Религиозна нетолеранција која е призната сега
Религиозна нетолеранција која е призната сега
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
„БИСКУПИТЕ изразуваат жалење заради ‚страшните злосторства‘ на кралицата Мери“, гласеше ударниот наслов на британскиот Catholic Herald од 11 декември 1998. Римокатоличките бискупи на Англија и Велс признаа дека „во името на католичката религија биле извршени страшни злосторства, на пример, врз протестантите во времето на реформацијата во Велика Британија“. Која била кралицата Мери? Кои неправди што ги нанела таа поттикнале едно вакво признавање? И зошто бискупите на Англија и Велс го избрале ова време за да ја дадат својата изјава?
Мери Тјудор е родена во римокатоличка Англија, во 1516 година. Таа е единственото дете што ѝ останало живо на Катарина од Арагон, првата жена на кралот Хенри VIII, и мајка ѝ ја воспитала како искрен католик. Татко ѝ сакал машки наследник, но Катарина не му родила син. Бидејќи папата одбил да го поништи неговиот брак со Катарина, Хенри ги презел работите во свои раце и со тоа го подготвил патот за протестантската реформација во Англија. Во 1533 се оженил со Ен Болејн. Дури четири месеци подоцна, надбискупот на Кантербери, Томас Кранмер, го прогласил за неважечки првиот брак на Хенри.
Следната година, бунтовниот Хенри ги прекинал сите врски со Рим и бил поставен за врховен поглавар на Англиканската
црква. Мери, која сега била сметана за незаконско дете, никогаш повторно не ја видела мајка си бидејќи Катарина била принудена да ги помине своите последни години изолирана од јавниот живот.Нетолеранцијата на протестантите
Во текот на следните 13 години, некои од оние кои одбиле да го признаат Хенри за поглавар на црквата или, пак, сѐ уште ја прифаќале власта на папата, биле убиени. Хенри умрел во 1547 и наследник станал деветгодишниот Едвард, неговиот единствен законит син. Тој бил син на третата од неговите шест жени. Едвард и неговите советници се обиделе да ја направат Англија протестантска земја. Римокатолиците биле прогонувани заради тоа што ја практикувале својата религија, а од црквите биле отстранети иконите и олтарите.
Ограничувањата врз печатењето и читањето на Библијата на англиски јазик наскоро биле укинати, а црковните служби во кои било вклучено и читање на Библијата требало да се одржуваат на англиски наместо на латински јазик. Но, во 1553, кога имал само 15 години, Едвард умрел од туберкулоза. Мери била сметана за законит наследник и станала кралица на Англија.
Нетолеранцијата на католиците
На почетокот, луѓето радосно ја дочекале 37-годишната Мери, но наскоро таа станала неомилена. Нејзините поданици се навикнале на протестантизмот, но сега Мери била одлучна повторно да ја направи земјата римокатоличка. За кратко време биле укинати сите одредби што ги донел Едвард во врска со религијата. Мери му се обратила на папата и побарала прошка во името на целата нација. Англија повторно станала римокатоличка земја.
Но, помирувањето со Рим предизвикало нов бран на прогонство против протестантите. Тие биле споредени со опасен чир кој требало да се отстрани пред да го зафати целото тело. Многу од оние кои одбиле да ги прифатат учењата на Римокатоличката црква биле живи запалени на клада.
Казнување на еретиците
Првиот што бил погубен за време на владеењето на Мери бил Џон Роџерс. Тој ја составил познатата Библија на Матеј, која служела како основа за King James Version. Откако одржал една проповед против римокатолицизмот, во која опоменувал против „штетниот папизам, идолопоклонство и суеверие“, бил затворен една година, а во февруари 1555 бил запален заради ерес.
Џон Хупер, бискупот од Глостер и Вустер, исто така бил означен како еретик. Тој изјавил дека е законски свештениците да се женат и дека може да се дозволи развод ако причината е прељуба. Исто така, тој изјавил дека не е точно дека Христос е физички присутен на мисата. Хупер бил жив запален и неговата маченичка смрт траела речиси четириесет и пет минути. Кога дошло ред 70-годишниот протестантски проповедник Хју Латимер да биде проголтан од пламенот, тој го охрабрил Никола Ридли, кој исто така бил реформатор и жртва на истата клада, со зборовите: „Теши се, Учителе Ридли, и биди маж. Денес, со помош на Божјата милост, ќе запалиме таква свеќа во Англија, која верувам дека никогаш нема да изгасне“.
Томас Кранмер, првиот протестантски надбискуп од Кантербери за време на владеењето на Хенри и Едвард, исто така бил осуден заради ерес. Иако се одрекол од своите протестантски верувања, во последен момент јавно постапил сосема спротивно, го осудил папата како Христов непријател и ја ставил десната рака во огнот за да изгори прво таа, бидејќи била виновна што го потпишала неговото одрекување.
Иако отприлика 800 богати протестанти избегале на сигурно во странство, во текот на следните три години и девет месеци, до смртта на Мери, во Англија биле запалени на клада најмалку 277 лица. Многу од жртвите биле обични луѓе кои биле сосема збунети
во врска со тоа што треба да веруваат. Младите луѓе растеле слушајќи како папата е јавно осудуван и сега биле казнувани заради тоа што зборувале против него. Другите луѓе научиле сами да си ја читаат Библијата и си создале лични религиозни мислења.Бавната, маченичка смрт на мажи, жени и деца кои биле запалени на клада, предизвикувала ужас кај многумина. Историчарката Кароли Ериксон опишува една типична сцена: „Премногу често се случувало дрвото за огнот да биде сирово или, пак, дрвцата за потпалување да бидат премногу влажни за да можат да изгорат брзо. Вреќичките со барут што ги врзувале за жртвите за да ја скратат нивната агонија не се запалувале или, пак, ги осакатувале без да ги убијат“. На жртвите не им ја затнувале устата и затоа „нивните писоци и молитви честопати се слушале сѐ до моментот на нивната смрт“.
Сѐ повеќе луѓе почнале да се сомневаат во религијата која требало да ги запалува луѓето на клада за да им ги наметне своите учења. Еден бран на сочувство кон жртвите ги навел составувачите на балади да компонираат песни за протестантските маченици. Џон Фокс почнал да ја пишува својата Book of Martyrs (Книга за мачениците), која извршила речиси исто толкаво влијание врз протестантските реформатори како што извршила Библијата. Голем број од оние кои биле римокатолици на почетокот на владеењето на Мери, до крајот на нејзиното владеење станале протестанти.
Наследството на Мери
Откако станала кралица, Мери изјавила дека ќе се омажи за својот братучед Филип, наследник на шпанскиот престол. Тој бил крал на туѓа земја и ревносен римокатолик, последното нешто што го сакале многу Англичани. Една побуна на протестантите што била организирана во знак на протест против овој брак завршила со неуспех, а 100 бунтовници биле погубени. Филип и Мери се венчале на 25 јули 1554, иако Филип никогаш не бил крунисан за крал. Меѓутоа, нивниот бездетен брак бил извор на болка за Мери, која сакала да добие римокатолички наследник.
Здравјето на Мери ослабнало и по краткото владеење од пет години умрела, на возраст од 42 години. Отишла в гроб скршена од болка. На нејзиниот сопруг му била здосадена, а повеќето од нејзините поданици ја мразеле. Кога умрела, многу жители на Лондон прославувале по улиците. Наместо да го врати римокатолицизмот, со својот фанатизам таа ја потпомогнала каузата на протестантизмот. Нејзиното наследство е сумирано во името по кое станала позната — Крвавата Мери.
Погрешно мотивирана совест
Зошто Мери наредила да бидат запалени толку многу луѓе? Таа била поучена дека еретиците се предавници на Бог и мислела дека е нејзина должност да го отстрани нивното влијание пред да го заразат целиот народ. Ја послушала својата совест, но ги игнорирала правата на другите луѓе чија совест ги водела во поинаква насока.
Меѓутоа, протестантите биле исто толку нетолерантни. И под владеењето на Хенри и Едвард луѓето биле запалувани поради своите религиозни верувања. Наследничката на Мери, протестантката Елизабета I, сметала дека придржувањето за римокатолицизмот е предавнички престап и за време на нејзиното владеење биле погубени повеќе од 180 Англичани кои биле римокатолици. Во текот на следниот век, уште стотици луѓе умреле заради своите религиозни верувања.
Зошто бараат извинување сега?
Десетти декември 1998 ја означи 50-годишнината од Универзалната декларација за човековите права што ја донесоа Обединетите нации. Член 18 го признава ‚правото на слобода на мислење, совест и религија‘, вклучувајќи ја и слободата човек да ја промени својата религија, да поучува за неа и да ја практикува. Римокатоличките бискупи во Англија и Велс ја избраа оваа 50-годишнина како „соодветна прилика за католиците да ја преиспитаат својата совест во врска со оваа работа“ и да ги признаат „страшните неправди“ што биле нанесени, особено во времето на Мери Тјудор.
Иако сега се изразува жалење заради религиозната нетолеранција од пред речиси 450 години, дали нешто навистина се променило? Повеќе не се запалуваат луѓе на клада, но многу таканаречени христијани и понатаму вршат силувања и масакри врз оние кои имаат поинаква религија. Таквата нетолеранција не му е угодна на Бог. Всушност, Исус Христос, оној кој совршено ја одразува Божјата личност, изјавил: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35).
[Слика на страница 10]
Кралицата Мери
[Извор на слика]
Од книгата A Short History of the English People (Кратка историја на англискиот народ)
[Слика на страница 11]
Латимер и Ридли биле запалени на клада
[Извор на слика]
Од Фоксовата Книга за мачениците
[Слика на страница 11]
Кранмер остава прво да изгори неговата десна рака
[Извор на слика]
Од книгата The History of England (Историјата на Англија, том 1)
[Извор на слика на страница 10]
Рамка: 200 Decorative Title-Pages/Alexander Nesbitt/Dover Publications, Inc.