Задржете урамнотежено гледиште за музиката
Задржете урамнотежено гледиште за музиката
МУЗИЧКАТА индустрија денес претставува бизнис вреден милијарди долари. Популарните музичари и оние што ги промовираат, заработуваат многу пари. Сепак, факт е дека несреќата, предвремената смрт и самоубиството ги одбележале животите на некои многу успешни музичари. Освен тоа, има доволно докази дека некои видови музика се морално, емоционално и духовно понижувачки и дека можат да водат до насилничко, асоцијално однесување.
Меѓутоа, добро е да имаме урамнотежено гледиште за музиката. Иако има многу работи кои се погрешни и лоши во оваа уметничка форма, некоја музика може да збогати нечиј живот и да донесе извесна радост и задоволство. Таа може да нѐ подигне емоционално и духовно. Да разгледаме само неколку примери.
Сто и педесетте псалми во Библијата се литературни ремек дела — лирски поеми, свети песни и молитви. Денес луѓето со задоволство ги читаат на стотици јазици. Меѓутоа, древните Евреи не само што ги читале псалмите туку и ги пееле. Честопати го правеле тоа со прекрасна музичка придружба — еден извонреден начин да ги поврзат зборовите во кои е изразена мудроста на нивниот Бог, Јехова, со емоциите кои обучените пејачи можеле да им ги пренесат на слушателите. Далеку од тоа да бидат премногу основни, па дури и примитивни, квалитетот и стилот на еврејската музика очигледно биле
повисоки од оние на околните нации од тоа време.Подоцна, христијаните од првиот век пееле псалми и други свети песни за да го фалат Бог и за да им биде полесно кога се наоѓале под стрес. Со тоа музиката послужила за збогатување на нивниот живот. Освен тоа, пеејќи библиски песни, тие го всадувале подлабоко во своите срца спознанието за Бог, кое им било потребно за да ги води во животот (Матеј 26:30; Дела 16:25).
Древните Грци верувале дека музиката ја развива човековата личност и дека ги прави мажот или жената попотполни. Во овој свет на 20-тиот век, кој го нагласува образованието во областа на науката, економијата и логиката, честопати се запоставува развојот на емоционалната страна на личноста преку уметност.
Остани урамнотежен
Слушањето на некоја убава музичка изведба може да биде корисно и пријатно доживување. Сепак, може да се ужива дури и уште повеќе кога се свири на некој музички инструмент или кога се пее со група пријатели. Музичката писменост може да отвори едно широко поле на вистинско задоволство.
Се разбира, како што е случај и со другите добри работи во животот, потребни се умереност, добро просудување и избирливост на ова подрачје од разонодата. Ова не важи само за видот на музиката што ја избираме туку и за износот време што го трошиме во слушање музика или свирење.
Ако некој вид музика почнува да влијае негативно врз Вашите емоции, постапки и односи, тогаш изберете друг стил. Заштитете ги своите уши за да ги заштитите своите емоции за тие да го заштитат Вашето срце и мисли!
Ова важи особено во поглед на текстот. Тој може да почне да Ве обликува според желбите на оние кои имаат поинакво гледиште од Вашето гледиште за животот и моралот и кои, напротив, унапредуваат безбожни, неморални животни стилови. Во некои случаи дури и насловот на некоја песна може да покрене неисправни чувства.
Божјата реч, Библијата, ги опоменува оние кои сакаат да му угодат да ‚ги принесат своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, како света служба со нивната сила на разумот‘ (Римјаните 12:1, NW). Јасно е дека нашите емоции се дел од таа ‚жива жртва‘. Затоа, ако некогаш откриеме дека преку моќта на музиката нашите емоции почнуваат да го засенуваат критичкото просудување и разумот и да ги насочуваат во погрешен правец нашите постапки, тогаш е време да ги смениме навиките на слушање музика. Запомнете: моќта на музиката може да влијае врз Вашето срце и мисли — на добро или на лошо.
[Рамка/слика на страница 10]
Зголемување на способноста за учење
„Истражувањето покажува дека редовното слушање хармонична музика може да ја зголеми способноста за учење кај бебето. Но, во многу домови воопшто не се слуша музика“ (Audio, март 1999).