Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 38

ПЕСНА 25 Најмила сопственост

Дали обрнуваш внимание на предупредувањата?

Дали обрнуваш внимание на предупредувањата?

Едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен (МАТ. 24:40)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да разгледаме три споредби што ги кажал Исус и да видиме како тие се поврзани со времето на суд кое ќе се случи кратко пред да дојде крајот на овој свет.

1. Што ќе направи Исус наскоро?

 ЖИВЕЕМЕ во многу возбудливо време! Наскоро, Исус ќе му суди на секој жив човек на Земјата. Тој го опишал времето кое ќе води до ова судење така што на своите ученици им дал еден пророчки знак за неговата невидлива присутност и за „свршетокот на овој поредок“ (Мат. 24:3). Ова пророштво е запишано во Матеј поглавја 24 и 25, како и во Марко поглавје 13 и Лука поглавје 21.

2. Што ќе разгледаме во оваа статија, и како тоа ќе ни користи?

2 Исус дал корисни предупредувања преку три споредби. Првата споредба е за овците и јарците, втората е за разборитите и глупавите девици, а третата е за талантите. Секоја од овие споредби ни помага да сфатиме дека Исус ќе му суди на секој човек на темел на неговото однесување. Додека ги разгледуваме овие споредби, ќе видиме какви поуки можеме да извлечеме од нив и како можеме да ги примениме. Најпрво ќе ја разгледаме споредбата за овците и јарците.

ОВЦИТЕ И ЈАРЦИТЕ

3. Кога Исус ќе им суди на луѓето?

3 Во споредбата за овците и јарците, Исус рекол дека ќе им суди на луѓето на темел на тоа како реагирале на добрата вест и дали ги поддржувале неговите помазани браќа (Мат. 25:31-46). Исус ќе го спроведе таквиот суд за време на големата неволја, кратко пред да започне Армагедон (Мат. 24:21). Исто како што еден пастир ги одвојува овците од јарците, Исус ќе ги одвои оние што верно ги поддржуваат неговите помазани следбеници од оние кои не го прават тоа.

4. Според Исаија 11:3, 4, зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус ќе им суди праведно на луѓето? (Види ја и сликата.)

4 Библијата покажува дека, како Судија поставен од Јехова, Исус ќе суди праведно. (Прочитај Исаија 11:3, 4.) Тој ги набљудува ставовите, постапките и говорот на луѓето, вклучувајќи го и тоа како се однесуваат со неговите помазани браќа (Мат. 12:36, 37; 25:40). Исус ќе знае кој ги поддржувал неговите помазани браќа и нивното дело. a Еден од најважните начини на кои еден човек може да ги поддржува Христовите браќа е така што ќе им помага во проповедничкото дело. Оние што ја пружаат таквата поддршка ќе бидат прогласени за праведни и ќе имаат можност да живеат вечно на Земјата (Мат. 25:46; Отк. 7:16, 17). Ова навистина е прекрасна награда! Со тоа што ќе останат верни во текот на големата неволја и потоа, тие ќе ги зачуваат своите имиња „во книгата на животот“ (Отк. 20:15).

Во блиска иднина, Исус ќе пресуди кои луѓе се како овци, а кои се како јарци (види во пасус 4)


5. Која е поуката од споредбата за овците и јарците, и кој може да извлече корист од неа?

5 Биди верен. Споредбата на Исус за овците и јарците првенствено се однесува на оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата. Тие ја покажуваат својата вера така што им помагаат на Христовите браќа во проповедничкото дело и така што верно ги следат упатствата од верниот и разборит роб кој е поставен од Исус (Мат. 24:45). Но, и оние што имаат небесна надеж треба да обрнат внимание на предупредувањето од споредбата. Зошто? Бидејќи Исус ги набљудува нивните ставови и постапки, како и нивниот говор. И тие мора да бидат верни. Всушност, Исус кажал уште две споредби кои содржат конкретни предупредувања за помазаниците. Овие споредби се наоѓаат и во Матеј поглавје 25. Сега ќе ја разгледаме споредбата за разборитите и глупавите девици.

РАЗБОРИТИТЕ И ГЛУПАВИТЕ ДЕВИЦИ

6. Како петте девици покажале дека се разборити? (Матеј 25:6-10).

6 Во споредбата за девиците, Исус зборувал за 10 девици кои излегле да го пречекаат младоженецот (Мат. 25:1-4). Сите тие се надевале дека ќе го придружуваат младоженецот на неговата свадба. Пет од нив, Исус ги опишал како „разборити“, а другите пет како „глупави“. Разборитите девици биле подготвени и на штрек. Тие биле спремни да го чекаат младоженецот колку и да било потребно, па дури и ако тој пристигнел доцна во ноќта. Затоа, тие со себе понеле светилки за да им се гледа во мракот. Тие дури понеле и резерва масло во случај младоженецот да задоцни. На тој начин, тие биле подготвени за нивните светилки постојано да светат. (Прочитај Матеј 25:6-10.) Кога дошол младоженецот, разборитите девици влегле со него на свадбата. Слично на тоа, помазаните христијани кои ќе бидат подготвени така што ќе останат духовно будни и верни сѐ до доаѓањето на Христос ќе бидат прогласени за достојни да му се придружат на младоженецот Исус во неговото небесно Царство b (Отк. 7:1-3). А што се случило со петте глупави девици?

7. Што им се случило на петте глупави девици, и зошто?

7 За разлика од разборитите, петте глупави девици не биле подготвени кога дошол младоженецот. Нивните светилки само што не изгаснале. Освен тоа, тие не понеле со себе резерва масло. Кога дознале дека младоженецот наскоро ќе пристигне, тие морале да одат да купат масло. Кога младоженецот пристигнал, тие сѐ уште не биле вратени. Тогаш, „девиците што [биле] подготвени [влегле] со него на свадбата, и вратата се [затворила]“ (Мат. 25:10). Подоцна, кога глупавите девици се вратиле и сакале да влезат на свадбата, младоженецот им рекол: „Не ве познавам“ (Мат. 25:11, 12). Тие девици не биле подготвени да го чекаат младоженецот колку што било потребно. Што можат да научат помазаниците од ова?

8-9. Што можат да научат помазаниците од споредбата за девиците? (Види ја и сликата.)

8 Биди подготвен и на штрек. Исус не прорекол дека ќе има две групи на помазаници — една што ќе биде подготвена да чека сѐ додека Исус не дојде во големата неволја и една што нема да биде. Тој, всушност, објаснил што ќе се случи со помазаниците доколку тие не бидат подготвени верно да истраат до крајот. Во тој случај, тие нема да ја добијат нивната награда (Јован 14:3, 4). Ова е многу сериозно предупредување! Без разлика дали имаме надеж да живееме на небото или на Земјата, сите треба да обрнеме внимание на предупредувањето од споредбата за девиците. Секој од нас мора да остане духовно буден и да биде подготвен за да истрае до крајот (Мат. 24:13).

9 Откако ја кажал споредбата за девиците за да истакне колку е важно секој од нас да биде подготвен и на штрек, Исус ја кажал споредбата за талантите. Таа споредба ја истакнува потребата да се биде трудољубив.

Многу е важно секој од нас да обрне внимание на предупредувањето од споредбата за девиците така што ќе биде подготвен и на штрек, спремен да истрае до крајот (види во пасуси 8-9)


ТАЛАНТИТЕ

10. Како двајца од робовите покажале дека се верни? (Матеј 25:19-23).

10 Во споредбата за талантите, Исус зборувал за двајца робови кои му биле верни на својот господар и за еден роб кој не му бил верен (Мат. 25:14-18). Двајца од робовите покажале дека се верни со тоа што трудољубиво работеле за да заработат повеќе пари за господарот. Пред да отпатува во туѓина, тој им доверил таланти — една голема сума пари. Двајцата верни робови биле трудољубиви и мудро ги искористиле парите. Кој бил резултатот? Кога нивниот господар се вратил, тие ја удвоиле сумата на пари што тој им ја дал. Господарот ги пофалил и тие се радувале со него. (Прочитај Матеј 25:19-23.) Но, што се случило со третиот роб? Што направил тој со парите што му ги дал господарот?

11. Што му се случило на мрзливиот роб, и зошто?

11 Третиот роб добил еден талант, но бил мрзлив. Неговиот господар очекувал мудро да го искористи талантот. Наместо тоа, тој го закопал во земја. Кога господарот се вратил, овој роб му го дал само тој еден талант. Робот немал добар став. Наместо да му се извини на господарот затоа што не ја зголемил сумата пари, робот неправедно го нарекол својот господар „тежок човек“. Овој роб не го израдувал својот господар. Освен тоа, талантот му бил одземен и тој бил исфрлен од куќата на господарот (Мат. 25:24, 26-30).

12. Кого го претставуваат двајцата верни робови денес?

12 Двајцата верни робови ги претставуваат верните помазани христијани. Господарот Исус ги кани „[да се радуваат] со својот господар“. Тие ја добиваат својата небесна награда преку првото воскресение (Мат. 25:21, 23; Отк. 20:5б). Од друга страна, лошиот пример на мрзливиот роб служи како предупредување за помазаниците. Зошто го велиме ова?

13-14. Што можат да научат помазаниците од споредбата за талантите? (Види ја и сликата.)

13 Биди трудољубив. Со споредбата за талантите, како и со споредбата за девиците, Исус не прорекол дека помазаниците ќе станат мрзливи. Всушност, тој објаснил што ќе се случи ако тие некогаш ја изгубат својата ревност. Во тој случај, тие нема да можат „да ги [потврдат] својот позив и избор“ и нема да им биде дозволено да влезат во небесното Царство (2. Пет. 1:10).

14 Споредбите на Исус за девиците и за талантите јасно покажуваат дека сите помазани христијани мора да бидат подготвени и на штрек, а треба да бидат и трудољубиви. Но, дали Исус кажал нешто друго што служи како предупредување за помазаниците? Да. Тоа предупредување се наоѓа во Матеј 24:40, 41 и се однесува на нивното конечно запечатување.

Исус сака помазаниците да бидат трудољубиви сѐ до крајот (види во пасуси 13-14) d


КОЈ „ЌЕ БИДЕ ЗЕМЕН“?

15-16. Како зборовите од Матеј 24:40, 41 им помагаат на помазаниците да сфатат колку е важно да бидат духовно будни?

15 Пред да ги каже трите споредби, Исус го опишал конечното запечатување на помазаниците кое ќе покаже кој го има Божјето одобрување. Тој зборувал за двајца мажи кои работеле на нива и за две жени кои мелеле на рачна мелница. И во двата случаи, се чини дека и двајцата вршеле иста работа, но Исус рекол дека „едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен“. (Прочитај Матеј 24:40, 41.) Потоа, тој ги поттикнал своите следбеници: „Затоа, бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“ (Мат. 24:42). Исус рекол нешто слично кога ја кажал споредбата за девиците (Мат. 25:13). Дали овие изјави се поврзани? Се чини дека се. Само оние што се верни и што навистина се помазаници, ќе бидат земени, односно Исус ќе ги прими во небесното Царство (Јован 14:3).

16 Биди буден во духовен поглед. Оние помазаници кои нема да останат духовно будни нема да бидат „собрани“ заедно со избраните (Мат. 24:31). Во поширока смисла, сите Божји слуги, без разлика каква надеж имаат, треба да гледаат на Исусовите зборови како на предупредување да останат будни и верни.

17. Зошто не треба да нѐ загрижува ако Јехова одлучи да помаза некои од своите слуги во последниве години?

17 Ние добро го познаваме Јехова, и затоа имаме доверба дека сѐ што прави тој е праведно. Нема зошто да бидеме загрижени ако Јехова одлучи да помаза некои од своите верни слуги во последниве години. c Ние знаеме што кажал Исус во врска со работниците од неговата споредба за лозјето кои дошле да работат во единаесеттиот час (Мат. 20:1-16). Оние што биле повикани да работат на лозјето подоцна во текот на денот, добиле иста плата како оние што почнале да работат порано од нив. Слично на тоа, без разлика кога некој бил избран за помазаник, сите помазаници ќе добијат небесна награда ако останат верни.

ОБРНИ ВНИМАНИЕ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊАТА

18-19. Кои поуки и предупредувања ги разгледавме?

18 Што разгледавме во оваа статија? За оние што имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата, споредбата за овците и јарците покажува колку е важно да му останат верни на Јехова — сега и за време на големата неволја што ни претстои. Во иднина, токму пред да започне Армагедон, Исус ќе ги прогласи за достојни да добијат вечен живот оние што му се верни (Мат. 25:46).

19 Исто така, разгледавме две споредби кои содржат предупредувања за помазаниците. Во споредбата на Исус за разборитите и глупавите девици, пет од нив покажале дека се мудри. Тие биле подготвени и на штрек, спремни да го чекаат младоженецот колку и да е потребно. Но, глупавите девици не биле подготвени. Затоа младоженецот не им дозволил да влезат на неговата свадба. И ние мора да бидеме подготвени да чекаме колку и да е потребно сѐ додека Исус не му стави крај на овој поредок. Исто така, во споредбата за талантите го разгледавме примерот на двата верни роба кои биле трудољубиви. Тие трудољубиво работеле за својот господар и го стекнале неговото одобрување. Но, мрзливиот слуга бил отфрлен. Која е поуката? Мора да останеме зафатени во службата за Јехова сѐ до крајот. Исто така, видовме дека помазаниците мора да останат духовно будни за да бидат „земени“, односно Исус да им ја даде нивната небесна награда. Тие едвај чекаат да бидат „собрани“ кај Исус на небото. По војната Армагедон, помазаниците ќе бидат Исусовата невеста на свадбата на Јагнето (2. Сол. 2:1; Отк. 19:7, 9).

20. Што ќе направи Јехова за оние што обрнуваат внимание на неговите предупредувања?

20 Времето кога Исус ќе суди брзо се приближува, но нема потреба да се плашиме. Ако останеме верни, нашиот небесен Татко кој е полн со љубов ќе ни даде „сила, која ја надминува нормалната“, „за да [успееме]... да [застанеме] пред Синот човечки“ (2. Кор. 4:7; Лука 21:36). Без разлика дали имаме надеж да живееме на небото или на Земјата, ние ќе го радуваме нашиот Татко ако обрнеме внимание на предупредувањата од споредбите на Исус. Благодарение на Јеховината незаслужена доброта, нашите имиња ќе бидат запишани во „книгата на животот“ (Дан. 12:1; Отк. 3:5).

ПЕСНА 26 За мене го направивте

a Види ја статијата „Што знаеме за тоа како Јехова ќе суди во иднина?“, која излезе во Стражарска кула од мај 2024.

b За повеќе информации, види ја статијата „Дали ќе ’бдееш‘?“, која излезе во Стражарска кула од 15 март 2015.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра која е помазаник води библиски курс со една млада жена која ја нашла во службата на проповедање.