ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Јехова ги слушна моите молитви
ЕДНА вечер, кога имав само десет години, ги гледав ѕвездите како сјаат на небото. Тоа ме поттикна да клекнам на колена и да се молам. Иако го познавав Јехова само кратко време, сепак му ги кажав сите мои најдлабоки чувства. Со таа молитва започна моето блиско и долгогодишно пријателство со Јехова Бог — оној „што ги слуша молитвите“ (Пс. 65:2). Би сакал да ви раскажам зошто му се молев на Богот за кој штотуку имав дознаено.
ПОСЕТА КОЈА ГО СМЕНИ ЖИВОТОТ НА МОЕТО СЕМЕЈСТВО
Роден сум на 22 декември 1929 год. во Ноувил, едно мало селце со девет фарми во близина на Бастоњ, во белгиските Ардени. Имам многу убави спомени од моето детство на фармата со моите родители. Заедно со мојот помлад брат Рејмонд, секој ден рачно ги молзевме кравите и помагавме околу жетвата. Во нашето мало село, сите работевме заедно и си помагавме еден на друг.
Моите родители, Емил и Алис, беа оддадени католици. Секоја недела тие одеа на миса. Но, некаде околу 1939 год., некои пионери од Англија дојдоа во нашето село и на татко ми му понудија да се претплати на списанието Утеха (сега Разбудете се!). Татко ми брзо го препозна гласот на вистината и почна да ја чита Библијата. Кога престана да оди на миса, нашите соседи, кои претходно беа пријателски настроени, почнаа силно да му се противат. Тие му вршеа притисок да остане католик и водеа жестоки дискусии со него.
Кога гледав под колку голем притисок е татко ми, тоа ми причинуваше голема болка. Тоа ме поттикна сесрдно да го молам Бог да му помогне, како што спомнав во почетокот на оваа статија. Бев пресреќен поради тоа што соседите престанаа да му се противат на татко ми. Ова ме увери дека Јехова е оној „што ги слуша молитвите“.
НАШИОТ ЖИВОТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОЈНАТА
На 10 мај 1940 год. нацистичка Германија ја нападна Белгија и, како резултат на тоа, голем број луѓе ја напуштија земјата. Моето семејство побегна во Јужна Франција. Понекогаш, додека патувавме, минувавме низ опасни места каде што се водеа жестоки битки помеѓу германската и француската војска.
Подоцна, кога се вративме на нашата фарма, видовме дека повеќето од работите што ги поседувавме беа украдени. Само нашето куче Боби беше тука за да нѐ пречека. Ваквите искуства ме поттикнаа да се прашам: „Зошто постојат војни и страдања?“
Некаде во тоа време, многу нѐ охрабри посетата на брат Емил Шранц, еден верен старешина кој служеше како пионер. Со помош на Библијата, тој на многу јасен начин објасни зошто постојат страдањата и одговори на многу други мои прашања во врска со животот. Тоа ми помогна да станам уште поблизок со Јехова и да се уверам дека тој е Бог на љубовта.
Уште пред да заврши војната, моето семејство можеше почесто да биде во контакт со браќата. Во август 1943 год., брат Жозе-Никола Мине ја посети нашата фарма за да одржи говор. Тој праша: „Кој сака да се крсти?“ Јас и татко ми кренавме рака и се крстивме во една мала река во близина на нашата фарма.
Во декември 1944 год., германската војска го започна својот последен голем напад на Западниот фронт, познат како битката кај Булџ. Ние живеевме близу местото каде што се одвиваше битката, и околу еден месец мораше да се криеме во подрумот на нашата куќа. Еден ден, кога излегов да ги нахранам животните, артилериски гранати ја погодија фармата и го разнесоа покривот на амбарот. Еден американски војник, кој беше во шталата блиску до мене, ми довикна: „Легни долу!“ Јас истрчав и легнав до него, а тој го стави својот шлем на мојата глава за да ме заштити.
ДУХОВЕН НАПРЕДОК
По војната, успеавме редовно да бидеме во контакт со браќата и сестрите од собранието во Лиеж, кое се наоѓаше некаде околу 90 километри северно од нас. По некое време, успеавме да формираме една мала група за проучување во Бастоњ. Почнав да работам во даночната администрација и имав можност да студирам право. Подоцна, работев во една нотарска канцеларија. Во 1951 год., организиравме еден мал покраински собир во Бастоњ. Беа присутни околу стотина луѓе меѓу кои беше и една ревносна сестра, која служеше како пионер, по име Ели Ројтер. Таа патувала 50 километри со велосипед за
да може да присуствува на овој собир. По кратко време се вљубивме и се веривме. Ели имаше добиено покана за школата Гилеад во САД. Таа напиша писмо до главното седиште за да објасни зошто сметаше дека треба да ја одбие поканата. Брат Нор, кој во тоа време предводеше меѓу Јеховиниот народ, љубезно ѝ одговори дека еден ден можеби ќе присуствува на школата Гилеад заедно со нејзиниот сопруг. Се венчавме во февруари 1953 год.Истата година, со Ели присуствувавме на конгресот „Општеството на новиот свет“, кој се одржа на стадионот Јенки во Њујорк. Додека бевме таму, запознав еден брат кој ми понуди добра работа и ми предложи да се преселам во САД. Откако му се молевме на Јехова за тоа, јас и Ели решивме да ја одбиеме понудата и да се вратиме во Белгија за да ја поддржуваме малата група од околу десет објавители во Бастоњ. Следната година ни се роди нашето синче Серж и бевме пресреќни поради тоа. За жал, по седум месеци Серж се разболе и почина. Во молитва му кажувавме на Јехова колку голема тага чувствуваме, и надежта за воскресение ни даваше сила.
ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА
Во октомври 1961 год., успеав да најдам работа со скратено работно време, со која ќе можев да служам како пионер. Но, истиот ден добив телефонски повик од слугата на подружницата во Белгија. Тој ме праша дали сум во можност да започнам да служам како покраински слуга (сега покраински надгледник). Јас прашав: „Може ли прво да служиме како пионери пред да ја прифатиме оваа задача?“ Браќата ни рекоа дека можеме. Откако осум месеци служевме како пионери, во септември 1962 год. почнавме со покраинското дело.
Откако две години служевме во покраинското дело, бевме поканети да служиме во Бетелот во Брисел. Во октомври 1964 год. почнавме со бетелската служба. Оваа нова задача ни донесе многу благослови. Кратко откако брат Нор го посети нашиот Бетел во 1965 год., многу се изненадив кога бев именуван да служам како слуга на подружницата. Подоцна, јас и Ели бевме поканети да присуствуваме на 41-от клас на школата Гилеад. Зборовите што брат Нор ги кажа пред 13 години се исполнија! По дипломирањето, се вративме во Бетелот во Белгија.
ОДБРАНА НА НАШИТЕ ЗАКОНСКИ ПРАВА
Низ годините, имав чест да го искористам моето познавање на законот за да помогнам околу правото на Јеховините слуги слободно да му служат на Бог во Европа и на други места (Фил. 1:7). Тоа ми овозможи да имам контакт со владини службеници од повеќе од 55 земји каде што нашето дело беше ограничено или забрането. Наместо да го истакнувам моето правно искуство, на службениците им се претставував како човек кој му служи на Бог. Секогаш барав водство од Јехова во молитва бидејќи знаев дека „срцето на царот [или судијата] е како вода што тече во раката на Јехова. Тој го насочува таму каде што сака“ (Изр. 21:1).
Римјаните 13:4. Тој беше протестант и затоа библискиот стих му го привлече вниманието. Што се случи потоа? Зборувавме половина час и имавме многу успешен состанок. Тој дури кажа дека го почитува она што го прават Јеховините сведоци.
Едно искуство што ми остави посебен впечаток беше разговорот што го имав со еден член на Европскиот парламент. Неколку пати барав да зборувам со него и тој конечно се согласи да се сретнеме. Тој ми рече: „Ќе ти дадам пет минути, ниту минутка повеќе“. Ја наведнав главата и почнав да се молам. Тој нервозно ме праша што правам. Ја подигнав главата и му реков: „Му заблагодарив на Бог бидејќи ти си еден од неговите слуги“. Тој ме праша: „Што сакаш да кажеш?“ Му го покажавНиз годините, Јеховиниот народ водеше многу правни битки во Европа во врска со христијанската неутралност, старателство над децата, даноците и друго. Имав чест да учествувам во многу од нив и од прва рака да видам како Јехова ни дава успех и победа. Јеховините сведоци извојуваа победа во над 140 случаи пред Европскиот суд за човекови права!
ДОБИВАМЕ ПОГОЛЕМА СЛОБОДА ВО КУБА
За време на 1990-тите, соработував со брат Филип Брамли од главното седиште и со брат Валтер Фарнети од Италија за да обезбедиме поголема религиозна слобода за браќата во Куба, каде што нашето дело беше ограничено. Напишав писмо до амбасадата на Куба во Белгија, и потоа се сретнав со еден државен службеник кој беше задолжен да одговори на нашето барање. За време на првите состаноци не успеавме да ги расчистиме недоразбирањата поради кои владата го имаше ограничено нашето дело во Куба.
Откако побаравме водство од Јехова во молитва, ги прашавме властите дали ќе може да пратиме 5.000 Библии во Куба, и ни беше дозволено. Библиите пристигнаа безбедно и им беа доставени на браќата. Ова нѐ увери дека Јехова го благословува нашиот труд. Потоа побаравме дозвола да испратиме уште 27.500 Библии. Владата и тоа ни го дозволи. Тоа што можев да им помогнам на нашите драги браќа и сестри во Куба да добијат личен примерок од Библијата ми донесе голема радост.
Ја посетив Куба во повеќе прилики за да помогнам околу тоа властите да дозволат нашето дело послободно да се извршува. Во тој процес успеав да воспоставам добри односи со многу владини службеници.
ПОМОШ ЗА НАШИТЕ БРАЌА ВО РУАНДА
Во 1994 год., во геноцидот врз племето Тутси во Руанда беа убиени повеќе од 1.000.000 луѓе. За жал, беа убиени и некои наши браќа и сестри. Кратко потоа, една група браќа беа замолени да организираат хуманитарна помош за соверниците во таа земја.
Кога нашата група пристигна во главниот град Кигали, видовме дека преведувачката канцеларија и складиштето за литература беа изрешетани со куршуми. Слушнавме дека многу браќа и сестри биле убиени на суров начин со мачети. Но, исто така слушнавме и за многу браќа и сестри кои покажале христијанска љубов на дело. На пример, сретнавме еден брат од племето Тутси кого едно семејство Сведоци од племето Хуту го криеле во една дупка под земјата 28 дена. За време на еден состанок во Кигали, охрабривме и утешивме повеќе од 900 браќа и сестри.
Потоа ја преминавме границата со Заир (сега Демократска Република Конго) за да побараме поголем број браќа и сестри од Руанда кои пребегале во бегалските кампови во близина на градот Гома. Бидејќи не можевме да ги најдеме, го молевме Јехова да нѐ одведе до нив. Потоа забележавме како еден човек ни се приближува и го прашавме дали познава некој Јеховин сведок. Тој одговори: „Да, јас сум Сведок. Ќе ми биде мило да ве одведам до Одборот за помош“. По еден охрабрувачки состанок со Одборот за помош, се состанавме со околу 1.600 бегалци за да им пружиме утеха и охрабрување. Исто така, им прочитавме едно писмо од Водечкото тело. Браќата и сестрите беа многу трогнати кога го слушнаа следниве охрабрувачки зборови: „Постојано се молиме за вас. Знаеме дека Јехова нема да ве напушти“. Зборовите на Водечкото тело се покажаа вистинити. Денес, во Руанда радосно му служат на Јехова повеќе од 30.000 Сведоци!
РЕШЕН СУМ ДА ОСТАНАМ ВЕРЕН
По скоро 58 години брак, во 2011 год. мојата драга сопруга Ели почина. Во молитва му кажував на Јехова колкава болка чувствувам во срцето и тој ме тешеше. Утеха црпев и од тоа што со другите ја споделував добрата вест за Божјето Царство.
Иако имам повеќе од 90 години, сѐ уште проповедам секоја седмица. Исто така, ми причинува радост тоа што можам да помагам во Правното одделение овде во Бетелот во Белгија, да го споделувам моето искуство со другите и да ги храбрам младите во бетелското семејство.
Пред околу 84 години, за првпат му се помолив на Јехова. Тоа беше почеток на еден прекрасен живот во кој станував сѐ поблизок со него. Многу сум благодарен што во текот на целиот мој живот Јехова ги слушаше моите молитви (Пс. 66:19). a
a Додека се подготвуваше оваа статија, брат Марсел Жиле почина на 4 февруари 2023 год.