Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мојата главна грижа — да останам лојален

Мојата главна грижа — да останам лојален

Мојата главна грижа — да останам лојален

РАСКАЖАЛ АЛЕКСЕЈ ДАВИДЈУК

Беше 1947. Место — неколку километри од нашето село Ласков (Украина), во близина на полската граница. Мојот стар пријател Степан служеше како курир, криумчарејќи библиска литература од Полска во Украина. Една ноќ го виде еден граничар, го гонеше и го уби. По дванаесет години, смртта на Степан одигра драматична улога во мојот живот, како што ќе Ви објаснам подоцна.

ВО ВРЕМЕТО кога се родив во Ласков, во 1932, десет фамилии од нашето село беа Библиски студенти, како што беа познати тогаш Јеховините сведоци. Меѓу нив беа и моите родители, кои даваа добар пример на лојалност кон Јехова сѐ до нивната смрт, во средината на 1970-тите. Целиот мој живот главна грижа ми беше и јас да му останам лојален на Бог (Псалм 18:25NW).

Во 1939, кога започна II светска војна, подрачјето каде што живеевме во источна Полска стана дел од Советскиот Сојуз. Бевме под советската власт до јуни 1941, кога Германците го нападнаа и го окупираа нашето подрачје.

Во текот на II светска војна, на училиште доживеав тешки моменти. Децата беа поучувани да пеат националистички песни и да учествуваат во воени вежби. Всушност, дел од нашата обука беше да научиме да фрламе гранати. Но, јас одбив да пеам патриотски песни и да учествувам во воената обука. Тоа што од рана возраст научив да ги бранам моите библиски темелени убедувања ми помогна да му останам лојален на Бог во текот на годините што следеа.

На подрачјето на нашето собрание имаше толку многу луѓе заинтересирани за библиската вистина што во нашиот крај беа доделени двајца пионери, како што се наречени полновремените слуги на Јеховините сведоци, за да помогнат во поучувањето на тие луѓе. Еден од пионерите, Илија Федорович, ја проучуваше Библијата со мене и ме подготви за службата. За време на германската окупација, Илија беше депортиран и ставен во еден од нацистичките концентрациони логори, каде што умре.

Борбата на татко ми да остане неутрален

Во 1941, советските власти се обидоа да го натераат татко ми да потпише еден документ со кој ветува дека ќе дава пари за да помогне во финансирањето на војната. Тој им рече дека не може да поддржува ниту една страна во војната и дека, како слуга на вистинскиот Бог, ќе остане неутрален. Татко ми беше жигосан како непријател и осуден на четири години затвор. Но, тој одлежа само четири дена. Зошто? Затоа што неколку дена од како го затворија, во неделата, германската армија ја окупираше областа каде што живеевме.

Кога затворските чувари слушнаа дека Германците се во близина, ги отворија вратите на затворот и побегнаа. Надвор, повеќето од затворениците беа застрелани од советските војници. Татко ми не излегол веднаш туку подоцна избегал во домот на некои свои пријатели. Оттаму ѝ прати порака на мајка ми да му ги донесе документите, со кои докажа дека е затворен заради тоа што одбил да ги поддржува Советите во војната. Кога татко ми им ги покажа документите на германските власти, тие му го поштедија животот.

Германците сакаа да ги дознаат имињата на сите луѓе кои соработуваа со Советите. Тие го присилуваа татко ми да ги поткаже, но тој одби. Им го објасни својот став на неутралност. Да кажеше нечие име, тие луѓе ќе беа застрелани. Значи, неутралноста на татко ми им го спаси животот и на други луѓе, кои му беа многу благодарни.

Работиме во тајност

Советите се вратија во Украина во август 1944, а во мај 1945 заврши европската фаза на II светска војна. Потоа, таканаречената железна завеса нѐ држеше нас, кои живеевме во Советскиот Сојуз, отсечени од останатиот свет. Беше тешко дури и да се одржува контакт со Јеховините сведоци кои беа од другата страна на границата, во Полска. Храбрите Сведоци се прикрадуваа преку границата и се враќаа со неколку скапоцени списанија Стражарска кула. Бидејќи границата се наоѓаше само на 8 километри од нашиот дом во Ласков, чув за опасностите на кои наидуваа овие курири.

На пример, еден Сведок по име Силвестер двапати ја помина границата и се врати без проблеми. Но, третиот пат го здогледа граничната патрола и нивните кучиња трагачи. Војниците викаа по него да застане, но Силвестер трчаше за да се спаси. Единствена шанса да ги избегне кучињата беше да влезе во едно блиско езерце. Цела ноќ ја помина потопен во вода до вратот, криејќи се во високата трева. На крајот, кога патролата се откажа од потрагата, Силвестер се дотетерави дома, исцрпен.

Како што раскажав во почетокот, внукот на Силвестер, Степан, беше убиен додека се обидуваше да ја премине границата. Сепак, важно беше и понатаму да бидеме во контакт со Јеховиниот народ. Благодарение на напорите на храбрите курири, можевме да добиваме духовна храна и корисно водство.

Следната година, 1948, се крстив една ноќ во едно мало езерце во близина на нашиот дом. Оние што требаше да се потопат се состанаа во нашата куќа, но јас не знаев кои се тие бидејќи беше темно и сѐ се одвиваше во тајност. Ние, кандидатите за крштавање, не разговаравме меѓу себе. Не знам кој го одржа предавањето за крштавање, кој ми ги постави прашањата за крштавање додека стоевме покрај езерото ниту, пак, кој ме потопи. По неколку години, кога ги споредивме белешките со еден добар пријател, откривме дека обајцата сме биле меѓу оние кои се крстиле таа ноќ!

Во 1949, Сведоците од Украина добија известување од Бруклин со кое беа охрабрени да поднесат молба во Москва за легализирање на проповедничкото дело во Советскиот Сојуз. Во склад со тоа упатство, на министерот за внатрешни работи во Президиумот на Врховниот совет на СССР му беше испратена молба. Потоа, Микола Пјатоха и Илија Бабијчук беа замолени да отидат во Москва за да видат како одговорила владата на нашата молба. Тие се согласија и отпатуваа во Москва истото лето.

Службеникот кој ја прими оваа делегација ги слушаше додека ја изнесуваа библиската причина за нашето дело. Тие објаснија дека нашето дело се извршува во исполнување на Исусовото пророштво дека „оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации“ (Матеј 24:14). Меѓутоа, службеникот рече дека Државата никогаш нема да нѐ легализира.

Сведоците се вратија дома и отидоа во украинската престолнина Киев за да добијат законско признание за нашето дело овде, во Украина. Властите повторно го одбија ова барање. Тие рекоа дека Јеховините сведоци ќе бидат оставени на мир само ако ја поддржуваат Државата. Рекоа дека Сведоците треба да служат во вооружените сили и да учествуваат на изборите. Повторно им беше објаснет нашиот став на неутралност, имено, дека за да го имитираме нашиот Господар, Исус Христос, не смееме да бидеме дел од светот (Јован 17:14—16).

Кратко потоа, браќата Пјатоха и Бабијчук беа уапсени, обвинети и осудени на 25 години затвор. Отприлика во тоа време, во 1950, властите уапсија многу Сведоци, вклучувајќи го и татко ми. Тој доби затворска казна од 25 години и беше испратен во Кабаровск, на источниот крај на Советскиот Сојуз, речиси 7.000 километри далеку од дома!

Протерани во Сибир

Потоа, во април 1951, Советската држава им зададе организиран удар на Сведоците во западните републики кои сега се познати како Летонија, Естонија, Литванија, Молдавија, Белорусија и Украина. Истиот месец, околу 7.000 души, меѓу кои бевме мајка ми и јас, беа протерани во Сибир. Војниците едноставно ни дојдоа дома ноќе и нѐ одведоа на жалезничката станица. Нѐ затворија во товарни вагони — околу 50 души во еден вагон — и по две седмици нѐ истоварија на едно место наречено Залари, во близината на Бајкалското езеро во областа Иркутск.

Застанат на снегот во прегратката на ледениот ветер и опкружен со вооружени војници, се прашував што нѐ очекува. Како ќе успеам да му останам лојален на Јехова овде? Почнавме да пееме песни на Царството за да не мислиме на студот. Тогаш пристигнаа директорите на локалните државни претпријатија. На некои им требаа мажи за тешка физичка работа, додека други бараа жени кои ќе се грижат за стоката. Мајка ми и јас бевме одведени на едно градилиште каде што се градеше хидроелектричната централа Тањинскаја.

Кога пристигнавме таму, здогледавме редици дрвени бараки, живеалишта за протераните. Добив задача да работам како возач на трактор и електричар, а мајка ми ја ставија да работи на фарма. Официјално бевме класифицирани како депортирани, а не како затвореници. Затоа имавме слобода да се движиме во близината на електричната централа, иако ни беше забрането да одиме во најблиската населба која беше оддалечена 50 километри. Властите нѐ тераа да потпишеме една изјава во која се наведуваше дека ќе останеме засекогаш. Но, јас тогаш имав 19 години и тоа ми изгледаше премногу долго време, па затоа одбив да потпишам. Сепак, во тоа место останавме 15 години.

Во Сибир, полската граница повеќе не беше оддалечена 8 километри од нас туку повеќе од 6.000 километри! Ние Сведоците правевме сѐ што можевме за да се организираме повторно во собранија, наименувајќи мажи кои ќе го преземат водството. На почетокот немавме библиска литература освен неколку публикации кои некои Сведоци успеаја да ги понесат со себе од Украина. Тие беа препишани рачно и си ги дававме од еден на друг.

Наскоро почнавме да одржуваме состаноци. Бидејќи многумина од нас живееја во бараките, често се состанувавме навечер. Нашето собрание се состоеше од 50-тина луѓе, а јас добив задача да ја водам Теократската школа за служба. Во нашето собрание имаше малку мажи, па затоа и жените имаа ученички говори, а во 1958 тоа се воведе во собранијата на Јеховините сведоци и на другите места. Сите ги сфаќавме сериозно своите задачи, гледајќи на школата како на начин да го фалиме Јехова и да ги охрабруваме другите во собранието.

Нашата служба е благословена

Бидејќи во бараките живеевме со луѓе кои не беа Сведоци, скоро не поминуваше ден без да разговараме со другите за нашата вера, иако тоа ни беше строго забрането. Во 1953, по смртта на Советскиот премиер Јосиф Сталин, условите се подобрија. Ни беше дозволено поотворено да зборуваме со другите за нашите верувања кои се темелат на Библијата. Преку допишување со пријателите во Украина, дознавме каде се наоѓаат другите Сведоци во нашето место и се поврзавме со нив. Ова ни овозможи да ги организираме нашите собранија во покраини.

Во 1954 се оженив со Олга, која исто така беше протерана од Украина. Низ годините таа ми беше голема поддршка во мојата служба за Јехова. Степан, оној што беше убиен на границата меѓу Украина и Полска во 1947, ѝ беше брат на Олга. Подоцна имавме ќеркичка, Валентина.

Олга и јас доживеавме многу благослови во нашата христијанска служба во Сибир. На пример, го запознавме Џорџ, кој беше водач на една баптистичка група. Редовно одевме кај него и ги проучувавме сите списанија Стражарска кула кои можевме да ги добиеме. Наскоро Џорџ сфати дека она што Јеховините сведоци го проповедаат од Библијата е вистината. Почнавме да проучуваме уште со неколку негови пријатели баптисти. Колку само бевме возбудени кога Џорџ и уште неколку негови пријатели се крстија и станаа наши духовни браќа!

Во 1956 бев наименуван како патувачки надгледник, а тоа бараше секоја седмица да посетувам по едно собрание од нашето место. По цел ден бев на работа, а навечер тргнував на мојот мотоцикл за да одржам состанок во собранието. Рано следното утро се враќав и одев на работа. Михајло Сердинскиј, кој беше наименуван да ми помага во патувачкото дело, беше убиен во една сообраќајна несреќа, во 1958. Денот кога умре беше среда, но го одложивме погребот за недела за да имаат прилика да присуствуваат колку што е можно повеќе Сведоци.

Кога една голема група од нас тргна кон гробиштата, по нив одеа членови на Државната безбедност. Да се одржи говор во кој се обработува нашата библиски темелена надеж во воскресение значеше да се изложиме на ризик да нѐ уапсат. Но, јас бев поттикнат да зборувам за Михајло и за неговите прекрасни изгледи за иднината. Иако ја користев Библијата, Државната безбедност не ме уапси. Очигледно сметаа дека со тоа нема да постигнат ништо, а јас и онака им бев добро познат бидејќи бев чест „гостин“ во нивниот штаб заради сослушување.

Предадени од еден кодош

Во 1959, Државната безбедност уапси 12 Сведоци кои преземаа водство во проповедничкото дело. Уште неколкумина беа викнати на сослушување, меѓу кои бев и јас. Кога дојде ред да ме сослушуваат мене, се вчудовидов кога ги чув службениците како изнесуваат доверливи детали во врска со нашето дело. Како ли ги дознале сите тие работи? Очигледно имаше некој кодош, некој кој знаеше многу за нас и извесно време работел за Државата.

Сите 12-мина кои беа уапсени, лежеа во ќелии наредени една до друга и се договорија да не им кажат на властите ниту збор. На тој начин кодошот ќе мораше да се појави лично на судењето за да изнесе докази против нив. Иако јас не бев обвинет, отидов во судот за да видам што ќе се случи. Судијата поставуваше прашања, а 12-те не даваа никаков одговор. Тогаш истапи Сведокот по име Константин Полишчук, кого го познавав со години, и сведочеше против нив. На крајот на судењето, на некои од Сведоците им беа изречени затворски казни. На улицата надвор од зградата на судот, наидов на Полишчук.

„Зошто си предавник?“, го прашав.

„Затоа што веќе не верувам“, одговори тој.

„Што не веруваш веќе?“, прашав.

„Едноставно повеќе не можам да верувам во Библијата“, одговори тој.

Полишчук можеше да ме предаде и мене, но во своето сведочење не го спомна моето име. Затоа го прашав зошто не го направи тоа.

„Не сакам да одиш в затвор“, објасни тој. „Сѐ уште чувствувам вина заради твојот шура, Степан. Јас бев одговорен што го испратив преку границата ноќта кога беше убиен. Навистина ми е жал за тоа“.

Неговите зборови ме збунија. Колку искривена станала неговата совест! Го измачуваше заради смртта на Степан, а сепак, сега беше предавник на Јеховините слуги. Никогаш повторно не го видов Полишчук. Умре по неколку месеци. Тоа што видов како некој кому сум му верувал ги предава нашите браќа, ми остави длабоки емоционални лузни. Но, од ова искуство научив нешто скапоцено: Полишчук беше нелојален затоа што престанал да ја чита Библијата и да верува во неа.

Сигурно треба да ја имаме на ум оваа лекција: За да му останеме лојални на Јехова, треба редовно да го проучуваме Светото писмо. Во Библијата стои: „Чувај го своето срце, зашто животот извира од него“. Освен тоа, апостол Павле им рекол на христијаните да се чуваат. Зошто? „Во некого од вас некогаш да не се развие злобно срце на кое му недостига вера, отстапувајќи од живиот Бог“ (Пословици 4:23; Евреите 3:12).

Назад во Украина

Во 1966, кога заврши нашиот прогон во Сибир, Олга и јас се вративме во Украина, во гратчето Сокал, околу 80 километри од Лавов. Нѐ чекаше многу работа, бидејќи во Сокал и во блиските гратчиња Червоноград и Сосновка имаше само 34 Сведоци. Денес во овој крај има 11 собранија!

Олга умре верна во 1993. По три години се оженив со Лидија и оттогаш таа ми дава голема сила. Освен тоа, мојата ќерка, Валентина, и нејзиното семејство се ревносни слуги на Јехова и тие ми се извор на охрабрување. Меѓутоа, она што и понатаму ми носи најголема радост е тоа што му останав лојален на Јехова, Богот кој постапува лојално (2. Самоил 22:26NW).

Алексеј Давидјук умре лојален на Јехова на 18 февруари 2000, додека оваа статија се подготвуваше за печатење.

[Слика на страница 24]

Нашето собрание кое се состануваше во бараките во 1952, во источен Сибир

[Слика на страница 27]

Нашата Теократска школа за служба во 1953

[Слика на страница 27]

Погребот на Михајло Сердински во 1958

[Слика на страница 28]

Со мојата сопруга, Лидија