Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јелоустон — котел на вода, карпи и оган

Јелоустон — котел на вода, карпи и оган

Јелоустон — котел на вода, карпи и оган

Од дописникот на Разбудете се! во Соединетите Држави

Ако зборувате за првите и за најдобрите — за првиот национален парк во светот, за најпознатите и највисоките гејзири во светот и за најголемото планинско езеро во Северна Америка, Вие зборувате за Јелоустон.

СО невоздржлива љубопитност, мојата сопруга и јас се одвезовме до северниот влез на Јелоустонскиот национален парк во Вајоминг (САД). Уште кога бевме деца, името Олд Фејтфул (Стариот Верен) и термините „гејзир“ и „топол извор“ го подбудуваа нашиот интерес. Дали реалноста ќе ги исполни нашите очекувања?

На главниот влез на паркот видовме еден масивен камен лак. На врвот беа запишани зборовите: „Во корист и за задоволство на народот“. Отворен во 1872, Јелоустон беше првиот национален парк во светот.

Тргнавме од Мамутските топли извори, кои се наоѓаат веднаш преку границата со Монтана. На ова место можеше да се види како топлината од Земјата си ја врши својата работа. Водата вриеше и клокотеше во барите и базените. Од пукнатините се креваа облаци пареа. Терасите од розовиот минерал наречен травертин изгледаа како свеќи од кои капе восок.

Што врие под Јелоустон?

Во Јелоустон има 10.000 геотермални чуда. Континенталната делница * ја пресекува оваа висока висорамнина на Карпестите планини. Водите течат кон запад и исток, но исто така и понираат. Дознавме дека токму со овие понорници Јелоустон ги прави своите чуда. Некогаш, оваа висорамнина ја пустошеле големи вулкански ерупции. Пред илјадници години, една од нив оставила џиновска калдера (кратер) со димензии од 75 на 45 километри. Магмата, односно растопените карпи, која сѐ уште дебне под површината, го одржува Јелоустон во состојба на вриење.

Изложените паноа низ паркот ни објаснуваат дека површинските води си го пробиваат патот низ порозните карпи сѐ додека не дојдат до еден карпест слој кој е исклучително жежок, веднаш над магмата. Топлината ја присилува водата да почне да се враќа нагоре. Онаму каде што ќе пронајде отвор, се создава топол извор. Кога пречките во карпата ќе го ограничат нагорниот тек на врелата вода, притисокот постојано расте и се создава гејзир. На некои други места влагата се ослободува во вид на пареа. Овие отвори се наречени фумароли. Онаму каде што киселите гасови и водата ја разложуваат почвата во кал и глина, клокотат „казанчиња“ од кои излегуваат меури од кал. Колку спектакуларна глетка!

Стариот Верен

Додека ја набљудувавме сета таа геотермална активност околу Мамутските топли извори, си помисливме дека се наоѓаме во близина на прочуениот гејзир Стариот Верен. Но, откако проверивме на нашата туристичка карта, сфативме дека Стариот Верен се наоѓа 80 километри појужно. Јелоустон е многу поголем отколку што мислевме — зафаќа површина од 900.000 хектари.

За да дојдеме до Стариот Верен, тргнавме по патот кој се извива надолу низ западниот дел на паркот; тој ги води туристите покрај пет гејзирски базени. Наскоро ни стана нормална миризбата на сулфур и глетката на влага која испаруваше.

Како и милионите други пред нас кои го посетиле Стариот Верен, сакавме да дознаеме кога ќе шикне гејзирот. Отсекогаш си мислевме дека избива со огромна прецизност — на секои 57 минути. Но, кога погледнавме наоколу, видовме еден знак кој покажуваше дека се предвидува следната ерупција на гејзирот да биде во 12.47 часот. Ни остануваше уште повеќе од еден час, а терминот беше чисто нагаѓање! За ова го прашавме Рик, кој е ренџер во паркот.

„Прецизноста на Стариот Верен е мит“, рече тој. „Интервалите меѓу ерупциите секогаш се различни, а низ годините станаа подолги заради земјотресите и заради тоа што вандалите фрлаа секакви предмети во грлото на гејзирот. Денес, просечниот интервал е околу 80 минути. Нашиот персонал може да ги предвиди ерупциите само една по една“.

Веќе беше 12.30. Тргнавме кон Стариот Верен за да ја видиме следната предвидена претстава. Стотици луѓе седеа во просторот наменет за посетителите или, пак, беа тргнале натаму. Стариот Верен нѐ остави да чекаме десет минути. Но, кога избувна, беше со убавина која не може да ја долови ниту една фотографија. Откако си го исчисти грлото во неколку наврати, почна да зема замав. Сите аплаудираа. Ерупцијата траеше околу три минути и, на наше задоволство, беше необично висока. Водата и водениот прав се издигаа и се спуштаа во кулминации кои достигнуваа од 37 до 46 метри. Распрснатиот воден прав, погоден од сончевите зраци, се губеше создавајќи различни облици.

Кога заврши ерупцијата, отидовме во фоајето на блискиот хотел. Меѓутоа, Стариот Верен продолжи да го објавува своето присуство. До крајот на денот, секогаш кога ќе наближеше предвидениот момент, сите гости оставаа што и да правеа и одеа да го гледаат. Тој ни понуди неколку извонредно долги, високи и убави ерупции, особено една во која разиграната вода правеше силуети наспроти зајдисонцето. Заклучивме дека овој стар гејзир е навистина верен.

„На Земјината топка има речиси 500 гејзири, а околу 300 од нив се во Јелоустон“, ни кажа Рик, ренџерот на паркот. „А 160 од нив се само во оваа мала долина, Горниот гејзирски базен, кој е долг само 2 километра. Другите гејзири се појавуваат и исчезнуваат — тие се активни или заспани — но Стариот Верен сѐ уште е тука“. Сепак, соседот на Стариот верен, гејзирот Гранд (Голем), испушта млазеви кои се високи цели 60 метри. Гејзирот Стимбоут (Пароброд) може да се вивне речиси 120 метри, три пати повисоко од Стариот Верен — но може да биде неактивен со години. Во гејзирскиот базен Норис, еден гејзир наречен Екинус (Морски еж) повремено ги тушира со топла вода оние кои му се восхитуваат.

Да се наттрча бизон

Следното утро разгледавме една туристичка брошура. Во неа пишуваше: „Под тенките, кршливи слоеви на земјината кора лежи врела вода; водата во езерцата е близу до или над точката на вриење. Секоја година, посетители кои се губат низ термалните подрачја добиваат сериозни изгореници, а некои луѓе го губат животот во врелата вода“. Во една друга брошура пишува: „Предупредување: Многу посетители се прободени од бизони. Бизонот може да тежи 900 килограми и може да трча со брзина од 50 километри на час, три пати побрзо од Вас“. Се надевавме дека нема да мораме да наттрчуваме некој бизон наскоро!

Во Јелоустон, животните имаат првенство на премин. Кога на видикот има некое животно, автомобилите нагло застануваат и на неочекувани места се создава застој во сообраќајот. Кога пристигнавме ние, штотуку се расчистуваше еден таков застој и туристите се враќаа во своите автомобили. Запрашавме една жена што гледаа сите, а таа рече: „Еден голем лос, но си замина“.

Потоа гледавме некои канадски елени кои се обидуваа да ги натераат своите младенчиња, кои беа стари само две седмици, да преминат еден поток. Тие одеа во долниот парк, симнувајќи се од планините каде што ја поминале зимата. Младенчињата не сакаа да одат — тие не сметаа на тоа дека ќе треба да преминат преку водата. Мајките постојано ги викаа своите малечки и младенчињата на крајот сепак преминаа.

„Мојата маленкост, мојата беспомошност“

Потоа отидовме во Големиот кањон на Јелоустон. Излегувавме од автомобилот на различни места за набљудување по должината на 360 метри високиот раб и љубопитно — но не секогаш и спремно — ѕиркавме надолу. Во дневникот на својата експедиција од 1870, Натаниел Лангфорд зборувал за „мојата маленкост, мојата беспомошност“ додека го вперил погледот во оваа 32 километри долга клисура со дречливи окер ѕидови — од каде што потекнува името на реката Јелоустон — и двата високи водопада. И ние се чувствувавме исто толку малечки и беспомошни како него.

Следниот ден се упативме кон исток. Повторно се менуваше пејзажот на паркот. Овде се претвори во висока шума, а патот двапати помина преку Континенталната делница. И понатаму гледавме бизони и други големи животни, а бизонот честопати беше застанат во својот класичен профил. За жал, не видовме мечки — другата голема туристичка атракција на Јелоустон. Што се случило со нив?

Низ годините, преголемата близина меѓу луѓето и мечките на ова место довела до тоа некои туристи да бидат повредени или убиени. И мечките не беа во поволна положба. Затоа, во почетокот на 1970-тите, Службата на националниот парк ги затвори депониите, а со тоа ги одвикна мечките од нивната зависност од човечката храна. Заради ова мечките заминаа во дивината. Програмата беше успешна. Сега мечките се на природна исхрана и затоа се поздрави. Меѓутоа, тие и понатаму се сретнуваат со туристите на извесни места, како што е Рибарскиот мост, каде што интересите на луѓето и на мечките во поглед на исхраната, спиењето и риболовот се совпаѓаат.

Наше последно одредиште беше Рибарскиот мост. Таму паркот ни го подготви своето последно изненадување. Додека гледавме преку Јелоустонското езеро — најголемото планинско езеро во Северна Америка — кон снежниот врв Тетон, за момент си помисливме дека се наоѓаме во северна Италија; езерото и неговата околина ја имаа истата величественост како Алпите. Меѓутоа, немаше мечки.

Дојде време да си заминеме од Јелоустон. Очите и душата ни беа богато наградени. Реалноста ги надмина нашите очекувања.

[Фуснота]

^ пас. 8 Континенталната делница е еден венец од високо земјиште кое се протега низ Северна и Јужна Америка. Речните системи на обете страни течат во спротивни насоки — кон Тихиот и Атлантскиот Океан, кон Мексиканскиот Залив и Арктичкиот Океан.

[Рамка/слика на страница 31]

Пожарите од 1988

Кон крајот на јули и во август 1988, малите пожари во Јелоустон брзо прераснаа во осум страшни стихии надвор од човечка контрола. Една причина беше сушата, бидејќи летото 1988 беше најсушното лето во историјата на Јелоустон. Друга причина беа силните ветрови. Со налети од 80 километри на час, тие ги разнесуваа пожарите со брзина од 20 километри на ден. Жарта што ја разнесуваа уште пред да зафати огнот леташе на многу големи растојанија. Никогаш порано пожарникарите не виделе такво нешто. Овој жар започнуваше нови пожари.

Во најголемиот ек на обидот да се изгаснат пожарите, кој чинеше 120 милиони долари, беа вклучени речиси 10.000 цивилни и воени пожарникари и повеќе од 100 пожарникарски возила. Хеликоптери и воздушни танкери истурија околу 5 милиони литри инхибитор на оган и 40 милиони литри вода. Подигрувајќи се со овие напори, огнените јазици „трчаа“ низ паркот, за влакно промашувајќи неколку населени места. Од ден на ден оваа обвивка од чад лебдеше во воздухот. Кон крајот на летото, паркот личеше на воена зона. Дури во средината на септември, откако изгоре површина од 600.000 хектари, студениот воздух, есенските луњи и снегот ги запреа пожарите.

Пожарите предизвикаа минимално оштетување на животинскиот свет, а оттогаш бројот на туристите постојано расте. Кога се крена чадот, есенските лисја ги обоија ново создадените глетки, а пролетните полски цвеќиња раскошно цветаа онаму каде што никогаш претходно не беа видени. Во годините после пожарите, обилен раст на нови дрвја ги покри претходно изгорените површини.

[Слики на страница 29]

Стариот верен

Ниските водопади

[Извор на слика]

NPS Photo

[Слика на страници 30 и 31]

Реката Фајерхоул

[Слика на страница 31]

Езерцето Морнинг глори

[Извор на слика]

NPS Photo