Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали е исправно да се обожава Исус?

Дали е исправно да се обожава Исус?

Гледиште на Библијата

Дали е исправно да се обожава Исус?

НИЗ вековите, многумина од христијанскиот свет го обожавале Исус Христос како Семоќен Бог. Меѓутоа, самиот Исус го насочил вниманието и обожавањето само кон Јехова Бог. На пример, кога бил подбуцнуван да изврши чин на обожавање пред Ѓаволот, Исус рекол: „На Господа, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!“ (Матеј 4:10). Подоцна, Исус ги поучил своите ученици: „Никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата“ (Матеј 23:9).

На една Самарјанка, Исус ѝ објаснил на каков начин луѓето морат да го обожаваат Бог. Нивното обожавање мора да се темели на дух и вистина. Всушност, „Таткото бара такви да го обожаваат“ (Јован 4:23, 24NW). Да, обожавање полно со почит мора да му се искаже само на Бог. Да се обожава некој друг или нешто друго би било облик на идолопоклонство, кое е осудено и во хебрејските и во грчките списи (2. Мојсеева 20:4, 5; Галатјаните 5:19, 20).

‚Но‘, би можел да возврати некој, ‚зарем Библијата не покажува дека мора да го обожаваме и Исус? Зарем во Евреите 1:6 Павле не рекол: „Сите ангели на Бог нека го обожаваат [Исус]“?‘ (King James Version). Како можеме да го разбереме овој стих во светло на она што го вели Библијата во врска со идолопоклонството?

Обожавањето во Библијата

Прво, мора да сфатиме што мислел овде Павле со зборот обожавање. Тој го употребил грчкиот збор проскинео. Unger’s Bible Dictionary вели дека овој збор буквално значи да ‚ја бакнува раката на некого во знак на длабоко почитување или оддавање почит‘. An Expository Dictionary of New Testament Words (Толковен речник на новозаветни зборови) од Вилијам Е. Вајн вели дека овој збор „означува чин на длабоко почитување, без оглед на тоа дали е укажан на човек . . . или на Бог“. Во библиските времиња, проскинео обично вклучувал буквално поклонување пред некого кој имал висока положба.

Размисли за Исусовата парабола за робот кој не можел да му врати значителна сума пари на својот господар. Во оваа парабола се појавува еден облик на овој грчки збор, а неговиот превод во King James Version вели дека „тогаш слугата клекнал и го обожавал [облик на проскинео] [царот], велејќи: ‚Господару, имај стрпливост со мене и ќе ти платам сѐ‘“ (Матеј 18:26; италикот е од нас). Дали овој човек извршил чин на идолопоклонство? Воопшто не! Тоа било само израз на длабока чест и почит кои му следувале на царот како негов господар и претпоставен.

Таквиот чин на поклонување, односно изразување почит, бил прилично вообичаен на Ориентот во библиските времиња. Јаков се поклонил седум пати кога се сретнал со својот брат, Исав (1. Мојсеева 33:3). Браќата на Јосиф паднале на коленици, односно се поклониле пред него, оддавајќи му чест заради неговата положба на египетскиот двор (1. Мојсеева 42:6). Со вакво разбирање можеме подобро да сфатиме што се случило кога астролозите го нашле детенцето Исус, кого го признале како „новородениот Цар Јудејски“. Како што гласи преводот во King James Version, извештајот ни кажува дека тие „паднале и го обожавале [проскинео]“ (Матеј 2:2, 11).

Значи, јасно е дека зборот проскинео, кој во некои библиски преводи е преведен со „обожава“, не се користи само за обликот на обожавање што му се укажува на Јехова Бог. Може да се однесува и на почитта и честа што му се оддаваат на некое друго лице. За да избегнат какви и да било недоразбирања, некои библиски преводи го преведуваат зборот проскинео од Евреите 1:6 со ‚оддаде почит‘ (New Jerusalem Bible), ‚му оддава чест‘ (The Complete Bible in Modern English), ‚клекнува пред него‘ (Twentieth Century New Testament) или ‚се поклонува‘ (New World Translation).

Исус е достоен да му се поклониме

Дали Исус е достоен за такво поклонување? Секако дека е! Во своето писмо до Евреите, апостол Павле објаснува дека, како „наследник на сѐ“, Исус ‚седнал од десната страна на престолот на величието во висините‘ (Евреите 1:2—4). Затоа, „во Исусово име да се свитка секое колено на оние кои се на небото и на оние кои се на земјата и на оние кои се под земјата, и секој јазик отворено да признае дека Исус Христос е Господ на слава на Бог Таткото“ (Филипјаните 2:10, 11NW).

На еден истакнат начин, Христос наскоро ќе ја искористи својата возвишена положба и ќе ја примени големата извршна власт која доаѓа заедно со неа за да ја преобрази оваа земја во глобален рај. Под Божје водство и како резултат на откупната жртва, Исус ќе го исчисти светот од секоја тага, болка и жалост во корист на оние кои се подложуваат на неговата праведна влада. Затоа, зарем не е достоен за нашата чест, почит и послушност? (Псалм 2:12; Исаија 9:6; Лука 23:43; Откровение 21:3, 4).

„Бог кој бара исклучителна оддаденост“

Меѓутоа, Библијата јасно покажува дека нашето обожавање — во смисла на религиозно длабоко почитување и оддаденост — мора да биде насочено единствено кон Бог. Мојсеј го опишал како „Бог кој бара исклучителна оддаденост“. Библијата нѐ опоменува да ‚го обожаваме Оној кој ги создал небото и земјата и морето и изворите на водите‘ (5. Мојсеева 4:24; Откровение 14:7, обата NW).

Исус сигурно има централна улога во вистинското обожавање, улога која е достојна за чест и почит (2. Коринтјаните 1:20, 21; 1. Тимотеј 2:5). Тој е единствениот пат преку кој можеме да му пристапиме на Јехова Бог (Јован 14:6). Според тоа, ќе биде добро вистинските христијани да го насочат своето вистинско обожавање само кон Јехова Бог, Семоќниот.