Што да се рече за „пирсингот“?
Младите прашуваат . . .
Што да се рече за „пирсингот“?
‚Кога прв пат видов луѓе со обетки на усните и на други делови на телото, си помислив: „Еј! Ова е нешто посебно“‘ (Лиза).
ЛИЗА не е единствена. Сѐ поголем број млади луѓе носат обетки на различни делови на телото, па дури и на веѓите, јазикот, усните и папокот. Таа практика се нарекува „пирсинг“. a
Хедер, која има 16 години, едвај чека да го прифати овој тренд. Таа е уверена дека обетката на нејзиниот папок ќе изгледа „ептен откачено“. А 19-годишниот Џо веќе може да се пофали со една златна обетка во вид на тег што ја ставил на јазикот. Една друга млада девојка одлучила да направи пирсинг на веѓата затоа што сакала да има нешто „ептен упадливо“, нешто што ќе ги „шокира луѓето“.
Идејата да се става накит на телото не е нешто ново. Уште во библиски времиња, една побожна жена по име Ревека носела обетка на носот (1. Мојсеева 24:22, 47, NW). Кога излегувале од Египет, Израелците носеле обетки (2. Мојсеева 32:2). Меѓутоа, не е познато дали таквиот накит се прицврстувал со тоа што се дупчеле ушите и носот. На верните робови им биле дупчени ушите како знак на лојалност кон нивите господари (2. Мојсеева 21:6). Пирсингот бил познат и во други древни култури. Астеките и Маите си ги дупчеле јазиците од религиозни причини. Дупчењето на усните сѐ уште е раширено во Африка и кај домородното население на Јужна Америка. Вметнувањето украсни предмети во носот е вообичаено кај Меланезијците и кај жителите на Индија и Пакистан.
Сѐ до пред неколку години, во западниот свет пирсингот обично беше ограничен на ушните ресички кај жените. Но денес, тинејџерите и младите возрасни од двата пола носат накит речиси на секој дел од телото каде што тој може да се прицврсти.
Зошто прават пирсинг
Многумина прават пирсинг затоа што сметаат дека тоа е модерно — дека е во тренд. Други, пак, мислат дека со тоа нивниот изглед ќе биде повпечатлив. Се разбира, ова модно лудило ги зафати другите затоа што топ моделите, спортските ѕвезди и популарните музичари ставаат накит по телото. А изгледа дека на некои млади пирсингот им служи за да ја изразат својата независност, потрага по индивидуалност, тоа им е начин
за да кажат дека не се како сите други. Колумнистот Џон Лео забележува: „Желбата да ги иритираат родителите и да го шокираат обичниот народ изгледа дека котира високо меѓу мотивите за постојано да се прави пирсинг“. Очигледно, водечка сила за оваа потреба за самоизразување се незадоволството, нонконформизмот, пркосот и бунтовноста.Има дури и такви на кои пирсингот им служи за да задоволат длабоки психолошки или емоционални потреби. На пример, некои млади мислат дека на тој начин ќе ја зголемат својата самопочит. Некои жртви на злоупотреба на деца го сметаат тоа за начин да покажат дека стекнале контрола над своето тело.
Опасности за здравјето
Но, дали секој пирсинг е безбеден? Многу медицински лица велат дека не е. Се разбира, опасно е да се прави пирсинг на своја рака. И одењето кај таканаречени професионалци може да биде ризично. Многумина од нив не се многу стручни и го научиле занаетот од пријателите, списанијата или од видеокасетите. Заради тоа можеби не применуваат хигиенски техники, па дури не ги сфаќаат ни ризиците од пирсингот. Исто така, многу од оние што прават пирсинг, немаат доволно познавање на анатомијата. Тоа не е мал проблем бидејќи, ако се направи дупче на погрешно место, може да дојде до обилно крвавење. Ако се погоди некој нерв, може да се предизвика трајно оштетување.
Друг сериозен ризик е инфекцијата. Нестерилизираните инструменти можат да пренесат смртоносни болести како што се хепатитот, СИДА-та, туберкулозата и тетанусот. Дури и кога се користат стерилни техники, сѐ уште е потребна нега и после интервенцијата. На пример, пирсингот на папокот е подложен на иритации поради постојаното триење со облеката. Затоа, можеби ќе требаат дури и девет месеци за да зарасне раната.
Лекарите велат дека е поопасно да се направи пирсинг на ’рскавицата на носот или на ушите отколку на ушната ресичка. Еден билтен на Американската академија за пластична и реконструктивна хирургија на лицето, објаснува: „Повеќекратните дупчиња на горниот дел на увото се особена причина за загриженост — заради тешките инфекции може да се изгуби целиот горен хеликс на увото. И обетките на носот се ризични — ако дојде до инфекција во овој предел, можат да се инфицираат околните крвни садови и таа да се прошири сѐ до мозокот“. Овој билтен заклучува: „Идеално би било [пирсингот] да се ограничи на пределот на ушната ресичка“.
Други опасности се грдите лузни и алергиските реакции на накитот што се става со пирсингот. Ако се потфатат или ако се повлечат со облеката обетките кои се наоѓаат на некои многу осетливи места, како што се градите, лесно може да дојде до растргнување. Ткивото од лузната што останува на градата кај една млада девојка може да ги блокира млечните канали и, ако не се лекува, може да биде тешко или невозможно девојката во иднина да дои бебе.
Американското стоматолошко здружение неодамна коментираше дека пирсингот во устата претставува опасност за здравјето на јавноста. Дополнителните ризици од пирсингот во пределот на устата се гушење откако ќе се проголта накитот, умртвеност и губење на осетот за вкус на јазикот, долготрајно крвавење, одронет или скршен заб, зголемено лачење плунка, неконтролирано лигавење, повреда на вилицата, пречки во говорот и тешкотии со дишењето, џвакањето и голтањето. Кога младата Кендра направила пирсинг на јазикот, ѝ „отекол како балон“. За да биде уште полошо, оној што го правел пирсингот користел обетка наменета за брадата, па така обетката ѝ го засекла јазикот на Кендра и го раскинала сѐ до ткивото под него. За малку ќе ја изгубела способноста да зборува.
Бог го поучил својот народ, Израелците, да ги почитуваат своите тела и да не се самоосакатуваат (3. Мојсеева 19:28; 21:5; 5. Мојсеева 14:1). Иако христијаните денес не се под Мојсеевиот закон, тие сепак се охрабрени да постапуваат со почит кон своето тело (Римјаните 12:1). Затоа, зарем не е разумно да се избегнуваат непотребни здравствени ризици? Меѓутоа, освен здравјето, има и други фактори што треба да ги разгледаш.
Каква порака се пренесува?
Библијата не дава некои посебни заповеди во врска со пирсингот. Но, таа сепак нѐ охрабрува да се облечеме во „скромност и здрави мисли“ (1. Тимотеј 2:9, NW). Иако нешто можеби се смета за скромно во еден дел на светот, вистинскиот проблем е како се гледа на тоа онаму каде што живееш ти. На пример, во некој дел на светот можеби е прифатливо жените да имаат дупчиња на ушните ресички, но во некоја друга земја или култура можеби тоа се смета за непристојно.
И покрај тоа што се популарни меѓу славните личности, пирсингот и обетките за мажи досега не успеаја да станат општо прифатени на Запад. Можеби една причина е тоа што долго време ова било карактеристика на затворениците, бандите со мотори, панкерите и членовите на садомазохистичката субкултура на хомосексуалците. Многумина пирсингот ги асоцира на одметништво и бунтовност. Некои го сметаат за шокантно, одвратно. Една христијанска девојка, Ешли, вели: „Едно момче од мојот клас штотуку направи пирсинг на носот. Тој мисли дека тоа е типски. Јас мислам дека е одвратно!“
Затоа, не е многу чудно тоа што во една позната продавница во Америка постои правило дека вработените што имаат директен контакт со муштериите не смеат да носат повеќе од една обетка на секое уво и дека е забранет секој друг видлив пирсинг. „Не можете да предвидите како ќе реагираат луѓето“, објаснува претставничката за печат на една компанија. И советниците за избор на професија ги советуваат машките студенти на колеџ кои поднесуваат молба за работа „да не носат обетки или друг накит на телото кој се става со пирсинг; жените не треба да носат . . . обетки на носот“.
Особено младите христијани треба да внимаваат на тоа дали оставаат поволен впечаток врз другите, се разбира, и тогаш кога учествуваат во делото на евангелизирање. Тие не сакаат ‚да даваат никаков повод за спрепнување, за да не ѝ се најде замерка на нивната служба‘ (2. Коринтјаните 6:3, 4, NW). Какво и да е твоето лично мислење за пирсингот, твојот изглед неизбежно кажува нешто за твоите ставови и за твојот начин на живот. Што сакаш ти да им кажеш за себе на другите?
Конечно, самиот ти — и, се разбира, твоите родители — мора да одлучите што ќе направите во врска со тоа. „Не дозволувајте светот околу вас да ве втисне во својот калап“, гласи здравиот совет од Библијата (Римјаните 12:2, Phillips). На крајот на краиштата, ти си тој што ќе мора да живее со последиците.
[Фуснота]
a Со ова не мислиме на скромното дупчење кое е вообичаено и прифатливо во културата на многу земји. Напротив, мислиме на екстремните практики кои се популарни денес. (Види го англиското издание на Стражарска кула од 15 мај 1974, страници 318, 319.)
[Слики на страница 14]
Пирсингот е многу популарен кај младите