Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Екстремни спортови“ — дали да се ризикува?

„Екстремни спортови“ — дали да се ризикува?

Гледиште на Библијата

„Екстремни спортови“ — дали да се ризикува?

„ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ, СЀ ПОГОЛЕМ БРОЈ ОД НАС ГО НАПУШТИЈА СВОЕТО МЕСТО ВО ГЛЕДАЛИШТЕТО ЗА ЛИЧНО ДА СКОКААТ ОД АВИОНИТЕ, ДА СЕ СПУШТААТ СО ЈАЖЕ ОД ПЛАНИНИТЕ, ДА ПЛОВАТ СО КАЈАК НИЗ ВОДОПАДИТЕ И ДА НУРКААТ ЗАЕДНО СО АЈКУЛИТЕ“ (ВЕСНИКОТ WILLOW GLEN RESIDENT).

ОВОЈ коментар опишува еден сѐ позастапен тренд во спортот. Значителниот пораст на популарноста на таквите активности како што е воздушната акробатика, искачувањето по мраз, параглајдерството и BASE џампингот * се одраз на еден свет кој е вљубен во ризиците. Даски за скијање, планинарски велосипеди, скејтбордови и ролерки исто така се користат за да се пречекорат личните граници со освојување на најстрмните планини, највисоките карпи и со постигнување на најдолгите скокови. Како што наведува списанието Time, сѐ поголемата популарност на „екстремните спортови“ — спортови во кои учесниците преземаат големи лични ризици — ја истакнува силната желба на милиони луѓе и тие да се најдат на „метафоричниот раб, каде што опасноста, вештината и стравот се здружуваат за да им влеат на викендашите и на професионалните атлетичари чувство дека ги пречекориле своите лични граници“.

Меѓутоа, за ваквата зголемена популарност се плаќа и голема цена. Сѐ повеќе и повеќе луѓе добиваат повреди кога ќе претераат со релативно безбедните спортови. Во Соединетите Држави, во текот на 1997, посетите на прва помош за повреди поврзани со скејтборд се зголемија за повеќе од 33 проценти, со скијање на даска за 31 процент и со планинарење за 20 проценти. За другите спортови резултатите се уште подраматични, како што јасно може да се види од сѐ поголемиот број смртни случаи поврзани со екстремните спортови. Поборниците на овие спортови се свесни за опасностите. Една жена која учествува во екстремно скијање, вели: „Во потсвеста постојано ми е присутна мислата за смртта“. Еден професионален скијач на даска го сумира тоа велејќи дека, ако „не се повредите, значи не се напрегате доволно“.

Со оглед на овие факти, како треба еден христијанин да гледа на учествувањето во вакви активности? Како може Библијата да ни помогне да одлучиме дали треба да се занимаваме со екстремни спортови? Едно разгледување на тоа што мисли Бог за светоста на животот ќе ни помогне да одговориме на овие прашања.

Божјето гледиште за животот

Библијата ни кажува дека Јехова е „изворот на животот“ (Псалм 36:9). Освен тоа што ги создал луѓето, тој покажал голема грижа и со тоа што ни дал сѐ што ни треба за да уживаме во животот (Псалм 139:14; Дела 14:16, 17; 17:24—28). Значи, разумно е да заклучиме дека тој очекува од нас да се грижиме за она што толку љубезно ни го дал. Законите и начелата што ѝ биле дадени на нацијата Израел ни помагаат да го сфатиме ова.

Мојсеевиот закон барал човек да преземе мерки на претпазливост за да го заштити животот на другите. Ако не го направел тоа и некој го изгубел животот, оној кој можел да ја спречи трагедијата ќе се сметал за виновен за крв. На пример, на секој сопственик на куќа му било заповедано да изгради ниско ѕитче или ограда, наречено парапет, околу рамниот кров на својата нова куќа. Инаку врз куќата би лежела вина за крв ако некој паднел од кровот и загинел (Второзаконие 22:8). Ако некој вол неочекувано прободел некого и го усмртел, сопственикот на волот не бил одговорен. Но, ако било познато дека волот е опасен и сопственикот бил опоменат но не внимавал на волот, тогаш, ако волот прободел некого, сопственикот на волот се сметал за виновен за крв и можел да биде казнет со смрт (Излез 21:28, 29). Бидејќи животот е скапоцен за Јехова, неговиот закон ставал силен нагласок врз зачувувањето и заштитата на животот.

Верните слуги на Бог сфатиле дека овие начела важат и во преземањето лични ризици. Во еден библиски извештај, Давид ја изразил својата желба да може ‚да се напие вода од Витлеемскиот Кладенец‘. Во тоа време Витлеем бил под контрола на Филистејците. Кога го чуле барањето на Давид, тројца негови војници се пробиле во логорот на Филистејците, нацрпиле вода од кладенецот во Витлеем и му ја однеле на Давид. Како реагирал Давид? Не сакал да ја испие водата, туку ја излеал на земја. Рекол: „Да не ми даде мојот Бог да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та изложувајќи го животот на смрт, донесоа вода“ (1. Летописи 11:17—19). За Давид било незамисливо некој да го ризикува живот заради негово лично задоволство.

Исус реагирал на сличен начин кога, веројатно во визија, Ѓаволот го искушувал да се фрли од покривот на храмот за да види дали ангелите ќе го заштитат од повреда. Исус одговорил: „Немој да го ставаш на испит Јехова, својот Бог“ (Матеј 4:5—7). Да, и Давид и Исус сфатиле дека во Божји очи е погрешно да преземаат непотребни ризици кои би можеле да го доведат во опасност човечкиот живот.

Имајќи ги на ум овие примери, можеби ќе се прашаме: ‚Каде да се стави границата за тоа што е екстремен или опасен спорт? Бидејќи дури и со некој вообичаен облик на рекреација, кој самиот по себе не е опасен, може да се отиде во крајност, како можеме да одредиме до каде можеме да одиме?‘

Дали вреди да се ризикува?

Една искрена проценка на која и да било активност за која можеби размислуваме ќе ни помогне да дојдеме до одговорот. На пример, би можеле да се прашаме: ‚Колкав е процентот на несреќни случаи во овој спорт? Дали имам обука или заштитна опрема што е потребна за да не се повредам? Какви ќе бидат последиците ако промашам или погрешно проценам некој скок или ако откаже сигурносната опрема? Дали тоа ќе биде само мала незгода или постои веројатност за сериозна повреда или смрт?‘

Преземањето непотребни ризици во името на рекреацијата може да влијае врз скапоцениот однос на еден христијанин со Јехова, како и врз неговата погодност за посебни предности во собранието (1. Тимотеј 3:2, 8—10; 4:12; Тит 2:6—8). Јасно, дури и кога се рекреираат, христијаните ќе направат добро ако размислат какво гледиште има Творецот во врска со светоста на животот.

[Фуснота]

^ пас. 4 BASE означува зграда, антена, мост и карпа. Овој спорт на пуштање со падобран од фиксни објекти како што се згради, мостови и карпи се смета за толку опасен што е забранет од Службата за национални паркови во Соединетите Држави.