Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто сум толку слаб?

Зошто сум толку слаб?

Младите прашуваат . . .

Зошто сум толку слаб?

ЏАСТИН е слаб и здрав, но не е сосема задоволен со своето тело. „Се обидувам малку да ја зголемам килажата“, признава тој. Затоа, неговата моментална исхрана се состои од пет оброка на ден кои содржат вкупно 4.000 калории. Меѓутоа, тој сака добиените килограми да се состојат од цврсти мускули. Затоа, додава: „Еден другар и јас стануваме рано и некои денови, пред да одиме на работа, заедно одиме во гимнастичка сала за да креваме тегови“.

И Венеса е многу слаба. Но, таа е сосема задоволна со својата тежина. „Кога бев помала, децата ме задеваа и ме нарекуваа прачка“, се сеќава Венеса. „Но, повеќе не ми е гајле за тоа. Едноставно се прифаќам себеси таква каква што сум“.

‚Да се прифатиш себеси таков каков што си.‘ Изгледа дека ова е добар совет. Но, можеби е тешко да се примени. Како тинејџер, можеби си во „цветот на младоста“ (1. Коринќаните 7:36). Особено е бурен оној период на брзи физички промени познат како пубертет. За време на пубертетот, некои делови од твоето тело можат да растат со различна брзина; рацете, нозете и цртите на лицето може да изгледаат очајнички непропорционално. * Заради ова може да се чувствуваш незгодно и непривлечно. Потоа, тука е фактот дека сите млади не се развиваат со еднакво темпо. Затоа, иако некои од твоите врсници можеби веќе развиле мускулеста телесна градба или женствена фигура, ти можеби сѐ уште изгледаш слаб во споредба со нив.

Иако е кажано многу за младите кои мислат дека се премногу дебели, честопати се превидуваат младите кои сметаат дека се премногу слаби. Ова можеби е случај особено кај извесни етнички групи и во некои земји каде што витоста не се смета за знак на убавина. Во тие места некоја слаба девојка може да биде безмилосно задевана заради тоа што е „коска и кожа“.

Како стојат работите со момчињата? Според истражувачот Сузан Бордо, „студиите во врска со физичкиот изглед што се извршени во текот на децениите пред 80-тите покажаа дека, кога жените ќе погледнеа во огледалото, гледаа само маани“. А мажите? Бордо продолжува: „Мажите се погледнуваа во огледалото и гледаа лик кој е добар, па дури и подобар од оној што се бара“. Но, во последниве години тоа почна да се менува. Забележувајќи дека повеќе од една четвртина од пациентите на пластична хирургија се мажи, Бордо вели дека моменталниот пораст на интересот на младите мажи да имаат добра кондиција е поврзан со „совршените“ машки тела кои се прикажуваат на рекламите за долна облека во Соединетите Држави и во другите западни земји. Се разбира, ова влијаеше врз момчињата тинејџери. Можеби се чувствуваат недораснати ако ја немаат мускулестата градба што ја имаат манекените.

Затоа, ако си слаб, можеби се прашуваш: ‚Што не е во ред со мене?‘ Добра вест е тоа што веројатно сѐ е во ред.

Зошто си слаб

За многу млади е сосема нормално тоа што се слаби. Честопати тоа е само една последица од наглото растење и брзиот метаболизам кои доаѓаат со адолесценцијата. Обично твојот метаболизам ќе се нормализира со годините. Меѓутоа, ако си премногу слаб и покрај здравата исхрана, би било добро да појдеш на лекар за да бидеш сигурен дека немаш некакви здравствени проблеми, како што е дијабетесот, кои се причина за слабеење.

Стивен Левенкрон, познат стручњак за нарушувања во исхраната, за Разбудете се! изјави: „Се сеќавам на една многу слаба девојка која беше упатена кај мене со дијагностицирана анорексија и навистина изгледаше како некој што има нарушување во исхраната. Но, наскоро сфатив дека нејзиниот проблем беше од физичка, а не од психичка природа. Лекарот пропуштил да дијагностицира хронично воспаление на цревата, кое е тешко цревно заболување. Ваквиот пропуст можеше да биде фатален за оваа девојка“. Ако имаш дијабетес или некоја друга болест која предизвикува слабеење, ќе постапиш мудро ако внимателно го следиш советот на твојот лекар.

Се разбира, понекогаш витоста може да биде симптом на емоционална вознемиреност. Во својата книга Anatomy of Anorexia (Анатомија на анорексијата), д-р Левенкрон ги забележува тврдењата на некои истражувачи дека значителен број „дијабетичари кои се зависни од инсулин имаат нарушувања во исхраната, кои варираат од компулзивно прејадување па сѐ до булимија и анорексија“. Квалификуван лекар ќе утврди дали има некое такво нарушување во исхраната. *

Практични предлози

Да претпоставиме дека си бил на лекар и дека си здрав, иако си слаб. Што сега? Во Јов 8:11 Библијата вели: „Зар ќе никне рогозата вон мочуриштето? Зар ќе порасте трската без вода?“ Исто како што едно растение успева кога е во соодветна околина и има добра исхрана, така е потребна урамнотежена исхрана за да се развиеш во здрав возрасен човек. Ова е важно, без оглед на тоа дали се обидуваш да се здебелиш или да ослабиш.

Меѓутоа, немој да паднеш во искушение да почнеш да јадеш обилна масна храна за да се здебелиш побрзо. Кога спровела едно истражување во врска со исхраната што ја земаат бодибилдерите додека траат тренинзите, нутриционистот Сузан Клајнер забележала дека тие консумираат околу 6.000 калории на ден! Но, според Клајнер, „загрижувачко откритие во врска со ова истражување било тоа што тие јаделе, во просек, по повеќе од 200 грама маснотии на ден. Тоа се речиси онолку маснотии колку што има во четврт килограм путер! За повеќето луѓе тоа е доволно за да се разболат за кратко време. Ако се користи подолго време, толкаво големо количество маснотии ќе води до срцево заболување“.

Според Одделот за земјоделство на САД (USDA), во основата на една урамнотежена исхрана се јагленохидратите како што се лебот, житариците, оризот и тестенините. Следни по важност се зеленчукот и овошјето. USDA препорачува да се внесува само умерено количество месо и млечни производи.

За да провериш што и колку јадеш, би можел да се обидеш да водиш дневник на исхрана. Носи си џебен нотес во текот на една седмица и во него запишувај сѐ што јадеш и кога јадеш. Можеби ќе се изненадиш кога ќе откриеш дека не јадеш ни приближно толку колку што мислиш, особено ако секогаш си во брзање. Како тинејџер кој е активен, лесно можеш да согориш 3.000 или повеќе калории на ден! Исто така, можеби ќе увидиш дека твојата исхрана не е толку урамнотежена колку што би требало да биде — со преголемо количество брза храна, како што се сендвичи и пица, а без доволно овошје и зеленчук.

Што да се каже за скапите додатоци на исхраната? Можеби нема да бидат потребни. Многу експерти веруваат дека можеш да ги добиеш сите хранливи состојки што му се потребни на твоето тело ако јадеш здрава храна. Над сѐ, избегнувај брзи решенија како што се анаболичките стероиди. За жал, злоупотребата на стероиди не е проблем само кај момчињата кои се тинејџери. The New York Times известува: „Сѐ поголемата употреба [на стероиди] кај девојчињата, која некои истражувачи делумно ја припишуваат на еден вид заболување спротивно на анорексијата, ги достигна оние нивоа кои ги постигнуваа момчињата во 1980-тите“. Шокантен број од 175.000 тинејџерки во Соединетите Држави признаваат дека земаат анаболички стероиди. Овие препарати се поврзани со мноштво штетни нуспојави, вклучувајќи и несакана појава на влакнавост на лицето, нередовен менструален циклус и рак на дојката кај жените, рак на простатата кај мажите и зачепени артерии и рак на црниот дроб и кај жените и кај мажите. Никогаш не треба да се земаат стероиди без лекарски рецепт и лекарски надзор.

Биди скромен и реалистичен

Библијата ни вели да ‚одиме скромно со својот Бог‘ (Михеј 6:8NW). Скромноста значи да бидеме свесни за своите ограничувања. Скромноста ќе ти помогне да бидеш реалистичен во врска со твојот надворешен изглед. Не, воопшто не е погрешно да сакаш да изгледаш убаво. Но, опседнатоста со надворешниот изглед не му користи никому — освен можеби на модната и на прехранбената индустрија. Стручњаците за физичка кондиција се согласуваат дека просечниот маж едноставно ги нема соодветните гени за да биде бодибилдер на светски глас, без оглед на тоа колку добро се храни или колку тренира. А ако си девојка, можеби нема да се здебелиш, без оглед на тоа колку јадеш.

Интересно, ако обрнеш малку внимание на твојата облека, можеш да направиш многу за да го поправиш она што сметаш дека е физичка маана. Избегнувај облека која непотребно ги истакнува тие аспекти од твојата фигура. Некои предлагаат да се носат светли бои, бидејќи темните тонови прават слабите луѓе да изгледаат уште послаби.

Исто така, не заборавај дека многу поважна од твојот надворешен изглед е твојата личност. Долгорочно гледано, една пријатна насмевка и љубезно однесување повеќе ќе придонесат за да бидеш привлечен за другите отколку твоите обликувани мускули или некој посебен конфекциски број облека. Ако пријателите постојано те потценуваат заради твојот изглед, побарај луѓе кои ќе те ценат заради она што си однатре — заради она што Библијата го нарекува „тајната личност на срцето“ (1. Петрово 3:4). Конечно, никогаш не заборавај дека „човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:7).

[Фусноти]

^ пас. 5 Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Дали се развивам нормално?“ во англиското издание на Разбудете се! од 22 септември 1993.

^ пас. 12 Види ги статиите „Младите прашуваат . . . Зошто сум опседната со мојата тежина?“ и „Како можам да ја победам мојата опсесија со тежината?“ во нашите изданија од 8 август и 8 септември 1999.

[Слика на страница 14]

Некои млади си префрлуваат заради тоа што се слаби