Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Васа — од катастрофа до атракција

Васа — од катастрофа до атракција

Васа — од катастрофа до атракција

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШВЕДСКА

ДАТУМОТ е 10 август 1628 — прекрасен сончев ден во Стокхолм, престолнината на Шведска. Луѓето се собираат на кејовите на пристаништето додека грандиозниот кралски воен брод Васа, после три години изградба, тргнува на својата прва пловидба за да ѝ се придружи на шведската воена флота.

Васа не бил обичен воен брод. Кралот Густав II Адолф Васа сакал тоа да биде најмоќен брод во светот. Некои велат дека наредил да се направи втора топовска палуба откако чул дека Данците градат брод со две топовски палуби. Тој сакал бродот што ќе го носи името на неговото семејство да биде најдобар.

Поаѓањето на бродот требало да претставува блескава парада на кралската сила и слава. Бил вооружен со 64 топови и украсен со повеќе од 700 скулптури и украси. Неговата цена била рамна на повеќе од 5 проценти од бруто општествениот производ. Оваа моќна воена машинерија и пловечка уметничка изложба веројатно била најславниот брод што воопшто бил направен во тоа време. Не е чудно тоа што луѓето гордо го поздравувале додека минувал покрај кејовите на Стокхолм!

Катастрофа и понижување

Меѓутоа, Васа пловел само нешто повеќе од еден километар кога силен налет на ветар го навалил на едната страна. Водата шикнала низ топовските отвори и тој потонал. Можеби ова била најкратката прва пловидба во историјата на воената морнарица!

Гледачите биле зашеметени. Славата на шведската воена морнарица потонала, но не во битка или во некоја жестока бура на отворено море, туку во еден обичен налет на ветер во сопственото пристаниште. Смртта на 50-тина луѓе што се наоѓале на бродот предизвикала уште поголемо запрепастување. Наместо да биде предмет на гордост на нацијата, Васа станал синоним за разочарување и срам.

Бил свикан суд за да се открие кој е одговорен за оваа понижувачка катастрофа. Но, не бил обвинет никој, веројатно заради тоа што доказите укажувале на кралот и на вториот највисок заповедник на шведската морнарица, вицеадмиралот Клас Флеминг.

Барањата на кралот ги натерале градителите да експериментираат со дизајни кои не им биле познати. Затоа, Васа имал многу лоши пропорции. Кратко време пред да се преврти бродот, адмиралот Флеминг направил подготовки за да се изврши проверка на стабилноста. Триесет луѓе трчале еден покрај друг од едната до другата страна на бродот. По три круга трчање, адмиралот сфатил дека, ако продолжат, бродот веднаш ќе се преврти. Затоа, ја прекинал проверката, но не ја запрел и првата пловидба. Бидејќи биле вмешани толку важни личности како што бил кралот и адмиралот, обвиненијата биле повлечени.

Во 1664 и 1665, еден бивш офицер на шведската армија ги извлекол повеќето од топовите на Васа со помош на едноставно нуркачко ѕвоно. Потоа, Васа постепено бил заборавен додека тонел сѐ подлабоко и подлабоко во калта, 30 метри под површината.

Изваден од калта

Во август 1956, еден археолог аматер, Андерс Францен, употребил инструмент за земање примероци за да извлече парче дабово дрво од дното. Со години испитувал стари документи и го пребарувал морското дно во потрага по Васа. Овојпат го пронашол. Со една деликатна операција на спасување, Васа бил извлечен од калта и нерасклопен внимателно бил влечен под водата сѐ до докот за прифаќање на бродовите.

На 24 април 1961, кејовите на Стокхолм повторно биле полни со радосни гледачи. Откако помина 333 години на морското дно, Васа се врати — овојпат како туристичка атракција и богатство за поморските археолози. Повеќе од 25.000 артефакти открија фасцинантни детали во врска со овој воен брод од 17-тиот век и дадоа уникатен увид во бродоградбата и вајарството од тоа време.

Зошто Васа и неговите артефакти беа толку добро зачувани? Некои од факторите се тоа што бил нов кога потонал, калта имала заштитно дејство, и тоа што морскиот црв кој го уништува дрвото не живее во водите кои содржат ниско количество сол.

Васа бил наполнет со околу 120 тони товар. Стручњаците пресметуваат дека требало повеќе од двојно од тоа количество за да биде стабилен, но немало толку простор. Освен тоа, дополнителната тежина ќе го спуштела поблиску до водата долниот ред топовски отвори. Тој изгледал величествено, но неговата слаба рамнотежа го осудила на пропаст.

Денес, како најстар зачуван брод во светот, комплетен и потполно идентификуван, тој е безбеден во својот музеј. Таму, 850.000 посетители годишно можат да добијат претстава за овој кралски раскош, замрзнат во времето од катастрофата што се случила во 1628. Тој е потсетник за лудоста на оние кои биле на власт и кои, заради егото и невнимателноста, одлучиле да ги игнорираат утврдените прописи во бродоградбата.

[Слика на страница 26]

Кралот Густав II Адолф Васа

[Извор на слика]

Фотографија: Народен музеј, Стокхолм

[Слика на страници 26 и 27]

После повеќе од 300 години поминати на морското дно, „Васа“ стана светска атракција

[Извор на слика]

Genom tillmötesgående från Vasamuseet, Stockholm

[Извор на слика на страница 27]

Målning av det kapsejsande Vasa, av konstnär Nils Stödberg