Прашања од читателите
Колку било високо предворјето во храмот на Соломон?
Предворјето служело како влез во Светињата која се наоѓала во храмот. Според изданијата на Светото писмо — превод Нов свет кои се објавени пред 2023, „предворјето од предната страна на домот [било] долго дваесет лакти, колку што [бил] широк домот, а високо сто и дваесет“ (2. Лет. 3:4). Во други преводи исто така пишува дека предворјето било високо „120 лакти“, што би значело дека било високо колку една кула од 53 метри!
Но, во изданието на Превод Нов свет на англиски јазик од 2023 год., во врска со предворјето на храмот на Соломон, пишува: „Беше високо 20 лакти“, односно околу 9 метри. a Да разгледаме неколку причини зошто беше направена оваа промена.
Висината на предворјето не е спомната во 1. Царевите 6:3. Во овој стих, писателот Еремија ги запишал должината и ширината на предворјето, но не и висината. Во следното поглавје, тој детално ги опишал другите значајни делови на храмот, вклучувајќи ги излеаното море, десетте колички и двата столба од бакар кои биле поставени пред предворјето (1. Цар. 7:15-37). Ако предворјето навистина било високо повеќе од 50 метри и ако било многу повисоко од останатиот дел од храмот, зошто тогаш Еремија не ја спомнал висината на предворјето? Дури стотици години подоцна, еврејските историчари напишале дека предворјето не било повисоко од останатиот дел од храмот на Соломон.
Стручњаците се сомневаат дека храмските ѕидови можеле да поддржат предворје високо 120 лакти. Високите градби од минатото кои биле правени од камен или од цигли, како на пример храмските порти во Египет, имале многу широка основа и станувале сѐ потесни кон врвот. Но, храмот на Соломон бил поинаков. Стручњаците веруваат дека неговите ѕидови не биле подебели од 2,7 метри. Затоа, историчарот на архитектура, Теодор Бјусинк го дава следниов заклучок: „Ако се земе предвид дебелината на ѕидот од [влезот на храмот], предворјето не можело да биде [високо] 120 лакти“.
Текстот од 2. Летописи 3:4 можеби бил погрешно препишан. Иако во некои древни ракописи во овој стих пишува „120“, во други веродостојни ракописи, како што се Александрискиот кодекс од петтиот век и Амброзискиот кодекс од шестиот век, пишува „20 лакти“. Зошто некој препишувач би згрешил и би напишал „120“? На хебрејски јазик, зборовите „сто“ и „лакти“ изгледаат слично. Затоа, некој препишувач можеби го напишал зборот „сто“ наместо зборот „лакти“.
Се разбира, иако се трудиме да ги разбереме овие детали и точно да го прикажеме храмот на Соломон, сепак ние главно се концентрираме на она што храмот го претставувал — големиот духовен храм. Многу сме благодарни што Јехова ги кани сите свои слуги да го обожаваат во тој храм! (Евр. 9:11-14; Отк. 3:12; 7:9-17).
a Една од фуснотите за 2. Летописи 3:4 во верзијата на Превод Нов свет на англиски јазик од 2023 год., објаснува дека „во некои древни ракописи пишува ’120‘, а во други ракописи и некои преводи пишува ’20 лакти‘“.