Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Заштитете го вашето дете од несреќи

Заштитете го вашето дете од несреќи

Заштитете го вашето дете од несреќи

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШВЕДСКА

ХАНА, која имала скоро три години, била со своите родители Карл-Ерик и Бригита додека ја чистеле куќата на еден сосед кој умрел. По кратко време, Хана излегла од една просторија држејќи шишенце со апчиња. Веќе голтнала неколку од нив. Кога го проверила шишенцето, Бригита ја обзел ужас. Во него се наоѓале лековите за срце на соседот.

Хана бргу била однесена во болница, каде што ноќта ја задржале на интензивна нега. И покрај тоа што со толкавата доза лекови можела трајно да си го оштети здравјето, таа не претрпела последици. Зошто? Затоа што изела порција сварени житарици непосредно пред да ги голтне апчињата. Дел од отровот го апсорбирале житариците и бил исфрлен надвор кога повратила.

Искуството на Хана не е единствено. Секојдневно, на илјадници деца ширум светот им се случуваат несреќи заради кои е неопходно да отидат на лекар или во болница. Секоја година, секое осмо дете во Шведска се лекува после некоја несреќа. Затоа, ако сте родител, постојат големи шанси нешто слично да му се случи и на Вашето дете.

Не е чудно тоа што децата често се повредуваат во позната средина, како што е домот или околината. Видот на повреди што ги добиваат се менува со нивната возраст. Едно доенче може лесно да падне од креветчето или да се задави со храна или со некој мал предмет кој му се заглавил во грлото. Малите деца често паѓаат кога се искачуваат насекаде или, пак, добиваат изгореници или труење кога ги допираат или ги вкусуваат работите што им се на дофат. Децата на школска возраст честопати се повредуваат во сообраќајни несреќи или кога си играат надвор.

Многу од овие несреќи би можеле да се спречат. Со малку далековидност и спознание за степенот на развој на Вашето дете, можете да помогнете да се спречат повреди, па дури и фатални несреќи. Ова е докажано со една организирана програма за безбедност на детето, која се спроведува во Шведска од 1954 година. Претходно, секоја година во несреќи умираа по повеќе од 450 деца. Денес, годишната загуба на животи опадна на околу 70 жртви.

Во домот

„Не можете да научите едногодишно, двегодишно или тригодишно дете да ги избегнува опасностите и потоа да сметате на него дека ќе ги памти“, вели детскиот психолог Керстин Бакстрем. Значи, одговорноста да му се помогне на детето да ги избегнува несреќите лежи врз Вас како родител — или врз другите возрасни со кои детето понекогаш е заедно.

За почеток, погледнете низ својот дом. Користете го пописот што е даден во придружната рамка. Можеби во сите земји не се достапни некои безбедносни направи или, пак, не можат да се добијат по разумна цена. Сепак, со малку остроумност и фантазија, можеби ќе се сетите на некои решенија кои ќе бидат ефикасни токму во Вашите околности.

На пример, ако имате полукружни рачки на кујнските фиоки, можете да ги блокирате со тоа што ќе вметнете стапче низ рачките. Нешто слично може да се направи и со вратата на рерната. Пластичните вреќи се многу понеопасни ако ги врзете во јазол кога ќе ги складирате.

Можеби ќе се сетите и на други едноставни начини како да ги спречите несреќите во и околу домот и можете да им ги кажете на пријателите и на познаниците кои имаат мали деца.

Надвор

Проверете ги местата каде што игра Вашето дете. Повеќето повреди на децата кои се над четиригодишна возраст се случуваат кога си играат надвор. Тие паѓаат на земја и се повредуваат или, пак, паѓаат од велосипед. Највообичаени фатални несреќи кои им се случуваат надвор на децата на возраст од три до седум години се сообраќајните несреќи и давењето.

Кога ги прегледувате игралиштата, проверете дали опремата е во добра состојба за да не се повреди детето кога ќе ја користи. Дали површините под нишалките, под железата за искачување и сличната опрема се од мек материјал, како што е ситен песок, за да не се повреди детето ако падне?

Дали во близина на Вашиот дом има базенчиња со вода или поточиња? Дури и само неколку сантиметри вода се доволни за да се удави едногодишно или двегодишно дете. „Ако едно мало дете падне во базен со вода со лицето надолу, го губи чувството за тоа што е горе а што е долу“, вели детскиот психолог Бакстрем. „Детето едноставно не може повторно да стане“.

Затоа, најосновно правило е ова: Никогаш не пуштајте дете на возраст од една до три години само да си игра надвор без надзор на возрасен. Ако во соседството има многу вода, почекајте детето да биде доволно возрасно пред да го пуштите да си игра надвор без надзор.

Во сообраќај

Истото важи и ако во близината на Вашиот дом има сообраќај. „Дете на предучилишна возраст може да сфати само конкретни пораки и во моментот може да се сконцентрира само на една работа“, забележува Бакстрем. „Но, сообраќајот е полн со апстрактни поими и двосмислени пораки“. Не го пуштајте детето само да ја преминува улицата пред да достигне училишна возраст. Децата не се сметаат за доволно возрасни сами да возат велосипед во густ сообраќај сѐ додека не наполнат барем 12 години, велат експертите.

Научете го детето да користи заштитен шлем кога вози велосипед, кога јава, кога се вози со ролшуи или на тобоган. Повредите на главата тешко се лекуваат и можат да предизвикаат трајни оштетувања — па дури да бидат и фатални! На една детска клиника, 60 проценти од оние кои се лекувале после несреќи со велосипед се здобиле со повреди на главата и лицето, но оние кои користеле шлемови не добиле сериозни повреди на главата.

Исто така, погрижете се Вашето дете да биде безбедно и кога патувате со автомобил. Многу земји имаат закони со кои се бара малите деца да бидат прицврстени во специјално дизајнирани безбедносни седишта. Ова драстично ја намалило стапката на повреди и смртни случаи кај децата кои доживеале сообраќајна несреќа. Ако онаму каде што живеете Вие можат да се набават безбедносни седишта, нивното користење може да биде добра заштита за животот. Но, погрижете се тоа да биде некој одобрен модел. Забележете дека седиштата за доенчиња се поинакви од седиштата за деца кои се над тригодишна возраст.

Децата се скапоцен подарок од Јехова и сакаме да се грижиме за нив во секој поглед (Псалм 126:4). Како добри родители, Карл-Ерик и Бригита секогаш се грижеле да ги заштитат своите деца — како пред, така и после случката со Хана. „Но, се разбира дека бевме повнимателни после тој настан“, признава Карл-Ерик. „Сега имаме внуци и секогаш проверуваме дали лековите се под клуч“, заклучува Бригита.

[Рамка на страница 22]

Безбедност во домот

Лекови: Чувајте ги вон дофат на децата во заклучен креденец. Истото важи и за лековите без рецепт или лековите на природна база. Исто така, замолете ги гостите кои ноќеваат кај Вас да ги чуваат своите лекови на безбедно место.

Хемикалии во домаќинството: Чувајте ги вон дофат на детето во креденец кој се заклучува. Чувајте ги во оригиналното пакување за да бидат лесно препознатливи. Строго внимавајте на производите додека ги користите и секогаш тргајте ги, дури и ако излезете од собата само на кратко. Никогаш не оставајте остатоци од детергент во машината за миење садови.

Шпорет: Секогаш свртувајте ги дршките на тавите кон задната страна на ринглата. Обезбедете го шпоретот да не се навали во случај детето да се искачи на отворената врата на рерната. На неа треба да има брава. Би можело ли детето да се изгори ако ја допре вратата на рерната? Тогаш, ставете додатна заштита или решетки за да не може да ја допре жешката врата.

Опасен прибор за домаќинството: Ножевите, ножиците и опасните апарати треба да се чуваат во креденци или во фиоки со брави или резиња или, пак, да се тргнат вон дофат на детето. Кога го користите таквиот прибор и привремено го оставите, поставете го подалеку од работ на масата или шанкот, вон дофат на детето. Шкорчињата и пластичните вреќи се исто така опасни предмети за малите деца.

Скали: На обете страни од скалите поставете ограда висока барем 70—75 сантиметри.

Прозорци и врати на балконите: Поставете безбедносни резиња за заштита на децата или, пак, некоја друга безбедносна направа која ќе му оневозможи на детето да ги отвори или да се притисне на нив кога ќе се отворат заради проветрување на просторијата.

Полици за книги: Ако детето сака да се искачува и да виси, прицврстете ги на ѕидот полиците за книги и другиот висок мебел за да не се превртат.

Електрични штекери и електрични жици: На штекерите кои не се користат мора да се стави некаков затворач. Каблите за светилките и слични работи треба да се прицврстат за ѕидот или за мебелот и со тоа детето да не може да ја турне ламбата и да се удри во неа. Ако не, тргнете ги таквите светилки. Никогаш не оставајте електрична пегла на даската за пеглање и не го оставајте кабелот да виси.

Топла вода: Ако можете да ја регулирате температурата на топлата вода, треба да ја сведете на отприлика 50 Целзиусови степени за детето да не се изгори кога ќе ја пушти славината.

Играчки: Фрлете ги играчките со остри рабови и агли. Тргнете ги малите играчки или играчките кои можат да се расклопат на мали делови бидејќи детето може да се задави ако ги стави во уста. Очите и носот на детското меченце треба да бидат добро прикачени. Научете ги постарите браќа или сестри да ги тргаат своите мали играчки кога бебето е на подот.

Бомбони и ужина: Не оставајте на дофат бомбони и ужина, како што се кикирики или тврди бомбони. Можат да му застанат на детето в грло.

[Извор на слика]

Извор: Канцеларијата на детскиот правобранител

[Рамка на страница 22]

Во случај на несреќа

Труење: Ако детето испило некоја отровна течност, добро исплакнете му ја устата и дајте му да се напие една или две чаши вода или млеко. Потоа, јавете се за совет кај лекарот или во некој информативен центар за труење. Ако на детето му влегла во окото некоја нагризувачка супстанција, веднаш почнете да го плакнете окото со многу вода барем десетина минути.

Изгореници: За помали изгореници ставајте ладна (не премногу ладна) вода врз повредата барем 20 минути. Ако повредата е поголема од дланката на детето или се наоѓа на лицето, на некој зглоб, на долниот дел од стомакот или на гениталиите, треба да го однесете на итна помош. Подлабоките повреди на кожата мора секогаш да се лекуваат на лекар.

Гушење: Ако нешто се заглавило во душникот на детето, веднаш извадете го тој предмет. Една ефикасна метода што би можеле да ја примените е Хајмлиховата метода. Ако не Ви е позната, контактирајте со својот лекар за да добиете повеќе информации во врска со оваа метода или, пак, отидете на некој курс за несреќни случаи кај деца или за прва помош, каде што се учи оваа метода.

[Извор на слика]

Извор: Шведскиот црвен крст

[Слика на страница 23]

Носење заштитен шлем за велосипед

[Слика на страница 23]

Безбедно на автомобилското седиште