Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Каква улога имала музиката во древниот Израел?

МУЗИКАТА имала многу важна улога во културата на древниот Израел. Во Библијата често се спомнуваат луѓе кои свиреле на музички инструменти и кои пееле песни. Всушност, една десеттина од Библијата се песни, како на пример Псалмите, Песна над песните и Плач Еремиин. Сосема е на место што во една книга за животот во библиски времиња пишува дека Библијата „црта една живописна слика за општеството во кое музиката била испреплетена со многу активности од животот“ (Music in Biblical Life).

Музиката во секојдневниот живот. Израелците свиреле на музички инструменти и пееле песни за да ги изразат своите емоции (Иса. 30:29). Жените удирале на дајре и радосно пееле и танцувале при крунисувања на нови цареви, како и за време на празници и воени победи (Суд. 11:34; 1. Сам. 18:6, 7; 1. Цар. 1:39, 40). Исто така, Израелците пееле тажачки кога некој ќе умрел (2. Лет. 35:25). Без сомнение, „Израелците биле многу музикален народ“, пишува во енциклопедијата од Меклинток и Стронг.

Музиката на царскиот двор. Израелските цареви уживале во музиката. Цар Саул го повикал Давид на царскиот двор да свири на харфа (1. Сам. 16:18, 23). Подоцна, кога самиот Давид станал цар, тој измислувал нови музички инструменти, компонирал убави песни и го организирал оркестарот што свирел во Јеховиниот храм (2. Лет. 7:6; Амос 6:5). Цар Соломон имал пејачи и пејачки на својот царски двор (Проп. 2:8).

Музиката во обожавањето на Јехова. Што е најважно, Израелците ја користеле музиката за да го обожаваат Јехова. Всушност, во храмот во Ерусалим свиреле 4.000 музичари (1. Лет. 23:5). Тие свиреле на чинели, псалтири, харфи и труби (2. Лет. 5:12). Но овие вешти музичари не биле единствените кои го обожавале Јехова со музика. Очигледно, многу Израелци пееле песни додека патувале на годишните празници во Ерусалим. Овие песни биле наречени Песни за искачување (Пс. 120 — 134). А според еврејските записи, Израелците пееле Халел псалми a за време на Пасхата.

Музиката сѐ уште е многу важна за Божјите слуги денес (Јак. 5:13). Ние пееме песни за да му оддаваме слава на Јехова (Еф. 5:19). Музиката нѐ обединува со нашите соверници (Кол. 3:16). Исто така, таа нѐ зајакнува кога минуваме низ тешкотии (Дела 16:25). Музиката е прекрасен начин на кој можеме да ја покажеме нашата вера во Јехова и нашата љубов кон него.

a Псалмите 113 до 118 се наречени Халел псалми кои Евреите ги пееле за да го слават Јехова.