Моќта на музиката
Моќта на музиката
„Само музиката може со неочекуван шарм да го скроти заталканиот ум и да ги смири вознемирените мисли.“
ТАКА напишал Вилијам Конгрејв пред околу 300 години во својата Hymn to Harmony (Химна на хармонијата). Со векови пред тоа, древните грчки литературни дела тврделе дека „музичкото воспитување е посилен инструмент од кој и да е друг, затоа што ритамот и хармонијата го наоѓаат својот пат длабоко во душата“.
Некои родители ја увиделе вистинитоста на ова кога забележале како нивните тинејџери станале мрзоволни и неспремни за соработка откако постојано се хранеле со хеви метал музика. Истото било забележано и во текот на 1930-тите и 1940-тите години во Германија, кога нацистите ја користеле подбудувачката музика на маршевите како помош за да се подготват огромните мноштва да ги слушаат хипнотизирачките говори на Адолф Хитлер.
Несомнено, музиката може да влијае врз мислите и срцата и може да се користи за да се манипулира со нив или на добро или на лошо. На пример, се мисли дека интелектуалниот и емоционалниот развој на малите деца ќе се засили ако бидат изложени на извесни стилови музика. Дури и оние што пелтечат, понекогаш можат да ги отпеат речениците што не можат да ги изговорат.
Влијанието на музиката врз пациентите кои имаат невролошки заболувања што предизвикуваат пореметување во движењата понекогаш зачудува, како што вели Антони Стор во својата книга Music and the Mind (Музиката и умот). Стор го наведува примерот на една пациентка: „Неподвижна како резултат на [Паркинсоновата] болест, таа остануваше беспомошно неспособна да се движи сѐ додека не се сетеше на мелодијата што ја знаела уште од младоста. Тоа одеднаш ќе ѝ ја вратеше способноста повторно да се движи“.
Причина за загриженост
Според тоа, изгледа дека постојат некои користи кои можат да се припишат на моќта на музиката. Меѓутоа, постои опасност некои расипани или алчни луѓе да ја искористат моќта на музиката како смртоносна алатка. Некои анкети покажаа дека постои директна поврзаност меѓу асоцијалното однесување и извесни стилови музика.
Како поткрепа на ваквите тврдења, Psychology of Women Quarterly известува: „Постојат докази кои укажуваат на тоа дека
гледањето рок спотови има ист ефект како и гледањето порнографија во тој поглед што мажите на кои им биле прикажани насилнички рок спотови изразиле побездушни и понепријателски ставови кон жените отколку мажите на кои им биле прикажани ненасилнички рок спотови“.Ваквото влијание не е ограничено само на мажите. Тоа може да се одрази и врз жените. Истиот извештај додава: „И мажите и жените можат да почнат да ги прифаќаат негативните пораки што ги содржат овие песни во врска со ниската вредност на жените“.
Списанието Sex Roles (Улогата на половите) се согласува со овој заклучок, наведувајќи: „Една неодамнешна студија . . . откри дека комбинацијата на потекло од назадоволителна семејна средина и голема изложеност на музички спотови била во значителна мерка поврзана со сексуално попустливите ставови и однесување на адолесцентките“. Сликовитото насилство и сексуално експлицитните текстови на некоја рап песна биле причина еден обласен судија во САД да донесе одлука дека извесен рап албум е „непристоен според мерилата на заедницата“.
Дали судијата претерувал? Воопшто не! Списанието Adolescence дошло до заклучок дека „и адолесцентите и нивните родители известуваат дека во животот на адолесцентите кои слушаат хеви метал и рап музика има значително поголем метеж“. Таквиот метеж е поврзан со „агресивно и деструктивно однесување“ и со ниските академски достигнувања.
Всушност, врската помеѓу извесни стилови музика и сексот, самоубиството и асоцијалното однесување е добро потврдена. Но, дали тоа значи дека секоја музика има негативно влијание? Прочитајте што вели во врска со ова следната статија.
[Истакната мисла на страница 4]
Музиката може да влијае врз срцето и мислите или на добро или на лошо