Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 37

ПЕСНА 118 „Дај ни уште вера!“

Писмо кое може да ни помогне верно да истраеме до крајот

Писмо кое може да ни помогне верно да истраеме до крајот

Довербата што ја имавме во почетокот да ја зачуваме до крајот (ЕВР. 3:14)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да извлечеме практични поуки од писмото до Евреите кои ќе ни помогнат верно да истраеме до крајот на овој свет.

1-2. а) Каква била ситуацијата во Јудеја кога апостол Павле го напишал писмото до Евреите? б) Зошто ова писмо било навремено?

 ВО ГОДИНИТЕ што следеле по смртта на Исус, христијаните што живееле во Ерусалим и Јудеја се соочиле со многу тешкотии. Кратко откако било формирано христијанското собрание, започнало жестоко прогонство (Дела 8:1). Околу 20 години подоцна, христијаните се соочиле со сериозни економски проблеми, можеби поради гладот кој претходно ја погодил земјата (Дела 11:27-30). Сепак, околу 61 год. од н.е., христијаните живееле во релативен мир во споредба со она што следело потоа. Во тој период, тие добиле писмо кое го напишал апостол Павле под водство на светиот дух — писмо кое дошло токму во вистинско време.

2 Писмото кое го добиле Евреите било навремено бидејќи мирот во кој живееле христијаните немало да трае долго. Павле им дал практични совети кои ќе им помогнеле да истраат во неволјата со која наскоро ќе се соочеле. Се приближувало уништувањето на Ерусалим кое било проречено од Исус (Лука 21:20). Се разбира, ниту Павле ниту христијаните во Јудеја не знаеле кога точно ќе настапи тоа уништување. И покрај тоа, овие христијани можеле да го искористат преостанатото време за да се подготват така што ќе развивале особини како што се вера и истрајност (Евр. 10:25; 12:1, 2).

3. Зошто писмото до Евреите е особено важно за христијаните денес?

3 Нам ни претстои далеку поголема неволја од онаа со која се соочиле христијаните кои живееле во Ерусалим и во Јудеја (Мат. 24:21; Отк. 16:14, 16). Затоа, ајде да разгледаме некои од практичните совети кои Јехова им ги дал на овие христијани, а кои може да ни користат и нам.

„ДА НАПРЕДУВАМЕ КОН ЗРЕЛОСТ“

4. Што не им било лесно на еврејските христијани, и зошто? (Види ја и сликата.)

4 Еврејските христијани требало да направат големи промени кои воопшто не биле лесни за нив. Едно време, Евреите биле Јеховиниот избран народ. Ерусалим било местото каде што израелските цареви седеле на Јеховиниот престол како претставници на самиот Бог, а храмот бил најважното место на кое Евреите го обожавале Јехова. Сите верни Евреи го држеле Мојсеевиот закон онака како што ги поучувале нивните верски водачи. Овие учења влијаеле врз нивната исхрана, врз нивното гледиште за обрежувањето, па дури и врз начинот на кој се однесувале со луѓето од другите народи. Сепак, по смртта на Исус, Мојсеевиот закон престанал да важи. Јехова повеќе не ги прифаќал жртвите што Евреите ги принесувале во храмот. Бидејќи биле навикнати да се држат за Законот, на Евреите кои станале христијани не им било лесно да го сменат својот начин на обожавање (Евр. 10:1, 4, 10). Дури и на некои зрели христијани, како што бил апостол Петар, им било тешко да прифатат некои од промените (Дела 10:9-14; Гал. 2:11-14). Поради новите верувања, овие христијани станале мета на еврејските верски водачи.

Христијаните требало цврсто да се држат за вистината така што ќе ги отфрлеле погрешните учења од еврејските верски противници (види во пасуси 4-5)


5. Од што требало да се чуваат христијаните?

5 Еврејските христијани се соочиле со противење од страна на две групи луѓе. Едната група ја сочинувале еврејските верски водачи кои постапувале со нив како со отпадници. А втората група ја сочинувале некои што тврделе дека се христијани и кои настојувале следбениците на Христос да продолжат да држат некои работи од Мојсеевиот закон, можеби за да не бидат прогонувани (Гал. 6:2). Што им помогнало на верните христијани да се држат за вистината?

6. На што ги поттикнал Павле своите соверници? (Евреите 5:14 — 6:1).

6 Во своето писмо до Евреите, Павле ги поттикнал своите соверници подлабоко да ја проучуваат Божјата Реч. (Прочитај Евреите 5:14 — 6:1.) Со помош на Хебрејските списи, Павле им објаснил зошто начинот на кој христијаните го обожаваат Јехова е далеку подобар од начинот на кој Евреите го обожаваат. a Павле знаел дека тоа што тие христијани ќе стекнеле поголемо знаење и подлабоко разбирање за вистината ќе им помогнело да ги препознаат и да ги отфрлат погрешните учења, и така да не бидат заведени.

7. Со каква опасност се соочуваме денес?

7 Исто како христијаните во Ерусалим и во Јудеја, и ние денес доаѓаме во контакт со луѓе кои шират информации и учења кои се спротивни на Јеховините праведни мерила. Противниците честопати го напаѓаат нашето гледиште за моралот, кое се темели на Библијата, и тврдат дека сме нетолерантни и сурови. Ставовите и мислењата на луѓето од светот сѐ повеќе се во спротивност со Божјето совршено гледиште за работите (Изр. 17:15). Затоа мора да ја зајакнеме нашата способност да ги препознаваме и да ги отфрламе идеите кои ги шират противниците со цел да нѐ обесхрабрат, па дури и да нѐ заведат (Евр. 13:9).

8. Како може да продолжиме да напредуваме кон христијанска зрелост?

8 Добро е да го земеме при срце советот што Павле им го дал на еврејските христијани — да продолжат да напредуваат кон христијанска зрелост. Тоа вклучува да стекнуваме сѐ подлабоко разбирање за вистината и да го прифатиме Јеховиниот начин на размислување. Овој процес продолжува дури и откако едно лице ќе му го заветува својот живот на Јехова и ќе се крсти. Без разлика колку долго сме во вистината, сите ние мора редовно да ја читаме и да ја проучуваме Божјата Реч (Пс. 1:2). Тоа што ќе имаме навика редовно да проучуваме ќе ни помогне да зајакнеме една особина која Павле ја истакнал во своето писмо до Евреите — верата! (Евр. 11:1, 6).

„ОНИЕ ШТО ВЕРУВААТ... СИ ГО СПАСУВААТ ЖИВОТОТ“

9. Зошто на христијаните во Ерусалим и во Јудеја им била неопходна силна вера?

9 На еврејските христијани ќе им била потребна силна вера за да ја преживеат претстојната неволја која ѝ се заканувала на Јудеја (Евр. 10:37-39). Исус ги предупредил своите следбеници дека, кога ќе го виделе Ерусалим опколен од улогорени војски, ќе требало да бегаат во планините. Неговиот совет важел за сите христијани, без разлика дали тие живееле во градот или во селата (Лука 21:20-24). Во тоа време, ако се заканувала опасност од некоја војска, луѓето обично би барале заштита во утврдените градови како Ерусалим. Да се бега во планините ќе изгледало нелогично и, за да се направи тоа, ќе била потребна голема вера.

10. На што ќе ги поттикнела христијаните силната вера? (Евреите 13:17).

10 Еврејските христијани ќе требало да имаат доверба и во оние кои Исус ги користел за да го води собранието. Оние што предводеле веројатно дале конкретни упатства за да им помогнат на сите во собранието да го послушаат советот на Исус во вистинско време и на вистински начин. (Прочитај Евреите 13:17.) Грчкиот збор кој во Евреите 13:17 е преведен со „бидете послушни“ буквално значи едно лице да биде убедено, што подразбира спремно да го прифати водството затоа што има доверба во оној што го дава. Тоа вклучува повеќе отколку да се биде послушен на некој само затоа што тој има право да даде водство. Значи, христијаните во Ерусалим и во Јудеја требало да стекнат доверба во оние што предводеле уште пред да дојде неволјата. Ако во време на мир послушно ги следеле упатствата на оние што предводеле, на христијаните ќе им било многу полесно да го прават тоа во тешко време.

11. Зошто е неопходно христијаните денес да имаат силна вера?

11 Исто како на христијаните на кои Павле им го напишал писмото, и нам денес ни е потребна вера. Живееме во време во кое повеќето луѓе го отфрлаат, па дури и го исмеваат предупредувањето што Библијата го дава за крајот на овој свет (2. Пет. 3:3, 4). Освен тоа, иако Библијата ни дава некои информации за тоа што ќе се случува во големата неволја, има многу работи кои не ги знаеме. Треба да имаме силна вера дека крајот на овој свет ќе дојде токму навреме и дека Јехова ќе се грижи за нас (Авак. 2:3).

12. Што ќе ни помогне да ја преживееме големата неволја?

12 И ние мора да си ја зајакнеме верата дека Јехова денес нѐ води преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Кога ќе започне големата неволја, можеби ќе добиеме конкретни животоспасувачки упатства, исто како што можеби добиле христијаните кои живееле во Ерусалим и во Јудеја кога дошла римската војска. Сега е време да си ја зајакнеме довербата во водството што го добиваме од оние што предводат во Јеховината организација. Не можеме да очекуваме дека во големата неволја со доверба ќе ги следиме нивните упатства доколку денес ни е тешко да го правиме тоа.

13. Зошто советот запишан во Евреите 13:5 бил соодветен?

13 Додека чекале да добијат знак за да бегаат, еврејските христијани требало и да водат едноставен живот и да немаат „љубов кон парите“. (Прочитај Евреите 13:5.) Некои од нив минале низ периоди на глад и сиромаштија (Евр. 10:32-34). Иако претходно биле спремни да поднесат тешкотии заради добрата вест, некои можеби почнале да се обидуваат да стекнат богатство, мислејќи дека тоа ќе им служи како заштита. Но, ниту една сума пари немало да ги заштити од претстојното уништување (Јак. 5:3). Всушност, на секој што ги сакал материјалните работи веројатно ќе му било потешко да избега, оставајќи ги својот дом и своите поседи.

14. Како силната вера може да влијае врз одлуките што денес ги носиме во врска со материјалните работи?

14 Ако имаме силна вера дека Јехова наскоро ќе го уништи овој свет, тогаш ќе бидеме решени да се бориме против материјализмот. Всушност, во текот на големата неволја, луѓето „своето сребро ќе го испофрлаат по улиците“ затоа што ќе сфатат дека „ниту нивното сребро ниту нивното злато не ќе може да ги избави во денот на Јеховиниот гнев“ (Езек. 7:19). Наместо да се концентрираме на тоа да заработиме што е можно повеќе пари, треба да носиме одлуки кои ќе ни помогнат да се грижиме за себе и за нашето семејство, а кои истовремено ќе ни овозможат да му служиме на Јехова. Тоа вклучува да се спротивставиме на искушението непотребно да се задолжуваме или да трупаме материјални работи за кои подоцна ќе ни треба многу време за да ги одржуваме. Исто така, мора да внимаваме да не станеме премногу приврзани за нашите поседи (Мат. 6:19, 24). Додека го чекаме крајот на овој свет, материјалните работи може да бидат испит за нашата вера.

„ИСТРАЈНОСТА ВИ Е ПОТРЕБНА“

15. Зошто на христијаните во Ерусалим и во Јудеја особено им била потребна истрајност?

15 Бидејќи условите во Јудеја ќе се влошеле, тамошните христијани ќе се соочеле со големи испити на верата за кои ќе им била потребна истрајност (Евр. 10:36). Иако некои од нив се соочиле со жестоко прогонство, многумина го прифатиле христијанството во период на релативен мир. Павле спомнал дека, иако истрајале во големи испити на верата, сѐ уште не страдале како Исус — до смрт (Евр. 12:4). Бидејќи христијанството сѐ повеќе се ширело, еврејските противници станувале сѐ погневни и понасилни. Неколку години пред Павле да го напише ова писмо, една толпа го нападнала додека проповедал во Ерусалим. Повеќе од 40 Евреи се заколнале, повикувајќи проклетство на себе, дека нема ни да јадат ни да пијат додека не го убијат Павле (Дела 22:22; 23:12-14). И покрај религиозниот фанатизам и омразата, овие христијани ќе требало да продолжат да се собираат заедно за да го обожаваат Јехова, да ја проповедаат добрата вест и да си ја зајакнуваат верата.

16. Како писмото до Евреите може да ни помогне да имаме исправно гледиште за прогонството? (Евреите 12:7).

16 Што ќе им помогнело на христијаните кои живееле во Ерусалим и во Јудеја да истраат и покрај противењето? Павле знаел дека ќе треба да имаат исправно гледиште за своите неволји. Затоа тој објаснил дека, кога христијаните минуваат низ неволји, Јехова може да го искористи тоа за да ги обучи. (Прочитај Евреите 12:7.) Ваквата обука може да му помогне на еден христијанин да стекне или во уште поголема мера да развие особини кои му се допаѓаат на Јехова. Тоа што ќе се фокусирале на крајниот исход од таквите неволји ќе им помогнело на христијаните во Ерусалим и во Јудеја да истраат (Евр. 12:11).

17. Што научил Павле дека е потребно за да се истрае под прогонство?

17 Павле ги поттикнал еврејските христијани да бидат уште порешени да истраат во неволјите. Зошто тој можел да им даде добри совети во врска со тоа како да издржат под прогонство? Бидејќи порано ги прогонувал христијаните, Павле знаел колку сурово се постапувало со нив. Исто така, тој знаел како да истрае под прогонство. Всушност, откако станал христијанин, Павле се соочил со разни облици на противење (2. Кор. 11:23-25). Затоа можел со увереност да зборува за тоа што е потребно за да се истрае. Тој ги потсетил овие христијани дека, кога истрајуваат во неволјите, треба да се потпираат на Јехова, а не на себеси. Бидејќи и самиот го правел ова, Павле со храброст можел да каже: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам“ (Евр. 13:6).

18. Што ќе доживееме сите ние во иднина, и како може да се подготвиме?

18 Некои наши браќа и сестри токму сега истрајуваат под прогонство. Ние може верно да ги поддржуваме така што ќе се молиме за нив, а понекогаш ќе им помогнеме и на практични начини (Евр. 10:33). Библијата јасно вели дека „сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тим. 3:12). Од таа причина, сите ние треба да се подготвиме за она што ни претстои. Да продолжиме и понатаму да имаме потполна доверба во Јехова, уверени дека тој ќе ни помогне да истраеме во секоја неволја со која можеби ќе се соочиме. Во времето што го одредил, Јехова ќе донесе олеснување за сите свои верни слуги (2. Сол. 1:7, 8).

19. Кои работи може да ни помогнат да се подготвиме за големата неволја? (Види ја и сликата.)

19 Без сомнение, писмото на Павле до Евреите им помогнало на христијаните во првиот век да се подготват за неволјата што им претстоела. Павле ги поттикнал своите соверници да стекнат поголемо знаење и подлабоко разбирање за светите списи. Тоа ќе им помогнело да ги препознаат и да ги отфрлат учењата кои ќе им ја поткопале верата. Тој ги поттикнал да си ја зајакнат верата за да можат веднаш да ги послушаат упатствата од Исус и од оние што предводеле во собранието. Исто така, им помогнал на христијаните да развијат истрајност така што ги поттикнал да имаат исправен став кон неволјите и да гледаат на нив како на можност да бидат обучени од својот грижлив Татко. Овие совети од Божјата Реч важат и за нас денес. Ако се трудиме да ги примениме, ќе можеме верно да истраеме до самиот крај (Евр. 3:14).

Верните христијани биле благословени за нивната истрајност. Откако побегнале од Јудеја, тие продолжиле да се состануваат заедно. Што може ние да научиме од тоа? (види во пасус 19)

ПЕСНА 126 Бдејте, сите бидете јаки!

a Само во првото поглавје, Павле на седум места цитирал од Хебрејските списи за да покаже дека начинот на кој христијаните го обожаваат Бог е далеку подобар од начинот на кој го обожаваат Евреите (Евр. 1:5-13).