Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 1

ПЕСНА 2 Јехова е името твое

Оддавај му слава на Јехова

Оддавај му слава на Јехова

ГОДИШЕН СТИХ ЗА 2025: Оддајте му ја на Јехова славата што е достојна на неговото име (ПС. 96:8)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да видиме како можеме да му ја оддаваме на Јехова славата што ја заслужува.

1. Со што се преокупирани мнозина денес?

 ДАЛИ си забележал дека мнозина денес се преокупирани со самите себе? На пример, некои ги користат социјалните мрежи за да се фалат себеси и за да ги истакнат своите достигнувања. Сепак, релативно малку луѓе денес му оддаваат слава на Јехова Бог. Во оваа статија ќе разгледаме што значи да му оддаваме слава на Јехова и што треба да нѐ поттикне на тоа. Исто така, ќе видиме како може да му ја оддаваме на Бог славата што со право ја заслужува и како тој ќе го прослави своето име во блиска иднина.

ШТО ЗНАЧИ ДА МУ СЕ ОДДАВА СЛАВА НА ЈЕХОВА?

2. Како Јехова ја покажал својата слава на планината Синај? (Види ја и сликата.)

2 Што значи да се оддава слава? Во Библијата, зборот „слава“ може да се однесува на сѐ што придонесува некој да биде особено впечатлив. Јехова на извонреден начин ја покажал својата слава кратко откако Израелците биле ослободени од ропството во Египет. Замисли си ја ситуацијата: Милиони Израелци се собрале во подножјето на планината Синај за да слушнат што има да им каже Бог. Еден темен облак ја прекрил планината. Одеднаш, еден силен земјотрес, веројатно придружен со вулканска активност, го стресол тлото под нивните нозе додека во исто време светкале молњи, грмело и се слушал заглушувачки звук од рог (2. Мој. 19:16-18; 24:17; Пс. 68:8). Замисли си колку биле вчудовидени овие Израелци кога Јехова ја покажал својата слава на ваков моќен начин.

На планината Синај, Јехова на моќен начин им ја покажал својата слава на Израелците (види во пасус 2)


3. Како можеме да му оддаваме слава на Јехова?

3 Но што е со нас луѓето? Дали и ние можеме да му оддаваме слава на Јехова? Секако дека можеме. Еден начин на кој му оддаваме слава на Јехова е со тоа што им кажуваме на другите за неговата огромна моќ и за неговите убави особини. Ние го славиме Бог и со тоа што му ја припишуваме заслугата за сето она што сме го постигнале со негова помош (Иса. 26:12). Цар Давид е извонреден пример за некој што му оддавал слава не Јехова. Во една молитва што ја упатил пред целиот израелски народ, Давид му рекол на Бог: „Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа, зашто твое е сѐ што е на небото и на земјата“. Откако Давид ја завршил својата молитва, целата заедница го благословувала Јехова (1. Лет. 29:11, 20).

4. Како Исус му оддавал слава на Јехова?

4 Кога бил на Земјата, Исус го славел својот Татко со тоа што им кажувал на другите дека тој му ја давал моќта за да ги прави чудата (Мар. 5:18-20). Исус му оддавал слава на Јехова и со она што го кажувал за својот Татко и со начинот на кој постапувал со другите. Во една прилика, Исус поучувал во една синагога. Помеѓу оние што слушале била и една жена која 18 години била обземена од демон. Поради демонот, таа била многу згрбавена и воопшто не можела да се исправи. Колку жално! Поттикнат од сочувство, Исус ѝ пристапил на жената и на благ начин ѝ се обратил со зборовите: „Жено, ослободена си од својата болест!“ Потоа, тој ги положил своите раце врз неа, а таа веднаш се исправила и почнала „да го слави Бог“ затоа што ѝ биле вратени здравјето и достоинството (Лука 13:10-13). Таа навистина имала добра причина да му оддаде слава на Јехова, а имаме и ние.

ШТО НЀ ПОТТИКНУВА ДА МУ ОДДАВАМЕ СЛАВА НА ЈЕХОВА?

5. Кои причини ги имаме да го почитуваме Јехова?

5 Го славиме Јехова бидејќи длабоко го почитуваме. Ние имаме многу причини да го почитуваме Бог. Јехова е Семоќен; неговата моќ нема граници (Пс. 96:4-7). Неговата огромна мудрост јасно се гледа од она што го создал. Тој ни дава живот и ни го дава сето она што ни е потребно за да живееме (Отк. 4:11). Тој е лојален (Отк. 15:4). Успешен е во сѐ што прави и секогаш ги исполнува своите ветувања (Ис. Нав. 23:14). Токму затоа, пророкот Еремија во врска со Јехова рекол: „Меѓу сите мудреци на народите и во сите нивни царства никој не е како тебе“ (Ерем. 10:6, 7). Без сомнение, имаме добри причини да го почитуваме нашиот небесен Татко. Но неговите прекрасни особини нѐ поттикнуваат не само да го почитуваме туку и да го сакаме.

6. Зошто го сакаме Јехова?

6 Го славиме Јехова бидејќи многу го сакаме. Размисли за некои особини на Јехова кои нѐ поттикнуваат да го сакаме. Тој е милосрден и сочувствителен (Пс. 103:13; Иса. 49:15). Кога ние чувствуваме болка, и тој чувствува болка (Зах. 2:8). Јехова ни помага да станеме блиски пријатели со него (Пс. 25:14; Дела 17:27). И, Јехова е понизен. Во Библијата пишува: „Тој се наведнува за да ги погледне небото и земјата, од правот го подига бедниот“ (Пс. 113:6, 7). Поради сите овие причини, сакаме да го славиме нашиот прекрасен Бог (Пс. 86:12).

7. Каква посебна можност имаме?

7 Го славиме Јехова бидејќи сакаме другите да го запознаат. Многумина не ја знаат вистината за Јехова. Зошто? Бидејќи Сатана ги заслепил со тоа што шири ужасни лаги за Бог (2. Кор. 4:4). Сатана ги убедува луѓето дека Јехова е одмаздољубив, бесчувствителен и дека е виновен за голем дел од страдањата во светот. Но ние ја знаеме вистината за нашиот Бог. Имаме можност да ги побиеме лагите на Сатана, и така да му донесеме слава на Јехова (Иса. 43:10). Во Псалм 96 главно се зборува за тоа да му се оддава слава на Јехова. Додека разгледуваме некои делови од овој псалм, размисли на кои начини можеш да му ја оддаваш на Јехова славата која со право ја заслужува.

КАКО МОЖЕ ДА МУ ЈА ОДДАВАМЕ НА ЈЕХОВА СЛАВАТА ШТО ЈА ЗАСЛУЖУВА?

8. Кој е еден начин на кој може да го славиме Јехова? (Псалм 96:1-3).

8 Прочитај Псалм 96:1-3. Може да го славиме Јехова со она што го кажуваме за него. Во овие стихови сме поттикнати да му пееме на Јехова, да го благословуваме неговото име, да ја објавуваме добрата вест за неговото спасение и да ја објавуваме меѓу народите неговата слава. Сето ова се начини на кои може да го славиме нашиот небесен Татко со нашите зборови. Верните Евреи, а потоа и христијаните во првиот век, ревносно им кажувале на другите за сите добри работи што Јехова ги направил за нив и застанувале во одбрана на неговото име (Дан. 3:16-18; Дела 4:29). Како може и ние да го правиме истото?

9-10. Што учиш од искуството на Анџелина? (Види ја и сликата.)

9 Размисли за искуството на Анџелина, a една сестра која живее во САД. Таа храбро застанала во одбрана на Јеховиното име во фирмата во која работи. Кога се вработила таму, Анџелина била поканета на еден состанок на кој сите нововработени имале можност да кажат пред колегите нешто за себе. Анџелина подготвила презентација со слики за да покаже колку среќен живот има како Јеховин сведок. Сепак, пред таа да дојде на ред, еден нејзин колега кажал дека пораснал како Јеховин сведок. Тој почнал да ги исмејува нашите верувања. Анџелина вели: „Срцето почна силно да ми чука. Но си помислив: ’Дали ќе дозволам некој да кажува лаги за Јехова или ќе го одбранам неговото име?‘“

10 Кога нејзиниот колега завршил, Анџелина кратко се помолила во себе. Потоа, љубезно му се обратила со зборовите: „Имаме некои сличности. И јас пораснав како Јеховин сведок, и сѐ уште сум“. Иако било очигледно дека ситуацијата е напната, Анџелина останала смирена додека им покажувала убави слики од теократски настани на кои присуствувала и додека со почит ги бранела своите верувања (1. Пет. 3:15). Кој бил резултатот? До моментот кога Анџелина завршила со својата презентација, овој човек омекнал. Тој дури и признал дека има убави спомени од времето кога растел како Јеховин сведок. Анџелина вели: „Јехова заслужува да го браниме. Чест е да застанеме во одбрана на неговото име“. И ние имаме чест да го фалиме и да го славиме Јехова дури и кога другите покажуваат непочитување кон него.

Може да го славиме Јехова со нашите зборови (види во пасуси 9-10) b


11. Како слугите на Јехова го применувале начелото од Псалм 96:8 низ историјата?

11 Прочитај Псалм 96:8. Може да го славиме Јехова со она што го поседуваме. Слугите на Јехова отсекогаш му оддавале чест на ваков начин (Изр. 3:9). На пример, Израелците давале пари и вредни работи за да се изгради и одржува храмот (2. Цар. 12:4, 5; 1. Лет. 29:3-9). Некои ученици на Исус ги поддржувале него и неговите апостоли со она што го имале (Лука 8:1-3). Некои христијани во првиот век исто така им испратиле помош на своите браќа и сестри кои биле погодени од глад (Дела 11:27-29). И ние денес може да го славиме Јехова со нашите доброволни прилози.

12. Како може нашите прилози да му донесат слава на Јехова? (Види ја и сликата.)

12 Да разгледаме само еден пример кој покажува како нашите прилози му носат слава на Јехова. Во еден извештај во 2020 год. беа опишани последиците од една долга суша која го зафати Зимбабве. Милиони луѓе биле во опасност да умрат од глад, а меѓу нив била и една сестра по име Приска. И покрај сушата, Приска не престанала да оди во служба на проповедање секои среда и петок, дури и во сезоната кога се орала земјата. Нејзините соседи ја исмејувале затоа што одела во служба наместо да работи на своите полиња, велејќи ѝ: „Ќе умреш од глад“. А таа со увереност им велела: „Јехова никогаш не ги напушта своите слуги“. Кратко потоа, таа добила помош од нашата организација — храна и други продукти кои биле обезбедени благодарение на нашите прилози. Соседите на Приска биле воодушевени и ѝ рекле: „Бог никогаш не те напушти. Затоа и ние сакаме да научиме нешто повеќе за него“. Седуммина од нејзините соседи почнале да присуствуваат на собраниските состаноци.

Може да го славиме Јехова со она што го поседуваме (види во пасус 12) c


13. Како со нашите постапки може да го славиме Јехова? (Псалм 96:9).

13 Прочитај Псалм 96:9. Може да го славиме Јехова со нашите постапки. Свештениците кои служеле во светиот шатор требало да бидат чисти во физички поглед (2. Мој. 40:30-32). Но уште поважно од физичката чистота е да останеме чисти во нашите мисли, зборови и постапки (Пс. 24:3, 4; 1. Пет. 1:15, 16). Треба да вложуваме голем труд за да ја соблечеме „старата личност“ — нечистите ставови и постапки — и да ја облечеме „новата личност“ — начинот на зборување и постапување кој ги одразува Јеховините прекрасни особини (Кол. 3:9, 10). Со Јеховина помош, дури и поединци кои водат многу неморален начин на живот и кои се многу насилни можат да се сменат и да ја облечат новата личност.

14. Што учиш од искуството на Џек? (Види ја и сликата.)

14 Да го разгледаме искуството на Џек, еден насилен и опасен човек, чиј прекар бил Демонот. Поради неговите криминални дела, на Џек му била изречена смртна казна. Сепак, додека чекал да биде погубен, тој се согласил да ја проучува Библијата со еден брат кој го посетил затворот во кој се наоѓал. И покрај своето минато, Џек ја соблекол старата личност и, со текот на времето, ги исполнил условите за крштавање. Тој толку многу се променил што, на денот на погубувањето, на некои од затворските чувари очите им се насолзиле додека се збогувале со него. Еден водник кој работел во затворот рекол: „Порано Џек беше еден од најлошите затвореници тука, но сега е еден од најдобрите“. Една седмица по погубувањето на Џек, браќата кои отишле во затворот за да го одржат седмичниот состанок сретнале еден затвореник кој бил присутен за првпат. Што го поттикнало да дојде на состанокот? Тој бил воодушевен од промените што ги направил Џек и сакал да дознае што треба да прави за да му служи на Јехова. Очигледно, со начинот на кој постапуваме, може да го славиме нашиот небесен Татко (1. Пет. 2:12).

Може да го славиме Јехова со нашите постапки (види во пасус 14) d


КАКО ЈЕХОВА ЌЕ ГО ПРОСЛАВИ СВОЕТО ИМЕ ВО БЛИСКА ИДНИНА?

15. Како Јехова потполно ќе го прослави своето име во блиска иднина? (Псалм 96:10-13).

15 Прочитај Псалм 96:10-13. Овие последни стихови од Псалм 96 го опишуваат Јехова како праведен Судија и Цар. Како Јехова ќе го прослави своето име во блиска иднина? Преку осудите што ќе ги изврши. Наскоро, тој ќе го уништи Големиот Вавилон поради тоа што му нанесува срам на неговото свето име (Отк. 17:5, 16; 19:1, 2). Некои што ќе го видат уништувањето на Големиот Вавилон можеби ќе почнат да му служат на Јехова заедно со нас. На крајот, во Армагедон, Јехова ќе го уништи целиот свет на Сатана така што ќе ги уништи сите што му се противат и му нанесуваат срам на неговото име, а ќе ги спаси сите кои го сакаат, кои му се послушни и кои со гордост го слават (Мар. 8:38; 2. Сол. 1:6-10). По последниот испит кој ќе следи по илјадагодишното владеење на Христос, Јехова потполно ќе го прослави своето име (Отк. 20:7-10). Во тоа време, „земјата ќе биде полна со знаење за Јеховината слава како што морето е полно со вода“ (Авак. 2:14).

16. Што си решен да правиш? (Види ја и сликата.)

16 Колку прекрасно ќе биде кога секој ќе му ја оддава на Јехова славата што е достојна на неговото име. Но додека да дојде тој ден, може да даваме сѐ од себе за да го славиме Бог во секоја прилика. За да истакне колку е важно ова, Водечкото тело одлучи Псалм 96:8 да биде годишен стих за 2025: „Оддајте му ја на Јехова славата што е достојна на неговото име“.

На крајот, секој ќе му ја оддава на Јехова славата што е достојна на неговото име! (види во пасус 16)

ПЕСНА 12 Јехова е величествен Бог

a Некои имиња се сменети.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена од искуството на Анџелина.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена од искуството на Приска.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена од искуството на Џек.