Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Деца на утрешнината?

Деца на утрешнината?

Деца на утрешнината?

Година — 2050. На клиниката за вештачко оплодување, Мелиса е загледана во компјутерскиот екран. Длабоко размислува. Па, да се избере дете е сериозна работа, а не нешто што треба да се направи набрзина. На екранот се гледа слика на една насмеана тинејџерка на која Мелиса и нејзиниот сопруг, Кертис, веќе ѝ го дадоа името Алиса. И сликата и информациите што се отпечатени одоздола кажуваат многу за тоа каква личност ќе стане Алиса, како во физички така и во ментален поглед.

Алиса не е родена. Идната тинејџерка сѐ уште е ембрион, безбедно складиран на –200 Целзиусови степени заедно со десетици други ембриони во една соседна просторија. Генетичките карактеристики на секој ембрион се скенирани и внесени во компјутерот за да им се помогне на родителите да одберат кој од нив ќе биде всаден во матката на Мелиса.

Бидејќи Мелиса и Кертис сакаат девојче, машките ембриони не доаѓаат предвид. Потоа овие родители ги разгледуваат останатите ембриони во поглед на карактеристики како што се здравјето, надворешниот изглед и темпераментот. Конечно Мелиса и Кертис прават избор. По девет месеци се радуваат на раѓањето на ќерката што ја избрале — една вистинска, жива Алиса.

ОВА е кратка верзија на приказната земена од еден извештај што го напишал Ли Силвер, професор по молекуларна биологија на Универзитетот Принстон, Њу Џерси (САД). Тоа е една замисла за она што тој верува дека може да се случи во следните децении. Своите идеи ги засновал на тековните истражувања и технологија. Уште сега човечките ембриони можат да се проверат во поглед на извесни генетички нарушувања. Поминаа повеќе од 20 години откако се роди првото дете од епрувета. Бидејќи беше зачнато во Петриев сад, таа беше првото човечко суштество зачнато надвор од мајчината утроба.

Тоа што д-р Силвер го нарекува детето Алиса може да нѐ потсети на добро познатата фантастична приказна Алиса во земјата на чудата. Всушност, иднината што ја очекуваат многумина е земја на чудата. Една уводна статија во престижното списание Nature навела: „Сѐ поголемата моќ на молекуларната генетика нѐ става пред изгледот во иднина да можеме да ја менуваме природата на нашиот род“.

Во следната статија ќе разгледаме до каков развој дојде на полето на биотехнологијата, сосредоточувајќи се првенствено на изгледите за „подобрување“ на човечкиот род. Дали она што се прави во лабораториите денес ќе влијае врз Вашиот живот или врз животот на Вашите деца? Многумина веруваат дека ќе биде така.