Како можете да прекинете
Како можете да прекинете
ИСТО како што е случај кога се учи да се вози велосипед, и кога ќе се откажувате од тутунот ретко кога ќе имате успех уште од првиот обид. Затоа, ако сте одлучни да прекинете, треба да бидете подготвени постојано да се обидувате сѐ додека не успеете. Немојте да мислите дека повторното враќање на пушењето е пораз. Сметајте дека тоа е поучно искуство, мало назадување во она што може да биде една успешна програма. Еве неколку предлози кои биле делотворни кај другите. Тие можат да бидат делотворни и за Вас.
Умствено подгответе се да прекинете
■ Прво, мора да се убедите себеси дека вреди да вложите труд за да прекинете. Направете список на кој ќе ги наведете причините зошто сакате да прекинете, вклучувајќи ги и сите користи. Откако сте прекинале, повторното разгледување на овој список ќе ја зајакне Вашата решеност. Желбата да му угодите на Бог е најсилниот мотив за да прекинете. Библијата вели дека треба да го љубиме Бог со сите мисли, срце, душа и сили. Тоа е нешто што не можеме да го правиме ако сме зависни од тутун (Марко 12:30).
■ Анализирајте ги своите навики на пушење за да сфатите кога и зошто пушите. Можеби ќе Ви користи да забележите на лист хартија кога и каде сте ја испушиле секоја цигара во еден обичен ден. Тоа ќе Ви помогне да ги предвидите ситуациите кои можат да Ве стават во искушение да пропушите откако сте прекинале.
Одредете датум за да прекинете
■ Изберете датум кога ќе прекинете и забележете го на календарот. Најдобро е да изберете некој ден кога нема да бидете под преголем стрес од надворешни фактори. Кога ќе дојде тој ден, прекинете целосно — одеднаш и потполно.
■ Пред да дојде датумот кога ќе прекинете, тргнете ги пепелниците, кибритот и запалките. Исчистете ја сета облека што мириса на чад од тутун.
■ Побарајте поддршка од колегите, пријателите и семејството за да Ве охрабрат во обидот да прекинете. Не плашете се да ги замолите другите да не пушат во Ваше присуство.
■ Испланирајте активности за денот кога ќе прекинете. Би можеле да отидете
некаде каде што не е дозволено да се пуши, како што е некој музеј или театар. Би можеле и да вежбате — пливајте, возете велосипед или појдете на долга прошетка.Справување со откажувањето
Ако сте страстен пушач, веројатно ќе имате симптоми на апстиненција, кои почнуваат неколку часови откако ќе ја испушите последната цигара. Во нив спаѓаат раздразливост, нестрпливост, непријателство, нервоза, депресија, несоница, неспокојство, зголемен апетит и желба за цигари. Можеби Вашиот лекар може да Ви препише лекови кои ќе Ви ги олеснат овие симптоми. Освен тоа, можете да направите некои работи за да си помогнете да ја добиете битката.
■ Во текот на првите неколку критични седмици, јадете нискокалорична храна и пијте многу вода. На некои им помогнало тоа што грицкале сиров зеленчук, како што се моркови и целер. Ако вежбате, нема да Ви се покачи телесната тежина и ќе ги смирите раздразнетите нерви.
■ Избегнувајте места и ситуации кои ќе Ве стават во искушение да пушите.
■ Борете се против погрешното размислување кое може да Ве доведе во искушение да пушите. Еве некои вообичаени мисли кои се јавуваат при оставањето на цигарите: ‚Ќе пушам само денес за да го издржам овој тежок период‘. ‚Пушењето ми е единствен порок!‘ ‚Не е можно тутунот да биде толку штетен; некои страсни пушачи живеат повеќе од 90 години.‘ ‚Мора да се умре од нешто.‘ ‚Животот без тутун не е интересен.‘
■ Ако сте во искушение да попуштите, одолговлекувајте. Ако почекате само десет минути, моменталната желба може да помине. Понекогаш, мислата дека никогаш повторно нема да пушите може да изгледа поразителна. Ако се чувствувате така, сконцентрирајте се на мислата дека прекинувате да пушите само денес.
■ Ако сакате да му служите на Бог, молете се за помош. Нашиот Татко кој е полн со љубов може да им даде „благовремена помош“ на оние кои настојуваат да ги доведат своите животи во склад со неговата волја (Евреите 4:16). Но, не очекувајте да се случи чудо. Мора да постапувате во склад со своите молитви.
Останете бивш пушач
■ Првите три месеци се најтешки но, доколку е можно, дури и потоа треба да избегнувате пушачи и ситуации кои можат да Ве доведат во искушение да пушите.
■ Немојте да се лажете мислејќи дека можете да бидете повремен пушач, дури и ако не пушите веќе една или повеќе години.
■ Одолејте на искушението да запалите „само една цигара“. Само една може лесно да води до други и наскоро ќе го фрлите во вода сиот напорен труд што сте го вложиле во откажувањето. Меѓутоа, ако почувствувате слабост и испушите една цигара, нема причина да испушите уште една. Ако се вратите на старата навика, повторно прекинете.
Милиони пушачи успешно прекинале со пушењето. Со одлучност и со истрајност, можете да прекинете и Вие!