Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 3

ПЕСНА 35 Проценете што е најважно

Радувај го Јехова со своите одлуки

Радувај го Јехова со своите одлуки

Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост, а знаењето за Најсветиот донесува разборитост (ИЗР. 9:10)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да видиме како да ги користиме знаењето, разборитоста и проникливоста за да носиме мудри одлуки.

1. Со каков предизвик се соочуваме сите ние?

 СЕКОЈ ДЕН треба да носиме одлуки. Некои одлуки се релативно лесни, како на пример што да појадуваме или кога да си легнеме. За други работи е потешко да се донесе одлука. Тие можат да влијаат врз нашето здравје, нашата радост, нашите сакани или врз нашето обожавање на Јехова. Ние сакаме нашите одлуки да бидат за наше добро и за доброто на нашето семејство. И што е најважно, се надеваме дека со нашите одлуки ќе го радуваме Јехова (Рим. 12:1, 2).

2. Кои чекори ќе ти помогнат да носиш мудри одлуки?

2 Поголема е веројатноста дека ќе носиш мудри одлуки 1) ако ги дознаеш фактите, 2) ако го земеш предвид Јеховиното гледиште и 3) ако добро ги одмериш опциите. Во оваа статија ќе ги разгледаме овие три чекори и од неа ќе дознаеме како можеме да ја извежбаме нашата моќ на согледување (Евр. 5:14).

ДОЗНАЈ ГИ ФАКТИТЕ

3. Наведи пример кој покажува зошто треба да ги дознаеш фактите пред да донесеш некоја одлука.

3 Првиот чекор кој ќе ти помогне да носиш добри одлуки е да ги дознаеш фактите. Зошто е важно ова? Замисли дека некој пациент оди на лекар бидејќи има сериозен здравствен проблем. Дали лекарот ќе одлучи каква терапија да му даде на пациентот без претходно да го прегледа или без да му постави прашања? Се разбира дека не! И ти ќе носиш подобри одлуки ако претходно ги разгледаш фактите во врска со твојата ситуација. Како можеш да го направиш тоа?

4. Во склад со Изреки 18:13, што можеш да направиш за да ги дознаеш фактите? (Види ја и сликата.)

4 Честопати, за да ги дознаеш фактите треба да поставуваш прашања. На пример, замисли дека си поканет на некоја забава. Дали треба да одиш? Ако не го познаваш оној што ја организира забавата и ако не знаеш што планира тој да има на неа, ќе треба да му поставиш прашања, како на пример: „Кога и каде ќе се одржи забавата? Колку луѓе се поканети? Кој ќе ја надгледува? Кој ќе присуствува? Што е планирано да се прави на забавата? Дали ќе се служи алкохол?“ Одговорот на овие прашања ќе ти помогнат да донесеш мудра одлука. (Прочитај Изреки 18:13.)

Дознај ги фактите така што ќе поставуваш прашања (види во пасус 4) a


5. Што треба да правиш откако ќе ги дознаеш сите факти?

5 Потоа, откако ќе ги собереш сите факти, внимателно размисли за целата ситуација. На пример, што ако дознаеш дека на забавата ќе присуствуваат лица кои не ги почитуваат библиските начела или дека ќе се служи алкохол без некој да го надгледува тоа? Дали мислиш дека има можност забавата да се претвори во разуздана забава? (1. Пет. 4:3). Од друга страна, што ако забавата е во време кога имаш собраниски состанок или кога планираш да одиш во служба на проповедање? Ако размислиш за сите факти, ќе ти биде полесно да донесеш добра одлука. Но, има уште еден чекор што треба да го направиш. Ти знаеш како ти гледаш на ситуацијата, но прашај се: „Како гледа Јехова на неа?“ (Изр. 2:6).

ЗЕМИ ГО ПРЕДВИД ЈЕХОВИНОТО ГЛЕДИШТЕ

6. Според Јаков 1:5, зошто треба да бараме помош од Јехова?

6 Моли го Јехова да ти помогне да разбереш кое е неговото гледиште. Јехова ветува дека ќе ни даде мудрост да разбереме дали некоја наша одлука ќе го радува или не. Таква мудрост „тој им дава на сите великодушно и без прекорување“. (Прочитај Јаков 1:5.)

7. Како можеш да дознаеш кое е Јеховиното гледиште во врска со некоја работа? Наведи пример.

7 Откако си го молел Јехова за водство, обрни внимание на неговиот одговор. Да разгледаме еден пример: Ако се изгубиш додека патуваш, би можел да замолиш некој што живее на тоа место да ти помогне. Но, дали ќе си заминеш уште пред да ти одговори? Се разбира дека не. Внимателно ќе го слушаш додека те упатува каде да одиш. Слично на тоа, откако си го молел Јехова за мудрост, потруди се да сфатиш кој е неговиот одговор така што ќе дознаеш кои библиски закони и начела важат за твојата ситуација. На пример, кога одлучуваш дали да присуствуваш на забавата што ја спомнавме претходно, би можел да размислиш што вели Библијата за разузданите забави, за лошото друштво и за потребата да го ставиш Божјето Царство пред твоите лични желби (Мат. 6:33; Рим. 13:13; 1. Кор. 15:33).

8. Што можеш да правиш ако ти треба помош за да ги најдеш информациите што ги бараш? (Види ја и сликата.)

8 Сепак, понекогаш можеби ќе ти биде потребна помош за да ги најдеш информациите што ги бараш. Би можел да побараш предлог од некој искусен брат или сестра. Но, ќе ти користи и тоа што самиот ќе истражуваш. Изобилство корисни информации има во нашите алатки за истражување, како на пример во Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци и во Библиски стихови за нашиот живот. Имај на ум дека твојата цел е да донесеш одлука со која ќе го радуваш Јехова.

Земи го предвид Јеховиното гледиште (види во пасус 8) b


9. Како можеме да бидеме сигурни дека нашата одлука ќе го радува Јехова? (Ефешаните 5:17).

9 Како можеме да бидеме сигурни дека нашата одлука ќе го радува Јехова? Најпрво треба добро да го запознаеме. Во Библијата пишува: „Знаењето за Најсветиот донесува разборитост“ (Изр. 9:10). Ќе имаме вистинска разборитост ако знаеме кои се Јеховините особини, која е неговата намера и кои работи ги сака, а кои ги мрази. Прашај се: „На темел на она што го знам за Јехова, каква одлука можам да донесам за да го радувам?“ (Прочитај Ефешаните 5:17.)

10. Зошто библиските начела се поважни од семејната традиција или локалната култура?

10 За да го израдуваме Јехова, понекогаш ќе мора да ги разочараме оние кои ни се блиски. На пример, некои добронамерни родители можеби инсистираат нивната возрасна ќерка да се омажи за некој што е финансиски добро ситуиран, иако не е духовно јак. Нормално е да сакаат нивната ќерка да води удобен живот, но таа треба да се праша: „Дали овој маж ќе ми помогне да бидам блиска со Јехова?“ Како гледа Јехова на оваа работа? Одговорот се наоѓа во Матеј 6:33. Во тој стих, христијаните се поттикнати да го „[бараат] најнапред царството“. Иако ги почитуваме родителите и луѓето во средината во која живееме, нам ни е најважно да го радуваме Јехова.

ДОБРО ОДМЕРИ ГИ ОПЦИИТЕ

11. Која особина што е спомната во Изреки 2:11 ќе ти помогне добро да ги одмериш твоите опции?

11 Откако си ги разгледал библиските начела кои важат за твојата ситуација, треба внимателно да размислиш кои опции ги имаш. (Прочитај Изреки 2:11.) Проникливоста ќе те чува во таа смисла што ќе ти помогне да го согледаш можниот исход на секоја од твоите одлуки. Некои одлуки лесно можат да се донесат. Но, други не се толку лесни. Проникливоста ќе ти помогне да носиш мудри одлуки дури и во сложени ситуации.

12-13. Како може проникливоста да ти помогне да донесеш мудра одлука во поглед на вработувањето?

12 Да разгледаме една ситуација. Замисли дека бараш работа за да можеш да го издржуваш семејството. Ти се нудат две работни места. Ги земаш предвид сите факти, како на пример видот на работата, работното време, колку време ќе ти треба за да стигнеш до работното место итн. И во двата случаи, работното место е во склад со библиските начела. Можеби повеќе ти се допаѓа една од опциите поради видот на работата или затоа што платата е повисока. Но, пред да донесеш одлука мора да земеш предвид и други фактори.

13 На пример, дали некое од тие работни места ќе те спречи да присуствуваш на собраниските состаноци? Дали ќе ти го одземе времето што ти е потребно за да се грижиш за емоционалните и духовните потреби на твоето семејство? Тоа што ќе си поставиш вакви прашања, ќе ти помогне „да [процениш] што е најважно“, односно обожавањето на Јехова и потребите на твоето семејство да ти бидат поважни од тоа да заработиш повеќе пари (Фил. 1:10а). Така ќе можеш да донесеш одлука која Јехова ќе ја благослови.

14. Како проникливоста и љубовта ќе ни помогнат да внимаваме да не ги спрепнуваме другите?

14 Проникливоста, исто така, ќе нѐ поттикне да размислиме како нашата одлука може да влијае врз другите луѓе. Тоа ќе ни помогне „да не ги [спрепнуваме] другите“ (Фил. 1:10б). Ова е важно кога носиме лични одлуки, како што се одлуките во врска со нашата облека и изглед. На пример, можеби ни се допаѓа одреден стил на облекување или дотерување. Но, што ако другите во собранието или надвор од него се вознемират поради тоа? Проникливоста ќе ни помогне да ги почитуваме нивните чувства. Љубовта ќе нѐ поттикне да ја бараме „користа на другиот“ и да бидеме скромни (1. Кор. 10:23, 24, 32; 1. Тим. 2:9, 10). Така ќе донесеме одлука од која ќе се види дека ги сакаме и дека ги почитуваме другите.

15. Што треба да направиш пред да спроведеш некоја поголема одлука?

15 Ако треба да донесеш некоја поголема одлука, размисли што ќе треба да направиш за да ја спроведеш. Исус нѐ поучил да го „[пресметаме] трошокот“ (Лука 14:28). Затоа размисли колку време, средства и труд ќе ти бидат потребни за одлуката да успее. Во некои случаи, можеби ќе треба да разговараш со членовите на твоето семејство околу тоа што треба секој од нив да направи за да ја поддржи одлуката. Зошто ваквото планирање е корисно? Тоа можеби ќе ти помогне да сфатиш дека треба да направиш некои промени во одлуката или дека некоја друга опција е подобра. Освен тоа, кога во одлуката ќе ги вклучиш членовите на твоето семејство и ќе ги слушаш нивните предлози, тие ќе бидат поспремни да соработуваат со тебе за одлуката да успее (Изр. 15:22).

ДОНЕСИ ОДЛУКА КОЈА ЌЕ БИДЕ УСПЕШНА

16. Кои чекори ќе ти помогнат да донесеш одлука која ќе биде успешна? (Види ја и рамката „ Како да носиш мудри одлуки“.)

16 Ако си ги следел чекорите наведени погоре, спремен си да донесеш мудра одлука. Си ги зел предвид фактите и си ги истражил начелата кои ќе ти помогнат да донесеш одлука со која ќе го радуваш Јехова. Сега можеш да го молиш Јехова да ти помогне твојата одлука да биде успешна.

17. Која е главната работа што ќе ти помогне да носиш мудри одлуки?

17 Дури и ако во минатото си донел голем број добри одлуки, не заборавај дека главната работа која ќе ти помогне да носиш мудри одлуки е тоа што ќе се потпираш на мудроста на Јехова, а не на својата интелигенција или на своето искуство. Само тој може да ти даде вистинско знаење, разборитост и проникливост — неопходни аспекти на мудроста (Изр. 2:1-5). Јехова може да ти помогне да носиш одлуки со кои ќе го радуваш (Пс. 23:2, 3).

ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова

a ОПИС НА СЛИКАТА: Млади браќа и сестри кои на своите мобилни телефони добиле покана за забава, разговараат во врска со тоа.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Еден од браќата истражува пред да одлучи дали да оди на забавата.