СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 8
ПЕСНА 130 Спремно да простуваме
Јехова ни ги простува гревовите — како да простуваме и ние
Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие (КОЛ. 3:13)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да разгледаме некои практични чекори кои ќе ни помогнат да му простиме на некој што нѐ повредил.
1-2. а) Кога може да ни биде особено тешко да му простиме некому? б) Како Дениса покажала дека простила?
ДАЛИ ти е тешко да им простуваш на другите? На многумина од нас им е тешко, особено кога некој ќе каже или ќе направи нешто со кое многу ќе нѐ повреди. Сепак, ние можеме да се избориме со повредените чувства и да простиме. На пример, размисли за искуството на една сестра по име Дениса, a која простила во една ситуација во која не би простил секој. Во 2017 год., Дениса и нејзиното семејство отишле да го посетат новоотвореното главно седиште на Јеховините сведоци. Додека биле на пат кон дома, еден друг возач изгубил контрола над неговиот автомобил и удрил во нивното возило. Во несреќата, Дениса паднала во бессознание. Кога се разбудила, таа дознала дека нејзините деца се тешко повредени, а дека нејзиниот сопруг, Брајан, загинал во несреќата. Присетувајќи се на тој момент, Дениса вели: „Се чувствував скршено и збунето“. Подоцна, таа дознала дека возачот кој удрил во нив не бил под дејство на алкохол или дрога, ниту пак дека нешто му го одвлекло вниманието. Затоа, го молела Јехова да ѝ даде мир за да може да ги контролира своите чувства.
2 Возачот бил обвинет за убиство без умисла. Ако судот го прогласел за виновен, ќе требало да оди во затвор. Но, еден судски службеник ѝ кажал на Дениса дека пресудата што ќе биде донесена за возачот во голема мера ќе зависи од она што таа ќе го каже. Дениса вели: „Бидејќи требаше да зборувам за најтешките моменти од мојот живот, се чувствував како некој да ми ги отворил раните и врз нив да истурил еден куп сол“. По само неколку седмици, Дениса била во судницата и требало да даде сведоштво пред човекот кој нејзе и на нејзиното семејство им нанел толку голема болка. Што рекла? Дениса го замолила судијата да покаже милост кон човекот. b Кога завршила со своето излагање, судијата почнал да плаче. Тој рекол: „Судија сум цели 25 години, но вакво нешто никогаш не сум слушнал во мојата судница. Никогаш не сум слушнал семејството на жртвата да моли за милост во корист на обвинетиот. Никогаш не сум видел ваква љубов и ваква спремност да се прости“.
3. Што ја поттикнало Дениса да прости?
3 Што ѝ помогнало на Дениса да прости? Таа размислувала за простувањето на Јехова (Мих. 7:18). Ако сме многу благодарни за тоа што Јехова ни простува нам, тоа ќе ни помогне да сакаме да им простуваме на другите.
4. Што сака Јехова да правиме? (Ефешаните 4:32).
4 Јехова сака да им простуваме на другите, исто како што и тој спремно ни простува нам. (Прочитај Ефешаните 4:32.) Тој очекува спремно да им простуваме на оние што ќе нѐ повредат (Пс. 86:5; Лука 17:4). Во оваа статија ќе разгледаме три работи кои ќе ни помогнат да простуваме во уште поголема мера.
НЕМОЈ ДА ГИ ПОТИСНУВАШ СВОИТЕ ЧУВСТВА
5. Според Изреки 12:18, како би можеле да се чувствуваме кога некој ќе нѐ повреди?
5 Може да бидеме длабоко повредени од нечии зборови или постапки, особено ако тоа лице ни е близок пријател или член на семејството (Пс. 55:12-14). Понекогаш, емоционалната болка што ја чувствуваме може да биде толку силна како некој да нѐ прободел со нож. (Прочитај Изреки 12:18.) Можеби ќе се обидеме да ги потиснеме или да ги игнорираме нашите повредени чувства. Но, ако правиме така, тоа би било како да сме го оставиле ножот во раната. Слично на тоа, не може да очекуваме нашите повредени чувства да се намалат ако само ги игнорираме.
6. Како би можеле да реагираме кога некој ќе нѐ повреди?
6 Кога некој ќе нѐ повреди со нешто, нашата прва реакција може да биде да се налутиме. Библијата отворено кажува дека може да се случи да се разгневиме. Сепак, таа нѐ предупредува дека не треба да останеме гневни (Пс. 4:4; Еф. 4:26). Зошто? Затоа што нашите емоции честопати водат до постапки. А гневот ретко води до добри резултати (Јак. 1:20). Не заборавај, не можеме секогаш да спречиме да не се разгневиме, но можеме да одлучиме да не останеме гневни.
Да се налутиш е реакција, но да останеш лут е избор
7. Какви други чувства би можеле да имаме кога некој ќе нѐ повреди?
7 Доколку некој постапил лошо со нас, можеби ќе почувствуваме и други негативни чувства. На пример, една сестра по име Ана вели: „Кога бев дете, татко ми ја остави мајка ми и се ожени за мојата дадилка. Се чувствував напуштено. Кога им се родија деца, се чувствував како некој да го зазел моето место. Пораснав со чувство дека не сум сакана“. Една сестра по име Џорџина опишува како се чувствувала кога маж ѝ ја изневерил: „Бевме пријатели уште од детството. Заедно служевме како пионери. Срцето ми беше скршено“. По некое време, тие се развеле. А една сестра по име Наоми вели: „Бев уверена дека мојот сопруг никогаш нема да ме повреди. Затоа, кога ми призна дека тајно гледал порнографија, се чувствував измамено и изневерено“.
8. а) Кои се некои причини зошто треба да им простуваме на другите? б) Каква корист имаме ако им простуваме на другите? (Види ја рамката „ Што ако сме доживеале траума поради нечии постапки?“)
8 Не можеме да имаме контрола врз тоа што ќе ни кажат или што ќе ни направат другите, но можеме да се обидеме да ја контролираме нашата реакција. И честопати, најдобриот начин на кој можеме да реагираме е да простиме. Зошто? Затоа што го сакаме Јехова, а тој очекува од нас да простуваме. Ако останеме гневни и ако не простиме, постои голема веројатност дека ќе направиме нешто глупаво, па дури би можеле да си го загрозиме и здравјето (Изр. 14:17, 29, 30). Размисли за примерот на една сестра по име Кристина. Таа вели: „Кога ќе ме обземе лутина, помалку се смеам и повеќе јадам нездрава храна. Исто така, не спијам доволно и тешко ми е да ги контролирам моите емоции, а тоа лошо се одразува врз мојот брак и врз моите односи со другите“.
9. Зошто треба да се ослободиме од чувствата на лутина?
9 Дури и ако лицето кое нѐ повредило никогаш не ни се извини, можеме да ја ублажиме штетата што ни ја нанело. Како? Џорџина, која ја спомнавме претходно, вели: „Ми требаше време, но престанав да чувствувам лутина и гнев кон мојот поранешен сопруг. Како резултат на тоа, почувствував огромен мир“. Кога се ослободуваме од чувствата на лутина, не дозволуваме огорченоста да влијае врз начинот на кој се однесуваме со другите. Исто така, со тоа си правиме добро на себеси — престануваме да мислиме на проблемот и повторно уживаме во животот (Изр. 11:17). Но, што треба да правиш ако сѐ уште не си спремен да простиш?
ИЗБОРИ СЕ СО СВОИТЕ ЧУВСТВА
10. Зошто треба да си дадеме себеси време за да закрепнеме во емоционален поглед? (Види ги и сликите.)
10 Како можеш да се избориш со твоите повредени чувства? Еден начин е така што ќе си дадеш време за да закрепнеш. Откако ќе добие медицинска нега, на едно лице кое било тешко повредено ќе му треба време за да закрепне во физички поглед. На сличен начин, можеби ќе ни треба време за да закрепнеме во емоционален поглед пред да бидеме спремни да му простиме некому од срце (Проп. 3:3; 1. Пет. 1:22).
11. Како може молитвата да ти помогне да простуваш?
11 Моли го Јехова да ти помогне да простуваш. c Ана, која беше спомната претходно, објаснува како ѝ помогнала молитвата. Таа вели: „Го молев Јехова да му прости на секого од нас во семејството за она што го кажал или направил, а не било исправно. Потоа, им напишав писмо на мојот татко и на неговата нова сопруга за да им кажам дека им простувам“. Ана признава дека тоа не ѝ било лесно. Сепак, таа вели: „Се надевам дека тоа што се трудам да простувам по примерот на Јехова ќе ги поттикне мојот татко и неговата сопруга да дознаат нешто повеќе за Јехова“.
12. Зошто треба да имаме доверба во Јехова наместо во своите чувства? (Изреки 3:5, 6).
12 Имај доверба во Јехова, а не во своите чувства. (Прочитај Изреки 3:5, 6.) Јехова секогаш знае што е најдобро за нас (Иса. 55:8, 9). И тој никогаш нема да бара од нас да направиме нешто што ќе ни наштети. Затоа, штом Јехова нѐ поттикнува да простуваме, можеме да бидеме уверени дека, ако правиме така, тоа ќе биде за наше добро (Пс. 40:4; Иса. 48:17, 18). Од друга страна, ако имаме доверба во своите чувства, можеби никогаш нема да можеме да простиме (Изр. 14:12; Ерем. 17:9). Наоми, која беше цитирана претходно, вели: „На почетокот, мислев дека не мора да му простам на мојот сопруг затоа што гледал порнографија. Се плашев дека повторно ќе ме повреди или дека ќе заборави колку многу болка ми нанесе. И си велев дека Јехова ги разбира моите чувства. Но, почнав да сфаќам дека само затоа што Јехова ги разбира моите чувства, не значи дека тој и се согласува со нив. Тој знае како се чувствувам и знае дека ми е потребно време за да закрепнам, но тој сака и да простам“. d
РАЗВИВАЈ ПОЗИТИВНИ ЧУВСТВА
13. Според Римјаните 12:18-21, што треба да правиме?
13 Кога ќе му простиме некому кој многу нѐ повредил, ние сакаме да правиме повеќе отколку само да одлучиме да не зборуваме за она што се случило. Ако личноста која нѐ повредила е и наш соверник, наша цел е да се помириме со него (Мат. 5:23, 24). Ние избираме гневот да го замениме со милост, а огорченоста со простување. (Прочитај Римјаните 12:18-21; 1. Пет. 3:9.) Што може да ни помогне да го направиме тоа?
14. Што треба да се трудиме да правиме, и зошто?
14 На личноста која нѐ повредила треба да се трудиме да гледаме онака како што гледа Јехова. Тој избира да го гледа доброто во луѓето (2. Лет. 16:9; Пс. 130:3). Обично, во луѓето ќе го најдеме она што го бараме — било да е тоа добро било лошо. Ако го бараме доброто во другите, ќе ни биде полесно да им простиме. На пример, еден брат по име Џеред вели: „Полесно ми е да му простам на некој брат кога размислувам за многуте добри работи што ми се допаѓаат кај него наместо на неговата грешка“.
15. Зошто е корисно да му кажеш некому дека му простуваш?
15 Друга важна работа која би можел да ја направиш е да му кажеш на оној што те повредил дека му простуваш. Зошто? Забележи што вели Наоми, која беше спомната претходно: „Мојот сопруг ме праша: ’Дали ми простуваш?‘ Кога ја отворив устата за да кажам ’ти простувам‘, не можев да ги изустам тие зборови. Сфатив дека му немав вистински простено во моето срце. По некое време, можев да ги изговорам тие два моќни збора ’ти простувам‘. Кога му простив, на мојот сопруг му се насолзија очите. Бев изненадена колку му олесна нему, а и колкав мир почувствував јас. Со текот на времето, повторно стекнав доверба во него, и сега повторно сме најдобри пријатели“.
16. Што научи во врска со простувањето?
16 Јехова сака да простуваме (Кол. 3:13). Сепак, може да ни биде тешко да го правиме тоа. Но, можеме да успееме ако не ги потиснуваме нашите чувства и ако се потрудиме да се избориме со нив. Потоа, може да развиваме нови позитивни чувства. (Види ја рамката „ Три чекори кои водат до простување“.)
РАЗМИСЛУВАЈ ЗА КОРИСТА ОД ПРОСТУВАЊЕТО
17. Зошто треба да им простуваме на другите?
17 Имаме многу причини да простуваме. Размисли само за некои од нив. Прво, го следиме примерот на нашиот милосрден Татко Јехова, и со тоа го радуваме (Лука 6:36). Второ, покажуваме благодарност за тоа што Јехова со љубов ни простил нам (Мат. 6:12). И трето, имаме подобро здравје и цврсти пријателства.
18-19. Што може да очекуваме кога простуваме?
18 Кога им простуваме на другите, можеме да доживееме неочекувани благослови. На пример, забележи што ѝ се случило на Дениса, која беше спомната претходно. Иако тогаш не го знаела тоа, човекот кој ја предизвикал несреќата по судењето планирал да се самоубие. Но, толку многу го трогнало тоа што Дениса му простила што почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци.
19 Можеби мислиме дека простувањето е најтешката работа што некогаш ќе треба да ја направиме, но тоа може да ни донесе и обилни благослови (Мат. 5:7). Затоа, да дадеме сѐ од себе за да простуваме по примерот на Јехова.
ПЕСНА 125 „Среќни се милосрдните“
a Некои имиња се сменети.
b Во ваква ситуација, секој христијанин мора да донесе лична одлука за тоа како ќе постапи.
c На jw.org, гледај ги видеоклиповите за песните „Помогни ми да простам“ и „Пријатели ко порано“.
d Иако гледањето порнографија е многу погрешно и штетно, сепак тоа не му дава на невиниот сопружник библиска основа за развод.