Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пиштарки на име — пиштат во летот

Пиштарки на име — пиштат во летот

Пиштарки на име — пиштат во летот

ОД ДОПИСНИКОТ НА „РАЗБУДЕТЕ СЕ!“ ВО КЕНИЈА

СТРУЕЈЌИ НИЗ ВОЗДУХОТ со своите крилја во облик на срп, лета едно од најбрзите живи суштества на Земјата. Тоа е една мала птичка која тежи само десетина грама, но сепак може да се движи низ воздухот со голема брзина. „На пиштарките им се припишува брзина во воздухот од повеќе од 100 милји (160 километри) на час“, наведува The Encyclopedia Americana. Не е ни чудо тоа што овие пердувести спринтери се соодветно наречени пиштарки!

Изгледа како пиштарките воопшто да не вложуваат напор додека се извишуваат високо над Земјата, превртувајќи се и навалувајќи се со вртоглави брзини во нивната потрага по инсекти. Пиштарките се птици кои најмногу се задржуваат во воздухот, т.е. ловат храна, јадат, пијат, собираат материјал за гнездо, па дури и се парат додека летаат. Тие минуваат толку многу време во лет што набљудувачите во древните времиња верувале дека пиштарките спијат на небото, некаде во облаците каде што не можат да се видат. Некои пиштарки можат да престојуваат во воздухот цели девет месеци во годината. Изгледа дека овие чудесни птички дури и спијат додека бесшумно летаат!

Дизајнирани да летаат

Пиштарките се чуда на аеродинамичен дизајн. Тие поседуваат ефикасни крилја во облик на полумесечина кои се закривени наназад и на тој начин отстрануваат голем дел од триењето кое го забавува летот на повеќето птици. Додека се во воздухот, тие ја зголемуваат брзината со нивните брзи, површни удари со крилјата со испрекинати кратки едрења.

Нивната необична подвижност делумно се должи на тоа што додека летаат можат побрзо да удираат со едното отколку со другото крило. Удирањето на крилјата со мала неусогласеност им овозможува на пиштарките остро да се превртуваат без да ја намалат брзината. Ова им овозможува да постигнат голема брзина додека прават кругови фаќајќи ги инсектите што летаат и зграпчувајќи ги со своите отворени усти. Пиштарките мораат да јадат големи количества инсекти за да можат да ги задоволат огромните енергетски потреби на еден живот со брзо темпо. А овие досетливи летачи можат да поминат стотици километри на ден во нивната потрага по плен од инсекти.

Скромниот изглед на пиштарките ги прикрива нивните извонредни летачки вештини. И мажјакот и женката се невпечатливи, повеќето од нив со матно сива или кафеава боја. Многуте видови пиштарки ги има насекаде низ светот и можат да се видат првенствено во тропските и во суптропските земји. На зима, оние што живеат во северната хемисфера мигрираат со илјадници километри во топлите клими.

Гнезда од лепило

Пиштарките ги прават своите гнезда користејќи еден неверојатен градежен материјал — сопствената плунка! Бидејќи имаат специјализирани плунковни жлезди, тие можат да произведат големи количества плунка која дејствува како сврзно средство за материјалите за гнездото.

Пиштарките ретко се спуштаат на земја и не можат да слетаат како што слетуваат другите птици. На нозете имаат мали стапала во вид на кука кои се толку куси што не можат да ја подигнат птицата доволно високо за да направи целосен удар со крилјата. Сепак, стапала им се идеално погодни за цврсто да се држат за вертикални површини, како што се карпи, пештери и ѕидови на згради. Кога ќе дојде време за правење гнездо, пиштарката не може да собира лисја, гранчиња или кал од земјата, како што е вообичаено кај другите птици. Таа мора да најде друг начин.

Пиштарката оџачарка собира мали гранчиња брзо прелетувајќи низ гранките на некое дрво, зграпчувајќи гранче и откршувајќи го со сопствената сила на забрзување. Потоа ги слепува гранчињата, прицврстувајќи ги со својата леплива плунка за некоја вертикална површина. Американската палмова пиштарка досетливо се движи низ воздухот дофаќајќи влакна, пердуви и парчиња памук како и други лесни, подвижни материјали кои ги користи заедно со плунката за да направи гнездо.

Една друга пиштарка соодветно е наречена пиштарче на хранливо гнездо. Своето гнездо речиси целосно го прави со сопствената стврдната плунка. Со векови, плунката од која се правени овие гнезда била главна состојка на вкусната супа од птичје гнездо што се јаде на Ориентот. Се известува дека секоја година се користат милиони гнезда за ова гастрономско задоволство.

Едно од најинтересните гнезда се прави од лепливата плунка на африканската палмова пиштарка. Оваа птичка лепи мало сплескано перниче од пердуви за да ја обложи внатрешната страна на некој палмов лист. Висејќи наопаку, гнездото честопати диво се вее на ветрот. Како успева ситното јајце да остане во гнездото? Во својата книга Trials of Life (Испити на животот), Дејвид Атенбороу објаснува: „Изгледа речиси невозможно дека едно единствено јајце би можело да остане во малото гнездо. Всушност, тоа сигурно би паднало да не беше фактот дека оваа птица не само што го лепи гнездото за листот туку го лепи и јајцето за гнездото“. Бидејќи и гнездото и јајцето се добро прицврстени за палмовиот лист, родителите цврсто се фаќаат за страните на гнездото со своите канџи и еден по друг лежат врз јајцето. Откако ќе се испили пилето, тоа цврсто се држи за гнездото кое е негов дом што се вее на ветрот сѐ додека не добие пердуви за летање и не одлета.

Прекрасна глетка е да се набљудуваат илјадници пиштарки кои летаат во вртлози со огромна брзина, гласно цврчорејќи како да се возбудени. Гледајќи ги одоздола, човек има чувство на стравопочит кон нивната слобода на летање, како и ценење за убавината на нивниот интелигентен дизајн. Всушност, овие воздушни акробати, со нивната голема подвижност и брзина, навистина го заслужуваат своето име!

[Слики на страница 19]

Планинска пиштарка

Обична европска пиштарка

[Извор на слика]

Animals/Jim Harter/Dover Publications, Inc.

[Слика на страница 19]

Пиштарка оџачарка

[Извор на слика]

© Robert C. Simpson/Visuals Unlimited

[Извор на слика на страница 18]

© D. & M. Zimmerman/VIREO