Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 2

ПЕСНА 19 Господаровата вечера

Дали си подготвен за најважниот ден во годината?

Дали си подготвен за најважниот ден во годината?

Правете го ова за мој спомен! (ЛУКА 22:19)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Размисли зошто Спомен-свеченоста е толку важна, како може да се подготвиме за неа и како можеме да им помогнеме на другите да присуствуваат на овој настан.

1. Зошто Спомен-свеченоста е најважниот ден во годината? (Лука 22:19, 20).

 ЗА Јеховиниот народ, Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт е најважниот ден во годината. Тоа е единствениот настан за кој Исус конкретно им заповедал на своите следбеници да го одбележуваат. (Прочитај Лука 22:19, 20.) Ние едвај чекаме да дојде Спомен-свеченоста од неколку причини. Да разгледаме некои од нив.

2. Кои се некои причини зошто едвај чекаме да дојде Спомен-свеченоста?

2 Спомен-свеченоста ни помага да размислуваме за тоа колкава вредност има откупнината. Овој настан нѐ потсетува на кои начини можеме да го покажеме нашето ценење за жртвата на Исус (2. Кор. 5:14, 15). Исто така, ни дава прилика „заемно да се охрабриме“ со нашите браќа и сестри (Рим. 1:12). Секоја година присуствуваат многу браќа и сестри кои се неактивни. Некои од нив дури се поттикнати да му се вратат на Јехова затоа што се срдечно пречекани на овој настан. А голем број заинтересирани лица се воодушевени од она што ќе го видат и чујат на Спомен-свеченоста и се поттикнати да почнат да ја проучуваат Библијата. Сосема е разбирливо што Спомен-свеченоста има посебно место во нашето срце!

3. Како Спомен-свеченоста го обединува нашето меѓународно братство? (Види ја и сликата.)

3 Исто така, размисли на кој начин Спомен-свеченоста го обединува нашето меѓународно братство. Додека во различни делови од светот Сонцето постепено заоѓа, Јеховините сведоци се собираат за да го одбележат овој настан. Сите ние слушаме еден говор кој истакнува колку е важна откупнината. Пееме две песни на фалба, си ги подаваме лебот и виното и од срце кажуваме „амин“ на четири молитви. За околу 24 часа, сите собранија ќе го одбележат овој настан на ист начин. Можеш ли да си замислиш колкава радост чувствуваат Јехова и Исус кога гледаат како обединето им оддаваме чест на овој начин?

Спомен-свеченоста го обединува нашето меѓународно братство (види во пасус 3) f



4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Како можеме да си го подготвиме срцето за Спомен-свеченоста? Како можеме да им помогнеме на другите да извлечат корист од овој настан? И како можеме да им помогнеме на оние кои се неактивни? Одговорите на овие прашања ќе ни помогнат да бидеме подготвени за овој свет настан.

КАКО МОЖЕМЕ ДА СИ ГО ПОДГОТВИМЕ СРЦЕТО?

5. а) Зошто треба да размислуваме за вредноста на откупнината? (Псалм 49:7, 8). б) Што научи од видеоклипот Зошто умрел Исус?

5 Еден од најважните начини на кој можеме да си го подготвиме срцето за Спомен-свеченоста е така што ќе размислуваме за вредноста на откупната жртва на Исус Христос. Никој од нас не може да плати откупнина за да се ослободи од гревот и смртта. (Прочитај Псалм 49:7, 8; види го и видеоклипот Зошто умрел Исус?) a Затоа, Јехова се погрижил Исус да го даде својот живот како откупнина за нас. И двајцата направиле голема жртва (Рим. 6:23). Колку повеќе размислуваме за тоа што жртвувале за нас Јехова и Исус, толку повеќе ќе ја цениме откупнината. Ќе разгледаме само неколку од работите што Јехова и Исус биле спремни да ги направат за да ја обезбедат откупнината. Но, прво да видиме што вклучувала откупнината?

6. Што вклучувала откупнината?

6 Откупнина е цената која се плаќа за да се откупи нешто. Првиот човек, Адам, бил создаден како совршен човек. Кога згрешил, тој ја изгубил можноста за вечен живот не само за себе туку и за сите свои деца. Со цел да го откупи она што Адам го изгубил, Исус спремно го дал својот совршен живот како жртва. Во текот на целиот свој живот на Земјата, Исус не направил грев, ниту пак се нашла „измама во неговата уста“ (1. Пет. 2:22). Кога умрел, Исус бил совршен, исто како што бил и Адам пред да згреши. Затоа, со тоа што го жртвувал својот живот, Исус можел да ја плати цената за она што го изгубил Адам (1. Кор. 15:45; 1. Тим. 2:6).

7. Кои се некои испити на верата со кои Исус се соочил додека бил на Земјата?

7 Додека бил на Земјата, Исус му останал совршено послушен на својот небесен Татко и покрај многуте испити на верата со кои се соочил. Додека бил дете, Исус требало да се подложува на авторитетот на своите несовршени човечки родители и покрај тоа што тој се родил совршен (Лука 2:51). Кога бил тинејџер, Исус требало да се спротивстави на притисокот од другите кои можеби сакале да го натераат да им биде непослушен на родителите или да му биде неверен на Јехова. А кога станал возрасен, Исус требало да му се спротивстави на Сатана Ѓаволот, кој го искушувал, па дури и отворено му рекол да се откаже од својата верност кон Бог (Мат. 4:1-11). Сатана бил решен да го наведе Исус на грев за да не може да ја плати откупнината.

8. Какви други тешкотии претрпел Исус?

8 За време на својата служба на Земјата, Исус претрпел и други тешкотии. Неговите непријатели го прогонувале и сакале да го убијат (Лука 4:28, 29; 13:31). Тој морал да се справи со несовршеностите на своите следбеници (Мар. 9:33, 34). На судењето во кое се одлучувало за неговиот живот, Исус бил малтретиран и исмејуван. Потоа бил погубен на понижувачки начин и трпел огромна болка (Евр. 12:1-3). Додека висел на маченичкиот столб, Исус морал самиот да се справи со страдањето што го доживувал, без Јеховината заштита b (Мат. 27:46).

9. Какви чувства се будат во нас кога размислуваме за жртвата на Исус? (1. Петрово 1:8).

9 Јасно е дека Исус морал многу да страда за да ја обезбеди откупнината. Зарем не чувствуваме голема љубов кон Исус кога размислуваме колкави жртви бил спремен да направи за нас? (Прочитај 1. Петрово 1:8.)

10. Што сѐ бил спремен Јехова да претрпи за да ја обезбеди откупнината?

10 А што бил спремен Јехова да жртвува за да може Исус да ја плати откупнината? Јехова и Исус ја имаат најблиската врска што може да ја имаат еден татко и еден син (Изр. 8:30). Помисли само како Јехова се чувствувал додека гледал низ колку неволји минувал Исус додека бил на Земјата. Без сомнение, Јехова чувствувал голема болка кога гледал како неговиот Син е малтретиран, отфрлен и колку многу страда.

11. Наведи еден пример кој покажува како Јехова веројатно се чувствувал кога Исус бил погубен.

11 Секој родител кому му починало дете знае колку голема тага причинува таквата загуба. Ние имаме силна вера во воскресение, но тоа не ја отстранува болката што ја чувствуваме кога ќе ни почине некој од нашите најблиски. Овој пример ни помага да сфатиме како Јехова веројатно се чувствувал кога гледал дека неговиот сакан Син страда и умира тој пролетен ден во 33 год. од н.е. c (Мат. 3:17).

12. Што можеме да правиме во периодот пред Спомен-свеченоста?

12 Периодот пред Спомен-свеченоста би можел да го искористиш за повеќе да проучуваш за откупнината во текот на твоето лично проучување или на Семејната вечер. Користи го Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци или некоја друга публикација за подлабоко да истражуваш на оваа тема. d Исто така, потруди се да ги читаш библиските извештаи од Распоредот за читање на Библијата за Спомен-свеченоста кој се наоѓа во Нашиот живот и служба како христијани — работни листови. А на денот на Спомен-свеченоста, не заборавај да ја гледаш посебната утринска програма. Ако го подготвиме нашето срце за овој важен настан, ќе можеме да им помогнеме и на другите да извлечат корист од него (Езра 7:10).

ПОМОГНИ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА ИЗВЛЕЧАТ КОРИСТ

13. Кој е првиот чекор што треба да го направиме за да им помогнеме на другите да извлечат корист од Спомен-свеченоста?

13 Како можеме да им помогнеме на другите да извлечат корист од Спомен-свеченоста? Се разбира, првиот чекор е да ги поканиме. Освен што ќе ги поканиме оние што ги среќаваме во службата на проповедање, можеме да си направиме список за да ги поканиме и оние што ги познаваме. Во овој список може да ги вклучиме нашите роднини, колеги, соученици и други. Дури и ако немаме доволно печатени примероци од поканата, можеме да им испратиме линк од електронското издание. Можеби ќе бидеме изненадени колку многу луѓе ќе одлучат да дојдат (Проп. 11:6).

14. Наведи пример колку вреди некој да добие личен примерок од поканата.

14 Никогаш да не потцениме колкаво силно влијание може да изврши врз некого тоа што ќе добие личен примерок од поканата. Еден ден, една сестра чиј сопруг не е Јеховин сведок се изненадила кога тој гордо ѝ кажал дека планира да оди заедно со неа на Спомен-свеченоста. Зошто таа била изненадена? Затоа што низ годините таа многупати го поттикнувала да присуствува, но тој никогаш не дошол. Зошто нејзиниот сопруг овојпат решил да дојде? Тој ѝ рекол: „Добив покана“. А потоа ѝ објаснил дека еден старешина од собранието со кого се познавал му дал покана. Нејзиниот сопруг присуствувал на Спомен-свеченоста таа година, а и многу години потоа.

15. Што треба да имаме на ум кога ги каниме луѓето на Спомен-свеченоста?

15 Имај на ум дека оние што ќе ги поканиме можеби ќе имаат прашања, особено ако никогаш не присуствувале на некој од нашите состаноци. Би било добро да размислиме кои прашања би можеле да ни ги постават и да се подготвиме за да им ги одговориме (Кол. 4:6). На пример, некои можеби ќе прашаат: „Што ќе се случува на тој настан?“, „Колку долго ќе трае?“, „Како треба да бидам облечен?“, „Дали влезот се наплаќа?“, „Дали ќе се собираат прилози?“ Кога каниме некого на Спомен-свеченоста, едноставно би можеле да го прашаме: „Имаш ли некое прашање?“, а потоа може да му дадеме одговор. За да му помогнеме некому да сфати што се случува на нашите состаноци, би можеле да му ги покажеме видеоклиповите Сеќавај се на смртта на Исус Христос и Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? А во лекција 28 од книгата Радувај му се на животот засекогаш има многу убави мисли кои можеме да ги споделиме.

16. Кои други прашања можеби ќе ги имаат оние кои ќе присуствуваат на Спомен-свеченоста?

16 По Спомен-свеченоста, оние кои за првпат присуствувале можеби ќе имаат и други прашања. Тие можеби ќе се прашуваат зошто само некои земаат од симболите, или пак зошто никој не зема од нив. Исто така, тие можеби ќе прашаат колку често ја одржуваме Спомен-свеченоста. И можеби ќе сакаат да знаат дали сите состаноци на Јеховините сведоци се одржуваат на истиот начин. Иако многу од овие работи ќе бидат објаснети за време на говорот, сепак, на интересентите можеби ќе им треба подетално објаснување. Статијата на jw.org со наслов „Зошто Јеховините сведоци ја одбележуваат Господаровата вечера поинаку од другите религии?“ може да ни помогне да одговориме на некои од нивните прашања. Ние сакаме да направиме сѐ што можеме — пред, за време на и по Спомен-свеченоста — за да им помогнеме на оние кои исправно гледаат на вечниот живот да извлечат корист од овој настан (Дела 13:48).

ПОМОГНИ ИМ НА НЕАКТИВНИТЕ

17. Како можат старешините да им помогнат на оние кои се неактивни? (Езекиел 34:12, 16).

17 Во периодот околу Спомен-свеченоста, како можат старешините да им помогнат на оние кои се неактивни? Покажете им дека се грижите за нив. (Прочитај Езекиел 34:12, 16.) Пред Спомен-свеченоста потрудете се да им се јавите на што е можно повеќе од нив. Уверете ги дека ги сакате и дека сте спремни да им помогнете на кој и да било начин. Поканете ги на Спомен-свеченоста. Ако дојдат, изразете им срдечно добредојде. По Спомен-свеченоста, останете во контакт со овие драги браќа и сестри и пружете им ја духовната помош што им е потребна за да му се вратат на Јехова (1. Пет. 2:25).

18. Како можеме сите ние да им помогнеме на неактивните? (Римјаните 12:10).

18 Сите во собранието можат да им помогнат на неактивните кои ќе присуствуваат на Спомен-свеченоста. Како? Така што ќе им покажат љубов и ќе се однесуваат со нив љубезно и со почит. (Прочитај Римјаните 12:10.) Имај на ум дека на овие Јеховини овчички можеби не им било лесно да дојдат на состанокот. Можеби се плашеле дека нема да наидат на убава реакција од другите. e Затоа, немој да им поставуваш прашања со кои ќе ги засрамиш и немој да кажеш нешто со што би можел да ги повредиш (1. Сол. 5:11). Овие браќа и сестри се наши соверници. Се радуваме што повторно имаме прилика да го обожаваме Јехова заедно со нив! (Пс. 119:176; Дела 20:35).

19. Како ни користи тоа што се сеќаваме на Исусовата смрт?

19 Воопшто не нѐ чуди тоа што Исус рекол секоја година да ја одбележуваме годишнината од неговата смрт. Тоа што присуствуваме на Спомен-свеченоста ни користи и нам и на другите на многу начини (Иса. 48:17, 18). Нашата љубов кон Јехова и кон Исус расте. Покажуваме колку многу сме благодарни за она што го направиле за нас. Стануваме поблиски со нашите браќа и сестри. А можеме да им помогнеме и на другите да дознаат како можат и тие да ги доживеат благословите што ги овозможува откупнината. Затоа, да направиме сѐ што можеме за да се подготвиме за овогодишната Спомен-свеченост — најважниот ден во годината!

КАКО МОЖЕМЕ...

  • да си го подготвиме срцето за Спомен-свеченоста?

  • да им помогнеме на другите да извлечат корист од неа?

  • да им помогнеме на неактивните?

ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината

a За да ги најдеш статиите и видеоклиповите што се спомнати во оваа статија, оди на jw.org и внеси го насловот во полето за пребарување.

b Види ја статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од април 2021.

d Види ја рамката „ Предлози за истражување“.

e Види ги сликите и рамката „ Како реагирало собранието?“ Еден неактивен брат се двоуми дали да влезе во салата за состаноци, но на крајот одлучува да влезе. Тој е срдечно пречекан и ужива во друштвото на соверниците.

f ОПИС НА СЛИКАТА: Додека во еден дел од светот Јеховините слуги ја одбележуваат Спомен-свеченоста, нивните браќа и сестри во други делови од светот се подготвуваат за овој посебен настан.