Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Едноставно прашање што секој може да го постави

Едноставно прашање што секој може да го постави

Мери и нејзиниот сопруг, Џон, a живеат во земја каде што добрата вест може да се проповеда на многу работници кои доаѓаат од Филипините. Во текот на пандемијата со КОВИД-19, Мери започнала библиски курсеви не само во земјата каде што живее туку и на други места во светот. Како успеала во тоа?

Мери ги прашувала нејзините интересентки: „Дали знаеш некој друг што би сакал да ја проучува Библијата?“ Ако рекле да, ќе ги замолела да ја запознаат со нив. Ова едноставно прашање честопати води до добри резултати. Зошто? Бидејќи луѓето кои ја ценат Божјата Реч обично сакаат да им го кажат она што го учат на семејството и на блиските пријатели. Каков бил резултатот од прашањето на Мери?

Интересентката на Мери, Џасмин, ја запознала со четири други лица кои сакале да ја проучуваат Библијата. Една од нив, Кристин, толку уживала во курсот што ја замолила Мери да проучуваат двапати седмично. Кога Мери ја прашала дали познава некој друг што би сакал да ја проучува Библијата, Кристин рекла: „Да, ќе те запознаам со моите пријателки“. За неколку седмици, Кристин ја запознала Мери со четири пријателки кои сакале библиски курс. Подоцна, Кристин ја запознала и со други пријателки, а некои од нив препорачале и други лица кои би биле заинтересирани.

Кристин сакала и нејзината фамилија на Филипините да учи да Библијата. Затоа, зборувала со својата ќерка, Андреа. На почетокот, Андреа си мислела: „Сведоците се секта, тие не веруваат во Исус и го користат само Стариот завет“. Но по само едно проучување сфатила дека она што го мислела за Сведоците било погрешно. Во текот на курсот, честопати велела: „Ако Библијата вели така, мора да е вистина!“

По некое време, Андреа ја запознала Мери со две пријателки и една колешка, кои почнале да проучуваат. Исто така, тетка ѝ на Андреа, Анџела, која била слепа, секогаш слушала додека тие проучувале, а Мери не го знаела тоа. Еден ден, Анџела ја замолила Андреа да ја запознае со Мери и побарала библиски курс. Анџела уживала во она што го учела. За еден месец, таа запомнила многу стихови и сакала да проучува четири пати седмично! А со помош на Андреа, Анџела почнала редовно да присуствува на состаноците преку видеоконференција.

Кога Мери дознала дека мажот на Кристин, Џошуа, секогаш бил во близина и наслушнувал додека тие две проучувале, го прашала дали сака да им се придружи. Џошуа рекол: „Само ќе слушам, но немој да ми поставуваш прашања. Ако ме прашаш нешто, ќе си заминам“. Не поминале ни пет минути од курсот, а тој веќе поставил повеќе прашања од Кристин, а сакал и понатаму да разговара за Библијата.

Едноставното прашање на Мери водело до многу библиски курсеви. Некои од нив ги предала на други браќа и сестри. Сѐ на сѐ, Мери започнала 28 библиски курсеви во четири земји.

Џасмин, првата интересентка што беше спомната во ова искуство, се крстила во април 2021. Кристин се крстила во мај 2022 и се вратила на Филипините за да биде со своето семејство. Две други интересентки кои Мери ги запознала преку Кристин, исто така се крстиле. Анџела се крстила неколку месеци подоцна и сега служи како општ пионер. Сопругот на Кристин, Џошуа, нивната ќерка, Андреа, а и неколку други интересенти добро напредуваат во духовен поглед.

Во првиот век, многу луѓе им кажувале на своите роднини и пријатели што научиле за Исус (Јован 1:41, 42а; Дела 10:24, 27, 48; 16:25-33). Зошто да не ги прашаш оние со кои ја проучуваш Библијата и други заинтересирани лица: „Дали знаеш некој друг што би сакал да ја проучува Библијата?“ Кој знае колку библиски курсеви би можел да започнеш како резултат на ова едноставно прашање што секој може да го постави?

a Имињата се сменети.