Децата заслужуваат да бидат пожелни и сакани
Децата заслужуваат да бидат пожелни и сакани
„ДАЈТЕ му малку љубов на едно дете и за возврат ќе добиете многу повеќе.“ Така напишал Џон Раскин, англиски писател и критичар од 19 век. Веројатно повеќето родители ќе се согласат со тоа дека вреди да им се дава љубов на децата, не само заради тоа што за возврат ќе се добие љубов туку, што е уште поважно, заради позитивниот ефект што ваквата љубов ќе го има врз децата.
На пример, книгата Love and Its Place in Nature (Љубовта и нејзиното место во природата) забележала дека без љубов „децата ќе умрат“. А Ешли Монтагју, прочуен британски антрополог, отишол толку далеку што рекол: „Детето кое не добило љубов е многу поинакво во биохемиски, физиолошки и психолошки поглед од детето кое добило љубов. Првото дури и расте на поинаков начин од второто“.
Toronto Star извести за едно истражување со кое се дошло до слични заклучоци. Таму се наведува: „Децата кои израснале без да бидат редовно прегрнувани, милувани или галени . . . имаат ненормално високо ниво на хормони на стрес“. Навистина, физичката запоставеност во детството „може да има сериозни далекосежни последици врз учењето и меморијата“.
Овие откритија ја нагласуваат потребата од физичко присуство на родителите. Инаку, како ќе можат да се изградат цврсти врски меѓу родителот и детето? Но, за жал, дури и во богатите делови на светот сега постои тенденција да се задоволуваат потребите на детето така што тоа ќе биде одвоено од своите родители. Децата се испраќаат на училиште, во неделно училиште, на работа, во летни кампови, им се даваат пари и се испраќаат во рекреативни центри. Истиснати од семејното јадро и кружејќи во орбита на извесна оддалеченост, така да се каже, нормално е милиони деца да почнат да се чувствуваат — дури и само потсвесно — запоставени, непожелни и несакани, опкружени со непријателскиот свет на возрасните. Ваквото чувство кое преовладува кај децата можеби е една од причините зошто во Берлин има, како што се проценува, 3.000 улични деца. Типичен пример е малиот Миха, кој рекол: „Никој повеќе не ме сакаше“. И едно деветгодишно Германче се жалело: „Повеќе би сакал да бидам нашето куче“.
Малтретирањето на децата добива многу облици
Запоставувањето на децата е еден облик на малтретирање кој открива недостиг на она што Библијата го нарекува „природна наклоност“ (Римјаните 1:31; 2. Тимотеј 3:3). Тоа може да води и до позлобни облици на малтретирање. На пример, по Меѓународната година на детето во 1979 им се посвети поголемо внимание на проблемите на физичко малтретирање и сексуална злоупотреба на децата. Се разбира, тешко е да се дојде до точни статистички податоци и тие се разликуваат од едно место до друго. Но, нема големо сомневање во тоа дека тешко можат да се избришат раните што децата кои биле сексуално злоупотребувани ги носат и кога ќе станат возрасни.
Без оглед на тоа во каков облик е малтретирањето, тоа им пренесува порака на децата дека не се сакани и пожелни. Изгледа дека овој проблем станува сѐ поголем. Според германскиот весник Die Welt, „сѐ повеќе деца стануваат социјални инвалиди кога ќе пораснат“. Потоа додава: „На децата им недостига топло гнездо. Според [Герд Ромајке, директор на центарот за помош на децата во Хамбург], емоционалната поврзаност меѓу децата и родителите станува сѐ послаба или, пак, никогаш не се ни создава. Таквите деца се чувствуваат запоставени, а нивната желба за сигурност останува неисполнета“.
Децата кои се лишени од правото да бидат пожелни и сакани можат да станат огорчени, излевајќи ги своите фрустрации врз оние кои ги запоставиле или можеби и врз целото општество. Пред една цела деценија, извештајот на една канадска специјална група ја сигнализираше потребата од неодложна акција за да не се изгуби една цела генерација од луѓе „кои мислат дека општеството не се грижи за нив“.
Ако не се пожелни и сакани, младите може да дојдат во искушение да избегаат од дома за да ги избегнат проблемите, само за да наидат на уште поголеми проблеми во градовите каде што владее криминал, дрога и неморал. Всушност, пред повеќе од 20 години, полицијата процени дека само во подрачјето на една метропола во САД живеат 20.000 бегалци од дома помлади од 16 години. Тие биле опишани како „производ на растурени домови и бруталност, честопати тепани од родители кои се алкохоличари или наркомани. Тие стануваат уличари, го користат своето тело за да преживеат и потоа, претепани од макроа и лишени од самопочит, живеат во страв од одмазда ако се обидат да избегаат од мафијата“. За жал, и покрај искрените напори да се измени оваа жалосна ситуација, таа сѐ уште постои.
Децата кои растат во околностите што ги опишавме погоре стануваат неурамнотежени возрасни, кои честопати не се способни исправно да ги подигаат и своите деца. Бидејќи и самите не биле пожелни и сакани, нивните деца се исти како нив — деца кои не се чувствуваат пожелни и сакани. Еден германски политичар концизно го изразил ова на следниов начин: „Децата лишени од љубов стануваат возрасни луѓе полни со омраза“.
Се разбира, милиони родители даваат сѐ од себе за да им покажат на своите деца дека се пожелни и сакани. Тие не само што им го кажуваат тоа туку и го докажуваат давајќи им ја на своите деца грижата полна со љубов и личното внимание што го заслужува секое дете. Сепак, проблемите и понатаму остануваат — проблеми кои очигледно се вон способноста на поединечни родители да ги решат. На пример, во некои делови од светот, несовршените човечки економски и политички системи не им обезбедуваат на децата соодветна здравствена нега, соодветно образование и доволно храна, како и заштита од „камшикот“ на детската работна сила и бедните услови за живеење. Премногу често овие услови ги влошуваат алчните, корумпирани, себични и безобѕирни возрасни.
Кофи Анан, генерален секретар на Обединетите нации, спомнал некои од поголемите проблеми со кои се соочуваат децата во денешно време кога напишал: „Милиони деца сѐ уште трпат сиромаштија која ужасно ги понижува; стотици илјади ги трпат последиците од конфликтите и економскиот хаос; десетици илјади се осакатени во војните; уште многу други остануваат сирачиња или умираат од ХИВ/СИДА“.
Но, не се лоши сите вести! Агенциите на ОН, како што се Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Светската здравствена
организација, напорно работеа на тоа да ја подобрат судбината на децата. Анан забележал: „Повеќе деца се родени здрави и повеќе деца се вакцинирани; повеќе деца знаат да читаат и да пишуваат; повеќе имаат слобода да учат, да играат и едноставно да живеат како деца отколку што можевме да помислиме дека е можно пред само една деценија“. Сепак, тој предупредил: „Ова не е време да застанеме на минатите достигнувања“.Оние кои заслужуваат посебно внимание
Некои деца заслужуваат посебно внимание. Во почетокот на 1960-тите, светот беше шокиран кога десетина земји известија дека се родиле илјадници таканаречени талидомидни деца. Кога ги користеле трудници, седативот и апчињата за спиење талидомид имале една неочекувана нуспојава. Како резултат на тоа тие родиле деца со закржлавени екстремитети или, пак, без екстремитети. Рацете и нозете честопати беа само нешто повеќе од перки.
Четири децении подоцна, виновникот кој има најголема веројатност да ги осакати децата е копнената мина. * Некои проценуваат дека низ целиот свет се расфрлани 60 до 110 милиони активни мини. Секоја година се убиени или осакатени околу 26.000 луѓе — вклучувајќи и многу деца. Од 1997, кога Џоди Вилијамс ја доби Нобеловата награда за нејзината кампања да се забранат копнените мини, на овој проблем му се посвети големо внимание. Но, минските полиња сѐ уште постојат. Во врска со напорите да се ослободи светот од копнените мини, еден германски политичар рекол: „Тоа е исто како да се обидувате со лажица да испразните една када додека во исто време тече славината“.
Друга група деца на кои им е потребно особено внимание се оние кои останале без родители. Јехова Бог, Творецот на човекот, имал намера децата да растат под љубезната грижа како на мајката така и на таткото. На детето му треба и тоа заслужува такво урамнотежено родителство.
Домовите за сирачиња и агенциите за усвојување деца се обидуваат да се посветат на потребите на децата кои се лишени од двата родитела. Меѓутоа, за жал, некои од обесправените деца кои имаат најочајна потреба да бидат усвоени се токму оние кои најчесто се игнорирани — болните, оние кои имаат проблеми со учењето, физичките инвалиди или децата на кои родителите им се странци.
Основани се организации кои охрабруваат на тоа поединци редовно да приложуваат пари и така да „усвојат“ некое дете кое живее во некоја посиромашна земја. Донираните пари се користат за детето да стекне образование или за да му се обезбеди она што му е неопходно за живот. По желба можат да се разменуваат фотографии и писма за да се зајакне врската. Иако е од помош, оваа подготовка во никој случај не е идеално решение.
Друг интересен пример за она што се прави во обид да им се помогне на децата кои немаат родители е едно движење кое во 1999
прослави половина век од својата активност.Детското село СОС
Во 1949, во Имст (Австрија), Херман Гмајнер го основал она што го нарекол Детско село СОС. Од овој скромен почеток, неговата организација пораснала и вклучува речиси 1.500 села и слични институции сместени во 131 африканска, американска, азиска и европска земја.
Гмајнер го засновал својот потфат на четири водечки начела — мајката, браќата и сестрите, домот и селото. „Мајката“ ја претставува основата на едно „семејство“ од пет или шест деца — а можеби и повеќе. Таа живее со нив и се обидува да им ја покаже љубовта и вниманието што се очекува од една вистинска мајка. Децата остануваат заедно во истото „семејство“ и со истата „мајка“ сѐ додека не дојде време да си заминат од „дома“. Во ова „семејство“ се вклучени деца на различна возраст. Имајќи и постари и помлади „браќа“ и „сестри“, децата учат да се грижат едно за друго, а тоа им помага да не станат себични. Се вложуваат напори децата да се вклопат во некое „семејство“ на колку што е можно порана возраст. Телесните браќа и сестри секогаш остануваат заедно во истото „семејство“.
Овие села се состојат од 15-тина „семејства“ и секое од нив живее во сопствена куќа. Сите деца се воспитувани да ѝ помагаат на својата „мајка“ во извршувањето на неопходните задачи околу домот. Иако немаат татко, направена е подготовка за машко лице кое ќе биде потпора, ќе дава татковски совети и ќе ја спроведува потребната дисциплина. Децата одат во локалните училишта. Секое „семејство“ добива одреден месечен надомест за да ги покрие трошоците. Храна и облека се купуваат во околината. Целта е децата да се запознаат со типичниот семеен живот и сите негови проблеми и радости, овозможувајќи им да водат, колку што е можно, понормален живот. Ова ги подготвува и самите да основаат семејства кога ќе бидат возрасни.
Сѐ уште во потрага по идеално решение
Обидите на агенциите за усвојување, домовите за сирачиња, детските села СОС, УНИЦЕФ и слични организации или групи да им дадат поддршка на обесправените деца се со добри намери. Но, никој од нив не може да го негира фактот дека некои луѓе се обесправени. Колку и да сакаат да сторат нешто во врска со тоа, тие не можат да му дадат здрави раце и нозе на едно сакато дете, да го активираат умот на ментално заостанатото дете, да го обединат детето со неговите одвоени или разведени родители или да го вратат во прегратката полна со љубов на починатиот родител.
Колку и да се обидуваат, луѓето не можат да го обезбедат идеалното решение на проблемите на децата. Но, проблемите сепак ќе бидат решени! Да, и тоа веројатно порано отколку што очекувате. Но, како?
[Фуснота]
^ пас. 17 Видете ја серијата „Копнени мини — што може да се направи?“, објавена во српското издание од 8 мај 2000.
[Слики на страници 8 и 9]
На детето му треба и тоа ја заслужува љубовта на двата родитела