Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Кога Исус ја воспоставил Господаровата вечера, каде биле 70-те ученици кои тој претходно ги испратил да проповедаат? Дали го напуштиле?

Не треба да мислиме дека Исус не ги прифатил 70-те ученици или дека тие го напуштиле само затоа што не биле присутни кога тој ја воспоставил Господаровата вечера. Во таа прилика, Исус едноставно сакал да биде со своите апостоли.

Тој ги прифатил за свои ученици и тие 70-мина и 12-те апостоли. Од многуте свои ученици, Исус најпрво избрал 12 мажи кои ги нарекол апостоли (Лука 6:12-16). Тој бил во Галилеја кога „ги [свикал] дванаесеттемина“ и кога „ги [испратил] да го проповедаат Божјето царство и да лекуваат болни“ (Лука 9:1-6). Подоцна, кога дошол во Јудеја, Исус „[одредил] седумдесетмина други и ги [испратил] двајца по двајца“ (Лука 9:51; 10:1). Како резултат на тоа, Исус имал ученици на различни места во кои тие ја проповедале пораката за него.

Евреите кои станале ученици на Исус, сѐ уште ја прославувале Пасхата еднаш годишно, најверојатно со своите семејства (2. Мој. 12:6-11, 17-20). Кратко пред својата смрт, Исус отишол во Ерусалим заедно со своите апостоли. Но, тој не ги повикал сите свои ученици од Јудеја, од Галилеја и од Переја да дојдат во Ерусалим и заедно да ја прослават Пасхата. Очигледно, во таа прилика, Исус сакал да биде само со своите апостоли. Тој им рекол: „Имав силна желба да ја јадам оваа пасхална жртва со вас пред да почнат моите страдања“ (Лука 22:15).

Исус имал добра причина за тоа. Наскоро, тој требало да умре како „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот!“ (Јован 1:29). Тоа требало да се случи во Ерусалим, каде што долго време му се принесувале жртви на Бог. Пасхалното јагне ги потсетувало Израелците дека Јехова ги избавил од Египет. Но со својата жртва, Исус ќе направел многу повеќе. Тој ќе го избавел целото човештво од гревот и од смртта! (1. Кор. 5:7, 8). Благодарение на жртвата на Исус, 12-те апостоли ќе станеле дел од темелот на христијанското собрание (Еф. 2:20-22). Интересно е тоа што светиот град Ерусалим има „дванаесет камен–темелници“ врз кои се напишани „дванаесетте имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето“ (Отк. 21:10-14). Значи, верните апостоли ќе имале важна улога во исполнувањето на Божјата намера. Разбирливо е зошто Исус сакал да биде со нив на последната Пасха и на она што следело веднаш потоа — Господаровата вечера.

На таа вечера, 70-мина и другите ученици не биле заедно со Исус. Сепак, сите верни ученици ќе извлечеле корист од Господаровата вечера која ја воспоставил Исус. Сите ученици кои ќе станеле помазани христијани ќе биле вклучени во сојузот за Царството, кој Исус им го спомнал на апостолите таа вечер (Лука 22:29, 30).