Петра — град изделкан во карпа
Петра — град изделкан во карпа
МНОГУ градови во древниот свет лежеле покрај важни реки, чии изобилни води ги хранеле и ги штителе. Но, на северозападната граница на Арабиската Пустина имало еден град кој станал познат поради недостигот на вода. Тој град се викал Петра.
Во пустинските земји кои имаат излез на Средоземното Море, караванските патишта ги поврзувале оддалечените градови слично како што нашите современи автопати ги крстосуваат континентите. Но, исто како што на автомобилите им требаат бензински пумпи, така и на камилите — и покрај нивната легендарна издржливост — им е потребно да застанат за вода. Пред две илјади години, Петра била една од најпознатите станици за вода на Средниот исток.
Петра се наоѓала на раскрсницата на два важни трговски пата. Едниот го поврзувал Црвеното Море со Дамаск, а другиот го поврзувал Персискиот залив со Газа, на брегот на Средоземното Море. Караваните од заливот, натоварени со скапоцен товар од зачини, морале храбро да се соочуваат со суровите услови на Арабиската пустина неколку седмици пред конечно да стигнат во студениот, тесен кањон — Сик — кој бил влезна врата во Петра. Петра значела храна и ноќевање и, над сѐ, студена, освежителна вода.
Се разбира, граѓаните на Петра не ги нуделе бесплатно овие удобности. Римскиот
историчар Плиниј известува дека, освен тоа што се плаќало за сточната храна и за ноќевањето, морало да им се даваат и подароци на чуварите, вратарите, свештениците и слугите на царот. Но, заради огромните цени што можеле да ги достигнат зачините и парфемите во просперитетните европски градови, караваните постојано доаѓале и така ги полнеле ризниците на Петра.Складирање на водата и обработка на каменот
Во Петра паѓаат само 150 милиметри врнежи дожд во годината и практично не постојат потоци. На кој начин луѓето во Петра дошле до скапоцената вода што го одржувала животот во градот? Тие издлабиле канали, резервоари и цистерни во масивната карпа. Со текот на времето, практично секоја капка дожд што ќе паднела во близината на Петра била собирана и складирана. Вештото складирање на водата им овозможило на луѓето од Петра да одгледуваат земјоделски култури, камили и да изградат еден трговски центар чии трговци се збогатиле од темјанот и мирото што минувале низ нивните раце. Дури и денес, еден кривулест камен канал пренесува вода по целата должина на Сик.
Штом граѓаните на Петра знаеле да ракуваат со водата, тогаш тие биле мајстори и во ѕидарството. Самото име Петра, кое значи „масивна карпа“, доловува претстава на камен. Петра навистина бил град од камен — за разлика од другите градови во римскиот свет. Набатејците, градителите на градот, стрпливо ги исклесале своите домови, гробници и храмови во масивната карпа. Црвените песочни планини во кои удобно била сместена Петра биле сосема погодни за тоа, и во првиот век н.е., среде пустината се појавил еден монументален град.
Од трговија до туризам
Пред два милениума, Петра станала богат град благодарение на трговијата. Но, кога Римјаните пронашле поморски патишта до Исток, трговијата со зачини по копно пропаднала и Петра постепено била оставена на пустината. Но, делото на пустинските ѕидари не исчезнало. Во денешно време, секоја година околу половина милион туристи го посетуваат Јордан за да го разгледаат розово-црвеникавиот град Петра, чии градби сѐ уште сведочат за едно славно минато.
Откако посетителот ќе помине низ студениот Сик кој е долг околу еден километар, еден свиок во ѕидовите на кањонот неочекувано ја открива Ризницата, импозантна структура чија фасада е исклесана во еден масивен гребен. Малкумина ќе го заборават моментот кога прв пат ја здогледале — таа е една од најзачуваните градби од првиот век. Оваа градба го добила името според огромната камена урна што ја надвишува и во која наводно се чувало злато и скапоцени камења.
Со проширувањето на кањонот, туристот влегува во еден огромен природен амфитеатар со ѕидови од песочник во кои има многу пештери. Но, вниманието му го привлекуваат гробниците — исклесани од предната страна на гребенот, гробници кои се толку високи што посетителите кои се осмелуваат да влезат во нивната мрачна внатрешност изгледаат како џуџиња. Еден ред столбови и еден театар сведочат за присутноста на Римјаните во овој град во првиот и вториот век.
Денешните бедуини, потомци на Набатејците, им нудат прошетка со камила на најуморните туристи, продаваат сувенири или, пак, ги напојуваат своите стада кози на чешмите на Петра, кои ја гасат жедта на луѓето и на животните. Старите калдрмисани улици на Петра сѐ уште се резервирани исклучително за камили, коњи и магариња. Така, денес во градот сѐ уште одѕвонуваат истите звуци што се слушале во одамна изминатите денови, кога камилата била цар а Петра владеела со пустината.
Додека сонцето заоѓа над градот и црвеникавата боја на масивните фасади станува уште поинтензивна, замислениот посетител може да размислува за она што го учиме од Петра. Овој град несомнено сведочи за генијалноста на човекот, кој успеал да ги зачува ограничените природни богатства, дури и во толку негостољубива средина. Но, тој служи и како силен потсетник дека материјалното богатство може премногу брзо ‚да летне кон небото‘ (Изреки 23:4, 5).
[Извор на слика на страница 16]
Вметнато: Garo Nalbandian