Торбар со федери во нозете
Торбар со федери во нозете
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
„СЕКОЈ ден кога се враќав од училиште, моето милениче, кенгурот Џои, седеше крај портата и ме чекаше“, се сеќава Џон. „Штом ќе ја отворев портата, ќе скокнеше и ќе ме прегрнеше со предните нозе, а и јас него. Си зборувавме со гестови кои велеа: ‚Мило ми е што те гледам!‘ Потоа Џои скокаше ваму-таму неколку метри по патеката како да беше некое возбудено кутре и така правеше сѐ додека не дојдевме до куќата.“
Луѓето што живеат во австралиската дивина имаат законска дозвола да чуваат кенгури како миленичиња, и ова било случај и со семејството на Џон. Овие кенгури обично се сирачиња кои биле спасени како младенчиња откако нивните мајки го изгубиле животот, можеби додека го преминувале патот. Вообичаен термин за младенчето на кенгурот е „џои“, иако тоа е и името што Џон му го дал на своето милениче.
Се разбира, семејството што ќе го усвои малото кенгурче сака да му помогне веднаш да се почувствува како дома. Затоа, меѓу првите работи што треба да ги направат е да му обезбедат торба. Избираат добро засолнато место — на соодветна оддалеченост од огништето — и овде обесуваат голема, издржлива платнена вреќа во која е направен отвор кој потсетува на торбата на мајката кенгур. Потоа во неа
го ставаат кенгурчето заедно со едно шише топло, специјално подготвено млеко. На овој начин, на многу кенгурчиња им се помага да преживеат. Наскоро се привикнуваат на својата нова торба и со главата се пикаат во неа како да е торбата на мајка им.Како да се опише кенгурот?
Животните што го чуваат своето младенче во торба, односно во џеб, се викаат торбари. Торбарите вклучуваат околу 260 видови и во нив спаѓаат кенгурот, коалата, вомбатот, бандикутот и опосумот, кој е единствен вид што потекнува од Северна Америка. Разбирливо е зошто на раните истражувачи им било тешко да ги опишат овие необични животни, особено кенгурот, кога им зборувале за нив на луѓето во својата земја. На пишан англиски јазик, зборот „кенгур“ прв го употребил британскиот истражувач Капетанот Џејмс Кук. Тој го споредил ова животно со ‚’рт кој скока како зајак или како елен‘. Подоцна, кога во Лондон бил изложен жив кенгур, тоа претставувало сензација.
Кенгурите ги вртат големите уши што се наоѓаат на нивната глава која потсетува на глава на елен. Нивните мали но силни предни нозе личат на човечки раце, особено кога кенгурот стои исправен. Кенгурите имаат и големи, мускулести колкови; долга, дебела, кривулеста опашка; и, се разбира, огромни нозе — карактеристика според која добиле уште еден назив — „макроподи“ — што значи „долги нозе“.
Околу 55 видови макроподи варираат во големината — од димензии на човек па сѐ до големина на стаорец. Сите макроподи имаат кратки предни нозе и долги задни нозе кои им служат за скокање. Црвениот кенгур, сивиот кенгур и валару, односно јуру, се најголеми. Мажјакот на црвениот кенгур е долг околу два метра од носот до врвот на опашката и тежи 77 килограми. Помалите видови кенгури се наречени валаби.
Дали некогаш сте виделе или сте чуле за некој кенгур што живее на дрвја? Па, верувале или не, кенгурите имаат „мајмун“ во својата фамилија — шумскиот кенгур. Овие подвижни животни со кратки нозе, кои живеат во тропските дождовни шуми на Нова Гвинеја и во североисточна Австралија, се чувствуваат многу удобно на дрвјата и можат да прескокнат околу девет метри од една гранка на дрвото до друга. Ноќе се симнуваат на шумската почва, каде што се хранат главно со растенија и ларви.
Брзи, грациозни, ефикасни
Кога се движат полека, кенгурите изгледаат несмасно и смешно. Опашот и кратките предни нозе стануваат триножник кој ја носи целата тежина додека ги движат напред задните нозе. Но, тие се грациозни тркачи. Кога скокаат со брзина од 50 километри на час, го користат својот голем опаш за да одржуваат рамнотежа. Според The World Book Encyclopedia, „можат да достигнат максимална брзина од преку 60 километри на час“. Кај големиот кенгур, само еден скок при најголема брзина може да достигне должина од 9 до 13,5 метри — скок кој речиси би можел да се нарече летање!
Кенгурите не се само брзи туку и ефикасно ја користат својата енергија. Професорот
Уве Проске, од Универзитетот Монаш во Мелбурн (Австралија), вели дека кислородот што го искористува кенгурот има поголема енергетска ефикасност при поголеми отколку при помали брзини. Проске пресметал дека „при брзина од 20 или повеќе километри на час, енергијата што ја користи кенгурот додека скока е помала од енергијата што ја користи четириножен цицач со плацента [цицач што се раѓа сосема развиен, како што е кучето или еленот] кој има слична тежина и трча со иста брзина“. Заради тоа што кенгурот не троши многу енергија кога се движи, тој може да поминува големи растојанија без да се умори. Но, на кој начин кенгурот успева да трча толку економично?Тајната е во неговите долги Ахилови тетиви. „Тоа е како кенгурите да скокаат на спирални федери“, вели Проске. Исто како тетивите што се прицврстени за лисниот мускул на човекот, Ахиловите тетиви на кенгурот се оптегнуваат во моментот кога ја допира земјата и се собираат кога отскокнува. Иако трчаат со различна брзина, кенгурите прават ист број скокови во една секунда (црвениот кенгур прави околу два скока). За да бидат побрзи, тие едноставно го издолжуваат секој чекор. Исклучок е кога кенгурот е преплашен. Тогаш може да тргне со неколку мали, брзи скокови за да добие поголемо забрзување.
Кенгурите се и многу вешти пливачи. Тие не само што ги користат своите силни нозе туку добиваат и дополнителен погон нишајќи ја опашката од едната на другата страна. Познато е дека, кога ги бркаат кучиња, кенгурите ги искористуваат своите вештини во водата и рипаат во некое езерце или во река. Секое куче што е доволно храбро за да тргне по кенгурот, веднаш завршува под вода турнато од мускулестите предни нозе на кенгурот и од неговите шепи со пет прсти кои се опремени со остри канџи. Џон, спомнат на почетокот, имал две кучиња кои еден див мажјак кенгур за малку ќе ги удавел во малиот резервоар за вода на неговиот семеен имот.
Чудото на раѓање на еден торбар
Иако се жилави и силни кога се возрасни, кенгурите се сосема неразвиени и слабуњави кога ќе се родат. Тие се малку поголеми од
розовиот црв, долги се околу 2,5 сантиметри и тешки едвај неколку грама, се раѓаат без крзно, слепи и глуви. Сепак, благодарение на рано развиените предни нозе кои се опремени со канџи, како и на неговото сетило за мирис, ситното „црвче“ инстинктивно ползи низ крзното на мајка си и доаѓа до нејзината торба. Кога ќе се најде во торбата, се прицврстува за една од четирите брадавици. Врвот на брадавицата веднаш набабрува како топче во устата на младенчето и го држи цврсто на тоа место во текот на неколку недели. Кога ќе се земе предвид начинот на кој патува неговата мајка, јасно е дека е предност да биде цврсто укотвено! Всушност, таа котва е толку добра што во минатото набљудувачите си мислеле дека младенчето израснало од брадавицата!Се разбира, со текот на времето кенгурчето толку ќе порасне што ќе излезе од торбата, иако на почетокот само привремено. Меѓутоа, по седум до десет месеци, кога сосема ќе престане да цица, засекогаш ќе ја напушти торбата. Но, да се вратиме во времето кога кенгурчето прв пат се укотвило на брадавицата и да погледнеме едно друго чудо во размножувањето на кенгурите.
Неколку дена откако новороденчето ќе се прицврсти на брадавицата на мајката, таа повторно се пари. Ембрионот што настанува со ова спарување се развива отприлика една недела, но потоа „заспива“ — чека, така да се рече — додека неговото постаро братче или сестричка продолжува да расте во торбата. Кога постарото братче или сестричка, кое сѐ уште цица млеко, ќе излезе од торбата, ембрионот што се наоѓа во матката продолжува да расте. По развојниот период од 30 дена, и тој се прицврстува на една брадавица, но не на истата од која цицало постарото братче или сестричка.
Овде се крие уште едно чудо на биологијата на кенгурот. Мајката му дава на своето помладо кенгурче еден вид млеко, а на постарото му дава поинакво млеко. Коментирајќи за ова, Scientific American вели: „Двата вида млеко што ги лачат различни млечни жлезди сосема се разликуваат по количеството и по составот. Како може да се постигне ова под истите хормонални услови е фасцинантно прашање“.
Каде можат да се видат кенгури
Ако сакате да видите кенгури во нивната природна средина, мора да бидете спремни да излезете од градот и да отидете во австралиската дивина, односно во пустелијата. Додека бараат трева и грмушки, кенгурите можат да се видат сами или, пак, во мали или во поголеми групи наречени чопори, со кои предводат големи мажјаци кенгури наречени „бумери“. Бидејќи кенгурите главно се хранат ноќе, а во жештината на денот се одмораат во сенка (каде што се добро камуфлирани), добра прилика за да ги видите е рано наутро или во квечерина. Но, кога времето е посвежо, можат да бидат активни и во текот на денот. Како и да е, погрижете се да си понесете телеобјектив и двоглед — дивите кенгури се многу срамежливи животни.
Се разбира, можете да видите кенгури и во повеќето зоолошки градини, природни резервати и национални паркови низ Австралија и во други земји. Бидејќи постојано се во контакт со луѓето, овие кенгури не се толку срамежливи и веројатно ќе можете да направите неколку добри фотографии одблиску, можеби дури и фотографија на мајка со кенгурче кое ѕирка од нејзината торба. Поголемите кенгурчиња секогаш ќе ни извлечат насмевка кога ќе се нурнат во торбата на мајка им, додека нивните тенки задни нозе несмасно штрчат и заради тоа мајката кенгур личи на преполнета торба за пазарење. (Младите кенгури изгледаат како целите да се состојат од нозе!) Некој убав мажјак можеби дури и ќе застане во исправена, достоинствена поза. Кој знае, можеби ќе видите дури и еден пар големи бумери како стојат исправени колку што им дозволуваат нивните долги, искривени нозе и приредуваат бокс-меч — вистински боксерски кенгури!
Но, за многумина, најубава глетка претставува големиот црвен или сив мажјак кој скока со полна брзина. Навистина, другите животни можат да трчаат побрзо или да скокаат повисоко, но кај ниедно друго суштество нема да видите таква извонредна комбинација на грациозност, сила и федери кои се сместени само во две силни нозе.
[Слика на страница 19]
Тајната на федерите во неговите нозе лежи во долгите Ахилови тетиви