ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
„Никогаш не бев сам!“
МНОГУ работи во животот може да направат да се чувствуваме осамено, како на пример: загубата на некој сакан, непозната средина и физичка изолација. Јас го доживеав сето ова. Сепак, кога ќе размислам за мојот живот, сфаќам дека никогаш не бев сосема сам. Да ви раскажам што ме доведе до овој заклучок.
ПРИМЕРОТ НА МОИТЕ РОДИТЕЛИ
Татко ми и мајка ми беа ревносни католици. Но, кога од Библијата дознаа дека Божјето име е Јехова, тие станаа ревносни Јеховини сведоци. Татко ми престана да изработува резби со ликот на Исус. Наместо тоа, тој ги искористи своите дрводелски вештини за да го преуреди приземјето од нашиот дом во првата сала за состаноци во Сан Хосе дел Монте, едно предградие на Манила, главниот град на Филипините.
Роден сум во 1952 год. Уште од тој момент, моите родители почнале да ме поучуваат за Јехова исто како што ги поучувале и моите четири постари браќа и три постари сестри. Како што растев, татко ми ме поттикнуваше да читам по едно поглавје од Библијата секој ден. А и тој проучуваше со мене разни публикации од нашата организација. Повремено, моите родители канеа патувачки надгледници и претставници на подружницата да преноќеваат кај нас дома. Како семејство, чувствувавме голема радост и бевме охрабрени од искуствата што ни ги раскажуваа овие браќа, и тоа нѐ поттикна сите нас да ја ставиме службата за Јехова на прво место во животот.
Моите родители, кои верно му служеа на Јехова, ми се прекрасен пример. Откако мојата мила мајка почина од една болест, јас и татко ми започнавме да служиме како пионери во 1971 год. Но, во 1973 год., кога имав 20 години, почина и татко ми. Тоа што ги изгубив и двајцата родители придонесе да се чувствувам празно и осамено. Но надежта од Библијата ми беше „сигурна и цврста котва“ и ми помогна да останам емоционално и духовно стабилен (Евр. 6:19). Кратко по смртта на татко ми, прифатив да служам како специјален пионер на Корон, еден изолиран остров во областа Палаван.
САМ НА ЗАДАЧИ КОИ НЕ БЕА ЛЕСНИ
Имав 21 година кога пристигнав на Корон. Како градско дете, бев изненаден кога видов дека на многу малку места на островот има струја и водоводна мрежа и дека има малку коли и мотори.
Исто така, таму имаше само неколку браќа. Поради тоа, немав соработник во пионерската служба и понекогаш проповедав сам. Првиот месец, многу ми недостасуваа семејството и пријателите. Ноќе ќе се загледав во ѕвезденото небо и по моето лице ќе почнеа да се тркалаат солзи. Сакав да престанам со мојата задача и да се вратам дома.Во тие моменти, кога се чувствував осамено, му го излевав срцето на Јехова. Се присетував на некои охрабрувачки мисли кои ги имав прочитано во Библијата и во нашите публикации. Честопати, на ум ми доаѓаше Псалм 19:14. Сфатив дека Јехова ќе биде моја карпа и мој откупител ако размислувам за работи кои му се допаѓаат, како што се неговите дела и особини. Многу ми помогна статијата од Стражарска кула со наслов „Никогаш не си сам“. a Ја читав одново и одново. Кога бев сам, имав чувство како да сум со Јехова, и тоа беа убави прилики да се молам, да проучувам и длабоко да размислувам.
Кратко откако пристигнав на Корон, бев именуван за старешина. Како единствен старешина, почнав да ги водам седмичните собраниски состаноци, како што беа Теократската школа за служба, Состанокот за служба, Собраниското проучување на книга и Проучувањето на Стражарска кула. Исто така, секоја седмица држев јавно предавање. Едно беше сигурно — повеќе немав време да се чувствувам осамено.
Службата на Корон даде добри резултати. Некои од оние со кои ја проучував Библијата се крстија. Но имаше и предизвици. Понекогаш пешачев половина ден до подрачјето без да знам каде ќе преспијам кога ќе пристигнам. Во собраниското подрачје припаѓаа и многу други помали острови. Честопати патував со моторен чамец по разбранувано море и покрај тоа што не знаев да пливам. Иако не беше лесно, Јехова ме штитеше и ме поддржуваше. Подоцна сфатив дека Јехова ме подготвувал за новата задача која носеше уште поголеми предизвици.
ПАПУА НОВА ГВИНЕЈА
Во 1978 год., добив задача да служам во Папуа Нова Гвинеја, која се наоѓа северно од Австралија. Папуа Нова Гвинеја е планинска земја голема речиси колку Шпанија. Се изненадив кога дознав дека тамошното население од околу три милиони жители зборуваат на повеќе од 800 јазици. За среќа, повеќето луѓе зборуваа меланезиски пиџин, познат и како ток писин.
Добив задача привремено да служам во едно собрание на англиски јазик во главниот град, Порт Морзби. Потоа се префрлив во собрание на јазикот ток писин и почнав да земам часови за да го научам овој јазик. Она што го учев на часовите го користев во службата на проповедање. Ова ми помогна побрзо да го научам јазикот. За кратко време, можев да изнесам јавно предавање на јазикот ток писин. Замислете си колку бев изненаден кога за помалку од една година откако пристигнав во Папуа Нова Гвинеја, добив задача да служам како покраински надгледник во собранијата што го зборуваа овој јазик во неколку огромни области.
Бидејќи собранијата беа далеку едно од друго, беше потребно да организирам повеќе покраински собири и требаше многу да патувам. На почетокот, се чувствував сосема изолирано во една непозната средина — нова земја, нов јазик и нови
обичаи. Не можев да патувам од едно собрание до друго по копнен пат поради планинскиот и карпест терен. Затоа, морав да патувам со авион речиси секоја седмица. Понекогаш, јас бев единствениот патник во едно расклатено авионче со еден мотор. Овие патувања правеа да се чувствувам исто толку вознемирено како што се чувствував кога патував со чамец.Само неколкумина имаа телефон, и затоа комуницирав со собранијата преку писмо. Честопати, пристигнував пред моите писма и требаше да ги распрашувам локалните жители за да ги најдам Сведоците. Но, секојпат кога ќе ги најдев браќата, тие ми искажуваа благодарност и ценење, и тоа ме потсетуваше зошто ги правам сите овие жртви. Ја чувствував Јеховината поддршка на многу начини, и така станував сѐ поблизок со него.
На мојот прв состанок на крајбрежниот остров Бугенвил, еден насмеан брачен пар ми се приближи и ме праша: „Се сеќаваш ли на нас?“ Ми текна дека му имав сведочено на овој брачен пар кога за првпат пристигнав во Порт Морзби. Имав започнато библиски курс со нив, а потоа замолив еден локален брат да продолжи да проучува со нив. Сега, и двајцата беа крстени. Ова беше еден од многуте благослови што ги добив во текот на трите години додека служев во Папуа Нова Гвинеја.
МАЛО И ЗАФАТЕНО СЕМЕЈСТВО
Пред да заминам од Корон во 1978 год., запознав една прекрасна и самопожртвувана сестра по име Адел. Таа беше општ пионер додека ги одгледуваше своите две деца, Семјуел и Ширли. А во исто време се грижеше и за својата остарена мајка. Во мај 1981 год., се вратив на Филипините за да се венчам со Адел. Откако се зедовме, заедно служевме како општи пионери и се грижевме за нашето семејство.
И покрај тоа што имав семејство, во 1983 год., повторно бев именуван како специјален пионер и добив задача да служам на островот Линапакан во областа Палаван. Сите како семејство се преселивме на ова осамено место каде што немаше Сведоци. Околу една година подоцна, почина мајка ѝ на Адел. Сепак, останавме зафатени во службата, што ни помогна полесно да ја поднесеме загубата. На Линапакан, започнавме многу библиски курсеви со луѓе што сакаа да присуствуваат на состаноците поради што, за кратко време, ни беше потребна една мала сала за состаноци. Затоа, самите си изградивме една сала. Само по три години од нашето пристигнување, бевме радосни што на Спомен-свеченоста присуствуваа 110 лица, а мнозина од нив напредуваа до крштавање откако си заминавме оттаму.
Во 1986 год., добив задача да служам на островот Кулион каде што имаше колонија која се состоеше од луѓе болни од лепра. По некое време, и Адел беше именувана како специјален пионер. На почетокот, ни беше малку страв да им проповедаме на луѓе чие тело беше изобличено од лепрата. Но, локалните браќа нѐ уверија дека не постои голем ризик да се заразиме бидејќи тие луѓе ја добиле потребната терапија. Некои од заболените присуствуваа на состаноците кои се одржуваа во домот на една сестра. За кратко време, повеќе Лука 5:12, 13).
не ни беше страв да им проповедаме на овие луѓе. Ни беше многу убаво што можевме да ја споделуваме надежта од Библијата со луѓе што се чувствуваа отфрлено и од Бог и од другите. Беше прекрасно да се види како тагата на луѓе кои беа толку болни се претвора во радост кога ќе слушнеа дека еден ден ќе имаат совршено здравје (Како нашите деца се приспособија на животот на Кулион? Со Адел поканивме две помлади сестри од Корон да дојдат кај нас за нашите деца да имаат добро друштво. Семјуел, Ширли и овие две сестри уживаа во службата во која имаа добри резултати. Проучуваа со многу деца, додека јас и Адел проучувавме со родителите на овие деца. Всушност, во еден момент проучувавме со 11 семејства. По некое време, водевме толку многу библиски курсеви со луѓе кои добро напредуваа поради што можевме да формираме ново собрание.
На почетокот, јас бев единствениот старешина во тоа место. Затоа, подружницата ме замоли да ги водам седмичните состаноци за осумте објавители на Кулион, а потоа да го правам истото и за деветте објавители во селото Мерили, до кое се стигнуваше со брод за три часа. По состаноците таму, како семејство пешачевме многу часови по планински предел за да ги водиме библиските курсеви во селото Хелси.
На крајот, нашата служба даде обилен род во Мерили и во Хелси, и затоа изградивме сали за состаноци и на двете места. Како и на Линапакан, браќата и интересентите го обезбедија поголемиот дел од материјалот за изградба и го завршија поголемиот дел од градежната работа. Салата во Мерили можеше да собере 200 луѓе и лесно можеше да се прошири, што овозможуваше во неа да се одржуваат собири.
ТАЖЕН И ОСАМЕН, ПА ПОВТОРНО РАДОСЕН
Во 1993 год., кога децата веќе беа пораснати, со Адел започнавме со покраинска служба на Филипините. Подоцна, во 2000 год., присуствував на Школата за организациско оспособување за да добијам обука за инструктор на таа школа. Не се чувствував способен за таа задача, но Адел секогаш ме охрабруваше. Таа ме потсети дека Јехова ќе ми ја даде потребната сила за да ја извршам Фил. 4:13). Адел зборуваше од лично искуство, бидејќи таа ја извршуваше својата задача додека се справуваше со здравствени проблеми.
оваа нова задача (Во 2006 год., додека служев како инструктор, на Адел ѝ беше дијагностицирана Паркинсонова болест. Бевме шокирани! Кога ѝ предложив да престанеме со нашата задача за да се грижам за неа, Адел ми рече: „Те молам најди лекар кој ќе ми помогне со мојата болест, а знам дека Јехова ќе ни помогне да продолжиме со нашата задача“. Следните шест години, Адел продолжи со својата служба за Јехова без да се жали. Кога повеќе не можеше да се движи, проповедаше користејќи инвалидска количка. Кога едвај зборуваше, коментираше на состанок со по еден или два збора. Сѐ до нејзината смрт во 2013 год., Адел редовно добиваше пораки со благодарност и ценење за нејзиниот прекрасен пример за истрајност. Со Адел, која ми беше верна и сакана сопатничка во животот, поминав повеќе од 30 години. Но кога таа почина, чувствата на тага и осаменост повторно ме преплавија.
Адел сакаше да продолжам со мојата задача. Тоа и го направив. Се трудев да бидам зафатен, што ми помогна да се борам со осаменоста. Од 2014 до 2017 год., добив задача да ги посетувам собранијата кои го зборуваа јазикот тагалог во земји во кои нашето дело беше ограничено. Потоа, ги посетував собранијата на јазикот тагалог во Тајван, САД и Канада. Во 2019 год., бев инструктор на Школата за полновремени објавители за класовите на англиски јазик во Индија и во Тајланд. Сите овие задачи ми носеа голема радост. Најсреќен сум кога сум потполно зафатен во службата за Јехова.
СЕКОГАШ ЈА ДОБИВАМЕ ПОТРЕБНАТА ПОМОШ
На секоја нова задача се зближував со браќата и сестрите, и разделбата никогаш не беше лесна. Во такви ситуации, научив целосно да се потпирам на Јехова. Постојано ја чувствував неговата поддршка, и ова ми помага со цело срце да ги прифаќам промените во мојот живот. Денес, служам како специјален пионер на Филипините. Новото собрание ми стана како дом, а браќата и сестрите како семејство, и од нив добивам љубов и поддршка. Исто така, горд сум што Семјуел и Ширли го следат убавиот пример за вера на својата мајка (3. Јов. 4).
Навистина, во животот доживеав многу неволји, вклучувајќи го и тоа да гледам како мојата сакана жена страда и умира од една ужасна болест. Исто така, требаше да се приспособам на голем број нови околности. Сепак, видов дека Јехова „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Јеховината рака не е прекратка за да ги поддржи и зајакне неговите слуги дури и на изолирани места (Иса. 59:1). Јехова, мојата Карпа, беше покрај мене во текот на целиот мој живот досега, и многу сум му благодарен за тоа. Никогаш не бев сам!
a Види во Стражарска кула од 1 септември 1972, стр. 521-527 (англ.).