Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 46

ПЕСНА 49 Да го израдуваме срцето на Јехова

Браќа — дали имате цел да станете слуга-помошници?

Браќа — дали имате цел да станете слуга-помошници?

Повеќе усреќува давањето отколку примањето (ДЕЛА 20:35)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да ги поттикне крстените браќа да развијат желба и да ги исполнат условите за да станат слуга-помошници.

1. Како гледал апостол Павле на слуга-помошниците?

 СЛУГА-ПОМОШНИЦИТЕ извршуваат важни задачи во собранијата. Апостол Павле очигледно многу ги ценел таквите верни браќа. На пример, кога им пишувал на христијаните во Филипи, тој конкретно ги поздравил слуга-помошниците заедно со старешините (Фил. 1:1).

2. Како се чувствува брат Луис затоа што е слуга-помошник?

2 Без разлика дали се млади или стари, многу крстени браќа чувствуваат голема радост затоа што помагаат во собранието како слуга-помошници. На пример, Деван имал 18 години кога бил именуван за слуга-помошник. Од друга страна, еден брат по име Луис бил именуван кога имал повеќе од 50 години. Како се чувствува тој затоа што е слуга-помошник? Луис вели: „Многу сум среќен што им служам на овој начин на моите браќа и сестри во собранието. Тие покажаа голема љубов кон мене и сега јас можам да ја покажам мојата љубов кон нив!“ Многу слуга-помошници се чувствуваат на сличен начин.

3. Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Ако си крстен брат, а сѐ уште не си слуга-помошник, дали би можел да си поставиш таква цел? Што може да те поттикне да го направиш тоа? И кои библиски услови треба да ги исполниш за да бидеш слуга-помошник? Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на овие прашања. Но, прво да видиме која е улогата на еден слуга-помошник.

КАКВА УЛОГА ИМА ЕДЕН СЛУГА-ПОМОШНИК?

4. Каква улога има еден слуга-помошник? (Види ја и сликата.)

4 Слуга-помошник е крстен брат кој е именуван од светиот дух за да им помага на старешините така што ќе извршува голем број важни задачи во собранието. Некои слуга-помошници се грижат објавителите да имаат доволно подрачја и публикации за службата на проповедање. Други помагаат во чистењето и одржувањето на салите за состаноци. Исто така, слуга-помошниците служат како редари и управуваат со опремата за озвучување и со видео-опремата за време на собраниските состаноци. Поголемиот дел од работата што ја извршуваат слуга-помошниците е од практична природа. Но пред сѐ, слуга-помошниците се духовни луѓе кои го сакаат Јехова и живеат во склад со неговите праведни мерила. Исто така, тие многу ги сакаат своите христијански браќа и сестри (Мат. 22:37-39). Како може еден крстен брат да ги исполни условите да биде слуга-помошник?

Слуга-помошници го следат примерот на Исус така што со задоволство им служат на другите (види во пасус 4)


5. Како може еден брат да работи на целта да стане слуга-помошник?

5 Во Библијата се запишани условите што еден брат треба да ги исполни за да стане слуга-помошник (1. Тим. 3:8-10, 12, 13). Ако сакаш да им помагаш на другите така што ќе станеш слуга-помошник, проучувај ги библиските услови и потоа дај сѐ од себе за да ги исполниш. Но, најпрво треба добро да размислиш од кој мотив сакаш да бидеш слуга-помошник.

ОД КОЈ МОТИВ САКАШ ДА БИДЕШ СЛУГА-ПОМОШНИК?

6. Од кој мотив треба да им служиш на твоите браќа и сестри? (Матеј 20:28; види ја и сликата).

6 Размисли за нашиот најголем пример — Исус. Тој правел сѐ поттикнат од љубов кон неговиот Татко и кон луѓето. Таквата љубов го поттикнувала да биде трудољубив и понизно да извршува задачи што некои ги сметале за ниски. (Прочитај Матеј 20:28; Јован 13:5, 14, 15.) Ако и ти си поттикнат од љубов, Јехова ќе те благослови и ќе ти помогне да ја оствариш твојата цел да ги исполниш условите да бидеш слуга-помошник (1. Кор. 16:14; 1. Пет. 5:5).

Со својот пример, Исус ги поучува своите апостоли понизно да им служат на другите, наместо да бараат истакната положба (види во пасус 6)


7. Зошто еден брат треба да се чува од себични амбиции?

7 Луѓето во светот обично им се восхитуваат на оние што се обидуваат да изгледаат важни во очите на другите. Но тоа не е случај и во Јеховината организација. Еден брат кој ги сака другите по примерот на Исус, не копнее по моќ или авторитет над другите или по тоа да има некаков статус. Ако таква амбициозна личност биде именувана во собранието, веројатно ќе одбие да извршува некои понизни задачи кои се неопходни за грижата околу Јеховините скапоцени овчички. Тој можеби ќе смета дека за него е понижување да извршува такви задачи (Јован 10:12). Јехова нема да го благослови трудот на некој што е горд и е воден од себични амбиции (1. Кор. 10:24, 33; 13:4, 5).

8. Каков совет им дал Исус на неговите апостоли?

8 Понекогаш, дури и најблиските соработници на Исус сакале да извршуваат одредени задачи од погрешни мотиви. Размисли за еден настан во кој биле вклучени двајца од апостолите на Исус — Јаков и Јован. Тие побарале од Исус да им даде важна положба во неговото Царство. Исус не ги пофалил за нивната амбиција. Наместо тоа, на сите 12 апостоли тој им објаснил: „Кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, нека им биде роб на сите“ (Мар. 10:35-37, 43, 44). Браќата кои сакаат да извршуваат задачи од исправен мотив — односно за да им служат на другите — ќе бидат благослов за собранието (1. Сол. 2:8).

ШТО МОЖЕ ДА ТИ ЈА ЗАЈАКНЕ ЖЕЛБАТА ДА ИМ СЛУЖИШ НА ДРУГИТЕ?

9. Како можеш да си ја зајакнеш желбата да им служиш на другите?

9 Без сомнение, ти го сакаш Јехова и сакаш да им служиш на другите. Сепак, можеби немаш желба да извршуваш додатни задачи што се бараат од еден слуга-помошник. Како можеш да си ја зајакнеш желбата да служиш на ваков начин? Размисли колкава радост ќе ти донесе тоа што ќе им служиш на твоите браќа и сестри. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Самиот Исус живеел според ова начело. Тој чувствувал голема радост додека им служел на другите, а истото може да биде случај и со тебе.

10. Како Исус покажал дека му носело голема радост тоа што им служел на другите? (Марко 6:31-34).

10 Да разгледаме еден пример од кој се гледа како Исус покажал дека му носело голема радост тоа што им служел на другите. (Прочитај Марко 6:31-34.) Во една прилика, Исус и неговите апостоли биле уморни. Тие тргнале кон едно осамено место за да се одморат. Но, едно мноштво луѓе стигнало таму пред нив со надеж дека Исус ќе ги поучува. Тој можел да ги одбие бидејќи ни тој ни неговите апостоли немале време ниту да јадат. Или можел само кратко да ги поучи луѓето за една до две вистини. Но, бидејќи ги сакал, Исус почнал „да ги поучува за многу работи“. И продолжил да ги поучува сѐ до доцна во ноќта (Мар. 6:35). Тој не го направил тоа затоа што морал, туку затоа што се сожалил на нив. Исус сакал да ги поучува бидејќи бил поттикнат од љубов. Тоа што им служел на другите, на Исус му носело голема радост.

11. Како Исус им служел на луѓето на практичен начин? (Види ја и сликата.)

11 Кога му служел на мноштвото луѓе кое дошло кај него, Исус за нив направил нешто повеќе отколку само да ги поучува. Тој се погрижил и за нивните физички потреби. Исус со чудо обезбедил храна за нив и потоа на учениците им рекол да им ја разделат (Мар. 6:41). На тој начин, ги поучил своите ученици како да им служат на другите. Исто така, Исус им покажал дека практичните задачи, како оние што обично ги извршуваат слуга-помошниците, се важни. Замисли колку биле среќни апостолите што имале можност да соработуваат со Исус и да им ја разделат на луѓето храната која тој со чудо ја обезбедил и од која сите јаделе и се наситиле! (Мар. 6:42). Се разбира, ова не е единствениот случај кога Исус ги ставил потребите на другите пред своите. Тој го правел тоа во текот на целиот свој живот на Земјата (Мат. 4:23; 8:16). На Исус му претставувало голема радост и задоволство да ги поучува другите и понизно да се грижи за нивните потреби. Без сомнение, и ти ќе чувствуваш голема радост доколку имаш несебична желба да им служиш на другите како слуга-помошник.

Љубовта кон Јехова и желбата да им служиш на другите ќе те поттикнат да правиш сѐ што можеш за да им служиш на другите во собранието (види во пасус 11) a


12. Зошто никој од нас нема причина да мисли дека нема никакви способности со кои би можел да помага во собранието?

12 Ако сметаш дека немаш некоја посебна способност, немој да се обесхрабруваш. Без сомнение, ти имаш некои особини поради кои можеш да бидеш од помош во собранието. Размислувај за она што го кажал Павле во 1. Коринќаните 12:12-30 и потоа моли го Јехова да ти помогне да сфатиш како овие зборови се однесуваат на тебе. Од зборовите на Павле јасно се гледа дека ти, како и секој друг слуга на Јехова, имаш важна и скапоцена улога во собранието. Ако во моментов не ги исполнуваш условите да бидеш слуга-помошник, не се разочарувај. Наместо тоа, прави сѐ што можеш за да му служиш на Јехова и да им помагаш на браќата и сестрите. Биди уверен дека старешините ќе размислуваат за тебе и ќе ти дадат задачи што можеш да ги извршуваш (Рим. 12:4-8).

13. Зошто не е претешко еден брат да ги исполни условите за слуга-помошник?

13 Размисли за уште една причина поради која треба да си поставиш за цел да ги исполниш условите да бидеш слуга-помошник — повеќето од условите важат за сите христијани. Всушност, сите христијани треба да бидат блиски со Јехова, да ја почувствуваат радоста што доаѓа од давањето и да бидат добар пример за другите со својот христијански начин на живот. Но, што конкретно може да прави еден брат за да ги исполни условите да биде слуга-помошник?

КОИ СЕ УСЛОВИТЕ ЗА СЛУГА-ПОМОШНИК

14. Во која смисла слуга-помошниците треба да бидат сериозни? (1. Тимотеј 3:8-10, 12).

14 Да разгледаме некои од условите кои се запишани во 1. Тимотеј 3:8-10, 12. (Прочитај.) Слуга-помошниците мора да бидат „достојни за почит“, израз што може да се преведе и како „сериозни“. Ова не значи дека никогаш не треба да се смееш или да се забавуваш (Проп. 3:1, 4). Но, треба сериозно да гледаш на сите твои задачи. Ако добро си ја извршуваш работата што ти е доделена, тогаш браќата и сестрите во собранието ќе знаат дека можат да се потпрат на тебе и ќе те почитуваат.

15. Што значи тоа некој да не биде дволичен и да не биде алчен за нечесна добивка?

15 Да не бидат дволични. Ова значи да си искрен, чесен, достоен за доверба, да си стоиш на зборот и да не оставаш лажен впечаток за себеси (Изр. 3:32). „Да не бидат алчни за нечесна добивка.“ Ова значи дека си чесен во деловните односи, како и кога ти се доверени пари што ги приложиле браќата и сестрите. Освен тоа, не го искористуваш пријателството со браќата и сестрите за да заработуваш пари.

16. а) Што значи изразот „да не пијат многу вино“? б) Што значи изразот „да имаат чиста совест“?

16 „Да не пијат многу вино.“ Ова значи дека не пиеш многу алкохол и дека не си познат како некој што премногу пие. „Да имаат чиста совест.“ Ова значи дека живееш во склад со Јеховините мерила. Иако не си совршен, ти чувствуваш внатрешен мир бидејќи си во добар однос со Бог.

17. Што значи изразот „најпрво треба да бидат испитани“? (1. Тимотеј 3:10; види ја и сликата).

17 „Најпрво треба да бидат испитани.“ Ова значи дека веќе си покажал дека добро си ги извршуваш одговорностите и дека старешините можат да се потпрат на тебе. Затоа, кога тие ќе ти дадат некоја задача, внимателно следи ги нивните упатства и упатствата од организацијата. Потруди се да разбереш што точно вклучува твојата задача и кога треба да ја завршиш. Додека трудољубиво ја извршуваш секоја задача, другите во собранието ќе го забележат твојот напредок. Старешини, давајте сѐ од себе за да ги обучувате крстените браќа. (Прочитај 1. Тимотеј 3:10.) Дали во вашето собрание има крстени браќа кои се во раните тинејџерски години или помлади? Дали имаат добри навики на проучување и дали добро се подготвуваат за состаноците? Дали редовно коментираат на состаноците и дали редовно одат во служба на проповедање? Ако да, давајте им задачи што се соодветни на нивната возраст и на нивните околности. На овој начин, овие млади браќа можат „да бидат испитани“. Потоа, во доцните тинејџерски години веројатно ќе можат да ги исполнат условите да бидат слуга-помошници.

Со тоа што им даваат задачи на крстените браќа, старешините можат да им помогнат „да бидат испитани“ (види во пасус 17)


18. Што значи изразот „нема за што да им се приговори“?

18 „Нема за што да им се приговори.“ Ова значи дека никој не може со право да те обвини за некој сериозен престап. Се разбира, некој може лажно да ги обвини Божјите слуги. Некои луѓе лажно го обвиниле Исус, и тој прорекол дека тоа ќе им се случува и на неговите следбеници (Јован 15:20). Но, ако останеш чист во своите постапки како Исус, ќе стекнеш добар глас во собранието (Мат. 11:19).

19. Што значи изразот „нека имаат само една жена“?

19 „Нека имаат само една жена.“ Доколку си во брак, мора да го почитуваш Јеховиното првобитно мерило за бракот како заедница меѓу еден маж и една жена (Мат. 19:3-9). Еден христијанин никогаш не треба да направи сексуален неморал (Евр. 13:4). Но, не е доволно само тоа. Мора да ѝ бидеш верен на својата сопруга така што никогаш нема да покажуваш несоодветно внимание кон други жени (Јов 31:1).

20. Што значи изразот „добро нека управуваат со децата и со својот дом“?

20 „Добро нека управуваат со децата и со својот дом.“ Ако имаш жена и деца, мора сериозно да гледаш на твојата одговорност како глава на семејството. Редовно одржувајте ја Семејната вечер посветена на Јехова. Оди во служба со секој член на твоето семејство колку што е можно почесто. Помагај им на твоите деца да станат блиски со Јехова (Еф. 6:4). Еден маж кој добро се грижи за своето семејство покажува дека може добро да се грижи и за собранието. (Спореди со 1. Тимотеј 3:5.)

21. Што можеш да правиш ако сѐ уште не си слуга-помошник?

21 Доколку сѐ уште не си слуга-помошник, те молиме внимателно и под молитва размислувај за информациите од оваа статија. Проучувај ги условите што се потребни за да станеш слуга-помошник и вложи труд за да ги исполниш. Размислувај за тоа колку многу ги сакаш Јехова и твоите соверници и продлабочувај ја твојата желба да им служиш (1. Пет. 4:8, 10). Дај сѐ од себе за да станеш слуга-помошник и ќе чувствуваш голема радост додека им служиш на браќата и сестрите во собранието. Јехова богато нека те благослови додека се трудиш да ги исполниш условите да станеш слуга-помошник (Фил. 2:13).

ПЕСНА 17 „Сакам“

a ОПИС НА СЛИКАТА: Лево, Исус понизно им служи на своите ученици; десно, еден слуга-помошник му помага на еден постар брат во собранието.