СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 7
ПЕСНА 15 Слави го Јеховиниот првороден Син!
Јехова ни ги простува гревовите — што значи тоа за тебе
Во тебе е вистинското простување (ПС. 130:4)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да разгледаме некои живописни споредби од Библијата кои ќе ни го зголемат ценењето за уникатниот начин на кој Јехова ни простува.
1. Зошто е тешко да знаеме што навистина мисли некој кога ќе ни каже дека ни простил?
„ТИ ПРОСТУВАМ.“ Ако некој ти ги каже овие зборови, веројатно ќе почувствуваш големо олеснување, особено ако знаеш дека си кажал или дека си направил нешто што го повредило. Но, што навистина значат зборовите „ти простувам“? Дали со тие зборови личноста што си ја повредил сака да ти каже дека сѐ уште сте добри пријатели? Или едноставно сака да ти каже дека повеќе не сака да зборува за она што се случило? Кога луѓето ќе ни кажат дека ни простуваат, тешко е да знаеме што навистина мислат со тоа.
2. Како е опишано во Библијата простувањето од Јехова? (Види ја и фуснотата.)
2 Начинот на кој Јехова ни простува нам, несовршените луѓе, многу се разликува од начинот на кој ние си простуваме еден на друг. Простувањето на Јехова е уникатно. Во врска со Јехова, псалмистот рекол: „Во тебе е вистинското простување, за да се бојат од тебе“ a (Пс. 130:4). Простувањето од Јехова е вистинско простување. Тој ни покажува што навистина значи да се прости. Библиските писатели, во некои стихови од Хебрејските списи, за простувањето користеле еден хебрејски збор кој никогаш не се користел за да се опише начинот на кој простуваат луѓето.
3. По што се разликува начинот на кој Јехова простува од начинот на кој простуваме ние? (Исаија 55:6, 7).
3 Кога Јехова ќе му прости некому, гревот на тој човек е потполно избришан и тој повторно може да биде близок пријател со него. Многу сме благодарни што Јехова простува потполно и великодушно. (Прочитај Исаија 55:6, 7.)
4. Како Јехова ни помага да сфатиме што е вистинско простување?
4 Бидејќи начинот на кој Јехова простува се разликува од нашиот, како можеме ние како несовршени луѓе да сфатиме што е вистинско простување? Јехова користи живописни споредби за да ни помогне да разбереме како тој ни простува. Во оваа статија ќе разгледаме некои од нив. Тие ни помагаат да сфатиме дека, кога се каеме, Јехова го отстранува нашиот грев и ни дозволува повторно да бидеме блиски пријатели со него. Додека ги разгледуваме овие споредби, ќе се зголеми нашата благодарност кон нашиот милостив Татко, кој своето простување го опишал на толку многу начини.
ЈЕХОВА ГО ОТСТРАНУВА ГРЕВОТ
5. Што се случува кога Јехова ни ги простува гревовите?
5 Во Библијата, гревовите честопати се споредени со тежок товар. Цар Давид ги опишал своите гревови со следниве зборови: „Моите престапи ми се прелија преку глава, како тежок товар, претешки се за мене“ (Пс. 38:4). Но, Јехова им ги простува гревовите на оние што се каат (Пс. 25:18; 32:5). Хебрејскиот израз кој во овие стихови е преведен со „прости“ во основа значи „крева“ или „носи“. Значи, кога Јехова ни ги простува гревовите, тој го отстранува тешкиот товар, односно вината што ја чувствуваме. Тоа е како да носиме тежок товар на нашите раменици, а Јехова го крева тој товар и го однесува.
6. Колку далеку Јехова ги трга нашите гревови од нас?
6 Една друга споредба покажува колку далеку Јехова ги оддалечува нашите гревови од нас. Во Псалм 103:12 пишува: „Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“. Исток е на најголемата можна оддалеченост од запад. Тие две точки никогаш не можат да се спојат. Ова значи дека Јехова ги оддалечува од нас нашите гревови најдалеку што можеме да си замислиме. Овој опис нѐ уверува дека Јехова потполно ни простува.
7. Како го опишува Библијата она што Јехова го прави со нашите гревови? (Михеј 7:18, 19).
7 Иако, симболично кажано, Јехова ги зема и ги оддалечува нашите гревови од нас, дали тој ги чува кај себе? Не. Цар Езекија за Јехова напишал: „Сите мои гревови ти ги фрли зад грб“ (Иса. 38:9, 17). Овој опис покажува дека Јехова ги зема гревовите на оние што се каат и ги фрла далеку од својот поглед. Оваа изјава може да се преведе и на следниов начин: „На моите гревови ти гледаш како никогаш да не се случиле“. Во Библијата, оваа мисла е нагласена и со една друга споредба која е запишана во Михеј 7:18, 19. (Прочитај.) Во овие стихови пишува дека Јехова ги фрла нашите гревови во морските длабочини. Во минатото, ако нешто било фрлено во морските длабочини, никогаш повеќе не можело да се најде.
8. Што научивме досега?
8 Од овие споредби дознавме дека, кога Јехова ни простува, тој нѐ ослободува од товарот на нашите гревови. Како што рекол Давид, „среќни се оние чии незаконски дела се простени и чии гревови се покриени. Среќен е човекот кому Јехова не му го вбројува гревот“ (Рим. 4:6-8). Ова е вистинско простување!
ЈЕХОВА ГО БРИШЕ ГРЕВОТ
9. Кои споредби ги користи Јехова за да ни помогне да сфатиме во колкава мера ни простува?
9 Јехова користи и други споредби за да ни помогне да ја цениме откупната жртва преку која тој ги брише гревовите на оние што се каат. Симболично кажано, за Јехова се вели дека ги мие и дека ги пере овие гревови. Како резултат на тоа, оној што згрешил е исчистен (Пс. 51:7; Иса. 4:4; Ерем. 33:8). Самиот Јехова ги опишал резултатите од овој процес: „Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна“ (Иса. 1:18). Многу е тешко да се исчисти една црвена флека од облеката. Но, преку оваа споредба, Јехова нѐ уверува дека нашите гревови можат да бидат толку темелно исчистени што повеќе нема да бидат видливи.
10. Кој друг опис го користи Јехова за да покаже до кој степен ни простува?
10 Како што беше спомнато во претходната статија, гревовите се споредени и со „долгови“ (Мат. 6:12; Лука 11:4). Значи, секогаш кога ќе му згрешиме на Јехова, ни се зголемува долгот. Нашиот долг кон него е огромен! Но, кога Јехова ни простува, тоа е како да ни го поништува долгот кој би требало да го платиме. Тој никогаш нема да побара да му платиме долг за гревовите што веќе ни ги простил. Оваа споредба на убав начин покажува колкаво олеснување чувствуваме кога Јехова ќе ни прости!
11. Што значи тоа што Библијата вели дека нашите гревови се „избришани“? (Дела 3:19).
11 Јехова прави повеќе отколку само да ги поништи нашите долгови, односно гревови — тој ги брише. (Прочитај Дела 3:19.) Да го споредиме ова со еден пример. Замисли си дека некој ја пречкртува сумата пари што ја должиш. Сепак, бројките под таа линија сѐ уште се видливи. Потполно е поинаква ситуацијата кога нешто сосема ќе се избрише. За да ја разбереме оваа споредба, треба да имаме на ум дека, во минатото, мастилото што се користело лесно можело да се избрише со вода. Можело да се земе влажен сунѓер и да се избрише она што било напишано. Значи, кога некој долг ќе бил избришан, тој потполно исчезнувал. Никој не можел да види што било напишано претходно. Тоа било како долгот никогаш да не постоел. Навистина, многу е утешно тоа што Јехова не само што ги пречкртува нашите гревови туку и потполно ги брише (Пс. 51:9).
12. Што учиме од споредбата со облаците?
12 Јехова користи слична споредба за да опише како ги брише гревовите. Тој вели: „Ќе ги избришам твоите престапи, и ќе биде како да ги скрил облак, и гревовите, како да ги скриле облаци“ (Иса. 44:22). Кога Јехова простува, тоа е како да користи густи облаци за нашите престапи потполно да исчезнат и од пред нашиот и од пред неговиот поглед.
13. Како се чувствуваме кога Јехова ни ги простува гревовите?
13 Што значи ова за нас? Откако Јехова ќе ни ги прости нашите гревови, не треба да мислиме дека ќе ја носиме дамката од тие гревови до крајот на нашиот живот. Со својата крв, Исус во потполност го платил долгот за нашите гревови. Кога Јехова ни простува некој грев, тоа е како никогаш да не сме го направиле. Кога ќе се покаеме за нашите гревови, Јехова ни простува токму на ваков начин.
ЈЕХОВА ПОВТОРНО НЀ ПРИФАЌА ЗА БЛИСКИ ПРИЈАТЕЛИ
14. Зошто можеме да имаме доверба дека Јехова потполно ќе ни прости? (Види ги и сликите.)
14 Вистинското простување што доаѓа од Јехова ни овозможува да имаме добар однос со него. Ни помага да не бидеме преплавени од чувства на вина. Не треба да се плашиме дека Јехова сѐ уште чувствува лутина и дека бара начин да нѐ казни. Тоа нема никогаш да се случи. Зошто можеме да му веруваме на Јехова кога вели дека ни простува? На пророкот Еремија тој му рекол: „Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:34). Апостол Павле ги цитирал овие зборови кога рекол: „Повеќе нема да се присетувам на нивните гревови“ (Евр. 8:12). Но што, всушност, значи ова?
15. Во која смисла Јехова повеќе не се сеќава на нашите гревови?
15 Во Библијата, изразот „се сеќава“ не се однесува секогаш на некој кој размислува за нешто што се случило во минатото. Наместо тоа, може да се однесува на некој кој прави нешто. Злосторникот, кој висел на столбот до Исус, го побарал следново: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ (Лука 23:42, 43). Тој не барал Исус само да помисли на него во тоа време. Исус му кажал на злосторникот дека ќе направи нешто за него, односно дека ќе го воскресне. Значи, кога Јехова вели дека повеќе нема да се сеќава на нашите гревови, тоа значи дека тој нема да преземе нешто против нас. Јехова нема да нѐ казни во иднина за гревовите што веќе ни ги простил.
16. Како Библијата ја опишува слободата што доаѓа од вистинското простување?
16 Библијата користи уште една споредба за да ни помогне да ја сфатиме слободата која доаѓа од вистинското простување. Бидејќи сме несовршени и склони да грешиме, ние сме споредени со „робови на гревот“. Но, благодарение на тоа што Јехова ни простува, ние сме како робови кои се „ослободени од гревот“ (Рим. 6:17, 18; Отк. 1:5). Навистина, кога знаеме дека Јехова ни простил, ние можеме да бидеме среќни исто како еден роб кој бил ослободен.
17. Како простувањето води до лекување? (Исаија 53:5).
17 Прочитај Исаија 53:5. Во последната споредба што ќе ја разгледаме, споредени сме со луѓе кои имаат смртоносна болест. Благодарение на откупната жртва што Јехова ја обезбедил преку неговиот Син, симболично кажано, ние сме излекувани (1. Пет. 2:24). Кога грешиме, ние си го нарушуваме пријателството со Јехова, но поради откупната жртва тој може да ни прости и можеме повторно да имаме близок однос со него. Исто како што некој е многу радосен кога е излекуван од тешка болест, така и ние сме многу радосни кога сме излекувани во духовен поглед и кога повторно го имаме Јеховиното одобрување.
ШТО ЗНАЧИ ЗА НАС ТОА ШТО ЈЕХОВА НИ ПРОСТУВА
18. Што научивме од различните споредби што се запишани во Библијата во врска со Јеховиното простување? (Види ја и рамката „Како Јехова ни простува“.)
18 Што научивме од споредбите во Библијата во врска со Јеховиното простување? Кога Јехова ни ги простува гревовите, тоа е како тие никогаш да не се случиле, и можеме да бидеме сигурни дека тој нема да нѐ казни за нив во иднина. Тоа ни овозможува да имаме добар однос со нашиот небесен Татко. Сепак, ние знаеме дека вистинското простување од Јехова е дар кој тој ни го дава бидејќи нѐ сака и е великодушен, а не бидејќи ние го заслужуваме тоа (Рим. 3:24).
19. а) За што треба да бидеме благодарни? (Римјаните 4:8). б) Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Прочитај Римјаните 4:8. Многу сме благодарни што Јехова е Богот на вистинското простување! (Пс. 130:4). Но, ако сакаме да ни биде простено, ние мора да правиме нешто многу важно. Забележи што рекол Исус: „Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Мат. 6:14, 15). Според тоа, јасно е дека мора да го следиме примерот на Јехова и да им простуваме на другите. Но, како можеме да го правиме тоа? Во следната статија ќе видиме што сѐ е вклучено во тоа.
ПЕСНА 46 Ти благодариме, Јехова!
a Во изворниот текст на хебрејски јазик се користи израз кој ја пренесува мислата дека Јехова е единствениот кој може потполно да ги прости гревовите. Многу други библиски преводи не ја пренесуваат оваа важна мисла во овој стих.