Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 43

ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!

Како да ги надминеш сомнежите

Како да ги надминеш сомнежите

Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа (1. СОЛ. 5:21)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да ни помогне да ги надминеме нерасчистените сомнежи кои може да влијаат врз нашата служба за Јехова.

1-2. а) Со какви сомнежи можеби се борат некои слуги на Јехова? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

 ЛУЃЕ од сите возрасти понекогаш се борат со сомнежи. a На пример, замисли си еден млад Сведок кој се прашува дали Јехова е вистински заинтересиран за него. Поради тоа, можеби се двоуми дали да се крсти. Или замисли си еден средовечен брат кој, кога бил млад, избрал да го стави Царството на прво место наместо да си гради кариера во светот. Тој сега има пари само колку да се грижи за потребите на семејството. Поради ова, можеби се прашува дали донел исправна одлука кога бил млад. Или замисли си една постара сестра која веќе нема многу сила. Можеби е обесхрабрена поради тоа што повеќе не може да прави онолку колку што правела во минатото. Дали ти некогаш си си поставил прашања како што се: „Дали Јехова навистина ме забележува? Дали вредат жртвите што ги направив за Јехова? Дали сѐ уште сум му корисен на Јехова?“

2 Доколку не си ги одговориме ваквите прашања, би можеле да изгубиме вера во Јехова, па дури и да престанеме да му служиме. Во оваа статија ќе разгледаме како библиските начела може да ни помогнат доколку ни се појават сомнежи во врска со тоа 1) дали Јехова е вистински заинтересиран за нас, 2) дали сме донеле мудри одлуки во минатото или 3) дали сѐ уште сме му корисни на Јехова.

КАКО ДА ГИ РАСЧИСТИШ СОМНЕЖИТЕ

3. Кој е еден начин на кој можеме да ги расчистиме сомнежите?

3 Еден начин на кој можеме да ги расчистиме сомнежите е така што ќе бараме одговори на нашите прашања во Божјата Реч. Ако го правиме тоа, нашата вера и нашето пријателство со Јехова ќе стануваат сѐ поцврсти и полесно ќе ни биде да останеме „непоколебливи во верата“ (1. Кор. 16:13).

4. Како може да испитуваме сѐ за да се увериме? (1. Солуњаните 5:21).

4 Прочитај 1. Солуњаните 5:21. Забележи дека Библијата нѐ поттикнува сѐ да испитуваме за да се увериме. Како може да го правиме тоа? Може да се увериме дека она што го веруваме е вистина така што ќе го споредиме со она што го пишува во Библијата. На пример, размисли за младиот човек кој се прашува дали е вреден во Божји очи. Дали едноставно треба да ѝ верува на таа мисла? Не. Тој треба да испита сѐ за да се увери така што ќе дознае што мисли Јехова за тоа.

5. Како може да го „слушнеме“ Јеховиниот одговор на нашите прашања?

5 Кога ја читаме Божјата Реч, ние „слушаме“ како Јехова ни зборува. Но, за да дознаеме што мисли Јехова за некое конкретно прашање што нѐ измачува, треба да вложиме труд. Треба да најдеме и да проучуваме извештаи од Библијата кои ќе ни помогнат да добиеме одговор на нашето прашање. Може да истражуваме на таа тема во публикациите кои ни ги обезбедува Јеховината организација (Изр. 2:3-6). Може да го молиме Јехова да нѐ води додека истражуваме и да ни помогне да сфатиме што мисли тој. Потоа, може да бараме библиски начела и практични информации кои се однесуваат на нашата ситуација. Исто така, може да ни користи тоа што ќе проучуваме библиски извештаи за личности кои се наоѓале во слична ситуација како нас.

6. Како состаноците ни помагаат да ги надминеме сомнежите?

6 И на нашите состаноци „слушаме“ како Јехова ни зборува. Ако редовно присуствуваме на состаноците, може да слушнеме нешто во некој говор или во нечиј коментар што е токму она што ни е потребно за да ги надминеме сомнежите (Изр. 27:17). Сега ќе разгледаме како може да расчистиме некои конкретни сомнежи.

АКО СЕ СОМНЕВАШ ДАЛИ ЈЕХОВА Е ЗАИНТЕРЕСИРАН ЗА ТЕБЕ

7. Кое прашање можеби некои си го поставуваат?

7 Дали некогаш си се запрашал: „Дали Јехова навистина ме забележува мене?“ Ако се чувствуваш безначајно, помислата да станеш пријател со Творецот на универзумот може да ти изгледа нереална — нешто недостижно за тебе. Можеби и на цар Давид му се појавила истата мисла. Тој се восхитувал на тоа дека Јехова воопшто ги забележува луѓето, и затоа рекол: „О Јехова, што е човекот за да му обрнуваш внимание, синот на смртниот човек за да се грижиш за него?“ (Пс. 144:3). Каде можеш да најдеш одговор на ова прашање?

8. Според 1. Самоилова 16:6, 7, 10-12, што забележува Јехова кај луѓето?

8 Од Библијата дознаваме дека Јехова ги забележува оние лица кои во очите на другите изгледаат безначајно. На пример, Јехова го испратил Самоил во куќата на Јесеј за да помаза еден од неговите синови за иден цар на Израел. Кога Самоил пристигнал, Јесеј повикал седум од своите осум синови, но не го викнал најмладиот, Давид. b Сепак, Давид бил оној кого Јехова го избрал. (Прочитај 1. Самоилова 16:6, 7, 10-12.) Јехова видел каква личност навистина е Давид — момче кое има ценење за духовните работи.

9. Зошто може да бидеш уверен дека Јехова е заинтересиран за тебе? (Види ја и сликата.)

9 Размисли како досега Јехова ти покажал дека те забележува. Тој сака да ти ги даде најдобрите совети кои одговараат токму на твоите потреби (Пс. 32:8). Дали би можел да го прави тоа ако не те познава добро? (Пс. 139:1). Кога ги применуваш советите од Јехова и гледаш како тие ти помагаат, се уверуваш дека тој е вистински заинтересиран за тебе (1. Лет. 28:9; Дела 17:26, 27). Јехова го забележува трудот што го вложуваш за да му служиш и за да му бидеш послушен. Ги забележува твоите убави особини и сака да ти биде пријател (Ерем. 17:10). И, многу ќе се радува ако и ти сакаш да му бидеш пријател (1. Јов. 4:19).

„Ако го бараш [Јехова], ќе ти дозволи да го најдеш“ (1. Лет. 28:9) (види во пасус 9) c


АКО СЕ СОМНЕВАШ ДАЛИ СИ ДОНЕЛ МУДРИ ОДЛУКИ ВО МИНАТОТО

10. Кога размислуваме за одлуките од минатото, какви прашања може да ни се појават?

10 Во одреден период од животот, некои можеби се прашуваат дали донеле исправни одлуки во минатото. Тие можеби се откажале од тоа да градат успешна кариера или да започнат добар бизнис за да можат да прават повеќе за Јехова. Но поминало многу време, можеби дури и децении. Можеби познаваат некои луѓе кои донеле поинаква одлука и сега се чини дека имаат многу пари и удобен живот. Поради тоа, можеби се прашуваат: „Дали вредат жртвите што ги направив за Јехова? Или требаше повеќе да работам за сега да имам повеќе пари?“

11. Со што се измачувал писателот на Псалм 73?

11 Ако и тебе те измачуваат слични прашања, размисли за тоа како се чувствувал писателот на Псалм 73. Тој гледал како други луѓе се навидум здрави, богати и водат безгрижен живот (Пс. 73:3-5, 12). Додека ги набљудувал нив и нивниот привиден успех, имал чувство дека жртвите што ги направил за да му служи на Јехова се безначајни. Тој по цел ден се измачувал со оваа обесхрабрувачка мисла (Пс. 73:13, 14). Како се справил со овие негативни чувства?

12. Според Псалм 73:16-18, што му помогнало на писателот да ги победи негативните мисли?

12 Прочитај Псалм 73:16-18. Псалмистот отишол во Јеховиното светилиште. На ова мирно место тој можел јасно да размислува. Тој сфатил дека некои кои имаат навидум лесен живот немаат надеж за иднината. Ова му помогнало да стекне внатрешен мир и да се увери дека најдобрата одлука што некој може да ја донесе е да го стави Јехова на прво место во животот. Како резултат на тоа, бил уште порешен да продолжи да му служи на Јехова (Пс. 73:23-28).

13. Како може да најдеш внатрешен мир ако не си сигурен дали си донел добри одлуки во минатото? (Види ја и сликата.)

13 И ти можеш да најдеш внатрешен мир со помош на Божјата Реч. Како можеш да го постигнеш тоа? Размислувај колку вреди она што го имаш — вклучувајќи го и богатството кое си го собрал на небото — и спореди го тоа со она што го имаат оние чија награда е само тоа што светот го нуди. Тие можеби потполно се потпираат на сопствените постигнувања во животот бидејќи немаат никаква надеж за иднината. Сепак, тебе Јехова ти ветил благослови кои се многу поубави од сѐ што можеш да си замислиш (Пс. 145:16). Размисли и за следново: Дали навистина може да знаеш каков ќе ти беше животот доколку донесеше поинакви одлуки? Едно е сигурно: На оние кои носат одлуки на темел на нивната љубов кон Бог и кон другите луѓе, нема да им недостасува ништо што е вистински добро.

Насочи го погледот кон благословите што Јехова ни ги ветил (види во пасус 13) d


АКО СЕ СОМНЕВАШ ДАЛИ СИ МУ КОРИСЕН НА ЈЕХОВА

14. Во каква ситуација се наоѓаат некои, и што можеби се прашуваат?

14 Некои слуги на Јехова ги чувствуваат последиците од староста, се соочуваат со здравствени проблеми или живеат со некаков хендикеп. Поради тоа, можеби мислат дека се бескорисни во очите на Јехова. Тие можеби се прашуваат: „Дали сѐ уште сум му корисен на Јехова?“

15. Во што бил уверен писателот на Псалм 71?

15 Писателот на Псалм 71 се измачувал со слична мисла. Тој му се молел на Јехова: „Кога ќе ме издаде силата, немој да ме оставиш“ (Пс. 71:9, 18). И покрај тоа, псалмистот бил уверен дека, ако му служи верно на Јехова, тој ќе го води и ќе го поддржува. Како што сфатил и псалмистот, Јехова се радува кога некој му го дава своето најдобро за да му служи и покрај ограничувањата (Пс. 37:23-25).

16. На кој начин Јехова може да ги користи постарите? (Псалм 92:12-15).

16 Драги постари, гледајте на вашата ситуација како што гледа Јехова. Тој може да ви помогне да му служите верно и покрај вашите физички ограничувања. (Прочитај Псалм 92:12-15.) Наместо да се концентрирате на она што повеќе не можете да го правите, концентрирајте се на она што можете да го правите. На пример, можете да ги зајакнете другите со тоа што сѐ уште верно му служите на Јехова и со тоа што покажувате личен интерес кон нив. Можете да им кажувате на другите за тоа како Јехова ви помагал низ годините и за вашата цврста надеж дека ќе се исполнат неговите ветувања. И никогаш не ја потценувајте моќта на вашите искрени молитви во корист на другите (1. Пет. 3:12). Без разлика на нашите околности, сите ние можеме да им дадеме нешто на Јехова и на другите.

17. Зошто не треба да се споредуваме со другите?

17 Ако те обесхрабрува тоа што не можеш да правиш повеќе во службата за Јехова, биди уверен дека тој го цени она што можеш да го правиш. Можеби имаш склоност да се споредуваш со другите. Но, немој да го правиш тоа. Зошто? Затоа што Јехова не нѐ споредува едни со други (Гал. 6:4). На пример, Марија му ги намачкала нозете на Исус со скапоцено мирисливо масло (Јован 12:3-5). Од друга страна, сиромашната вдовица пуштила како прилог во храмот две парички со многу мала вредност (Лука 21:1-4). Сепак, и на едниот и на другиот дар, Исус гледал како на израз на вера. Неговиот Татко, Јехова, многу цени сѐ што правиш поттикнато од љубов и од оддаденост кон него, без разлика колку тоа тебе можеби ти изгледа безначајно.

18. Што ќе ни помогне да ги надминеме сомнежите? (Види ја и рамката „ Јеховината Реч може да ти помогне да ги надминеш сомнежите“.)

18 Одвреме-навреме, на сите нас ни се појавуваат сомнежи. Сепак, како што видовме, Библијата може да ни помогне да ги надминеме. Затоа, дај сѐ од себе за да ги расчистиш сомнежите. Тоа ќе ти помогне да чувствуваш мир и да не бидеш загрижен. Нема сомнеж дека Јехова те забележува тебе лично. Тој ги цени жртвите што ги правиш, и сигурно ќе те награди. Биди уверен дека Јехова го сака и се грижи за секој свој верен слуга.

ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост

a ПОЈАСНУВАЊЕ: Во оваа статија ќе се зборува за сомнежи кои ни создаваат несигурност за тоа дали вредиме за Јехова или дали сме донеле мудри одлуки во минатото. Не станува збор за сомнежи кои може да бидат показател за недостиг на вера во Јехова и во неговите пророштва.

b Иако Библијата не ни кажува колку точно години имал, Давид веројатно бил тинејџер кога Јехова го избрал. (Види во Стражарска кула од 1 септември 2011, стр. 29, пас. 2.)

c ОПИС НА СЛИКАТА: Една млада сестра „го бара“ Јехова со тоа што бара совет од Библијата.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат извршува физичка работа за да го издржува семејството, но во мислите му е цврсто врежан рајот што доаѓа.