Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е Ел Нињо?

Што е Ел Нињо?

Што е Ел Нињо?

Кога обично пресушената река Апуримак во близина на Лима (Перу) однесе речиси сѐ што имаше Кармен, таа жалеше: „Има многу што се како мене, толку многу.

Јас не сум единствената“. Малку понасевер, поројните дождови привремено претворија еден дел од крајбрежната пустина Сечура во езеро кое беше второ по големина во Перу, со површина од околу 5.000 квадратни километри. И на други места на Земјината топка, беспримерни поплави, силни циклони и големи суши доведоа до глад, болести, разбеснети пожари и оштетување на земјоделските култури, имотот и природната средина. Што беше причина за сето ова? Многумина го вперуваат прстот во Ел Нињо, кој се појави кон крајот на 1997 од тропскиот, односно екваторијалниот Пацифик и траеше околу осум месеци.

Што точно е Ел Нињо? Како настанува? Зошто последиците од него се толку нашироко распространети? Може ли точно да се предвиди неговото следно појавување и можеби со тоа да се намали цената што се плаќа со загуба на животи и имот?

Сѐ започнува со загревање на водата

„Во прецизна смисла, Ел Нињо е само топлата морска струја што се појавува во близина на брегот на Перу на секои две до седум години“, вели списанието Newsweek. Во текот на повеќе од сто години, морнарите што пловеле по должината на брегот на Перу го забележувале ова загревање. Бидејќи овие топли струи обично се појавуваат некаде околу Божиќ, го добиле името Ел Нињо, што на шпански значи „малиот Исус“.

Загревањето на водата во близина на крајбрежјето на Перу значи дека во таа земја ќе има поголеми врнежи од дожд. Кога има дождови, пустините расцветуваат а одгледувањето домашни животни напредува. Кога се силни, дождовите предизвикуваат и поплави во овој регион. Освен тоа, топлиот горен слој на морската вода спречува да се кренат на површината постудените води кои се наоѓаат одоздола и изобилуваат со хранливи состојки. Како последица на ова, многу морски суштества, па дури и некои птици, се отселуваат во потрага по храна. Затоа последиците од Ел Нињо се чувствуваат и на други места кои се оддалечени од брегот на Перу. a

Роден од ветерот и водата

Што го предизвикува необичното зголемување на температурата на океанот покрај брегот на Перу? За да го сфатиме ова, најнапред да го разгледаме џиновскиот циркулаторен циклус, познат како Вокерово движење, кој постои во атмосферата помеѓу источниот и западниот тропски Пацифик. b Додека Сонцето го загрева горниот слој на водата на запад, во близина на Индонезија и Австралија, жешкиот и влажен воздух се издигнува во атмосферата предизвикувајќи еден систем на низок притисок во близина на површината на водата. Додека се крева нагоре, воздухот се лади и ја губи влагата, носејќи дождови во овој предел. Ветровите кои дуваат повисоко во атмосферата го носат сувиот воздух кон исток. Додека се движи кон исток, воздухот станува постуден и потежок и кога ќе дојде над Перу и Еквадор, почнува да се спушта надолу. Ова создава еден систем на висок притисок во близина на површината на океанот. А на мали надморски височини, воздушните струи кои се познати како пасатни ветрови дуваат на запад, назад кон Индонезија, и со тоа овој циклус се затвора.

На кој начин пасатните ветрови влијаат врз температурата на површината на тропскиот Пацифик? „Овие ветрови обично се однесуваат како лесно ветре во мал базен“, вели Newsweek, „и ја туркаат топлата вода кон западниот Пацифик така што морската површина на тоа место е повисока за 60 сантиметри и потопла за 8 Целзиусови степени отколку, да речеме, во Еквадор.“ На источниот Пацифик, постудената вода што се наоѓа одоздола и што е богата со хранливи состојки, надоаѓа и овозможува развој на морскиот живот. Така, во текот на нормалните години, односно годините кога не се појавува Ел Нињо, температурата на морската површина е постудена на исток отколку на запад.

Какви промени во атмосферата предизвикува Ел Нињо? „Од причини кои научниците сѐ уште не ги разбираат во потполност“, наведува National Geographic, „на интервали од неколку години пасатните ветрови се повлекуваат, па дури и исчезнуваат.“ Кога овие ветрови ќе ослабнат, топлата вода што се собрала во близина на Индонезија се враќа назад на исток, покачувајќи ја температурата на морската површина во Перу и на други места на исток. Ова движење, од своја страна, влијае врз атмосферскиот систем. „Загревањето на источниот тропски Пацифик го ослабува Вокеровото движење и предизвикува конвективната зона со силни дождови да се движи кон исток, од западниот кон централниот и источниот дел на тропскиот Пацифик“, наведува едно референтно дело. Затоа ова се одразува на временските обрасци по должината на целиот екваторијален Пацифик.

Како карпа во поток

Ел Нињо може да ги промени климатските обрасци и на места кои се наоѓаат многу подалеку од морските струи на тропскиот Пацифик. Како? Со помош на атмосферскиот циркулаторен систем. Далекосежните последици врз локалното нарушување на циркулацијата во атмосферата можат да се споредат со начинот на кој една карпа која паднала среде некој поток може да предизвика да се појават бранчиња низ целиот поток. Густите дождовни облаци кои се подигаат над водата на топлиот тропски океан формираат пречка во атмосферата слично како да има карпа, која влијае врз временските обрасци на оддалеченост од илјадници километри.

На поголеми географски ширини, Ел Нињо ги засилува и ги пренасочува брзите ветрови кои дуваат кон исток, познати како воздушни струења. Тие го одредуваат правецот на повеќето бури на овие географски ширини. Засилувањето и пренасочувањето на воздушните струења може или да ги засили или да ги ослаби временските услови во различните годишни времиња. На пример, кога има Ел Нињо, во северните делови на Соединетите Држави зимите обично се поблаги од вообичаените зими, додека во некои јужни држави тие се повлажни и постудени.

Колку е предвилив?

Последиците од одделни бури можат да се предвидат само неколку дена однапред. Дали истото важи и за обидите да се предвиди Ел Нињо? Не. Наместо да се ограничуваат на краткотрајни временски настани, прогнозите за Ел Нињо содржат предвидувања на абнормални климатски услови над големи региони во временски период кој трае со месеци. Климатолозите постигнале значителен успех во прогнозирањето на Ел Нињо.

На пример, прогнозата за Ел Нињо во 1997/98 беше дадена во мај 1997 — околу шест месеци пред да се појави. Низ целиот тропски Пацифик се укотвени 70 бови кои ја мерат состојбата на ветровите на површината и температурите на океанот сѐ до длабочина од 500 метри. Кога ќе се внесат во компјутерските модели на климата, од овие податоци се добиваат временски прогнози.

Навремените предупредувања за Ел Нињо навистина можат да им помогнат на луѓето да се подготват за промените што се очекуваат. На пример, од 1983, прогнозите за Ел Нињо во Перу охрабрија многу фармери да одгледуваат добиток и да садат земјоделски култури кои се соодветни за временските услови, додека рибарите, наместо да ловат риба, почнаа да одгледуваат морски ракчиња кои пристигаат заедно со потоплата вода. Да, точните прогнози и навремената подготовка можат да ја намалат загубата на човечки животи и економскиот губиток што го предизвикува Ел Нињо.

Научните истражувања на процесите кои управуваат со климата на нашата Земја сведочат за точноста на инспирираните зборови што ги запишал цар Соломон од древниот Израел уште пред околу 3.000 години. Тој напишал: „Ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг“ (Проповедник 1:6). Изучувајќи ги воздушните и морските струи, човекот на денешницата научил многу работи за временските обрасци. Да извлечеме корист од тоа спознание обрнувајќи внимание на предупредувањата во врска со настаните како што е Ел Нињо.

[Фусноти]

a За разлика од него, Ла Ниња (што на шпански значи „девојче“) е периодично ладење на температурата на водата на западниот брег на Јужна Америка. И Ла Ниња има далекосежни последици врз временските услови.

b Овој циклус го добил името според сер Џилберт Вокер, британски научник кој го изучувал овој процес во 1920-тите.

[Рамка на страница 25]

ЕЛ НИЊО ОСТАВА ТРАГА НА УНИШТУВАЊЕ

1525: Најран историски извештај за појавата на Ел Нињо во Перу.

1789—1793: Ел Нињо беше одговорен за смртта на повеќе од 600.000 луѓе во Индија и предизвика суров глад во јужна Африка.

1982—1983: Овој настан беше причина за смртта на повеќе од 2.000 луѓе и за трошок од повеќе од 13 милијарди долари заради оштетување на имотите, главно во тропските региони.

1990—1995: Комбинација на три последователни настани доведе до една од најдолгите епизоди на Ел Нињо што се забележани.

1997—1998: И покрај првите доста успешни регионални прогнози дека ќе има поплави и суши предизвикани од Ел Нињо, беа изгубени околу 2.100 животи, а ширум светот беше нанесена штета од 33 милијарди долари.

[Графикони/карти на страници 22 и 23]

(Види во публикацијата)

НОРМАЛНА СОСТОЈБА

Шема на Вокеровото движење

Силни пасатни ветрови

Топла океанска вода

Студена океанска вода

ЕЛ НИЊО

Патеки на пренасочување на воздушните струења

Слаби пасатни ветрови

Топлата вода се движи кон исток

Потопло или посуво од обично

Постудено или повлажно од обично

[Графикони/слики на страница 24]

(Види во публикацијата)

ЕЛ НИЊО

Црвените бои на Земјината топка ја претставуваат температурата на водата што е многу потопла од нормално

НОРМАЛНА СОСТОЈБА

Топлата вода се собира на западниот Пацифик, овозможувајќи постудената вода што е богата со хранливи состојки да се подигне на исток

ЕЛ НИЊО

Слабите пасатни ветрови овозможуваат топлата вода да се врати назад на исток, спречувајќи ја постудената вода да стигне до површината

[Слики на страници 22 и 23]

ПЕРУ

Поплавената пустина Сечура

МЕКСИКО

Ураганот Линда

КАЛИФОРНИЈА

Лизгање на кал

[Извори на слики]

Страници 22 и 23, од лево на десно: Fotografía por Beatrice Velarde; фотографија што ја направи Laboratory for Atmospheres, NASA Goddard Space Flight Center; FEMA фотографија на Dave Gatley