата — три пати на кратко и два пати на цела година. Една мисионерка многу убаво ги опиша нашите чувства. Таа рече: „На Гилеад нѐ учат да си ја вршиме задачата со сето срце, и тоа и го правевме. И сега, кога треба да ги оставиме нашите браќа во вакви околности, тоа е како да ни се кине срцето“. Но добро е што можевме да го поддржуваме делото во Либерија и од околните земји.

Радосни се враќаме во Либерија, 1997

Ен: Во мај 1996 год., четири души тргнавме со бетелското возило кое беше натоварено со важни документи за работата на подружницата. Требаше да возиме 16 километри до едно побезбедно место на другиот крај од градот. Но токму тогаш врз таа област беше извршен напад. Разбеснети бунтовници почнаа да пукаат во воздух, нѐ сопреа, нас тројца нѐ извлекоа надвор, ни го зедоа возилото и потоа продолжија да возат, а Пол уште беше внатре. Останавме така на улицата во тотален шок. Но тогаш, го здогледавме Пол како се пробива низ толпата и доаѓа кон нас со раскрвавено чело. Во целата таа збрка, мислевме дека е застрелан, но сфативме дека тогаш не би можел да оди! Еден од бунтовниците го удрил кога го исфрлил од возилото. За среќа, беше само мала повреда.

Во близина имаше еден воен камион преполн со преплашени луѓе. Бидејќи внатре немаше каде игла да фрлиш, моравме да се држиме за надворешната страна на приколката. Возачот стисна на гаста до крај, и едвај се додржавме. Го молевме да застане, но му беше страв. Издржавме некако, но кога запре камионот, се тресевме како лист — и од страв и од умор.

Пол: Се погледнавме, цели валкани, испокинати и не ни се веруваше дека сме живи. Преспавме под ведро небо во едно поле до еден хеликоптер кој беше целиот испочукан, изрешетан и со кој следниот ден отидовме во Сиера Леоне. Бевме благодарни што сме живи, но бевме и многу загрижени за нашите браќа и сестри во Либерија.

ЈЕХОВА НИ ДАДЕ СИЛА ДА СЕ ИЗБОРИМЕ СО НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ

Ен: Кога стигнавме во Бетелот во Фритаун (Сиера Леоне), бевме на безбедно и бевме добро згрижени. Но, почнаа да ми се враќаат слики од она што го доживеавме. Дење нонстоп бев на штрек, мислев дека нешто страшно ќе се случи, како да не живеев во реалниот свет. А ноќе се будев облеана во студена пот, целата растреперена од помислата дека нешто лошо ќе нѐ снајде. Не можев да дишам. Тогаш Пол ќе ме прегрнеше и се молеше заедно со мене. Пеевме теократски песни сѐ додека не престанев да се тресам. Мислев дека го губам разумот и дека повеќе не можам да служам како мисионер.

Никогаш нема да го заборавам она што се случи тогаш. Истата таа седмица добивме две списанија. Едното беше Разбудете се! од 8 септември 1996. Во него имаше една статија со наслов: „Соочување со нападите на паника“. Тогаш сфатив што значат моите симптоми. Второто списание беше Стражарска кула од 15 мај 1996, во кое ја имаше статијата „Откаде ја добиваат својата сила?“ Во статијата имаше слика од една повредена пеперутка. Беше објаснето дека, исто како што една пеперутка може да продолжи да се храни и да лета и покрај тоа што крилјата ѝ се оштетени, и ние можеме со Јеховиниот дух да продолжиме да им помагаме на другите, иако и самите сме емоционално повредени. Јехова ни даде сила преку духовната храна во вистинско време (Мат. 24:45). Многу истражував и си направив една папка со статии во кои се зборуваше на таа тема. Тоа многу ми помогна. Со текот на времето, моите симптоми на посттрауматски стрес полека почна да ги снемува.

ЈЕХОВА НИ ДАДЕ СИЛА ЗА ЕДНА НОВА ПРОМЕНА

Пол: Кога и да се вратевме во Либерија, бевме пресреќни. Кон крајот на 2004 год., во Либерија служевме веќе речиси 20 години. Војната беше завршена. Во подружницата се правеа планови за еден градежен проект. Но сосема неочекувано, нѐ прашаа дали би прифатиле една нова задача.

Тоа беше голем испит за нас. Бевме многу блиски со нашето духовно семејство. Како да ги оставиме? Но кога го оставивме своето семејство за да одиме на Гилеад, видовме дека, кога се препуштаме во рацете на Јехова, тој нѐ благословува. И затоа ја прифативме новата задача. А тоа значеше да одиме во Гана.

Ен: Многу плачевме кога си одевме од Либерија. Се изненадивме кога Френк, еден мудар и постар брат, ни рече: „Морате да нѐ заборавите!“ Но тогаш објасни: „Знаеме дека никогаш нема да нѐ заборавите, но сега мора со сето срце да се посветите на вашата нова задача. Тоа ви е задача од Јехова, затоа концентрирајте се на браќата и сестрите таму“. Тоа ни даде сила да се потрудиме да стекнеме нови пријатели во земја каде што не познававме речиси никого и каде што сѐ беше ново за нас.

Пол: Но не ни требаше многу за да го засакаме нашето ново духовно семејство во Гана. Таму има толку многу Сведоци! Многу научивме од лојалноста и силната вера на нашите нови пријатели. Во Гана служевме 13 години, и тогаш дојде едно ново изненадување. Бевме замолени да служиме во подружницата за Источна Африка, во Кенија. Ни недостигаа нашите пријатели од земјите во кои претходно служевме, но веднаш се почувствувавме блиски со нашите верни браќа и сестри во Кенија. И сѐ уште служиме тука, на едно огромно подрачје на кое има многу голема потреба.

Со нови пријатели на подрачјето на подружницата за Источна Африка, 2023

ШТО ПОНЕСОВМЕ СО СЕБЕ

Ен: Низ годините, честопати ми се случуваше да почнам да се тресам или да треперам од страв. Опасните или стресни ситуации може да остават и физички и емоционални лузни. Јехова нема со некое чудо да нѐ заштити од тоа. Дури и сега, кога ќе чујам истрели или артилериски оган, почнува да ми се повраќа и да ми трпнат рацете. Но, научив дека треба да се потпирам на Јехова. Да го користам сето она што тој го прави за да ни даде сила, како на пример преку нашите браќа и сестри. И увидов дека, ако имаме една добра, редовна духовна рутина, Јехова може да ни помогне да издржиме на нашата задача.

Пол: Понекогаш, некој ќе праша: „Си ја сакате ли задачата?“ Да, има убави земји. Но во нив ситуацијата лесно може да стане нестабилна и опасна. Тогаш, што е она што го сакаме повеќе отколку земјата во која служиме? Нашите драги браќа и сестри, нашето семејство. Можеби имаме различно потекло, но сите исто размислуваме. Мислевме дека сме испратени ние да ги охрабриме нив, но вистината е дека тие нѐ охрабрија нас.

Секојпат кога ќе се преселиме, гледаме едно современо чудо — нашето братство. Сѐ додека сме дел од едно собрание, ние имаме семејство и имаме дом. Уверени сме дека, ако се потпираме на Јехова, тој ќе ни дава сила да издржиме што и да се случи (Фил. 4:13).

a Види ја животната приказна на Џон Чарук, „Благодарен сум им на Бог и на Христос“, во Стражарска кула од 15 март 1973 (на англиски).