Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 41

ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример

Што учиме од последните 40 дена на Исус на Земјата

Што учиме од последните 40 дена на Исус на Земјата

Четириесет дена им се појавуваше и им зборуваше за Божјето царство (ДЕЛА 1:3)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да видиме како можеме да го следиме примерот што Исус ни го оставил за време на неговите последни 40 дена на Земјата.

1-2. Што се случило додека двајца ученици на Исус оделе кон Емаус?

 ЗАМИСЛИ дека е 16 нисан 33 год. од н.е. Учениците на Исус се многу тажни и исплашени. Двајца од нив излегуваат од Ерусалим и се упатуваат кон Емаус, едно село кое е оддалечено околу 11 километри од Ерусалим. Овие мажи се многу обесхрабрени бидејќи Исус, човекот кого го следеле, само што бил погубен. Тие се надевале дека Месијата ќе направи прекрасни работи за Евреите, но сега тој е мртов. Тогаш се случува нешто неочекувано.

2 Еден непознат човек им пристапува и им се придружува по патот. Учениците му кажуваат колку се разочарани поради она што му се случило на Исус. Потоа човекот почнува да им кажува работи кои тие никогаш нема да ги заборават. „Почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци“, тој им објаснува зошто Месијата морал да страда и да умре. Кога пристигнуваат во Емаус, двајцата ученици сфаќаат дека непознатиот човек, всушност, е воскреснатиот Исус! Замисли си колку биле радосни учениците кога дознале дека Месијата е жив! (Лука 24:13-35).

3-4. Што се случило со учениците на Исус, и што ќе видиме во оваа статија? (Дела 1:3).

3 За време на неговите последни 40 дена на Земјата, Исус им се појавил на своите ученици многу пати. (Прочитај Дела 1:3.) Тој ги охрабрил своите ученици кои биле исплашени и тажни. Како резултат на тоа, тие станале радосни и добиле храброст да ја проповедаат добрата вест и да ги поучуваат луѓето за Бог. a

4 Тоа што ќе го проучуваме овој возбудлив период од животот на Исус, многу ќе ни користи. Во оваа статија ќе видиме како Исус го искористил тоа време 1) за да ги охрабри своите ученици, 2) за да им помогне подобро да ги разберат светите списи и 3) за да ги обучи да преземат поголеми одговорности. За секоја од овие работи, ќе видиме како можеме да го следиме примерот на Исус.

ХРАБРИ ГИ ДРУГИТЕ

5. Зошто на учениците на Исус им било потребно охрабрување?

5 На учениците на Исус им било потребно охрабрување. Зошто? Некои го оставиле својот дом, своето семејство и световната работа за да можат постојано да бидат со Исус (Мат. 19:27). Други биле отфрлени од општеството бидејќи станале негови ученици (Јован 9:22). Тие ги направиле овие жртви бидејќи верувале дека Исус е ветениот Месија (Мат. 16:16). Но кога тој бил погубен, нивната надеж згаснала и многу се обесхрабриле.

6. Што направил Исус откако воскреснал?

6 Без сомнение, Исус не гледал на тагата на неговите ученици како на знак на духовна слабост. Тој сфаќал дека тие се тажни поради неговата смрт. Затоа, уште истиот ден кога воскреснал, почнал да ги храбри своите пријатели. На пример, ѝ се појавил на Марија Магдалена додека таа плачела на неговиот гроб (Јован 20:11, 16). Исто така, им се појавил на двајцата ученици за кои зборувавме на почетокот од оваа статија. А му се појавил и на апостол Петар (Лука 24:34). Што можеме да научиме од примерот на Исус? Размисли што се случило кога тој ѝ се појавил на Марија Магдалена.

7. Според Јован 20:11-16, што правела Марија утрото на 16 нисан, и што сторил Исус откако го забележал тоа? (Види ја и сликата.)

7 Прочитај Јован 20:11-16. Утрото на 16 нисан, неколку жени отишле на гробот каде што било положено телото на Исус (Лука 24:1, 10). Една од нив била Марија Магдалена. Кога Марија пристигнала кај гробот, тој бил празен. Затоа, таа отишла да им го каже тоа на Петар и Јован. Тие двајца отрчале до гробот, а Марија отишла по нив. Откако Петар и Јован виделе дека гробот навистина е празен, се вратиле дома. Но не и Марија. Таа останала таму и плачела. Воопшто не била свесна дека Исус ја гледа. Тој ја набљудувал додека таа плачела и бил длабоко трогнат. Затоа Исус ѝ се појавил на Марија и направил нешто едноставно што многу ја охрабрило. Тој зборувал со неа и ѝ дал една важна задача — да им каже на неговите браќа дека воскреснал (Јован 20:17, 18).

Следи го примерот на Исус така што ќе забележуваш со какви тешкотии се соочуваат другите и така што ќе ги тешиш (види во пасус 7)


8. Како можеме да го следиме примерот на Исус?

8 Како можеме да го следиме примерот на Исус? Го следиме примерот на Исус кога ги храбриме нашите браќа и сестри да продолжат да му служат на Јехова. Исто како Исус, и ние треба да забележуваме со какви тешкотии се соочуваат другите, да се обидеме да разбереме како се чувствуваат и да ги тешиме. Да го разгледаме примерот на една сестра по име Џоселин, чија сестра починала во една трагична несреќа. Таа вели: „Со месеци чувствував длабока тага“. Но, еден брат заедно со неговата сопруга ја поканиле во нивниот дом, сочувствително ја слушале и ја увериле дека е скапоцена во Божји очи. Џоселин вели: „Се чувствував очајно, како да се давам во едно темно и разбранувано море. Но потоа Јехова го употреби тој брачен пар за да ме избави. Тие беа мојот чамец за спасување. Ми помогнаа да си ја обновам желбата да продолжам да му служам на Јехова“. И ние можеме да ги храбриме другите со тоа што ќе им дозволиме да си ги изразат своите чувства и внимателно ќе ги слушаме додека зборуваат. На овој начин можеме да ги утешиме и да им помогнеме да продолжат да му служат на Јехова (Рим. 12:15).

ПОМОГНИ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА ЈА РАЗБЕРАТ БОЖЈАТА РЕЧ

9. Со какви предизвици се соочиле учениците на Исус, и како тој им помогнал?

9 Учениците на Исус имале доверба во Божјата Реч и давале сѐ од себе за да ги применат нејзините совети во нивниот живот (Јован 17:6). Сепак, не можеле да разберат зошто Исус бил убиен како злосторник на маченички столб. Исус сфатил дека нивните сомнежи не се знак дека имаат лошо срце, туку дека не ги разбираат доволно светите списи (Лука 9:44, 45; Јован 20:9). Затоа, тој им помогнал да го сфатат значењето на она што го имале читано во Божјата Реч. Да видиме како го сторил тоа кога им се појавил на двајцата ученици на патот кон Емаус.

10. Како Исус им помогнал на своите ученици да сфатат дека тој навистина е Месијата? (Лука 24:18-27).

10 Прочитај Лука 24:18-27. Забележи дека Исус не им кажал веднаш на двајцата ученици кој е тој. Наместо тоа, им поставувал прашања. Зошто? Можеби сакал да си кажат што мислат и како се чувствуваат. И тие токму тоа го направиле. Му кажале дека очекувале Исус да го избави Израел од римското угнетување. Откако кажале што ги загрижува, Исус, со помош на Светото писмо, им помогнал да разберат што се случило. b Подоцна, истата вечер, Исус се сретнал со другите ученици и им ги објаснил овие вистини и ним (Лука 24:33-48). Што можеме да научиме од овој извештај?

11-12. а) Што можеме да научиме од начинот на кој Исус ги поучувал другите за библиските вистини? (Види ги и сликите.) б) Како му помогнал на Нортеј братот кој проучувал со него?

11 Како можеме да го следиме примерот на Исус? Прво, кога поучуваш некого за вистината, поставувај му тактични прашања за да го поттикнеш да си каже што мисли и како се чувствува (Изр. 20:5). Откако ќе сфатиш како се чувствува, помогни му да најде библиски стихови кои ќе му помогнат во неговата ситуација. Немој да му кажуваш што треба да прави. Наместо тоа, поставувај му прашања во врска со библиските стихови и поттикни го да размислува како може да ги примени библиските начела во неговиот живот. Да го разгледаме примерот на еден брат од Гана, по име Нортеј.

12 Нортеј почнал да ја проучува Библијата кога имал 16 години. Но, по кратко време неговото семејство почнало да му се противи. Што му помогнало да не се откаже од проучувањето? Со помош на Матеј поглавје 10, братот кој проучувал со него веќе му имал објаснето дека вистинските христијани ќе бидат прогонувани. Нортеј вели: „Затоа, кога почна противењето, бев уверен дека ја најдов вистината“. Братот исто така му го покажал Матеј 10:16, каде што пишува дека мора да бидеме претпазливи. Потоа, тие разговарале за тоа како овој стих може да му помогне на Нортеј со почит да му ги објасни своите верувања на семејството. По неговото крштавање, Нортеј сакал да биде пионер, но татко му очекувал да оди на факултет. Наместо да му каже на Нортеј што да прави, братот му поставувал прашања за да му помогне да размислува за библиските начела и да донесе исправна одлука. Кој бил резултатот? Нортеј одлучил да започне со полновремена служба. Поради тоа, татко му го избркал од дома. Како се чувствувал Нортеј поради сето тоа? Тој вели: „Уверен сум дека ја донесов исправната одлука“. Кога и ние си одвојуваме време за да им помагаме на другите да ја разберат Божјата Реч, им помагаме да си ја зацврстат верата и да станат зрели христијани (Еф. 3:16-19).

Следи го примерот на Исус така што ќе им помагаш на другите да ја разберат Божјата Реч (види во пасус 11) e


ОБУЧУВАЈ ГИ БРАЌАТА ДА БИДАТ „ЛУЃЕ КАКО ДАРОВИ“

13. Што направил Исус за проповедничкото дело да продолжи да се извршува и по неговото заминување на небото? (Ефешаните 4:8, 11).

13 Додека бил на Земјата, Исус совршено ја извршил задачата што му ја дал неговиот Татко (Јован 17:4). Но, Исус го немал ставот: „Ако сакаш нешто да биде направено како што треба, мора да го направиш сам“. Во текот на неговата служба на Земјата, која траела три и пол години, тој исто така обучувал други да го извршуваат проповедничкото дело. Пред да се врати на небото, Исус им ја доверил на своите ученици одговорноста да се грижат за Јеховините скапоцени овчички и да предводат во делото на проповедање и поучување. Некои од тие ученици кои предводеле во делото, веројатно имале помалку од 30 години. (Прочитај Ефешаните 4:8, 11.) Како Исус ги искористил неговите последни 40 дена на Земјата за да ги обучи овие посветени, верни и трудољубиви мажи и со тоа да им помогне да станат „луѓе како дарови“?

14. Како Исус им помогнал на своите ученици да растат во духовен поглед за време на неговите последни 40 дена на Земјата? (Види ја и сликата.)

14 Исус им ги давал на своите ученици советите што им биле потребни, но тоа го правел на љубезен начин. На пример, тој забележал дека некои од нив имале склоност да се сомневаат и затоа им дал совет во врска со тоа (Лука 24:25-27; Јован 20:27). Тој им нагласил колку е важно повеќе да се концентрираат на грижата за Јеховиниот народ отколку на нивната световна работа (Јован 21:15). Исус ги потсетил дека нема потреба да бидат загрижени за тоа какви задачи можеби ќе добијат другите во службата за Јехова (Јован 21:20-22). Исто така, тој им помогнал да исправат некои погрешни размислувања што ги имале за Царството и им помогнал да се концентрираат на проповедањето на добрата вест (Дела 1:6-8). Што можат старешините да научат од Исус?

Следи го примерот на Исус така што ќе им помагаш на браќата да ги исполнат условите за да преземат повеќе одговорности (види во пасус 14)


15-16. а) На кои начини старешините можат да го следат примерот на Исус? б) Како му користел на Патрик советот што го добил?

15 Како можат старешините да го следат примерот на Исус? Тие мора да ги обучуваат и да им помагаат на браќата, вклучувајќи ги и младите, за да ги исполнат условите да преземат поголеми одговорности. c Старешините не очекуваат совршенство од оние што ги обучуваат. Тие треба на љубезен начин да ги советуваат, за да можат младите браќа да стекнат искуство и да сфатат дека треба да бидат понизни, достојни за доверба и спремно да им служат на другите (1. Тим. 3:1; 2. Тим. 2:2; 1. Пет. 5:5).

16 Размисли како на еден брат по име Патрик му помогнал советот што го добил. Кога бил помлад, тој имал склоност да зборува остро и да постапува нељубезно, дури и со сестрите. Еден старешина ги забележал слабостите на Патрик и му дал јасен совет, но тоа го направил на љубезен начин. Патрик вели: „Благодарен сум што старешината ми укажа каде треба се подобрам. Порано се обесхрабрував кога ќе видев дека други браќа добиваат одговорности кои јас ги посакував. Но, советот на старешината ми помогна да сфатам дека поважно треба да ми биде понизно да им служам на браќата и сестрите наместо да добијам некоја поголема одговорност или задача во собранието“. Како резултат на тоа, Патрик почнал да служи како старешина кога имал 23 години (Изр. 27:9).

17. Како Исус покажал дека има доверба во своите ученици?

17 Исус им ја дал на своите ученици одговорноста да ја проповедаат добрата вест, но и да ги поучуваат другите (Мат. 28:20). Учениците можеби си мислеле дека не се доволно способни да ја извршат таа задача. Но, Исус не се сомневал дека ќе можат да ја извршат, и им го кажал тоа. Тој покажал потполна доверба во нив со следниве зборови: „Како што Таткото ме прати мене, така и јас ве праќам вас“ (Јован 20:21).

18. Како можат старешините да го следат примерот на Исус?

18 Како можат старешините да го следат примерот на Исус? Мудрите старешини ги обучуваат другите така што им доделуваат задачи (Фил. 2:19-22). На пример, старешините можат да ги вклучат помладите во чистењето и одржувањето на салата за состаноци. Откако ќе доделат некоја задача некому, тие можат да покажат доверба во него така што ќе го обучат, а потоа нема да се сомневаат дека добро ќе ја изврши. Еден брат по име Метју, кој неодамна станал старешина, вели дека многу ги цени искусните старешини кои добро го обучуваат за некоја задача во собранието, а потоа имаат доверба дека добро ќе ја изврши. Тој вели: „Многу ми користеше тоа што на моите грешки гледаа како на дел од процесот на учење, а потоа ми помагаа да се подобрам“. d

19. Што треба да бидеме решени да правиме?

19 Исус ги искористил своите последни 40 дена на Земјата за да ги храбри, да ги поучува и да ги обучува другите. Да бидеме решени да даваме сѐ од себе да го следиме неговиот пример (1. Пет. 2:21). Тој ќе ни помогне да го правиме тоа. Всушност, Исус ни ветил: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20).

ПЕСНА 15 Слави го Јеховиниот првороден Син!

a Во евангелијата и во други библиски книги се запишани повеќе прилики кога воскреснатиот Исус им се појавил на своите ученици, како на пример на Марија Магдалена (Јован 20:11-18); на други жени (Мат. 28:8-10; Лука 24:8-11); на двајца ученици (Лука 24:13-15); на Петар (Лука 24:34); на апостолите, кога Тома не бил со нив (Јован 20:19-24); на апостолите, вклучувајќи го и Тома (Јован 20:26); на седум ученици (Јован 21:1, 2); на повеќе од 500 ученици (Мат. 28:16; 1. Кор. 15:6); на неговиот брат Јаков (1. Кор. 15:7); на сите апостоли (Дела 1:4); и на апостолите во близина на Витанија (Лука 24:50-52). Можеби Исус им се појавил на учениците и во други прилики кои не се запишани во Библијата (Јован 21:25).

b Список со пророштва во врска со Месијата има на jw.org во статијата „Дали пророштвата во врска со Месијата докажуваат дека Исус е Месијата?

c Во одредени случаи, некои млади старешини кои ги исполнуваат условите, можат да бидат именувани за покраински надгледници дури и ако се на возраст од 25 до 30 години. Сепак, таквите браќа најпрво мора да стекнат искуство служејќи како старешини.

d Повеќе предлози за тоа како може да им се помогне на младите браќа да ги исполнат условите за да извршуваат поголеми одговорности, можеш да најдеш во Стражарска кула од август 2018, стр. 11-12, пас. 15-17, како и во Стражарска кула од 15 април 2015, стр. 3-13.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат му помага на лицето со кое проучува да ја разбере Божјата Реч. Потоа, интересентот одлучува да ги фрли божиќните украси.