СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 47
ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог
Браќа — дали имате цел да служите како старешини?
Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба (1. ТИМ. 3:1)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да разгледаме некои од библиските услови кои еден брат мора да ги исполни за да може да служи како старешина.
1-2. Што сѐ е вклучено во службата „вредна за пофалба“ што ја извршува еден старешина?
АКО веќе некое време служиш како слуга-помошник, веројатно си на добар пат да ги исполниш условите за да служиш како старешина. Дали би сакал да станеш старешина и да ја извршуваш таа „служба вредна за пофалба“? (1. Тим. 3:1).
2 Што сѐ е вклучено во службата што ја извршува еден старешина? Тој е добар пример за собранието со тоа што ревносно проповеда, вложува голем труд да се грижи за браќата и сестрите и да ги поучува, и го зајакнува собранието со своите зборови и со својот пример. Со добра причина, трудољубивите старешини во Библијата се наречени „луѓе како дарови“ (Еф. 4:8).
3. Како може еден брат да ги исполни условите за старешина? (1. Тимотеј 3:1-7; Тит 1:5-9).
3 Како можеш да станеш старешина? Исполнувањето услови за старешина не е исто со исполнувањето услови за работно место. За да се вработиш некаде, обично е доволно да ги имаш основните работни вештини кои ги бара работодавецот. Но, за разлика од тоа, ако сакаш да станеш старешина, не е доволно само вешто да поучуваш и да проповедаш. Потребно е да ги исполниш библиските услови кои се запишани во 1. Тимотеј 3:1-7 и Тит 1:5-9. (Прочитај.) Во оваа статија ќе видиме што се бара од старешините на три важни подрачја: да бидат на добар глас во собранието и надвор од него, да бидат добар пример како глава на семејството и да имаат желба да му служат на собранието.
БИДИ НА ДОБАР ГЛАС
4. Што значи „да [се] биде беспрекорен“?
4 За да можеш да служиш како старешина, мора да бидеш „беспрекорен“, односно браќата и сестрите во собранието да имаат убаво мислење за тебе поради твоето добро однесување, и никој да не може со право да те обвини дека правиш нешто погрешно. Освен тоа, треба да си „на добар глас кај луѓето надвор од собранието“. Се разбира, оние што не му служат на Јехова можеби ќе те критикуваат поради твоите верувања. Но, тие никогаш не треба да имаат оправдана причина да се сомневаат во твојата чесност и исправно однесување (Дан. 6:4, 5). Прашај се: „Дали сум на добар глас во собранието и надвор од него?“
5. Како можеш да покажеш дека „ја [сакаш] добротата“?
5 „Да ја сака добротата.“ Ова значи дека го гледаш доброто во другите и дека ги пофалуваш за нивните убави особини. Исто така, со задоволство им правиш добро на другите, па дури и повеќе од она што се очекува (1. Сол. 2:8). Зошто е многу важно старешините да ја имаат оваа особина? Бидејќи тие користат голем дел од нивното скапоцено време за да се грижат како пастири за собранието и да ги извршуваат своите задачи (1. Пет. 5:1-3). Сепак, радоста која доаѓа од тоа што им служат на другите, е далеку поголема од која и да било жртва (Дела 20:35).
6. На кои начини може да се покаже гостољубивост? (Евреите 13:2, 16; види ја и сликата).
6 Покажуваш дека си „гостољубив“ кога им правиш добро на другите, вклучувајќи ги и оние што не ти се блиски пријатели (1. Пет. 4:9). Во еден библиски прирачник, гостољубивиот човек е опишан на следниов начин: „Вратата на неговиот дом — и на неговото срце — мора да биде отворена и за луѓе кои не ги познава“. Прашај се: „Дали сум познат по тоа што им правам добро на оние што ќе го посетат моето собрание?“ (Прочитај Евреите 13:2, 16.) Еден гостољубив човек го дели она што го има со гостите во собранието, вклучувајќи ги оние што немаат многу во материјален поглед и оние што вложуваат голем труд за да ги охрабрат браќата и сестрите, како што се покраинските надгледници и говорниците од други собранија (1. Мој. 18:2-8; Изр. 3:27; Лука 14:13, 14; Дела 16:15; Рим. 12:13).
7. Како еден старешина покажува дека не е алчен за пари?
7 Не е алчен за пари. Ова значи дека парите и материјалните работи не ти се најважното нешто. Без разлика дали си богат или сиромашен, го ставаш Божјето Царство на прво место во твојот живот (Мат. 6:33). Ти ги користиш времето, силата и материјалните средства за да го обожаваш Јехова, да се грижиш за семејството и да му служиш на собранието (Мат. 6:24; 1. Јов. 2:15-17). Прашај се: „Колку ми се важни парите? Дали сум задоволен со основните работи? Дали постојано сакам да имам повеќе пари и да стекнам повеќе материјални работи?“ (1. Тим. 6:6, 17-19).
8. Кои се некои начини на кои покажуваш дека си умерен во сѐ и дека умееш да се совладуваш?
8 Ако си некој кој е „умерен во сѐ“ и кој „умее да се совладува“, ти си урамнотежен на сите подрачја во твојот живот. На пример, не јадеш и не пиеш премногу, твојот начин на облекување и дотерување е скромен и соодветен, и носиш мудри одлуки во поглед на забавата. Не им робуваш на трендовите на овој свет (Лука 21:34; Јак. 4:4). Остануваш смирен дури и кога некој те провоцира. „Не [си] пијаница“, ниту пак си познат како некој што многу пие. Прашај се: „Дали мојот начин на живот покажува дека сум умерен во сѐ и дека умеам да се совладувам?“
9. Што значи некој да биде разборит и да живее уредно?
9 Ако си „разборит“, внимателно ги проценуваш работите на темел на библиските начела. Длабоко размислуваш за тие начела и, како резултат на тоа, добиваш поголем увид во работите и носиш мудри одлуки. Не донесуваш избрзани заклучоци. Наместо тоа, се трудиш да ги дознаеш сите потребни информации пред да донесеш некаков заклучок (Изр. 18:13). Како резултат на тоа, носиш разумни одлуки кои го одразуваат Јеховиниот начин на размислување. „Да [живееш] уредно“ значи да си организиран и точен. Познат си по тоа дека другите можат да се потпрат на тебе и дека следиш упатства. Сите овие особини ќе придонесат да бидеш на добар глас. Сега да ги разгледаме особините за кои Библијата вели дека еден старешина треба да ги има за да биде добар пример како глава на семејството.
БИДИ ДОБАР ПРИМЕР КАКО ГЛАВА НА СЕМЕЈСТВОТО
10. Што значи еден маж „добро да управува со својот дом“?
10 Ако си сопруг и сакаш да ги исполниш условите за старешина, твоето семејство исто така треба да биде добар пример за другите. Затоа, треба „добро да [управуваш] со својот дом“. Треба одговорно и со љубов да ја извршуваш својата улога како глава на семејството. Тоа вклучува редовно да ја водиш Семејната вечер посветена на Јехова, да се погрижиш членовите на семејството редовно да присуствуваат на собраниските состаноци и да им помагаш да го даваат своето најдобро во службата на проповедање. Зошто ова е толку важно? Апостол Павле ја навел следнава причина: „Ако некој не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјето собрание?“ (1. Тим. 3:5).
11-12. Зошто е важно како се однесуваат децата на еден брат кој сака да биде старешина? (Види ја и сликата.)
11 Ако си татко, твоите малолетни „[деца] треба да [ти] бидат послушни и да покажуваат потполна почит“. Треба со љубов да ги поучуваш и да ги обучуваш. Се разбира, како и сите други деца, тие треба да си играат и да се смеат. Но, треба да ги поучуваш да ти бидат послушни, да ги почитуваат другите и добро да се однесуваат. Освен тоа, мора да даваш сѐ од себе за да им помагаш на твоите деца да развијат добар однос со Јехова, да живеат според библиските начела и да напредуваат кон крштавање.
12 „Чии деца се верници и не може да бидат обвинети дека се распуштени или непокорни.“ Ако еден брат има дете кое сѐ уште живее во неговиот дом и детето направи тежок грев, како тоа ќе влијае врз братот? Доколку тој не му ги дал на своето дете стегата и воспитувањето што му биле потребни, тогаш веројатно не ги исполнува условите да служи како старешина. (Види во Стражарска кула од 15 октомври 1996, стр. 21, пас. 6-7.)
СЛУЖИ МУ НА СОБРАНИЕТО
13. Како можеш да покажеш дека си разумен и дека не си самоволен?
13 Браќата кои покажуваат убави христијански особини се од голема помош за собранието. Еден разумен човек вложува голем труд за да биде во мир со другите и им помага на другите да бидат во мир еден со друг. Ако сакаш да бидеш познат како разумен човек, слушај ги другите и земај го предвид нивното гледиште. Замисли дека си старешина и дека присуствуваш на еден старешински состанок. Дали ќе бидеш спремен да ја поддржиш одлуката на мнозинството ако не се прекршува некој закон или некое начело од Библијата? „Не смее да биде самоволен.“ Ова значи дека не инсистираш работите да се прават на твојот начин. Ти си свесен дека „успехот лежи во мноштвото советници“ и затоа го цениш мислењето на другите (1. Мој. 13:8, 9; Изр. 15:22). Ти не си „воинствен“ ниту „гневлив“. Не си груб и не се расправаш со другите, туку покажуваш почит кон нив и постапуваш љубезно и тактично. Како мирољубив човек, преземаш иницијатива да бидеш во мир со другите дури и во тешки ситуации (Јак. 3:17, 18). Твоите љубезни зборови можат да ги омекнат ставовите на другите, па дури и на оние кои ни се противат (Суд. 8:1-3; Изр. 20:3; 25:15; Мат. 5:23, 24).
14. Што значи тоа дека еден старешина не смее да биде новообратен и дека треба да биде лојален?
14 Еден брат кој сака да служи како старешина „не смее да биде новообратен.“ Иако не мора да бидеш крстен многу години пред да станеш старешина, сепак потребно е време за да ја постигнеш христијанската зрелост која е неопходна за да служиш на таков начин. Пред да бидеш именуван како старешина, мора да покажеш дека, како Исус, ти си понизен и стрпливо чекаш на Јехова да добиеш повеќе задачи во собранието (Мат. 20:23; Фил. 2:5-8). Можеш да покажеш дека си лојален така што верно ќе се држиш за праведните мерила на Јехова и така што ќе ги следиш упатствата што ги добиваме од неговата организација (1. Тим. 4:15).
15. Дали еден старешина мора да биде извонреден говорник? Објасни.
15 Во Библијата јасно пишува дека еден надгледник треба да биде „способен да поучува“. Дали ова значи дека мора да бидеш извонреден говорник? Не. На многу старешини говорништвото не им е најјака страна. Сепак, кога проповедаат и кога прават пастирски посети, тие вешто ја користат Библијата за да поучуваат и за да ги храбрат браќата и сестрите. (Спореди со 1. Коринќаните 12:28, 29 и Ефешаните 4:11.) Иако не мора да бидеш извонреден говорник, треба постојано да се трудиш да ги подобруваш своите вештини на поучување. Како можеш да успееш во тоа?
16. Како можеш да станеш повешт учител? (Види ја и сликата.)
16 „При поучувањето се држи за веродостојните зборови.” За да бидеш повешт учител, погрижи се она што ќе го кажеш кога поучуваш и кога им даваш совет на браќата и сестрите, секогаш да се темели на Божјата Реч. За да можеш да го правиш тоа, длабоко проучувај ги Библијата и нашите публикации (Изр. 15:28; 16:23). Додека проучуваш, обрни посебно внимание на тоа како нашите публикации ги објаснуваат библиските стихови за да можеш да ги примениш на исправен начин. А кога поучуваш, дај сѐ од себе за да допреш до срцето на оние што те слушаат. Можеш да станеш повешт учител ако побараш предлози од некои искусни старешини и ако потоа ги примениш (1. Тим. 5:17). Старешините треба да можат да ги опоменуваат, односно да ги храбрат своите браќа и сестри (Тит 1:9, Превод нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). А понекогаш, мора дури и да ги укоруваат. И во двата случаја, старешините мора да бидат љубезни. Ако постапуваш нежно и со љубов и ако го темелиш твоето поучување на Божјата Реч, ќе бидеш добар учител бидејќи ќе го следиш примерот на големиот учител Исус (Мат. 11:28-30; 2. Тим. 2:24).
ПРОДОЛЖИ ДА РАБОТИШ НА ТВОЈАТА ЦЕЛ
17. а) Што може да им помогне на слуга-помошниците да продолжат да работат на својата цел да станат старешини? б) Што треба да имаат на ум старешините кога проценуваат дали некој брат треба да го препорачаат за старешина? (Види ја рамката „ Биди разумен кога даваш проценка за некого“.)
17 Откако ќе ги разгледаат условите кои се потребни за да служат како старешини, некои слуга-помошници можеби ќе си помислат дека никогаш нема да успеат во тоа. Но, не заборавај дека ниту Јехова ниту неговата организација не очекуваат да ги покажуваш тие особини во совршена мера (1. Пет. 2:21). Освен тоа, Јеховиниот моќен дух е тој што ти помага да ги развиваш тие особини (Фил. 2:13). Дали има некоја одредена особина во која би сакал да се подобриш? Моли го Јехова во врска со тоа. Истражувај на таа тема и замоли некој од старешините да ти даде предлози како би можел да се подобриш.
18. На што се поттикнати сите слуга-помошници?
18 Браќа, сите ние, вклучувајќи ги и оние кои веќе служат како старешини, треба да продолжиме да ги развиваме особините кои ги разгледавме во оваа статија (Фил. 3:16). Ако си слуга-помошник, продолжи да напредуваш! Моли го Јехова да те обучува и да те обликува за да бидеш уште покорисен додека му служиш нему и на собранието (Иса. 64:8). Јехова богато нека го благослови трудот што го вложуваш за да ги исполниш условите да служиш како старешина.
ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени