СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 23
ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова
Јехова нѐ кани да бидеме негови гости
Мојот шатор ќе биде над нив, а јас ќе бидам нивни Бог (ЕЗЕК. 37:27)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да го зголеми нашето ценење за поканата што Јехова ни ја упатува да бидеме гости во неговиот симболичен шатор, како и за начинот на кој тој се грижи за нас како наш домаќин.
1-2. Каква чест им укажува Јехова на своите верни слуги?
КАКВА улога има Јехова во твојот живот? Можеби ќе речеш: „Јехова е мој Татко, мој Бог и мој пријател“. Можеби помислуваш и на некои други зборови со кои можеш да го опишеш Јехова. Но, дали некогаш за него би рекол: „Јехова е мој домаќин“?
2 Цар Давид го споредил Јехова со домаќин, а неговите верни слуги ги споредил со негови гости. Тој прашал: „О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор? Кој ќе живее на твојата света гора?“ (Пс. 15:1). Од овој стих дознаваме дека можеме да бидеме гости во Јеховиниот шатор, односно да бидеме негови пријатели. Зарем ова не е голема чест што Јехова ни ја укажува?
ЈЕХОВА САКА ДА БИДЕМЕ НЕГОВИ ГОСТИ
3. Кој му бил прв гостин на Јехова, и како се чувствувале Јехова и неговиот гостин поради тоа?
3 Пред да почне да создава, Јехова бил сам. Но, потоа го создал својот првороден Син. Јехова бил како домаќин кој го поканил својот прв гостин во својот шатор и многу се радувал поради тоа. Библијата ни открива дека на Јехова неговиот Син му бил „посебна радост“. А неговиот прв гостин се веселел „пред [Јехова] за сето време“ (Изр. 8:30).
4. Кого друг Јехова поканил да биде гостин во неговиот шатор?
4 Потоа, Јехова ги создал ангелите и ги поканил и нив да бидат негови гости. Библијата ги нарекува „Божји синови“ и во неа пишува дека тие се радосни затоа што се заедно со Јехова (Јов 38:7; Дан. 7:10). Долги години, пријатели на Бог биле само оние кои живееле со него на небото. Подоцна, тој на Земјата ги создал луѓето. Така, и тие можеле да бидат гости во неговиот шатор. Некои од тие гости биле Енох, Ное, Авраам и Јов. Во Библијата, тие се опишани како Божји пријатели или како оние што оделе „со вистинскиот Бог“ (1. Мој. 5:24; 6:9; Јов 29:4; Иса. 41:8).
5. Што можеме да научиме од пророштвото во Езекиел 37:26, 27?
5 Низ вековите, Јехова продолжил да ги кани неговите пријатели да бидат негови гости. (Прочитај Езекиел 37:26, 27.) На пример, од пророштвото на Езекиел дознаваме дека Бог навистина сака неговите верни слуги да бидат блиски пријатели со него. Тој ветил дека со нив ќе склучи „сојуз за мир“. Ова пророштво се однесува на времето кога, оние што имаат надеж дека ќе живеат на небото и оние што имаат надеж дека ќе живеат на Земјата, ќе бидат обединети во неговиот симболичен шатор како „едно стадо“ (Јован 10:16). Ние денес живееме во тоа време!
БОГ СЕ ГРИЖИ ЗА НАС КАДЕ И ДА СМЕ
6. Како може некој да стане гостин во шаторот на Јехова, и каде се наоѓа неговиот шатор?
6 Во библиско време, еден шатор бил место каде што некој можел да се одмори и да биде заштитен од временските непогоди. Оној што бил гостин во нечиј шатор можел да очекува дека домаќинот добро ќе се грижи за него. Кога му го заветуваме својот живот на Јехова, ние стануваме гости во неговиот симболичен шатор (Пс. 61:4). Ние имаме изобилство духовна храна и уживаме во друштвото на браќа и сестри кои исто така станале гости на Јехова. Неговиот симболичен шатор не се наоѓа само на едно одредено место. Можеби си патувал во друга земја за да присуствуваш на специјален конгрес и таму си запознал и други соверници кои се среќни затоа што се во Божјиот шатор. Шаторот на Јехова е секаде каде што се наоѓаат неговите верни слуги (Отк. 21:3).
7. Зошто можеме да кажеме дека верните Божји слуги кои починале сѐ уште се гости во Јеховиниот шатор? (Види ја и сликата.)
7 Што е со оние верни Божји слуги кои починале? Дали тие сѐ уште се гости во Јеховиниот шатор? Да! Зошто можеме да го кажеме тоа? Затоа што тие сѐ уште се живи во Јеховиното сеќавање. Исус објаснил: „Дека мртвите стануваат, покажа и Мојсеј во записот за трновата грмушка, каде што го нарекува Јехова ’Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘. А тој не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за него сите тие се живи“ (Лука 20:37, 38).
ИМАМЕ БЛАГОСЛОВИ И ОДГОВОРНОСТИ
8. Какви благослови имаат гостите на Јехова поради тоа што се во неговиот шатор?
8 Исто како што еден дословен шатор може да биде место за одмор и засолниште од временски непогоди, така и шаторот на Јехова ги заштитува неговите гости од сѐ што може да им наштети во духовен поглед, како и од безнадежност. Ако останеме блиски со Јехова, Сатана нема да може да ни нанесе никаква трајна штета (Пс. 31:23; 1. Јов. 3:8). Во новиот свет, Јехова ќе продолжи да ги заштитува своите верни пријатели не само од духовни опасности туку и од смртта (Отк. 21:4).
9. Што очекува Јехова од своите гости?
9 Навистина е голема чест да се биде гостин во шаторот на Јехова. Ние можеме да имаме блиско пријателство со него, кое може да трае вечно. Што треба да правиме ако сакаме и понатаму да бидеме негови гости? Ако си поканет во нечиј дом, без сомнение ќе сакаш да знаеш што очекува домаќинот од тебе. На пример, тој можеби ќе очекува да ги собуеш чевлите пред да влезеш, и ти спремно ќе го направиш тоа. Слично на тоа, ние сигурно сакаме да знаеме што очекува Јехова од оние кои сакаат да останат гости во неговиот шатор. Нашата љубов кон Јехова нѐ поттикнува да правиме сѐ што можеме за потполно да му угодиме (Кол. 1:10). Точно е дека Јехова е наш пријател, но тој е и наш Бог и Татко кој ја заслужува нашата почит (Пс. 25:14). Никогаш не треба да го заборавиме ова и секогаш треба длабоко да го почитуваме. Таквата почит ќе ни помогне да не направиме нешто што ќе го повреди. Ние сакаме секогаш скромно да одиме со нашиот Бог (Мих. 6:8).
ЈЕХОВА ПОСТАПУВАЛ НЕПРИСТРАСНО СО ИЗРАЕЛЦИТЕ
10-11. Како од начинот на кој постапувал Јехова со Израелците во Синајската Пустина се гледа дека тој е непристрасен?
10 Јехова постапува непристрасно со своите гости (Рим. 2:11). Ова го дознаваме од начинот на кој постапувал со Израелците во Синајската Пустина.
11 Откако го избавил својот народ од ропството во Египет, Јехова поставил свештеници за да служат во светиот шатор. А на левитите им дал одговорност да извршуваат други задачи поврзани со службата во светиот шатор. Дали Јехова се грижел на подобар начин за оние кои служеле во светиот шатор и за оние кои живееле близу до него отколку за другите? Не! Јехова е непристрасен.
12. По што друго се гледа дека Јехова постапувал непристрасно со Израелците? (2. Мојсеева 40:38; види ја и сликата).
12 Секој Израелец можел да биде близок пријател со Јехова без разлика дали служел во светиот шатор или не, и без разлика дали живеел близу или далеку од него. На пример, Јехова се погрижил сиот народ да може да ги види столбот од облак и столбот од оган кои биле над шаторот. (Прочитај 2. Мојсеева 40:38.) Кога облакот ќе почнел да се движи во некој нов правец, дури и оние кои живееле најдалеку од светиот шатор можеле да го видат тоа. Така, тие можеле да ги спакуваат своите работи, да ги соберат своите семејни шатори и да тргнат заедно со останатиот народ (4. Мој. 9:15-23). Сите можеле да го слушнат јасниот и гласен звук на двете сребрени труби кој им давал знак дека треба да тргнат (4. Мој. 10:2). Значи, само затоа што некој живеел близу до светиот шатор не значело само по себе дека тој е поблизок пријател со Јехова од оние кои живееле подалеку. Напротив, секој Израелец можел да биде гостин на Јехова и можел да биде сигурен дека Тој ќе го води и ќе го штити. Слично е и денес — без разлика каде живееме, Јехова нѐ сака, се грижи за нас и нѐ штити.
ЈЕХОВА И ДЕНЕС ПОКАЖУВА ДЕКА Е НЕПРИСТРАСЕН
13. Кој е еден начин на кој Јехова покажува непристрасност денес?
13 Некои од Божјите слуги денес живеат во близина на главното седиште или во близина на некоја подружница на Јеховините сведоци. Други служат во тие објекти. Поради тоа, овие браќа и сестри можат да учествуваат во многу од активностите што се извршуваат во тие места и да се дружат со оние кои предводат. Некои служат како патувачки надгледници или во некој друг вид специјална полновремена служба. Ако ти си меѓу повеќето Божји слуги чии околности во моментот не им дозволуваат да бидат во таков вид служба, биди сигурен дека нашиот домаќин Јехова ги сака сите свои гости. Исто така, тој се грижи за секого од нив лично (1. Пет. 5:7). Јехова им дава духовна храна на сите свои слуги, ги води и ги штити.
14. На кој друг начин Јехова покажува дека е непристрасен како наш домаќин?
14 Друг начин на кој Јехова покажува дека е непристрасен како наш домаќин е така што се погрижил Библијата да им биде достапна на луѓето низ целиот свет. Светото писмо првобитно било напишано на три јазици — хебрејски, арамејски и грчки. Дали оние кои знаат да читаат на изворните јазици на кои била напишана Библијата се поблиски со Јехова од оние кои не знаат? Се разбира дека не (Мат. 11:25).
15. Што докажува дека Јехова е непристрасен? (Види ја и сликата.)
15 Дали Јехова ќе нѐ прифати за свои пријатели не зависи од тоа дали имаме високо образование, ниту пак од тоа дали ги знаеме изворните јазици на кои била напишана Библијата. Јехова овозможил неговата мудрост да им биде достапна на луѓето низ целиот свет, а не само на оние кои се високо образовани. Неговата Реч, Библијата, е преведена на илјадници јазици. Значи, луѓето низ целиот свет можат да извлечат корист од библиските учења и да дознаат како можат да станат пријатели со Бог (2. Тим. 3:16, 17).
ПРОДОЛЖИ ДА ГО ПРАВИШ ОНА ШТО Е ПРИФАТЛИВО ЗА ЈЕХОВА
16. Според Дела 10:34, 35, што треба да правиме за Јехова и понатаму да нѐ прифаќа како свои гости?
16 За нас е огромна чест што Јехова нѐ примил да бидеме гости во неговиот симболичен шатор. Тој е најдобриот, најљубезниот и најгостопримливиот домаќин што постои. Освен тоа, Јехова е непристрасен. Тој нѐ прифаќа сите, без оглед на местото каде што живееме, потеклото, образованието, расата, племето, возраста или полот. Но, Јехова ќе ги прифати за свои гости само оние кои му се послушни. (Прочитај Дела 10:34, 35.)
17. Каде ќе најдеме додатни информации за тоа што треба да правиме за да бидеме гости во Јеховиниот шатор?
17 Како што пишува во Псалм 15:1, Давид ги поставил следниве прашања: „О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор? Кој ќе живее на твојата света гора?“ Потоа, Јехова го водел Давид со својот свет дух за да одговори на овие прашања. Во следната статија ќе разгледаме само некои од работите кои треба да ги правиме за да останеме пријатели со Јехова.
ПЕСНА 32 Стој на Јеховината страна!