Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто музиката влијае врз нас

Зошто музиката влијае врз нас

Зошто музиката влијае врз нас

МУЗИКАТА и јазикот се својствени единствено за човекот. Тешко би било да се замисли светот и без едното и без другото. „И јазикот и музиката се обележја на човечкиот род кои изгледа дека се универзални“, вели книгата The Musical Mind (Музичкиот ум). Тие се аспекти на нашата потреба да комуницираме. Затоа би можело да се рече дека, како што е случај и со јазикот, кога музиката „зборува“, нашите емоции „слушаат“.

Зошто и како музиката им зборува на нашите емоции? За да одговориме на ова, треба да ги разгледаме: 1) самите елементи на музиката и начинот на кој нашиот мозок ги обработува; 2) нашата емоционална градба и културна заднина, кои влијаат врз тоа како ќе реагираме на музиката; и 3) јазикот, кој исто така влијае врз нашата реакција.

Елементи на музиката

Карактеристиките на музиката обично се нарекуваат „елементи на музиката“. Во овие елементи спаѓа тонот, односно бојата на звукот на некој инструмент. На пример, хорната е опишана како „помпезна“, односно тешка, а нејзиниот звук како сосема поинаков од „горделивата“ труба. Иако обете припаѓаат на истата фамилија, односно група, на дувачки инструменти, секоја од нив произведува високи тонови, односно хармонии со различна јачина. Тоа му го дава на секој инструмент неговиот уникатен „глас“. Композиторите ги користат овие својства за создавање извесни сонични ефекти за да се разбудат емоциите кај слушателот.

Веројатно еден од првите елементи со кои се запознаваме е ритамот — можеби додека сѐ уште сме биле во утробата, слушајќи го чукањето на срцето на нашата мајка. Се вели дека на реакцијата на музичкиот ритам може потсвесно да влијае чукањето на срцето, па дури и дишењето. Затоа, можеби не е случајно тоа што повеќето луѓе го претпочитаат музичкото темпо од 70 до 100 удари на минута —опсег еднаков на просечната стапка на чукање на срцето кај здрав возрасен човек. Барем така вели списанието Perceptual and Motor Skills (Перцептивни и моторни вештини).

Големата разнообразност во музиката што можат да ја произведат овие елементи станува очигледна кога ќе се разгледа поголем асортиман на инструменти и звуците на мелодиите што ги произведуваат. Трогателниот звук на фаготот во втората ставка на Моцартовиот концерт за фагот може да предизвика длабоки емоции и чувства. Меланхоличниот звук на јапонската шакухачи флејта може нежно да го допре срцето. Засипнатиот звук на тенорскиот саксофон може да направи една блуз мелодија да остане во мислите на многумина. Та-та-та звукот на тубата во некој германски забавен оркестар обично разбудува разиграни чувства. Певливата мелодија на виолините кои свират Штраусов валцер подбудува многумина слушатели да посакаат да се качат на подиумот за играње. Такви се ефектите затоа што „музиката му зборува на целото човечко суштество“, вели Клив И. Робинс од Музичкиот терапевтски центар Нордоф-Робинс во Њујорк.

Хармонија, дисхармонија и мелодија

Хармонијата создава пријатни звуци, додека дисхармонијата создава непријатни звуци. Но, дали сте знаеле дека во некоја музика овие елементи се надополнуваат? Можеби една музичка композиција која звучи хармонично, во себе содржи повеќе дисхармонија отколку што можете да замислите. Постојаното взаемно дејство на хармонијата и дисхармонијата дава едно колебливо, иако најчесто незабележително подигање на тензијата, кое се пренесува на нашите емоции. Ова нежно емоционално бранување е успокојувачко, додека само дисхармоничната музика може да оди на нерви и да создаде непријатни чувства — како кога се гребе со ноктите по плоча или на школска табла. Од друга страна, пак, ако музиката се заснова само на хармонија, може да биде досадна.

Мелодијата е милозвучна подреденост на поединечни ноти во низа. Според некои авторитети, овој збор е изведен од грчкиот збор мелос, што значи „песна“. Според речниците, мелодијата е пријатна музика, секаков пријатен звук.

Сепак, пријатната музика не ја прави каков и да е редослед на звуци. На пример, големите паузи кои често се јавуваат помеѓу последователни ноти можат да ја направат мелодијата драматична, но не пријатна. Од друга страна, пак, нотите кои се подредени само со неколку големи паузи можат да претставуваат пријатна мелодија. Различната подреденост на нотите и паузите ѝ дава на мелодијата тажен или радосен карактер. Како што е случај со хармонијата, и мелодијата создава сопствена тензија и ослободување, што влијае врз нашите емоции заради подигањето и спуштањето на тонот — односно, колку високо или ниско звучи една нота.

Здружени заедно, сите овие елементи создаваат моќни сили кои можат да ги стимулираат или да ги смират нашите емоции. Тоа се случува заради различните начини на кои нашиот мозок ја прима и ја обработува музиката.

Музиката и мозокот

Некои укажуваат на тоа дека јазикот и логиката претежно се функции на левата страна на мозокот, додека музиката се обработува во десната страна на мозокот, која во голема мерка ги обработува чувствата и емоциите. Сеедно дали е така или не, очигледно е дека музиката подбудува спонтани реакции кај слушателите. Списанието Перцептивни и моторни вештини се изразува вака: „Музиката има моќ брзо и ефективно да создаде чувства и емоции. Она што во една книга би се опишало со многу реченици  . . . во музиката честопати може да се пренесе само со еден такт или со еден акорд“.

Што се однесува до взаемното дејство меѓу гледањето и слушањето и реакцијата на нив, книгата Музиката и умот ја дава следнава интересна забелешка: „Поблиска е врската меѓу слушањето и емоционалното подбудување отколку врската меѓу гледањето и емоционалното подбудување . . . Глетката на некое рането животно или на човек што страда и молчи може да предизвика мала емоционална реакција кај набљудувачот. Но, штом ќе пуштат глас, набљудувачот обично е длабоко трогнат“.

Музиката, текстот и Вие

Една школа на мислења тврди дека извесна музичка композиција има слично влијание врз сите слушатели. Меѓутоа, друга вели дека реакцијата на некоја мелодија или песна ја одразува моменталната умствена состојба на поединецот или неговото претходно искуство. Пример за ова би можело да биде кога човек што изгубил некој сакан ќе слушне извесна песна, можеби на некое место на обожавање. Песната може да му врати спомени и да го растажи, па дури и во очите на ужалениот да наврат солзи. Другите кои не се наоѓаат во таква ситуација можеби ја пеат истата песна со радост во срцето.

Размислете и за описите на хорната и трубата дадени погоре. Вие можеби нема да се согласите со тоа дека хорната звучи трогателно. Вам можеби ќе Ви звучи бучно или разиграно, додека трубата може да Ви звучи мечтателно. Во секого од нас има единствен извор на чувства кои музиката може да предизвика да наврат — и затоа ние реагираме на свој начин.

Музиката помага да се поврзат зборовите или идеите со емоциите. Затоа, малку телевизиски или радио реклами се емитуваат без музичка придружба. Честопати зборовите немаат многу смисла. Сепак, ако се користи соодветна музика во позадината, рекламата ќе ги погоди чувствата на слушателите. Колку само е вистинито тоа дека целта на повеќето реклами е да направат купувањето да биде реакција на емоциите наместо на логиката!

Иако рекламирањето можеби има непожелен ефект врз џебот на луѓето, има еден многу посериозен негативен аспект во моќта на текстот и музиката. Journal of Youth and Adolescence укажува дека со тоа што постојано го повторуваат текстот, текстописците ги учат адолесцентите да не обрнуваат внимание на мислењето на другите и „да не попуштаат“. Според еден друг извор, пораките што се пренесуваат со „контроверзните рап текстови . . . кои се поживописни и од нивните хеви метал двојници“, можат да навлезат во емоционалната конституција на слушателот и да водат до асоцијално однесување.

Може ли да се спречи негативното дејство ако лицето ја слуша само музиката а не му обрнува внимание на текстот? Па, мора да се признае дека во голема мерка зборовите во хеви метал и рап музиката тешко можат да се чујат. Всушност, честопати тие стануваат речиси неразбирливи наспроти невообичаено гласната музика. Сепак, со или без зборови, пораката сѐ уште се гледа во пулсирачкиот ритам и во повторувањето на мелодијата!

На кој начин? Па, дури и само некои наслови создаваат ментални слики. Освен тоа, и самиот музички стил честопати претставува порака. Каква порака се пренесува? Едно списание за млади вели: „Изгледа дека тоа е слика на моќ, убедливост и сексуално освојување“. Друго списание вели: „Основните теми . . . се голема бунтовност, насилство, злоупотреба на дрога или алкохол, сексуален промискуитет, перверзија и сатанизам“.

Некои млади тврдат дека, иако ова можеби е вистина, врз нив нема негативно влијание. Тие ќе аргументираат дека таквата музика е корисна затоа што им помага ‚да се пронајдат себеси‘ како личности. Дали тоа е така? Journal of Youth and Adolescence забележува: „Гневот, антагонистичките теми и моќта во хеви металот со кои се идентификуваат некои момчиња, можат да бидат особено добредојдени на крајот на денот за момчињата со послаб успех откако поминале еден ден на училиште кога им велеле дека не постигнуваат онолку колку што се очекува од нив“. Потоа додава: „Иронијата или загатката е во тоа што потрагата на адолесцентите по посигурно и поавтентично ‚јас‘ вклучува користење на јавен, заеднички медиум. Наместо да бараат навистина единствени искуства во нивната осаменост, адолесцентите посегнуваат по спремни слики што ги подготвува комерцијалната индустрија“. Со други зборови, некој друг им кажува на овие млади луѓе што да мислат и што да чувствуваат.

Да размислиме за рок концертите. Како влијаат врз мноштвата кои одат на нив? Книгата Музиката и умот дава одговор: „Нема место за сомневање дека, со засилување на емоциите на мноштвото и со гаранцијата дека тие емоции ќе достигнат највисока точка заедно наместо одвоено, музиката може силно да придонесе за губење на критичкото просудување и за слепо препуштање на моменталните чувства, што е толку опасна карактеристика за однесувањето на мноштвото“. Некои сцени на диво препуштање на рок концертите ја докажуваат вистинитоста на оваа изјава.

Затоа, за да избегнеме валкање на мислите и на срцето, мора да бидеме многу селективни во изборот на музика. Како можеме да го сториме тоа? Нашата заклучна статија ќе даде одговор на ова прашање.

[Слика на страница 7]

Музиката честопати ги наведува слушателите да посакаат да заиграат