Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Исполнет живот во службата за Јехова

Исполнет живот во службата за Јехова

ВО 1951 год. пристигнав во Рајн, мало гратче во канадската провинција Квебек. Тропнав на вратата на адресата која ми беше дадена. На вратата излезе Марсел Филтоу, a еден мисионер кој бил на школата Гилеад. Тој имаше 23 години и беше висок, а јас имав 16 години и бев многу понизок. Му го покажав писмото во кое пишуваше дека добив задача да служам како пионер. Тој го прочита, ме погледна, и рече: „Знае ли мајка ти дека си тука?“

ПОРАСНАВ ВО РЕЛИГИОЗНО РАЗДЕЛЕН ДОМ

Роден сум во 1934 год. во Тиминс, едно рударско гратче во Онтарио (Канада). Моите родители таму се доселиле од Швајцарија. Некаде околу 1939 год., мајка ми почна да го чита списанието Стражарска кула и да ги посетува состаноците на Јеховините сведоци. Таа нѐ земаше мене и моите браќа и сестри заедно со неа. По некое време, мајка ми стана Јеховин сведок.

На татко ми не му се допадна нејзината одлука, но мајка ми ја сакаше вистината и беше решена да му остане верна на Јехова. Таа стоеше цврсто на својот став дури и во почетокот на 1940-тите години, кога делото на Јеховините сведоци во Канада беше забрането. Таа секогаш добро се однесуваше со татко ми и покажуваше почит кон него и покрај тоа што тој вербално ја малтретираше. Нејзиниот убав пример ни помогна мене и на моите шест браќа и сестри да ја прифатиме вистината. Бевме многу радосни што татко ми со текот на времето омекна и почна подобро да се однесува со нас.

ЗАПОЧНАВ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА

Во текот на летото во 1950 год., присуствував на конгресот Пораст на теократијата, кој се одржа во Њујорк. Тоа што се запознав со браќа и сестри од целиот свет и слушав интересни интервјуа на дипломци од школата Гилеад ме поттикна да правам повеќе во службата за Јехова! Повеќе од кога и да е порано, бев решен да започнам со полновремена служба. Веднаш штом се вратив дома, поднесов молба за општ пионер. Подружницата во Канада ми врати одговор, предлагајќи ми прво да се крстам. Се крстив на 1 октомври 1950 год. Еден месец подоцна, станав општ пионер и ја добив мојата прва задача во Капускасинг. Тој град беше многу далеку од местото каде што живеев со моето семејство.

Додека служев во Квебек

Пролетта 1951 год., подружницата ги поттикна Сведоците кои зборуваат француски да размислат дали можат да се преселат во провинцијата Квебек, во која се зборува француски. Таму имаше голема потреба. Јас зборував и француски и англиски. Затоа решив да се преселам, и добив задача да служам во Рајн. Никого не познавав таму. Сѐ што имав беше адресата што ја спомнав претходно. Но сѐ испадна добро. Јас и Марсел станавме добри пријатели. Следните четири години уживав во службата во Квебек, а при крајот на овој период станав и специјален пионер.

ГИЛЕАД И ЕДНО ДОЛГО ИСЧЕКУВАЊЕ

Додека бев во Квебек, добив покана да присуствувам на 26-тиот клас на школата Гилеад во Саут Ленсинг (Њујорк). Бев многу радосен. Дипломирав на 12 февруари 1956 год. и добив задача да служам во регионот кој денес е познат како Гана, b во Западна Африка. Но пред да одам таму, морав да се вратам во Канада на „неколку седмици“ додека чекав да ми бидат готови документите.

На крај останав седум месеци во Торонто чекајќи за документите. Престојував кај семејството на брат Крипс, кое беше многу гостопримливо. Таму ја запознав неговата ќерка Шила. Се заљубивме еден во друг. Кога планирав да ја побарам за жена, пристигна мојата виза. Јас и Шила се молевме во врска со ова и решивме сепак да одам на мојата задача. Но се договоривме да си праќаме писма за да видиме дали, и кога, во иднина би можеле да стапиме во брак. Не беше лесно да се донесе таа одлука, но подоцна сфативме дека одлуката беше исправна.

Откако цел месец патував со воз, товарен брод и авион, стигнав во Акра (Гана). Таму служев како областен надгледник. Тоа вклучуваше да патувам низ Гана, како и низ соседните земји Брегот на Слоновата Коска и Тоголенд (денес Того). Поголемиот дел од времето патував сам со еден џип од подружницата. Уживав во секој момент!

За време на викендите, имав задачи на покраинските собири. Немавме конгресни сали. Затоа браќата правеа привремени покриви од бамбусови столбови покриени со палмови гранки кои служеа како заштита од жешкото сонце. Бидејќи на овие локации немаше фрижидери, браќата чуваа животни во близина за да можат да ги приготват како храна за присутните.

На овие собири се случуваа некои смешни работи. Еднаш, кога еден мисионер по име Херб Џенингс c држеше говор, една крава избега од местото каде што требаше да се приготви за храна. Трчаше измеѓу бината и публиката. Херб запре со говорот, а кравата изгледаше потполно збунето. На радост на присутните, четири силни браќа успеаја да ја фатат кравата и да ја вратат назад.

Во деновите кога немаше собири, во околните села го прикажував нашиот филм Општеството на новиот свет во акција. Го прикажував филмот на бело платно оптегнато меѓу два столба или две дрвја. На тамошните жители им се допаѓаше филмот. За многумина, тоа беше првиот филм што некогаш го гледале. Тие гласно аплаудираа кога ги гледаа сцените во кои луѓе се крштаваат. Овој филм навистина им помогна на оние што го гледаа да сфатат дека ние сме една обединета меѓународна организација.

Кога се венчавме во Гана (1959)

По отприлика две години во Африка, бев радосен што во 1958 год. можев да присуствувам на меѓународен конгрес во Њујорк. Бев пресреќен што можев да ја видам Шила, која беше дојдена од Квебек, каде што служеше како специјален пионер. Се допишувавме преку писма, но сега бевме повторно заедно. Ја прашав дали сака да се омажи за мене, и таа прифати. Му пишав на брат Нор d и го прашав дали Шила може да присуствува на Гилеад и потоа да ми се придружи во Африка. Тој се согласи. Шила конечно пристигна во Гана. Се венчавме во Акра на 3 октомври 1959 год. Сфативме дека Јехова навистина нѐ благослови затоа што и двајцата го ставивме на прво место во нашиот живот.

СЛУЖИМЕ ЗАЕДНО ВО КАМЕРУН

Додека служев во подружницата во Камерун

Во 1961 год., добивме задача да служиме во Камерун. Браќата ме замолија да помагам во основањето на нова подружница, и затоа бев многу зафатен. Како нов слуга на подружницата, имав многу да учам. Потоа, во 1965 год., дознавме дека Шила е бремена. Морам да признаам дека ни требаше време да се навикнеме на мислата дека ќе станеме родители. Само што почнавме да се радуваме за оваа нова одговорност и да правиме планови да се вратиме во Канада, доживеавме страшна загуба.

Шила имаше спонтан абортус. Лекарот ни кажа дека бебето кое требаше да се роди било машко. Ова се случи пред повеќе од 50 години, но никогаш не го заборавивме. Иако бевме многу тажни поради она што се случи, останавме на нашата задача која многу ја сакавме.

Со Шила во Камерун (1965)

Во Камерун, нашите браќа и сестри честопати беа прогонувани поради нивната политичка неутралност. Ситуацијата беше особено напната за време на претседателските избори. На 13 мај 1970 год. се случи она од кое најмногу се плашевме — Јеховините сведоци беа официјално забранети. Убавата нова подружница во која се доселивме само пет месеци претходно беше запленета од властите. За помалку од една седмица, од земјата беа протерани сите мисионери, вклучувајќи нѐ и мене и Шила. Ни беше тешко да ги оставиме нашите браќа и сестри бидејќи многу ги сакавме и бевме загрижени што ќе се случи со нив.

Следните шест месеци ги поминавме во подружницата во Франција. Таму продолжив да правам сѐ што можам за да се грижам за потребите на нашите браќа во Камерун. Во декември истата година, добивме задача да служиме во подружницата во Нигерија, која почна да се грижи за делото во Камерун. Браќата и сестрите во Нигерија срдечно нѐ пречекаа, и се радувавме што можевме неколку години да служиме таму.

ЕДНА ТЕШКА ОДЛУКА

Во 1973 год., требаше да донесеме една многу тешка одлука. Шила се бореше со некои сериозни здравствени проблеми. Додека бевме во Њујорк за конгрес, таа се расплака и ми рече: „Не можам повеќе вака! Исцрпена сум и многу често сум болна и уморна“. Служевме заедно во Западна Африка повеќе од 14 години. Се гордеев со службата што таа ја извршуваше, но требаше да направиме некои промени. Откако разговаравме за нашата ситуација и се молевме долго и сесрдно во врска со тоа, одлучивме дека треба да се вратиме во Канада, каде што ќе можеме подобро да се грижиме за нејзиното здравје. Тоа што требаше да ги напуштиме мисионерската задача и полновремената служба беа најтешките одлуки што некогаш требаше да ги донесеме.

Откако пристигнавме во Канада, јас добив работа кај еден долгогодишен пријател кој имаше салон за автомобили во еден град северно од Торонто. Изнајмивме стан, купивме половен мебел и успеавме да го започнеме нашиот нов живот без да влеземе во долгови. Сакавме да водиме едноставен живот, надевајќи се дека еден ден повторно ќе можеме да започнеме со полновремена служба. Бевме изненадени бидејќи тоа се случи многу побргу отколку што очекувавме.

Во саботите почнав да помагам на местото каде што се градеше една нова конгресна сала во Норвал (Онтарио). По некое време, ме замолија да служам како надгледник на конгресната сала. Здравјето на Шила се подобруваше, и сметавме дека таа би можела да ме поддржува во оваа нова задача. Така, во јуни 1974 год. се преселивме во станот во конгресната сала. Бевме многу радосни што повторно започнавме со полновремена служба!

За среќа, здравјето на Шила и понатаму се подобруваше. Две години подоцна, можевме да ја прифатиме поканата да служиме во патувачкото дело. Покраината се наоѓаше во Манитоба, канадаска провинција позната по ладните зими. Сепак, уживавме во топлината и срдечноста на браќата и сестрите таму. Сфативме дека не е најважно каде служиме, туку дека најважно е да продолжиме да му служиме на Јехова каде и да сме.

НАУЧИВ ВАЖНА ЛЕКЦИЈА

Откако неколку години служевме во патувачкото дело, во 1978 год. бевме поканети да служиме во Бетелот во Канада. Кратко потоа, научив една тешка, но важна лекција. Добив задача да одржам говор од час и половина на француски, на еден посебен состанок во Монтреал. За жал, мојот говор не го задржа вниманието на публиката, и еден брат од Одделението за служба ми даде совет во врска со тоа. Искрено, тогаш требаше да го сфатам она што сега го сфаќам — дека не сум многу вешт говорник. Но, не реагирав добро на советот. Нашиот разговор не помина добро. Јас бев вознемирен бидејќи мислев дека премногу ме критикуваше — за ништо не ме пофали. Грешка беше што дозволив начинот на кој ми беше даден советот и мислењето што го имав за лицето кое ми го даде да влијаат врз начинот на кој реагирав на советот.

Научив важна лекција по еден говор што го одржав на француски

По неколку дена, еден брат од Одборот на подружницата зборуваше со мене во врска со тоа. Признав дека не реагирав добро на советот што ми беше даден и кажав дека ми е жал за тоа. Потоа, зборував со братот кој ми го даде советот. Тој спремно го прифати моето извинување. Ова беше лекција за понизност која никогаш нема да ја заборавам (Изр. 16:18). Често му се молам на Јехова во врска со ова и решен сум никогаш повторно да не реагирам лошо кога ќе добијам совет.

Повеќе од 40 години сум во Бетелот во Канада, а од 1985 год. служам во Одборот на подружницата. Во февруари 2021 год., мојата драга Шила почина. Освен болката што ја чувствувам поради оваа загуба, се борам и со здравствени проблеми. Но толку сум зафатен и среќен во службата за Јехова што не размислувам често „за деновите на животот свој“ (Проп. 5:20). Иако низ животот се борев со многу предизвици, сепак добив многу повеќе благослови. Тоа што го ставив Јехова на прво место во мојот живот и што веќе 70 години сум во полновремена служба, ми донесе вистинско задоволство. Се молам за младите браќа и сестри и понатаму да го ставаат Јехова на прво место во својот живот, бидејќи сум уверен дека и тие ќе имаат исполнет и среќен живот — што е возможно само ако му служиме на Јехова.

a Види ја животната приказна на Марсел Филтоу со наслов „Јехова е мое прибежиште и сила“, која излезе во Стражарска кула од 1 февруари 2000.

b До 1957 год., овој регион од Африка беше британска колонија и беше наречен Златен Брег.

c Види ја животната приказна на Херберт Џенингс со наслов „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“, која излезе во Стражарска кула од 1 декември 2000.

d Натан Нор предводел во делото во тоа време.