Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Вашата ќерка има дијабетес!“

„Вашата ќерка има дијабетес!“

„Вашата ќерка има дијабетес!“

НЕМА брзо да заборавам како дејствуваа врз мене овие зборови на лекарот. Во тоа време, мојата ќерка Соња имаше десет години. Таа беше олицетворение на здравје, полна со енергија — понекогаш дури и претерано. Последен пат се лекуваше од некоја болест кога имаше пет години.

Сепак, пред таа посета на лекарот ни беше многу тешко. Соња не изгледаше добро. Имаше преголема потреба од течности, а кога ќе се напиеше нешто, едвај чекаше да отиде во тоалетот — понекогаш на секои 15 минути. Ноќе се будеше најмалку по трипати. На почетокот се обидов да најдам изговор за нејзините симптоми — дека се работи само за инфекција на мочниот меур и дека ќе ѝ биде подобро. Но, по неколку дена заклучив дека веројатно ќе ѝ требаат антибиотици за да се излечи инфекцијата во нејзиниот организам.

Ја однесов на лекар и објаснив во што мислев дека е проблемот. Лекарот побара да се провери урината и јас забележав дека урината во садот беше полна со некакви парчиња, речиси како мали снегулки. И медицинската сестра го забележа тоа. Нивните сомневања беа потврдени со едно едноставно испитување на крвта. Таа имаше дијабетес од типот I.

Соња сфати што значеше тоа. Иако имаше само десет години, на училиште учеше за дијабетесот. Стравот и зачуденоста кои можеа да се видат на нејзиното лице беа еднакви со моите. Лекарот рече дека, за да се избегне понатамошно влошување, треба веднаш да оди во болница. Тој направи подготовки да ја примат на одделението за интензивна нега во една болница во Портланд (Орегон, САД). Соња беше многу лута што сето тоа ѝ се случуваше нејзе. Не сакаше да мора да прима инјекции за да остане во живот. Плачеше и постојано прашуваше зошто. Многу ми беше тешко да ја контролирам својата болка. Тогаш не можев да се воздржам повеќе. И така, седевме во чекалната, потпрени една на друга, липајќи и молејќи го Јехова да биде со нас низ сѐ што нѐ очекува.

Тешко искушение во болницата

Лекарот ми дозволи да ја одведам Соња дома за да земеме некои работи, да му се јавам на мојот сопруг Фил и да договорам некој да го земе од училиште нашиот син Остин. По еден час мојот сопруг и јас ја пријавивме Соња во болницата. Веднаш ја ставија на интравенозна трансфузија на течности за да се одземат вишокот шеќер и кетоните од крвта. * Тоа беше вистинско искушение. Соња ослабе околу три и пол килограми од дехидратација. Вените ѝ се повлекоа и тешко можеше да се најдат. Медицинската сестра конечно успеа и работите се смирија — привремено. Ни дадоа една голема книга и многу друг материјал кој требаше да го прочитаме и да го разбереме пред да ни допуштат да ја одведеме Соња дома.

Постојано се среќававме со лекари, медицински сестри и диетичари. Ни покажаа како да користиме шприц и како да ѝ ги ставаме на Соња двете инсулински инјекции кои ќе ѝ бидат потребни секој ден. Научивме како да ја правиме проверката на крвта на која Соња требаше да се подложи четирипати дневно за да се проверува нивото на шеќер во крвта. Требаше да запамтиме толку многу информации! Исто така, требаше да научиме каква да ѝ биде исхраната. Беше потребно да избегнува храна богата со шеќер и, освен тоа што ќе биде во соодветна рамнотежа со нејзиното тело кое беше во развој, секој оброк мораше да има исправно количество јаглеродни хидрати.

За три дена излезе од болницата. Ми дозволи да ѝ ги ставам инјекциите, но испитувањето на крвта си го правеше сама. По еден месец сакаше сама да си ги става инсулинските инјекции и тоа го прави сѐ досега. Восхитувачки беше да се види како ја прифати болеста и научи да живее со неа. Таа се премислуваше меѓу желбата да умре и едноставно да се разбуди во рајот и желбата да биде свесна за своето тело, чувства и ограничувања и да може слободно да каже кога ѝ треба нешто.

Период на привикнување

Првите неколку месеци беа многу тешки. Сите во семејството требаше да се справат со различни чувства. Толку многу се трудев да го правам тоа што дојдов до точка кога едноставно ми доаѓаше да побегнам. Најтешко беше да се придржуваме за строгиот распоред, особено кога не се совпаѓаше со христијанските состаноци и со нашата проповедничка активност — да не ги спомнувам секојдневната школска рутина и годишните одмори. Но, со многу молитви, мојот сопруг и јас научивме да живееме од ден за ден и почнавме да ги прифаќаме нашите нови одговорности.

Најдовме еден прекрасен лекар кој е специјалист за ендокринологија и кој секогаш стои на располагање да ни помогне во нашите неволји и со кого контактираме дури и преку e-mail. Редовно го посетуваме во неговата ординација. Со нашите посети на секои три месеци заради прегледи, не само што можеме да го провериме напредокот на состојбата на Соња туку и увидуваме дали правиме за неа сѐ што е потребно.

Како што можеше да се очекува, на нашиот син му беше тешко да се помири со големото внимание што го посветувавме на сестра му. Другите во собранието, како и неговата наставничка, го увидоа тоа и му помогнаа да биде активен и да сфати дека треба да се прават промени. Сега тој многу ни помага во грижата околу Соња. Како нејзини родители, понекогаш бевме склони премногу да ја штитиме и да претеруваме во нашите стравови за нејзината благосостојба. Откривме дека најдобар начин да ги спречиме овие стравови е да истражуваме за болеста и да дознаеме како, всушност, таа делува на телото.

Како се чувствуваме сега?

Често зборуваме за Јеховините ветувања и за времето кога наскоро болестите ќе бидат само далечно сеќавање (Исаија 33:24). Сѐ дотогаш, наша цел е да останеме активни во службата на Јехова како семејство, имајќи колку што е можно поголемо учество во разговарањето со другите за благословите на Божјето Царство. Исто така, даваме сѐ од себе за да бидеме редовни на собраниските состаноци.

Пред неколку години, на мојот сопруг му понудија привремена, световна работна задача во Израел. Со оглед на здравствената состојба на Соња, внимателно размисливме за преселбата и се молевме во врска со тоа. Одлучивме дека, со исправна подготовка, вклучувајќи и наоѓање соодветна диета за Соња, таквата преселба би можела да ни овозможи дури и духовни благослови. Една и пол година имавме предност да бидеме дел од англиското собрание во Тел Авив. Уживавме во проповедањето на сосема поинаков начин и тоа беше прекрасно поучно искуство за нашето семејство.

Неколкуте едноставни зборови: „Вашата ќерка има дијабетес!“ сосема го променија нашиот живот. Но, наместо да се предадеме на очај, физичката благосостојба на нашата ќерка ја направивме семеен проект, а тоа нѐ зближи уште повеќе. Јехова, ‚Богот на секоја утеха‘, ни помогна да се справиме (2. Коринтјаните 1:3). (Раскажала Синди Херд.)

[Фуснота]

^ „Нелекуваниот дијабетес води до кетоза, насобирање на кетони, продукти на распаѓањето на мастите во крвта; потоа следи ацидоза (насобирање на киселина во крвта), која е проследена со гадење и повраќање. Кога токсичните производи на нарушениот метаболизам на јаглеродни хидрати и масти ќе продолжат да се создаваат, пациентот паѓа во дијабетска кома“ (Encyclopædia Britannica).

[Рамка на страница 15]

Што е дијабетес?

Нашето тело ја претвора храната што ја јадеме во енергија што можеме да ја користиме. Оваа функција е исто толку неопходна како и дишењето. Во желудникот и во цревата, храната се ситни на поосновни елементи, вклучувајќи и еден вид шеќер, гликоза. Панкреасот реагира на шеќерот произведувајќи инсулин, кој помага шеќерот да премине во клетките на телото. Тогаш тој може да согори за да се добие енергија.

Кога некој има дијабетес, тогаш панкреасот не произведува доволно инсулин или, пак, неговиот организам не го користи добро инсулинот. Како резултат на тоа, шеќерот од крвотокот не може да премине во телесните клетки за да се користи. Книгата Understanding Insulin Dependent Diabetes (Да се разбере дијабетесот зависен од инсулин) објаснува: „Тогаш нивото на шеќерот во крвта достигнува високо ниво и истекува преку бубрезите во урината“. Дијабетичарите кои не се лекуваат може често да мократ и да се појават други симптоми.

[Рамка на страница 15]

Дијабетес од типот I

Овој тип дијабетес порано беше познат како детски дијабетес, бидејќи најчесто се јавува кај децата и кај младите возрасни. Но, можат да заболат и луѓе од секоја возраст. Иако не е познато што е причината за дијабетесот, има различни фактори за кои некои сметаат дека се поврзани со дијабетесот од типот I:

1. Наследство (генетски)

2. Автоимунитет (телото станува алергично на некое свое ткиво или вид клетки — во овој случај, во панкреасот)

3. Од околината (вирусни или хемиски)

Можно е некоја вирусна инфекција и други фактори да придонесат за оштетување на клетките на Лангерсоновите островчиња (група клетки во панкреасот каде што се создава инсулинот). Колку повеќе клетки на Лангерсоновите островчиња се уништуваат, толку поблиску е лицето до дијабетес.

Кај дијабетичарите се јавуваат повеќе симптоми:

1. Често мокрење

2. Преголема жед

3. Зачестен глад; телото е гладно за енергијата што не ја добива

4. Слабеење. Кога телото не може да прими шеќер во клетките, ги согорува сопствените масти и протеини за да дојде до енергија, а од тоа произлегува губење на тежината

5. Раздразливост. Ако дијабетичарот често станува ноќе за да мокри, не може добро да спие. Може да дојде до промени во однесувањето

Кај дијабетесот од типот I, панкреасот произведува малку или, пак, воопшто не произведува инсулин. Во таквите случаи мора секојдневно да се зема инсулин, обично со инјекција (ако се зема орално, инсулинот се уништува во желудникот).

[Рамка на страница 15]

Дијабетес од типот II

Не треба да се меша со дијабетесот од типот I. Ова е заболување при кое телото не создава доволно инсулин или, пак, не го користи ефикасно. Тој е најчест тип кај возрасните над 40 години и напредува постепено. Во оваа болест има наследна компонента која честопати се влошува како резултат на неисправна исхрана или преголема тежина. Во многу случаи можат да се користат таблети, барем на почетокот, за да се стимулира панкреасот да создава повеќе инсулин. Таблетите не содржат инсулин.

[Рамка на страница 16]

Опасности од дијабетесот

На телото му е потребно гориво за да функционира. Ако не може да ја користи гликозата, преминува на мастите и протеините кои се наоѓаат во него. Меѓутоа, по согорувањето на мастите, се создаваат отпадни производи наречени кетони. Кетоните се насобираат во крвта и се излеваат во урината. Бидејќи овие кетони имаат поголема киселост од ткивата на здравиот организам, високото ниво на кетони во крвта може да води до сериозно заболување наречено кетоацидоза.

Исто така, за дијабетичарот е опасно кога шеќерот во крвта ќе падне под нормалното ниво (хипогликемија). Непријатни симптоми го предупредуваат дијабетичарот на ова заболување. Може да се чувствува растреперен, испотен, уморен, гладен, раздразлив или збунет или, пак, да има тахикардија, замаглен вид, главоболки, замаеност или да му лазат морници околу устата и усните. Може да добива напади или, пак, да се онесвестува. Правилната диета и редовните термини за оброк честопати можат да ги спречат таквите проблеми.

Ако се појават симптомите што се наведени погоре, конзумирањето прости шеќери, можеби некој овошен сок или таблети на гликоза, може да го врати шеќерот во крвта на безбедно ниво додека не се земе друга храна. Во тешките случаи мора да се даде глукагон со инјекција. Тоа е еден хормон кој го поттикнува ослободувањето на складираниот шеќер од црниот дроб, што ќе го подигне нивото на шеќерот во крвта. Би било добро родителот кој има дете кое боледува од дијабетес да го информира за заболувањето на детето училиштето во кое учи детето, како и возачот на автобусот или воспитачот во градинката.

[Рамка на страница 16]

Долгорочни компликации

Кај некој што има дијабетес може да се појават долгорочни компликации, вклучувајќи срцев удар, мозочен удар, проблеми со очите, заболување на бубрезите, проблеми со стапалата или нозете и чести инфекции. Овие компликации се предизвикани од оштетување на крвните садови, оштетување на нервите и неспособност за борба против инфекциите. Но, овие долгорочни проблеми не се појавуваат кај сите дијабетичари.

Одржувањето на нивото на шеќер во крвта на нормалата може да ги одложи или да ги намали штетните ефекти на овие компликации. Освен тоа, одржувањето на тежината и на крвниот притисок на нормално ниво и непушењето можат да бидат многу ефикасни начини за да се намали ризикот. Дијабетичарот мора многу да вежба, да држи правилна диета и да ги зема пропишаните лекови.

[Слика на страница 17]

Семејството Херд