Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 36

ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш

Извршувајте ја Речта

Извршувајте ја Речта

Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја (ЈАК. 1:22)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да развиеме поголема желба да ја читаме Божјата Реч секој ден, но и да размислуваме за она што го читаме и во уште поголема мера да го применуваме во нашиот живот.

1-2. Зошто Божјите слуги се среќни? (Јаков 1:22-25).

 ЈЕХОВА и неговиот мил Син сакаат да бидеме среќни. Писателот на Псалм 119:2 рекол: „Среќни се оние што ги држат неговите опомени. Тие го бараат со сето срце“. А Исус го дал следново ветување: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28).

2 Како слуги на Јехова, ние сме среќни луѓе. Зошто? Имаме многу причини за тоа, но една важна причина е затоа што редовно ја читаме Божјата Реч и даваме сѐ од себе за да го применуваме она што го учиме. (Прочитај Јаков 1:22-25.)

3. Како ни користи тоа што го применуваме она што го читаме во Божјата Реч?

3 Тоа што ја извршуваме Речта ни користи на неколку начини. На пример, знаеме дека ова е важен начин на кој го радуваме Јехова, а тоа нѐ прави среќни (Проп. 12:13). Исто така, кога ги применуваме советите од Божјата Реч, ние имаме подобри односи со другите во семејството и во собранието. Ова веројатно се покажало вистинито и во твојот живот. Освен тоа, избегнуваме многу од проблемите што ги имаат оние кои не им се послушни на Јеховините заповеди. Ние се согласуваме со она што го кажал цар Давид. Откако во песна ги спомнал законот, наредбите и пресудите на Јехова, Давид заклучил: „Тој што се држи за нив, прима голема награда“ (Пс. 19:7-11).

4. Зошто не е секогаш лесно да ја читаме Божјата Реч и да го применуваме она што го учиме од неа?

4 Реално кажано, не е секогаш лесно да ја читаме Божјата Реч и да го применуваме она што го учиме бидејќи сме многу зафатени. Но и покрај тоа, мора да одредиме време кога ќе ја читаме и проучуваме Библијата за да можеме да разбереме што очекува Јехова од нас. Затоа, во оваа статија ќе разгледаме некои предлози што можат да ни помогнат редовно да ја читаме Библијата. Исто така, ќе разгледаме што ќе ни помогне да размислуваме за она што го читаме и ќе видиме како можеме да го примениме она што го учиме.

ОДВОЈУВАЈ ВРЕМЕ ЗА ДА ЈА ЧИТАШ БОЖЈАТА РЕЧ

5. Кои одговорности ни одземаат голем дел од нашето време?

5 Повеќето Јеховини слуги се многу зафатени. Голем дел од нашето време го трошиме на одговорности за кои Библијата вели дека се важни. На пример, повеќето од нас работат за да се издржуваат себеси и своето семејство (1. Тим. 5:8). Многу браќа и сестри се грижат за своите болни или остарени членови на семејството. Исто така, секој од нас треба да се грижи за своето здравје, а за тоа е потребно време. Освен овие одговорности, ние имаме и задачи во собранието. Една важна одговорност која ја имаме е ревносно да учествуваме во проповедничкото дело. И покрај сите свои обврски што ги имаш, како можеш да најдеш време за редовно да ја читаш Библијата, да размислуваш за она што го читаш и да го применуваш она што таа го вели?

6. Што можеш да направиш за секој ден да ја читаш Библијата? (Види ја и сликата.)

6 Читањето на Библијата е една од најважните работи за нас како христијани, и затоа треба да ни биде приоритет (Фил. 1:10). За оној човек што е среќен, во првиот псалм пишува дека „ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе“ (Пс. 1:1, 2). Ова јасно покажува дека треба да си одвоиме време за да можеме да го правиме тоа. Кое е најдоброто време за да ја читаме Библијата? Тоа е различно кај секого од нас. Но едноставно кажано, тоа треба да биде време во кое ќе можеме редовно да читаме. Еден брат по име Виктор вели: „Јас сакам да ја читам Библијата наутро. Иако ми е тешко да станувам рано наутро, во тоа време има помалку работи кои можат да ми го одвлечат вниманието. Тогаш можам јасно да размислувам и полесно ми е да се концентрирам“. Можеби истото е случај и со тебе. Прашај се: „Кое време од денот најмногу ми одговара мене за да ја читам Библијата?“

Кое е најдоброто време за да ја читаш Библијата? Во кој дел од денот можеш редовно да го правиш тоа? (види во пасус 6)


ДЛАБОКО РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ОНА ШТО ГО ЧИТАШ

7-8. Што може да нѐ спречи да извлечеме потполна корист од она што го читаме? Наведи пример.

7 Можеби си имаш одредено време за редовно да ја читаш Библијата. Но, има уште нешто на кое треба да внимаваш. Дали некогаш ти се случило да прочиташ нешто, а кратко потоа да не можеш да се сетиш на она што си го читал? На сите ни се случило тоа. За жал, ова може да биде случај и кога ја читаме Библијата. На пример, можеби сме си поставиле за цел секој ден да читаме одреден број поглавја од Библијата. Тоа е пофално. Ние треба да си поставуваме цели и да се трудиме да ги оствариме (1. Кор. 9:26). Сепак, читањето на Библијата е само почеток. Ако сакаме да извлечеме потполна корист од читањето на Божјата Реч, мора да правиме повеќе од тоа.

8 Размисли за следнава споредба: За да преживеат, на растенијата им е неопходна вода, честопати во облик на дожд. Но, ако за кратко време падне многу дожд, почвата ќе биде премногу натопена со вода. Тоа нема да му користи на растението бидејќи на почвата ѝ треба време за да ја впие водата и да му помогне на растението да расте. Слично на тоа, не треба да ја читаме Библијата набрзина, односно да читаме толку брзо што нема да имаме време да размислуваме, да го запомниме и да го примениме она што го читаме (Јак. 1:24).

Исто како што на почвата ѝ треба време за да ја впие водата и да има корист од дождот, и нам ни треба време за да размислуваме и да го применуваме она што го читаме од Божјата Реч (види во пасус 8)


9. Што треба да правиме ако сме стекнале навика брзо да ја читаме Библијата?

9 Дали си забележал дека понекогаш ја читаш Библијата со пребрзо темпо? Што треба да правиш? Читај со побавно темпо. Потруди се да размислуваш за она што го читаш или за она што веќе си го прочитал. За таа цел, можеби ќе треба да одвоиш повеќе време за проучување за да можеш длабоко да размислуваш за она што го читаш. Или, би можел да одлучиш да читаш помалку стихови, а преостанатото време да размислуваш за прочитаното. Виктор, кого го спомнавме претходно, вели: „Читам по малку од Библијата, на пример по едно поглавје. Бидејќи читам рано наутро, во текот на целиот ден можам да размислувам за она што сум го прочитал“. Без разлика колку ќе одлучиш да читаш, важно е да го правиш тоа доволно бавно за да можеш да извлечеш потполна корист (Пс. 119:97; види ја рамката „ Прашања за размислување“).

10. Наведи пример за тоа како би можел да го примениш она што го учиш (1. Солуњаните 5:17, 18).

10 Без разлика кога ја читаш Библијата и колку време поминуваш во читање, потруди се да најдеш начини да го примениш она што го читаш. Додека читаш некој дел од Божјата Реч, прашај се: „Како можам да ја применам оваа информација сега или во блиска иднина?“ На пример, да речеме дека во твоето читање на Библијата се вклучени стиховите од 1. Солуњаните 5:17, 18. (Прочитај.) Откако ќе ги прочиташ овие два стиха, би можел да застанеш и да размислиш колку често и колку сесрдно се молиш. Исто така, би можел да размислуваш за работите за кои си благодарен. Можеби ќе одлучиш да му се заблагодариш на Јехова за три конкретни работи. Дури и ако само неколку минути размислуваш за поуките од Библијата, тоа ќе ти помогне да ја разбереш Божјата Реч и да го правиш она што таа го вели. Помисли колкава корист ќе извлечеш ако го правиш ова секој ден и со други делови што ги читаш од Библијата. Без сомнение, со текот на времето, ќе станеш подобар слуга на Јехова. Но, што ако има многу работи во кои треба да се подобриш?

ПОСТАВИ СИ РАЗУМНИ ЦЕЛИ

11. Зошто можеби понекогаш ќе се чувствуваш обесхрабрено? Наведи пример.

11 Кога ја читаш Библијата и бараш начини за да ги примениш нејзините совети, понекогаш можеби ќе се чувствуваш обесхрабрено. На пример, замисли дека она што денес го читаш од Библијата содржи совети за пристрасноста (Јак. 2:1-8). Сфаќаш дека би можел да се подобриш во начинот на кој постапуваш со другите и затоа одлучуваш да направиш некои промени. Тоа е пофално! Потоа, следниот ден читаш некои стихови кои покажуваат колку е важно да го контролираш својот говор (Јак. 3:1-12). Сфаќаш дека понекогаш кажуваш нељубезни или обесхрабрувачки работи. Затоа одлучуваш твојот говор да биде попозитивен и поохрабрувачки. Третиот ден, во библискиот извештај што го читаш е вклучено предупредувањето да не станеме пријатели со светот (Јак. 4:4-12). Забележуваш дека треба да бидеш повнимателен во врска со изборот на забава. Четвртиот ден, можеби се чувствуваш премногу обесхрабрено бидејќи има многу работи во кои треба да се поправиш.

12. Зошто не треба да се обесхрабриш ако при читањето на Библијата сфатиш дека треба да правиш промени? (Види ја и фуснотата.)

12 Ако треба да направиш повеќе промени или подобрувања, не се обесхрабрувај. Тоа што сфаќаш дека треба да се подобриш покажува дека си понизен и дека имаш исправни мотиви. Оној што е понизен и искрен со себеси, ја чита Библијата со цел да сфати каде треба да се подобри. a Имај на ум дека облекувањето на „новата личност“ е постојан процес (Кол. 3:10). Што ќе ти помогне да продолжиш да ја извршуваш Речта?

13. Кој е еден добар начин на кој можеш да го примениш она што си го научил? (Види ја и сликата.)

13 Наместо да се обидуваш одеднаш да примениш сѐ што си прочитал, биди скромен и постави си само една до две цели (Изр. 11:2). Пробај да го направиш следново: Направи си список со работи во кои треба да се подобриш. Потоа, избери една или две од нив на кои веднаш ќе работиш, а другите остави ги за подоцна. Од каде треба да почнеш?

Наместо да се трудиш одеднаш да примениш сѐ што читаш од Библијата, постави си разумни цели. Би можел да се концентрираш на една или на две работи (види во пасуси 13-14)


14. Со кои цели можеш да започнеш?

14 Можеби ќе одлучиш да почнеш со некоја цел која ти е полесно да ја оствариш. Или, можеби ќе избереш да работиш на некое подрачје за кое сметаш дека треба најмногу да се поправиш. Откако ќе ја одредиш твојата цел, истражувај во нашите публикации, можеби со помош на Онлајн Библиотеката Watchtower или со помош на Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Моли се во врска со твојата цел, и моли го Јехова да ти даде и желба и сила за да го постигнеш тоа (Фил. 2:13). Потоа, труди се да го примениш она што си го научил. Тоа што ќе успееш да постигнеш одреден напредок на твојата прва цел, веројатно ќе те поттикне да работиш и на некоја друга цел. Всушност, кога ќе успееш да се подобриш на едно подрачје од христијанскиот живот или во една христијанска особина, веројатно ќе ти биде полесно да го направиш истото и на други подрачја.

ДОЗВОЛИ БОЖЈАТА РЕЧ ДА ДЕЈСТВУВА ВО ТЕБЕ

15. Која е разликата помеѓу Јеховините слуги и многу други кои ја читаат Библијата? (1. Солуњаните 2:13).

15 Некои луѓе тврдат дека многупати ја прочитале Библијата. Но, дали тие навистина веруваат во неа? Дали ги применуваат нејзините совети и дали дозволуваат таа да влијае врз нивниот начин на живот? За жал, честопати одговорот е не. Колкава разлика од Јеховините слуги! Исто како христијаните од првиот век, и ние ја прифаќаме Библијата „како реч Божја, каква што таа навистина е“. Освен тоа, ние се трудиме да покажеме дека таа дејствува во нашиот живот. (Прочитај 1. Солуњаните 2:13.)

16. Што може да ни помогне да станеме извршители на Речта?

16 Не е секогаш лесно да ја читаме Божјата Реч и да ги применуваме нејзините совети. Можеби ни е тешко да најдеме време за читање. Можеби сме склони да читаме со брзо темпо и затоа не можеме да размислуваме за она што го читаме. Или, можеби сме обесхрабрени поради тоа што треба да направиме многу промени. Кој и да е твојот предизвик, со помош од Јехова можеш да го надминеш. Да бидеме решени да ја прифатиме неговата помош, и да не бидеме заборавливи слушатели, туку да станеме извршители на Речта. Без сомнение, колку повеќе ја читаме Божјата Реч и ја применуваме во нашиот живот, толку посреќни ќе бидеме (Јак. 1:25).

ПЕСНА 94 Благодарни сме му на Бог за неговата Реч

a На jw.org, гледај го видеоклипот Што велат некои млади — читање на Библијата.