Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 3

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

Јехова ќе ти помага во тешки времиња

Јехова ќе ти помага во тешки времиња

Јехова ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам (ПС. 16:8)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да дознаеме што можеме да правиме за да извлечеме корист од Јеховината помош во тешки времиња.

1-2. Со какви тешкотии можат да се соочат верните слуги на Јехова?

 ТРАГИЧНИТЕ настани можат да ни го сменат животот преку ноќ. На пример, на еден брат по име Луис a му бил откриен редок вид на рак. Лекарот му рекол дека му остануваат само уште неколку месеци живот. Моника и нејзиниот сопруг биле зафатени со духовни активности. Потоа, еден ден, Моника дознала дека нејзиниот сопруг, кој служел како старешина, веќе со години водел двоен живот. Една немажена сестра, по име Оливија, морала да го напушти својот дом бидејќи се приближувал разорен ураган. Кога се вратила, таа видела дека ураганот ѝ ја уништил куќата. Сосема неочекувано, животот на Луис, Моника и Оливија се сменил од корен. Дали и ти си доживеал нешто толку страшно што одненадеж ти го сменило животот?

2 Иако верно му служиме на Јехова, и ние доживуваме неволји и се разболуваме исто како сите други луѓе. Освен тоа, можеби треба да се справиме со противење или прогонство од страна на оние што го мразат Божјиот народ. Иако Јехова не нѐ заштитува од такви тешкотии, тој ветува дека ќе ни помага (Иса. 41:10). Со негова помош можеме да ја зачуваме нашата радост, да носиме добри одлуки и да му останеме верни дури и во најтешките ситуации. Во оваа статија ќе разгледаме четири начини на кои Јехова ни помага во најмрачните периоди од нашиот живот. Исто така, ќе разгледаме што треба да правиме за да извлечеме корист од помошта што тој ни ја обезбедува.

ЈЕХОВА ЌЕ ТЕ ЧУВА

3. Што можеби ќе ни биде тешко да правиме кога ќе ни се случи некој трагичен настан?

3 Проблемот со кој се соочуваме. Кога ќе доживееме некоја трагедија, може да ни биде тешко јасно да размислуваме и да носиме одлуки. Зошто? Можеби во нашето срце чувствуваме огромна болка. Можеби нашиот ум е оптоварен со грижи. Можеби се чувствуваме како да талкаме низ магла и не сме сигурни во кој правец треба да одиме. Забележи како се чувствувале двете сестри што ги спомнавме претходно за време на нивните неволји. Оливија вели: „Кога ураганот го уништи мојот дом, се чувствував изгубено и бев оптоварена од грижи“. Во врска со неверството на нејзиниот сопруг, Моника вели: „Не можам да опишам колку бев разочарана. Срцето ми беше скршено. Ми беше тешко да ги извршувам дури и наједноставните секојдневни активности. Никогаш не мислев дека ќе доживеам такво нешто“. Јехова ветува дека ќе ни помага кога сме оптоварени од грижи. Како?

4. Што ни ветува Јехова според Филипјаните 4:6, 7?

4 Како ни помага Јехова. Тој ветува дека ќе ни го даде она што во Библијата е наречено „мирот Божји“. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.) Овој мир се однесува на спокојот што го чувствуваме во умот и во срцето како резултат на нашето скапоцено пријателство со Јехова. Тој мир „ја надминува секоја мисла“. Таквото чувство на мир е многу поубаво од она што ние можеме да си го замислиме. Дали некогаш си се изненадил од мирот што си го почувствувал откако сесрдно си му се помолил на Јехова? Таквото чувство е всушност „мирот Божји“.

5. Како Божјиот мир ги чува нашиот ум и нашето срце?

5 Во Филипјаните 4:7 го пишува и следново: „Мирот Божји... ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“. Зборот што е преведен со „чува“ на изворниот јазик се користел како воен израз кој укажувал на чета војници која има задача да чува еден град и да го штити од напади. Жителите на градот мирно спиеле бидејќи знаеле дека војниците се поставени на портите. Слично на ова, кога мирот Божји ги чува нашето срце и нашиот ум, ние сме спокојни бидејќи знаеме дека сме безбедни (Пс. 4:8). Како што било случај со Ана, дури и ако нашата ситуација не се смени веднаш, сепак можеме да чувствуваме извесна мера мир (1. Сам. 1:16-18). А кога сме смирени, честопати ни е полесно да размислуваме јасно и да носиме мудри одлуки.

Моли се сѐ додека не почувствуваш дека „мирот Божји“ ги чува твоето срце и твојот ум (види во пасуси 4-6)



6. Што можеме да правиме за да извлечеме корист од мирот Божји? (Види ја и сликата.)

6 Што треба да правиме ние. Кога си загрижен, викни ги чуварите, така да се каже. Како? Така што ќе се молиш сѐ додека не го почувствуваш мирот Божји (Лука 11:9; 1. Сол. 5:17). Луис, кого го спомнавме претходно, објаснил што им помогнало нему и на неговата сопруга Ана кога дознале дека му остануваат само уште неколку месеци живот. Тој рекол: „Во вакви моменти е многу тешко да носиш одлуки во врска со здравјето и други работи. Но, во ова тешко време можевме да имаме мир само затоа што се молевме“. Луис и неговата сопруга рекле дека тие се молеле сесрдно и често, и барале од Јехова да им даде внатрешен мир и мудрост за да можат да носат добри одлуки. Тој навистина им помогнал. Ако минуваш низ тежок период, моли се истрајно и ќе почувствуваш како Јеховиниот мир ги чува твоето срце и твојот ум (Рим. 12:12).

ЈЕХОВА ЌЕ ТИ ПОМОГНЕ ДА ЗАДРЖИШ СТАБИЛНОСТ

7. Како можеби ќе се чувствуваме кога минуваме низ некоја тешка ситуација?

7 Проблемот со кој се соочуваме. Кога минуваме низ некоја тешка ситуација, нашите чувства, мисли и постапки можеби нема да бидат толку урамнотежени како обично. Исто како што среде една бура брановите го фрлаат бродот ваму-таму, и ние можеби ќе се чувствуваме како да сме фрлани од една силна емоција во друга. Ана, која ја спомнавме претходно, вели дека по смртта на Луис ја преплавиле најразлични емоции. Таа рекла: „Кога ќе почувствував огромна празнина, почнував да се самосожалувам. Исто така, почнуваше да ме обзема гнев затоа што него повеќе го нема“. Освен тоа, Ана се чувствувала осамено и била фрустрирана кога требало да носи одлуки за работи за кои Луис многу добро се грижел. Понекогаш се чувствувала како да е среде бура на отворено море. Како Јехова ни помага кога ќе нѐ преплават такви емоции?

8. Според Псалм 16:8, во што нѐ уверува Јехова?

8 Како ни помага Јехова. Тој нѐ уверува дека ќе ни помогне да задржиме стабилност. (Прочитај Псалм 16:8.) Кога еден брод ќе го зафати бура, тој може да почне силно да се ниша. За да ја задржат стабилноста, многу бродови имаат стабилизатори кои се наоѓаат од двете страни на бродот, под површината на водата. Ваквите стабилизатори можат значително да го намалат нишањето на бродот со што придонесуваат патувањето да биде побезбедно и поудобно за патниците. Но, овие стабилизатори најдобро функционираат кога бродот се движи напред. Слично на тоа, Јехова ќе ни помогне да ја задржиме нашата стабилност ако продолжиме да му служиме верно кога се наоѓаме во тешки ситуации.

Задржи стабилност со помош на алатките за истражување (види во пасуси 8-9)



9. Како нашите алатки за истражување можат да ни помогнат да задржиме емоционална стабилност? (Види ја и сликата.)

9 Што треба да правиме ние. Кога ќе те обземе бура од емоции, дај сѐ од себе да продолжиш да се молиш, да одиш на состаноците и да проповедаш. Се разбира, можеби нема да бидеш во состојба да правиш онолку колку што си правел порано, но не заборавај дека Јехова не очекува од нас да правиме повеќе отколку што можеме. (Спореди со Лука 21:1-4.) Исто така, одвој си време за лично проучување и длабоко размислување. Зошто? Преку својата организација, Јехова ни обезбедува статии и видеоклипови кои можат да ни помогнат да задржиме емоционална стабилност. За да го најдеш она што ти е потребно, можеш да ги користиш алатките за истражување кои се достапни на твојот јазик, како што се апликацијата JW Li­brary® и Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Моника, која ја спомнавме претходно, рекла дека штом ќе почувствува дека ѝ надоаѓаат силни емоции, веднаш почнува да бара совет со помош на алатките за истражување. На пример, таа пребарувала под поимот „гнев“. Во други прилики, пребарувала под поимот „неверство“ или „верност“. Потоа читала сѐ додека не се чувствувала подобро. Моника рекла: „Кога ќе почнев да истражувам, се чувствував многу вознемирено. Но, додека читав, чувствував како Јехова нежно да ме прегрнува. Освен тоа, сфаќав дека Јехова ги разбира сите мои чувства, и тој ми помагаше“. Таквата поддршка од Јехова исто така може да ти помогне да ги држиш под контрола своите емоции сѐ додека не почнеш да чувствуваш поголем мир (Пс. 119:143, 144).

ЈЕХОВА ЌЕ ТЕ ПОДДРЖУВА

10. Како можеби ќе се чувствуваме после некој трагичен настан?

10 Проблемот со кој се соочуваме. Откако ќе доживееме некој трагичен настан, можеби ќе има денови во кои ќе се чувствуваме физички и емоционално исцрпени. Можеби се чувствуваме како повреден спортист, кој едно време трчал брзо, но сега криви додека оди. Можеби едвај ги извршуваме обврските кои порано лесно сме ги извршувале. Или можеби немаме голема желба да ги вршиме активностите во кои порано сме уживале. Исто како Илија, можеби ни е претешко да станеме. Можеби само сакаме да спиеме (1. Цар. 19:5-7). Што ни ветува Јехова дека ќе направи кога ќе се чувствуваме слаби?

11. На кој друг начин ни помага Јехова? (Псалм 94:18).

11 Како ни помага Јехова. Тој ветува дека ќе нѐ поддржува. (Прочитај Псалм 94:18.) Исто како што на еден повреден спортист му е потребна помош за да се движи, можеби и нам ќе ни биде потребна помош за да останеме активни во службата за Јехова. Во таквите моменти, Јехова ни го дава следново уверување: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ’Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Иса. 41:13). Цар Давид ја почувствувал ваквата помош. Кога се соочил со проблеми и со непријатели, тој му рекол на Јехова: „Твојата десница ме поддржува“ (Пс. 18:35). Но, како Јехова нѐ поддржува?

Прифати ја помошта од твоето семејство, од пријателите и од старешините (види во пасуси 11-13)



12. Преку кого Јехова може да ни помогне кога сме емоционално исцрпени?

12 Јехова честопати нѐ поддржува така што ги поттикнува другите да ни помогнат. На пример, кога во една прилика Давид се чувствувал емоционално исцрпен, неговиот пријател Јонатан го посетил за да го зајакне и да го охрабри (1. Сам. 23:16, 17). Слично на тоа, Јехова го избрал Елисеј за да му пружи практична помош на Илија (1. Цар. 19:16, 21; 2. Цар. 2:2). Денес, Јехова може да ни ја даде потребната поддршка преку семејството, пријателите или старешините. Сепак, кога имаме некоја емоционална болка, можеби сакаме да се изолираме и да бидеме сами. Тоа е нормална реакција. Што можеме да правиме за да ја добиеме Јеховината поддршка?

13. Што треба да правиме за да извлечеме корист од помошта што Јехова ни ја дава? (Види ја и сликата.)

13 Што треба да правиме ние. Бори се против желбата да се изолираш. Кога се изолираме, може да почнеме да мислиме само на себе и на проблемите низ кои минуваме. Овој начин на размислување може да влијае врз одлуките што ги носиме (Изр. 18:1). Се разбира, сите ние имаме потреба понекогаш да бидеме сами, особено кога ќе доживееме нешто трагично. Но, ако се изолираме подолг временски период би можело да се случи да ја отфрлиме помошта од луѓето кои Јехова ги користи за да ни помогне. Затоа, колку и да ти е тешко во такви моменти, прифати ја помошта од твоето семејство, од пријателите и од старешините. Гледај на нив како на некој што Јехова го користи за да ти помогне (Изр. 17:17; Иса. 32:1, 2).

ЈЕХОВА ЌЕ ТЕ ТЕШИ

14. Со какви застрашувачки ситуации би можеле да се соочиме?

14 Проблемот со кој се соочуваме. Можеби минуваме низ моменти во кои се чувствуваме исплашено. Во Библијата читаме за верни Божји слуги кои кажале дека минувале низ тешки ситуации и биле исплашени поради нивните непријатели или поради други притисоци (Пс. 18:4; 55:1, 5). Слично на тоа, можеби се соочуваме со противење на училиште, на работа, од семејството или од властите. Можеби дури се плашиме дека ќе умреме поради некој здравствен проблем. Во такви ситуации, можеби се чувствуваме беспомошно, како едно мало дете. Како Јехова ни помага во такви моменти?

15. Според Псалм 94:19, што ќе направи Јехова за нас?

15 Како ни помага Јехова. Тој нѐ теши и нѐ смирува. (Прочитај Псалм 94:19.) Кога го читаме овој псалм, можеби помислуваме на едно мало девојче кое е уплашено и не може да спие поради силните грмотевици. Можеме да си го замислиме нејзиниот татко како доаѓа, ја зема во прегратка и ја држи во рацете сѐ додека таа не заспие. Иако бурата сѐ уште беснее, таа се чувствува сигурно во топлата прегратка на својот татко. Кога доживуваме застрашувачки ситуации, можеби ќе ни биде потребно нашиот небесен Татко, така да се каже, да нѐ земе во прегратка сѐ додека не почувствуваме мир. Како можеме да добиеме таква утеха од Јехова?

Дозволи му на твојот небесен Татко да те теши преку неговата Реч (види во пасуси 15-16)



16. Што можеме да правиме за да извлечеме корист од утехата на Јехова? (Види ја и сликата.)

16 Што треба да правиме ние. Редовно одвојувај време за да бидеш со Јехова така што ќе му се молиш и ќе ја читаш неговата Реч (Пс. 77:1, 12-14). Ако имаш ваква навика, тогаш првото нешто што веројатно ќе го направиш кога ќе бидеш под стрес е да побараш помош од својот небесен Татко. Кажи му ги на Јехова своите стравови и грижи. Дозволи му да ти зборува и да те утеши преку неговата Реч (Пс. 119:28). Некои делови од Библијата можат особено да те утешат кога си исплашен. На пример, охрабрување можеш да најдеш во книгите Јов, Псалми и Изреки, како и во зборовите на Исус кои се запишани во Матеј поглавје 6. Додека му се молиш на Јехова и ја читаш неговата Реч, ќе почувствуваш како тој те теши.

17. Во што можеме да бидеме уверени?

17 Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе биде покрај нас дури и во најмрачните периоди од нашиот живот. Ние никогаш нема да бидеме сами (Пс. 23:4; 94:14). Јехова ветува дека ќе нѐ чува, ќе ни помага да задржиме стабилност, ќе нѐ поддржува и ќе нѐ теши. Во Исаија 26:3 за Јехова пишува: „Ќе ги чуваш во траен мир оние чие срце е постојано, зашто имаат доверба во тебе“. Затоа, имај доверба во Јехова и прави сѐ што можеш за да извлечеш корист од сето она што тој го користи за да ти помогне. Ако го правиш тоа, ќе добиеш нови сили дури и во тешки времиња.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Кога особено ни е потребна Јеховината помош?

  • На кои четири начини ни помага Јехова кога минуваме низ тежок период?

  • Што можеме да правиме за да извлечеме корист од помошта од Јехова?

ПЕСНА 12 Јехова е величествен Бог

a Некои имиња се сменети.