Жива вера среде трагедија
Жива вера среде трагедија
ПРЕД речиси 60 години, Мина Еш добила разгледница од својот сопруг, Питер. Рачно напишаната порака била кратка и нејасна. Сепак, кога ја добила, таа била среќна и осетила олеснување. Сопругот на Мина бил затвореник во концентрациониот логор Бухенвалд, каде што го испратила нацистичката влада заради тоа што бил Јеховин сведок. На задната страна на разгледницата стоела оваа кратка изјава: „Затвореникот останува тврдоглав Библиски студент [како што биле познати Јеховините сведоци во тоа време] . . . Само од таа причина му е одземено правото да се допишува, што инаку е дозволено“. Оваа порака ѝ кажала на Мина дека Питер е цврст во својата вера.
Разгледницата, која сега е трошна и пожолтена, била позајмена на Музејот на еврејското наследство — жив споменик на холокаустот, кој се наоѓа во Батери Парк, Њујорк Сити. Заедно со фотографијата на Питер Еш, и разгледницата кажува мал дел од една огромна човечка трагедија — холокаустот — во кој загинале шест милиони Евреи. Најважните изложбени материјали на музејот содржат повеќе од 2.000 фотографии и 800 историски и културни ракотворби кои прикажуваат што доживеала еврејската заедница од 1880-тите до денешно време, вклучувајќи го и холокаустот. Зошто Музејот на еврејското наследство е соодветно место за да се изложи писмото на Питер Еш?
„Музејот има овластување да ја прикаже историјата на Евреите“, објасни музејскиот историчар д-р Џад Њуборн. „Јеховините сведоци беа прогонувани заради тоа што беа Јеховини сведоци. Тие беа прогонувани единствено заради нивните религиозни уверувања и заради тоа што не веруваа во расизмот, не се заколнуваа на верност на еден злобен, световен диктатор. И не веруваа во неговата војна . . . Евреите се бореа за да ги задржат своите вредности и својата вера и покрај страшното противење. Овој музеј го велича таквиот религиозен отпор. Од таа причина, оваа институција ја признава и ѝ се восхитува на верата на Јеховините сведоци за време на нацизмот.“
Во својот привремен дом во Музејот на еврејското наследство, едно обично писмо дава слика за борбата на еден човек чија лојалност кон Јехова била ставена на испит. Питер Еш го преживеал своето тешко искушение во нацистичкиот логор и неговата вера останала нескршена.
[Слика на страница 31]
Музејот на еврејското наследство, во Њујорк Сити
[Слики на страница 31]
Еш, Јеховин сведок, бил затворен од 1938 до 1945 заради тоа што одбил да се откаже од своите верувања