СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 39
ПЕСНА 125 „Среќни се милосрдните“
Давањето нѐ прави посреќни
Повеќе усреќува давањето отколку примањето (ДЕЛА 20:35)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Ќе разгледаме различни начини на кои можеме да даваме и ќе видиме зошто тоа нѐ прави среќни.
1-2. Како ни користи тоа што сме создадени со способност да чувствуваме поголема радост кога даваме отколку кога примаме?
ЈЕХОВА ги создал луѓето со способност да чувствуваат поголема радост кога даваат отколку кога примаат (Дела 20:35). Дали ова значи дека воопшто не сме радосни кога ќе добиеме нешто? Не. Од лично искуство знаеме дека ни е убаво кога ќе добиеме некој подарок. Сепак, уште поголема радост ни носи кога ние ќе подариме нешто. Многу ни користи што Јехова нѐ создал на ваков начин. Зошто?
2 Со тоа што нѐ создал на ваков начин, Јехова ни овозможил самите да влијаеме врз тоа колку ќе бидеме среќни. Можеме да си ја зголемиме радоста така што ќе бараме прилики да им даваме на другите. Зарем не е прекрасно што сме создадени на ваков начин? (Пс. 139:14).
3. Зошто Јехова е наречен „среќниот Бог“?
3 Библијата нѐ уверува дека давањето усреќува, и затоа не сме изненадени што во неа Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11). Тој е првиот и најголемиот дарител. Како што рекол апостол Павле, поради него „имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:28). Навистина, „секој добар дар и секој совршен подарок“ доаѓа од Јехова (Јак. 1:17).
4. Како можеме да чувствуваме поголема радост?
4 Веројатно секој од нас би сакал да чувствува уште поголема радост која доаѓа од давањето. Можеме да го постигнеме тоа ако се угледаме на дарежливоста на Јехова (Еф. 5:1). Освен што ќе го разгледаме примерот на Јехова, ќе видиме и што може да правиме ако ни се чини дека нашето давање не се цени. Тоа ќе ни помогне да ја задржиме, па дури и да ја зголемиме радоста што ја чувствуваме кога даваме.
УГЛЕДАЈ СЕ НА ДАРЕЖЛИВОСТА НА ЈЕХОВА
5. Кои материјални работи ни ги дава Јехова?
5 На кои начини Јехова покажува дарежливост? Да разгледаме неколку примери. Јехова ни дава материјални работи. Можеби ги немаме сите удобности, но благодарение на Јехова, повеќето од нас го имаме она што ни е неопходно. На пример, тој се грижи да имаме храна, облека и покрив над главата (Пс. 4:8; Мат. 6:31-33; 1. Тим. 6:6-8). Дали Јехова ги задоволува нашите физички потреби само од чувство на должност? Воопшто не! Тогаш, зошто Јехова го прави тоа?
6. Што учиме од Матеј 6:25, 26?
6 Јехова се грижи за нашите физички потреби затоа што нѐ сака. Размисли за зборовите на Исус кои се запишани во Матеј 6:25, 26. (Прочитај.) Во таа прилика, Исус употребил примери од творештвото. Зборувајќи за птиците, тој рекол: „Тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат“. Но, забележи што кажал следно: „Вашиот небесен Татко ги храни“. А потоа Исус додал: „Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ Која е поуката? За Јехова, луѓето што му служат се далеку повредни од животните. Ако Јехова се грижи за потребите на животните, можеме да бидеме сигурни дека ќе се грижи и за нас! Како и секој добар родител, Јехова се грижи за своето семејство од љубов (Пс. 145:16; Мат. 6:32).
7. Кој е еден начин како може да се угледаме на дарежливоста на Јехова? (Види ја и сликата.)
7 Како Јехова, и ние од љубов можеме да даваме материјални работи. На пример, дали познаваш некој соверник кој има потреба од храна или облека? Јехова може преку тебе да му ја задоволи таа потреба. Јеховините слуги спремно им помагаат на другите особено кога ќе се случи некоја катастрофа. На пример, за време на пандемијата со КОВИД-19, некои браќа и сестри им даваа храна, облека и други работи на оние кои имаа потреба од тоа. Освен тоа, многумина даваа великодушни прилози за меѓународното дело. Тоа овозможи да се финансираат акции за помош при катастрофи низ целиот свет. Тие дарежливи браќа и сестри ги применија зборовите од Евреите 13:16: „Не заборавајте да правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“.
8. На кои начини ни користи тоа што Јехова ни дава сила? (Исаија 40:29).
8 Јехова дава сила. Јехова со радост им дава дел од својата неограничена сила на своите верни слуги. (Прочитај Исаија 40:29.) Дали некогаш си се молел за сила да се спротивставиш на некое искушение или да издржиш некоја тешка неволја? Или можеби едноставно си се молел да имаш доволно сила да издржиш уште еден ден. Кога си видел дека твојата молитва е одговорена, можеби си се чувствувал како апостол Павле, кој напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13).
9. Како можеме великодушно да ја користиме нашата сила по примерот на Јехова? (Види ја и сликата.)
9 Иако сме несовршени, можеме да го следиме примерот на Јехова кој великодушно дава од својата сила. Ние не можеме дословно да им дадеме сила на другите. Но можеме да ја користиме нашата сила за да им помагаме. На пример, на некој постар или немоќен соверник би можеле да му помогнеме околу домашните обврски или да му испазариме. Ако ни дозволуваат околностите, би можеле да се ставиме на располагање да помогнеме со чистењето и одржувањето на салата за состаноци. Тоа што ќе ја користиме силата на вакви начини ќе им биде од голема корист на оние што го обожаваат Јехова.
10. Како можеме да ја користиме моќта на зборовите за да им помагаме на другите?
10 Не заборавај дека и зборовите имаат моќ. Дали некому многу би му значела една искрена пофалба? Дали познаваш некој кому му е потребна утеха? Ако да, зошто не преземеш иницијатива да му покажеш на тоа лице дека се грижиш за него? Би можел да го посетиш, да му се јавиш или да му испратиш картичка или порака. За да охрабриш некого, не е потребно да бидеш речовит. Неколку едноставни зборови од срце можат да бидат токму она што му е потребно на твојот соверник за да остане верен уште еден ден или малку да се разведри (Изр. 12:25; Еф. 4:29).
11. Како Јехова ја користи својата мудрост?
11 Јехова дава мудрост. Ученикот Јаков напишал: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување“ (Јак. 1:5). Овие зборови покажуваат дека Јехова не ја чува својата мудрост само за себе. Тој великодушно ја споделува со другите. Забележи и дека, кога дава мудрост, Јехова го прави тоа „без прекорување“. Тој не сака да се чувствуваме лошо поради тоа што ни е потребно неговото водство. Всушност, тој нѐ поттикнува да бараме водство од него (Изр. 2:1-6).
12. Какви прилики имаме да ја споделуваме нашата мудрост?
12 А како е со нас? Можеме ли и ние да ја споделуваме својата мудрост по примерот на Јехова? (Пс. 32:8). Јеховините слуги имаат многу прилики да го споделуваат со другите она што го научиле. На пример, честопати ги обучуваме новите во службата на проповедање. Старешините стрпливо им помагаат на слуга-помошниците и на другите крстени браќа да научат како да ги извршуваат своите задачи во собранието. А оние што имаат искуство во изградба и одржување помагаат да се обучат понеискусните да извршуваат разни работи поврзани со теократски објекти.
13. Како можеме да ги обучуваме другите по примерот на Јехова?
13 Труди се да го следиш примерот на Јехова кога ги обучуваш другите. Сети се дека Јехова дава мудрост великодушно. Слично на тоа, и ние великодушно ги споделуваме нашето искуство и знаење со оние што ги обучуваме. Ние не му скратуваме дел од нашето знаење на оној кого го обучуваме од страв дека еден ден ќе нѐ замени. Ниту пак го имаме ставот: „Мене кој ме научи? Нека научи сам!“ Меѓу Јеховиниот народ нема место за таков став. Напротив, ние спремно даваме сѐ од себе за да го споделуваме нашето знаење со другите (1. Сол. 2:8). Се надеваме дека, со текот на времето, и тие „ќе бидат оспособени да поучуваат други“ (2. Тим. 2:1, 2). На тој начин, можеме да имаме удел во тоа да продолжи кругот на великодушност, а со самото тоа и кругот на среќа.
АКО НИ СЕ ЧИНИ ДЕКА НАШЕТО ДАВАЊЕ НЕ СЕ ЦЕНИ
14. Како реагираат повеќето на нашата дарежливост?
14 Кога сме дарежливи, особено кон нашите браќа и сестри, тие честопати покажуваат дека го ценат тоа. Можеби ќе ни дадат картичка или ќе ја искажат својата благодарност на друг начин (Кол. 3:15). Таквите изрази на благодарност нѐ прават уште посреќни.
15. Што треба да имаме на ум кога некој не покажува ценење?
15 Но факт е дека понекогаш другите нема да покажат ценење. Можеби за некого сме вложиле време, сили или средства, но потоа сме се прашувале дали воопшто го цени она што сме го направиле за него. Ако се случи такво нешто, што може да ни помогне да не ја изгубиме радоста и да не станеме огорчени? Сети се на стихот на кој се темели оваа статија, Дела 20:35. Среќата што ја чувствуваме од давањето не зависи од реакцијата на другите. Можеме да одлучиме со радост да даваме дури и кога ни се чини дека другите не го ценат тоа. Што може да ни помогне? Да разгледаме неколку работи.
16. Што треба да имаме на ум кога даваме?
16 Имај на ум дека го следиш примерот на Јехова. Тој им дава добри работи на луѓето сеедно дали го ценат тоа или не (Мат. 5:43-48). Јехова ни ветил дека кога и ние даваме „не надевајќи се на ништо“, нашата „награда ќе биде голема“ (Лука 6:35). Да не се надеваме на ништо може да значи и да не очекуваме да ни биде покажана благодарност. Да не заборавиме дека Јехова секогаш ќе нѐ награди за она што го правиме за да им помагаме на другите и затоа што даваме со радосно срце (Изр. 19:17; 2. Кор. 9:7).
17. Што друго може да ни помогне да се угледаме на Јехова кога даваме? (Лука 14:12-14).
17 Друго нешто што може да ни помогне да се угледаме на Јехова кога даваме е начелото запишано во Лука 14:12-14. (Прочитај.) Се разбира, не е погрешно да бидеме гостопримливи или дарежливи кон оние што можат да ни возвратат на сличен начин. Но, што ако забележиме дека честопати им даваме на другите затоа што се надеваме дека ќе добиеме нешто за возврат? Тогаш би можеле да се обидеме да го примениме предлогот на Исус. Можеме да покажеме гостољубивост кон некој што знаеме дека не може да го направи истото за нас. Тогаш ќе бидеме среќни бидејќи го следиме примерот на Јехова. Истиот став ќе ни помогне да ја задржиме радоста и кога другите не ни покажуваат благодарност.
18. Што не треба да правиме, и зошто?
18 Не избрзувај со заклучокот дека другите се неблагодарни (1. Кор. 13:7). Ако некој не изрази благодарност, би можеле да се прашаме: „Дали навистина нема ценење или едноставно заборавил да покаже благодарност?“ Можеби има и други причини зошто некој не постапил онака како што сме очекувале. Некои можеби чувствуваат голема благодарност, но им е тешко да ја изразат. Можеби им е непријатно што имаат потреба од помош, особено ако во минатото тие им помагале на другите. Во секој случај, ако ги сакаме браќата и сестрите, нема да мислиме лошо за нив и ќе продолжиме да даваме со радост (Еф. 4:2).
19-20. Зошто е важно да сме стрпливи кога им даваме на другите? (Види ја и сликата.)
19 Биди стрплив. Мудриот цар Соломон напишал: „Фрли го лебот свој на површината на водата, и по многу дни пак ќе го најдеш“ (Проп. 11:1). Овие зборови укажуваат на тоа дека некои можеби ќе покажат благодарност „по многу дни“, односно долго време откако сме направиле нешто за нив. Да разгледаме едно искуство кое ја истакнува оваа вистина.
20 Пред многу години, сопругата на еден покраински надгледник ѝ испратила срдечна картичка на една новокрстена сестра со која ја поттикнала да остане верна. Околу осум години подоцна, сестрата ѝ одговорила со едно писмо во кое напишала: „Едноставно морав да ти кажам колку многу ти ми помогна сиве овие години без да си свесна за тоа. Твоите зборови беа многу срдечни, но особено ме допре до срце стихот што ми го напиша. Никогаш не го заборавив“. a Откако опишала со кои проблеми се соочувала, сестрата додала: „Имаше моменти кога сакав да ја оставам вистината, да побегнам од обврските, да побегнам од сѐ. Но тогаш ќе се сетев на стихот што ми го напиша, и тоа ми даваше сила да не се откажам“. Потоа продолжила: „Во овие осум години ништо друго немаше толку силно влијание врз мене“. Можеме да си замислиме колку радосна била сопругата на покраинскиот надгледник кога го добила тоа писмо „по многу дни“! Можеби и нам некој ќе ни покаже благодарност долго време откако сме направиле нешто убаво за него.
21. Зошто си решен и понатаму да бидеш дарежлив по примерот на Јехова?
21 Како што спомнавме на почетокот, Јехова нѐ создал со уникатна способност. Иако се радуваме кога ќе добиеме нешто, уште поголема радост чувствуваме кога ние даваме. Убаво ни е кога можеме да им помогнеме на нашите соверници. И нѐ радува кога тие ќе ја покажат својата благодарност. Сепак, сеедно дали некој ќе ни покаже благодарност или не, можеме да бидеме задоволни затоа што знаеме дека сме постапиле исправно. Никогаш не заборавај дека, што и да дадеш, „Јехова може да ти даде многу повеќе од тоа“ (2. Лет. 25:9). Ние никогаш не можеме да им дадеме на другите повеќе отколку што Јехова може да ни даде нам! И, најголемата награда што можеме да ја добиеме е наградата од Јехова. Затоа, да бидеме решени да продолжиме да го следиме примерот на нашиот дарежлив небесен Татко!
ПЕСНА 17 „Сакам“
a Стихот што бил напишан во картичката е 2. Јованово 8: „Чувајте се за да не го изгубите плодот од нашата работа, туку да добиете полна плата“.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Во овие одглумени сцени, сопругата на еден покраински надгледник ѝ пишува срдечна картичка на една сестра. Години подоцна, добива писмо на благодарност.