Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што се случило со „доживотното вработување“?

Што се случило со „доживотното вработување“?

Што се случило со „доживотното вработување“?

ГРЕАМ * работел за една голема австралиска компанија 37 години. Во своите доцни 50-ти години, неочекувано добил известување дека уште неколку недели неговите услуги повеќе нема да бидат потребни. Можеме да ја разбереме неговата збунетост која одразувала зачуденост и длабока загриженост за неговото идно добро. ‚Што се случи со моето „доживотно вработување“, за кое мислев дека ми е сигурно сѐ додека не заминам во пензија?‘, се прашувал Греам.

Се разбира, не е ништо необично или ново да се изгуби работното место. Меѓутоа, обемот на губењето на работните места во глобални размери е нешто ново за денешнава генерација вработени. Несомнено, вработувањето може да се изгуби од многу причини, но изгледа дека една од главните причини е она што се нарекува технолошки вишок. Што е тоа технолошки вишок и како доаѓа до него?

Променливо работно место

Денес економијата станува сѐ поглобална. Ова се увиде особено во Соединетите Држави кон крајот на 1970-тите, кога компаниите забележаа дека сѐ поголем број потрошувачи купуваат автомобили, електроника и многу други стоки произведени во странство.

Во обид да влезат во конкуренција и да ги намалат производствените трошоци, американските компании почнаа да го намалуваат бројот на вработените и да ги подобруваат методите и средствата за работа. Методата што се користеше за да се намали работната сила стана позната под називот отпуштање како технолошки вишок. Овој процес е опишан како „намалување на бројот на работниците во некоја работна организација, обично со комбинација на отпуштање од работа, предвремено испраќање во пензија, преместување на друго работно место и вообичаено намалување на персоналот“.

Неколку години главно физичките работници беа на удар како технолошки вишок. Но, кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, овој процес почна да опфаќа сѐ поголем број канцелариски службеници, особено администрацијата. Наскоро вакви трендови се појавија во сите индустријализирани земји. И додека финансискиот притисок продолжуваше, владите и другите работодавци бараа начини да ги намалат трошоците преку натамошно отпуштање како технолошки вишок.

За многу работници, сигурноста на работното место повеќе не постои. Претставникот на еден работнички синдикат наведува: „Луѓето кои извршувале 10, 15, 20 години лојална служба доживеале нивниот безусловен договор да се раскине и да се најдат на улица“. Во својата книга Healing the Downsized Organization (Лечење на работните организации со технолошки вишок), Долорес Амброс објаснува дека во 1956 бил воведен терминот „човек на организацијата“ за да се опише еден типичен вработен. Таа додава: „Сеедно дали е синдикален работник или раководител, тој ги дал на организацијата својата економска благосостојба, општествен живот и лојалност во замена за сигурност — за доживотно вработување. Јасно е дека во современите корпорации овој договор е прекршен“.

Милиони работници низ светот останале без работа затоа што биле технолошки вишок. Ниту една група вработени не била поштедена. Само во Соединетите Држави, бројот на вработените кои биле засегнати бил значително голем, при што милиони ја изгубиле својата постојана работа. Слично отпуштање од работа имало и во многу други земји. Но, овие студени статистички податоци сами по себе не можат да ја доловат човечката беда што стои зад нив.

Болни последици

Греам, спомнат на почетокот на оваа статија, рекол: „Претрпуваш вистинска психичка болка“. Своето отпуштање го споредил со „болест или со модрица после физичка пресметка“.

Кога не добиваат награда за својата лојалност, луѓето се чувствуваат изневерени заради тоа што жртвите што ги правеле за претпријатието не се ценети. Се губи довербата, особено кога на многу директори им се покачуваат платите заради тоа што ги отпуштиле од работа оние кои биле технолошки вишок во претпријатието. Освен тоа, заради ненадејното губење на редовните приходи, невработениот повеќе не е во можност да ги плаќа ратите за хипотека, другите давачки, здравственото осигурување на членовите на семејството и училишните трошоци ниту, пак, е во можност да го одржува својот животен стил, хоби и лични поседи. Заради тоа се јавуваат чувства на очај и безвредност.

Бидејќи стабилното, смисловно вработување многу придонесува за чувството на самопочит, замислете си колку погубно влијае невработеноста врз оние кои се хендикепирани, неквалификувани или во поодминати години. Една анкета спроведена во Австралија открила дека луѓето на возраст од 45 до 59 години имаат најголеми шанси да бидат отпуштени од работа. Сепак, токму на оваа старосна група ѝ е најтешко да се привикне на промената.

Дали постојат некои алтернативи? Работното место со скратено работно време или со пониска плата сигурно е подобро отколку невработеноста. Меѓутоа, тоа може да доведе до понизок животен стандард. Се дошло до заклучок дека само околу една третина од отпуштените работници успеваат да најдат вработување кое е платено исто како претходното. Ова го зголемува стресот во семејниот живот.

Дури и вработувањето што го имате во моментов можеби не е гаранција за душевен мир. Ова е така заради тоа што изгледот во иднина да го изгубите работното место има подмолно, но сепак поразително влијание. Книгата Parting Company (Разделба) вели: „Очекувањето да го изгубите работното место е исто како да го избирате најдобриот начин да Ве удри камион. Ретко можете да ги испробате дури и најгенијалните идеи бидејќи обично не го гледате камионот — ниту отказното решение — сѐ додека не Ве тресне“.

Како влијае невработеноста врз младите? Откако била спроведена една анкета од страна на одделот за образование и наука, било изнесено следново забележување: „Една од главните надворешни потврди дека сте станале возрасен беше вработувањето со полно работно време, што го сигнализираше почетокот на ‚вистинскиот‘ живот на возрасен човек, во светот на возрасните и според мерилата на возрасните, со финансиската независност која доаѓа заедно со тоа“. Затоа, ако вработувањето се смета како знак дека некој започнал вистински живот на возрасен човек, тогаш невработеноста би можела да биде поразителна за младите.

Да се преживее невработеноста

Излегувањето на крај со губењето на работното место е споредено со газење по минско поле. Книгата Разделба утврдува дека најчести емоции низ кои се поминува се гнев, срам, страв, тага и самосожалување. Тешко е да се излезе на крај со нив. Авторот забележува: „Имате тешка задача — да ја одредите својата иднина. Вие не сте ја барале оваа задача, веројатно не знаете што треба да правите и одеднаш можеби се чувствувате многу осамени“. А еден од најтешките проблеми со кои се соочува невработениот е да му го објасни на семејството ненадејното отпуштање од работа.

Меѓутоа, има некои практични начини за да се излезе на крај со последиците од отпуштањето како технолошки вишок. Првиот чекор е веднаш да го поедноставите својот начин на живот планирајќи и живеејќи поедноставно отколку што сте биле навикнати во минатото.

Еве некои предлози кои можат да Ви помогнат да се справите со ситуацијата, иако нема сосема да ја решат. Прво, сфатете дека неочекуваното губење на работното место е реалност во овие времиња. Затоа, без оглед на возраста и искуството, однапред планирајте со Вашиот начин на живот дека може да се случи такво нешто.

Второ, внимавајте да не влезете во некој голем долг за работи кои не се неопходни за храна и облека. Живејте во границите на своите можности и немојте да мислите дека ќе можете да ги покриете долговите со приходот што очекувате да го добиете кога ќе добиете унапредување или од редовните покачувања на платата. Пораката на денешната економија е дека можеби нема да има долгорочна иднина на која може да се надевате.

Трето, изнајдете начини да го поедноставите својот живот и да ги намалите постоечките финансиски обврски. Ова вклучува да го отфрлите задолжувањето за работи кои не се неопходни за еден релативно едноставен, здрав животен стил.

Четврто, повторно разгледајте ги своите животни цели, духовни и световни, и обновете ги. Тогаш ќе можете да ги одмерите сите одлуки според Вашите цели и да процените како ќе влијаат тие.

Конечно, не гледајте копнежливо на животниот стил на другите во Вашата околина кои не живеат толку штедливо за да не почнете да го посакувате она што го имаат тие и да Ве привлече нивниот начин на живот.

Ова се неколку предлози кои можат да Ви помогнат Вам и на Вашето семејство да ја избегнете замката да се потпирате на несигурното богатство во еден свет кој е толку несигурен и да се ослободите од многуте тегобни грижи што ги наметнуваат животните стилови на денешницава.

Поранешниот банкарски инвеститор Феликс Рохатин е цитиран како рекол: „Има нешто во суштина погрешно во нашето општество кога невработеноста на еден човек придонесува за збогатувањето на друг човек“. Овој систем е толку во суштина погрешен што наскоро ќе биде заменет со еден свет каде што изразот „доживотно вработување“ ќе добие значење кое денес не можеме ни да си го замислиме (Исаија 65:17—24; 2. Петрово 3:13).

[Фуснота]

^ пас. 2 Името е променето.

[Истакната мисла на страница 20]

‚Има нешто во суштина погрешно кога невработеноста на еден човек придонесува за збогатувањето на друг човек‘

[Слика на страница 21]

Барајте начини да го поедноставите својот живот