Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 2

ПЕСНА 132 Сега сме едно

Сопрузи, покажувајте љубов и почит кон вашите сопруги

Сопрузи, покажувајте љубов и почит кон вашите сопруги

Мажи почитувајте ги своите жени (1. ПЕТ. 3:7)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да разгледаме како може еден сопруг да ѝ покажува љубов и почит на својата сопруга со своите зборови и постапки.

1. Која е една причина зошто Јехова го основал бракот?

 ЈЕХОВА е „среќниот Бог“ и тој сака и ние да бидеме среќни (1. Тим. 1:11). Тој ни дал многу дарови за да може да му се радуваме на животот (Јак. 1:17). Еден од тие дарови е бракот. Кога стапуваат во брак, еден маж и една жена си ветуваат дека ќе се сакаат, ќе се почитуваат и ќе се ценат еден со друг. Тоа што ќе даваат сѐ од себе за да останат блиски може да им носи вистинска радост (Изр. 5:18).

2. Што се случува во многу бракови денес?

2 За жал, многу брачни парови денес забораваат на ветувањата што ги дале на денот на венчавката. Поради тоа, тие не се среќни. Според еден неодамнешен извештај од Светската здравствена организација, многу сопрузи ги малтретираат своите сопруги во физички, вербален и емоционален поглед. Еден ваков сопруг можеби постапува со почит со својата жена пред другите, но постапува лошо со неа кога се дома. Исто така, во многу бракови има напнати односи поради тоа што сопругот гледа порнографија.

3. Зошто некои сопрузи ги малтретираат своите сопруги?

3 Зошто некои сопрузи постапуваат лошо со своите сопруги? Можеби нивниот татко бил насилен, и затоа тие си мислат дека насилното однесување е нешто нормално. Други, пак, можеби постапуваат така затоа што во нивната култура е застапено гледиштето дека еден „вистински маж“ мора да користи сила за да ѝ покаже на својата жена кој е главен. Трети, не биле поучени да ги контролираат своите емоции, вклучувајќи го и гневот. Некои мажи стекнале искривено гледиште за жените и за сексуалните односи поради навиката да гледаат порнографија. Силно влијание изврши и пандемијата со КОВИД-19. Извештаите покажуваат дека за време на овој период многу мажи почнале да ги малтретираат своите жени. Се разбира, ниту една од овие причини не е оправдание за грубото и насилно однесување на мажите.

4. На што треба да внимаваат христијаните сопрузи, и зошто?

4 Христијанските сопрузи треба да внимаваат да не стекнат неисправно гледиште за жените. a Зошто? Една причина е тоа што мислите честопати водат до постапки. На помазаните христијани во Рим, апостол Павле им го дал следново предупредување: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет“ (Рим. 12:1, 2). Кога Павле им пишал на Римјаните, очигледно тоа собрание постоело веќе некое време. Сепак, зборовите на Павле покажуваат дека врз некои во собранието сѐ уште влијаеле обичаите и гледиштата на светот. Токму затоа, тој ги поттикнал да го сменат својот начин на размислување и постапување. Секако, овој совет важи и за христијанските сопрузи денес. За жал, некои од нив дозволуваат гледиштата на светот да влијаат врз нив, па дури и ги малтретираат своите жени. b Како Јехова очекува еден сопруг да постапува со својата жена? Одговорот го наоѓаме во стихот на кој се темели оваа статија.

5. Според 1. Петрово 3:7, како треба еден сопруг да постапува со својата сопруга?

5 Прочитај 1. Петрово 3:7. Јехова им заповеда на сопрузите да ги почитуваат своите сопруги. Еден маж кој ја почитува својата жена ќе постапува со неа на благ начин полн со љубов. Во оваа статија ќе разгледаме како еден сопруг може да покажува љубов и почит кон својата сопруга. Но прво, да видиме со кои постапки еден маж би покажал непочитување кон својата жена.

НЕМОЈ ДА ЈА ПОВРЕДУВАШ СВОЈАТА СОПРУГА

6. Како гледа Јехова на мажите кои се физички насилни кон своите жени? (Колошаните 3:19).

6 Физичко насилство. Јехова ги мрази оние што се насилни (Пс. 11:5). Тој особено не одобрува кога еден сопруг е насилен кон својата сопруга (Мал. 2:16; Колошаните 3:19). Според стихот на кој се темели оваа статија, 1. Петрово 3:7, ако еден маж не постапува добро со својата жена, тоа ќе влијае врз неговиот однос со Бог. Јехова може дури и да не ги слуша неговите молитви.

7. Според Ефешаните 4:31, 32, каков говор не треба да користат сопрузите? (Види и „Појаснување“.)

7 Вербално насилство. Некои сопрузи ги повредуваат своите жени така што користат остри зборови и навредлив говор. Но Јехова мрази „лутина и гнев и викање и навредлив говор“. c (Прочитај Ефешаните 4:31, 32.) Тој слуша сѐ. На Јехова му е важно како еден маж зборува со својата жена, дури и кога се сами. Кога еден сопруг зборува грубо со својата жена, тоа му штети не само на неговиот однос со неа туку и на неговиот однос со Јехова (Јак. 1:26).

8. Какво гледиште има Јехова за порнографијата, и зошто?

8 Гледање порнографија. Какво гледиште има Јехова за порнографијата? Тој ја мрази. Значи, еден маж кој гледа неморални слики си го нарушува односот со Јехова и со тоа ја понижува својата жена. d Јехова очекува сопругот да ѝ остане верен на својата жена не само во постапките туку и во мислите. Исус рекол дека еден маж кој гледа во друга жена со страст „веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ e (Мат. 5:28, 29).

9. Зошто Јехова мрази ако еден сопруг ја присилува својата жена на понижувачки сексуални односи?

9 Понижувачки сексуални односи. Некои сопрузи ги присилуваат своите жени на сексуални односи кои се понижувачки и кои прават таа да има нечиста совест или да се чувствува несакано. Јехова го мрази таквото себично и безобѕирно постапување. Тој очекува од еден сопруг да ја сака својата жена и да ги почитува нејзините чувства (Еф. 5:28, 29). Но, што ако еден сопруг ја понижува или ја малтретира својата сопруга, или пак гледа порнографија? Како може да го промени начинот на кој се однесува и постапува?

КАКО ДА ГО НАДМИНЕШ ПОГРЕШНОТО ПОСТАПУВАЊЕ

10. Како може примерот на Исус да им користи на сопрузите?

10 Што може да му помогне на еден сопруг да го надмине насилното и понижувачко однесување? Тоа што ќе се труди да го следи примерот на Исус. Иако Исус никогаш не бил во брак, начинот на кој се однесувал со своите ученици е убав пример за тоа како еден сопруг треба да се однесува со својата сопруга (Еф. 5:25). Да видиме што може да научат сопрузите од начинот на кој Исус се однесувал и зборувал со своите апостоли.

11. Како Исус се однесувал со своите апостоли?

11 Исус се однесувал со своите апостоли љубезно и со почит. Тој никогаш не бил груб, ниту пак се однесувал заповеднички. Иако бил нивен Господар и Учител, Исус не сметал дека треба да употреби сила за да покаже дека има авторитет над нив. Наместо тоа, понизно им служел (Јован 13:12-17). Тој им рекол на своите ученици: „Учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души“ (Мат. 11:28-30). Забележи дека Исус бил благ. Една блага личност не е слаба личност. Напротив, има внатрешна сила да покаже самоконтрола. Кога е испровоциран, некој што е благ останува смирен и ги контролира своите емоции.

12. Како зборувал Исус со другите?

12 Со своите зборови, Исус ги тешел и ги храбрел другите. Тој не зборувал грубо со своите следбеници (Лука 8:47, 48). Дури и кога противниците го навредувале и пробувале да го испровоцираат, тој не враќал со навреди (1. Пет. 2:21-23). Во некои прилики, Исус дури избрал да молчи наместо да одговори грубо (Мат. 27:12-14). Колку прекрасен пример за сопрузите!

13. Како може еден сопруг да се прилепи до својата жена? (Види ја и сликата.)

13 Исус ги поучил сопрузите да им бидат верни на своите жени. Тој го цитирал својот Татко, кој рекол дека сопругот треба да се „прилепи до својата жена“. (Прочитај Матеј 19:4-6.) Грчкиот глагол кој се користи во овие стихови за „прилепи“ дословно значи „залепи“. Затоа, брачната врска помеѓу еден маж и една жена треба да биде толку цврста како тие да се залепени заедно. Ако едниот од нив направи нешто со што би ја нарушил нивната блискост, ќе страдаат и двајцата. Еден сопруг кој има таква блиска врска со својата сопруга нема да гледа никакви облици на порнографија. Тој веднаш ќе ги одврати „очите од безвредни работи“ (Пс. 119:37). Всушност, тој склучил сојуз со своите очи да не гледа во друга жена со страст (Јов 31:1).

Сопругот кој е верен одбива да гледа порнографија (види во пасус 13) g


14. Кои чекори треба да ги преземе еден насилен сопруг за да го поправи својот однос со Јехова и со сопругата?

14 Еден сопруг кој е физички или вербално насилен со својата жена мора да преземе дополнителни чекори за да го поправи својот однос со Јехова и со сопругата. Кои се овие чекори? Прво, треба да признае дека има сериозен проблем. Ништо не е скриено од Јеховиниот поглед (Пс. 44:21; Проп. 12:14; Евр. 4:13). Второ, треба да престане да биде насилен со својата жена и да го смени своето однесување (Изр. 28:13). Трето, треба да им се извини и на својата сопруга и на Јехова и да бара да му простат (Дела 3:19). Тој, исто така, треба да го моли Јехова да му помогне да развие желба да се промени и да може да ги контролира своите мисли, зборови и постапки (Пс. 51:10-12; 2. Кор. 10:5; Фил. 2:13). Четврто, треба да постапува во склад со своите молитви така што ќе учи да ги мрази сите облици на насилство и навредлив говор (Пс. 97:10). Петто, тој треба веднаш да побара помош од грижливите старешини во собранието (Јак. 5:14-16). Шесто, треба да направи план кој ќе му помогне да избегнува такво однесување во иднина. Истите овие чекори треба да ги преземат и сопрузите кои гледаат порнографија. Јехова ќе го благослови трудот што го вложуваат за да го сменат своето однесување (Пс. 37:5). Но не е доволно еден сопруг само да го надмине погрешното постапување, туку треба и да научи да ѝ покажува љубов и почит на сопругата. Како може да го прави тоа?

КАКО ДА ПОКАЖУВАШ ЉУБОВ И ПОЧИТ КОН СОПРУГАТА

15. Како може еден сопруг да покаже дека ја сака својата сопруга?

15 Покажи ѝ дека ја сакаш. Некои браќа кои имаат среќен брак имаат навика секој ден да прават нешто со што ќе ѝ покажат на својата сопруга колку многу ја сакаат (1. Јов. 3:18). Еден сопруг може да покаже дека ја сака својата сопруга со мали работи, како на пример така што ќе ја држи за рака или ќе ја прегрне. Тој може да ѝ прати порака и да ѝ каже: „Ми недостигаш“, или да ја праша: „Како ти поминува денот?“ Одвреме-навреме, тој може да ја покаже својата љубов кон неа така што ќе ѝ напише картичка со добро избрани зборови. Кога еден сопруг ги прави овие работи, тој ѝ искажува почит на својата жена и го зајакнува бракот.

16. Зошто еден сопруг треба да ја пофалува својата сопруга?

16 Покажи ѝ дека ја цениш. Еден сопруг кој ја почитува својата жена ја охрабрува и ѝ дава до знаење дека таа е вредна во негови очи. Еден начин на кој го прави тоа е така што не заборава да ѝ покаже дека го цени сето она што таа го прави за да го поддржува (Кол. 3:15). Кога еден сопруг искрено ја пофалува својата сопруга, тоа ѝ го топли срцето. Таа ќе се чувствува сигурно, сакано и почитувано (Изр. 31:28).

17. Како може еден сопруг да покаже дека ја почитува својата сопруга?

17 Однесувај се љубезно и со почит. Еден сопруг кој ја сака својата жена многу ја цени. Тој гледа на неа како на скапоцен дар од Јехова (Изр. 18:22; 31:10). Како резултат на тоа, тој се однесува со неа љубезно и со почит, вклучувајќи и кога се интимни. Тој нема да ја присилува на сексуални постапки поради кои би ѝ било непријатно, би се чувствувала понижено или би имала нечиста совест. f А важно е и тој да задржи чиста совест пред Јехова (Дела 24:16).

18. На што треба да бидат решени сопрузите? (Види ја и рамката „ Четири начини на кои сопругот може да покажува почит“.)

18 Сопрузи, може да бидете сигурни дека Јехова го гледа и го цени трудот што го вложувате за да покажете дека ја цените вашата сопруга со своите зборови и постапки. Бидете решени да ја почитувате така што нема да правите ништо со што би ја повредиле и така што ќе бидете љубезни, обѕирни и нежни со неа. Ако го правите тоа, ќе покажете дека ја сакате и дека е вредна во ваши очи. Со тоа што ќе ја почитувате вашата жена, ќе го заштитите вашето најважно пријателство — пријателството со Јехова (Пс. 25:14).

ПЕСНА 131 Двајцата ќе бидат едно тело

a На сопрузите ќе им користи тоа што ќе ја прочитаат статијата „Дали постапуваш со жените како што постапува Јехова?“ која излезе во Стражарска кула од јануари 2024.

b На жртвите на семејно насилство може да им користи статијата „Помош за жртвите на семејно насилство“ која се наоѓа во рубриката „Разно“ на jw.org и во JW Library®.

c ПОЈАСНУВАЊЕ: Во „навредлив говор“ е вклучено едно лице да му се обраќа некому со погрдни имиња и да му упатува остри и постојани критики. Значи, сето она што еден сопруг би ѝ го кажал на својата жена со цел да ја повреди или омаловажи спаѓа во навредлив говор.

d На jw.org и во JW Library види ја статијата „Порнографијата може да ти го уништи бракот“.

e На една сопруга чиј маж гледа порнографија ќе ѝ користи статијата „Ако твојот сопружник гледа порнографија“ која излезе во Стражарска кула од август 2023.

f Библијата не прецизира кои сексуални постапки во бракот се чисти, а кои нечисти. Брачните другари треба заедно да донесат одлуки кои ќе бидат одраз на нивната решеност да му носат слава на Јехова, да си угодат еден на друг и да задржат чиста совест. Општо земено, еден брачен пар нема да зборува со други за интимниот дел од нивниот живот.

g ОПИС НА СЛИКАТА: Колегите на еден брат кои не се Сведоци се обидуваат да го наведат и тој да гледа едно порнографско списание.