Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Може ли науката да овозможи вечен живот?

Може ли науката да овозможи вечен живот?

Гледиште на Библијата

Може ли науката да овозможи вечен живот?

ПРЕД повеќе години ова прашање би изгледало апсурдно. Меѓутоа, сега некои луѓе сериозно размислуваат за ваквиот изглед. Научниците веќе успеале двојно да го продолжат животот на овошните мушички и на некои црви користејќи техники кои некои сметаат дека би можеле да се применат и на луѓето.

Истражувањата покажаа дека нормалните човечки клетки умираат и дека се делат само ограничен број пати. Потоа престануваат да се делат. Тоа е еден процес кој е спореден со внатрешен часовник кој контролира кога луѓето ќе остарат и ќе умрат. Сега научниците работат на тоа одново да го темпираат овој часовник.

Според една популарна теорија, клучот за стареењето лежи во краевите на секоја нишка на ДНК, во областа наречена теломер. Теломерите се споредени со пластични заштитни капачиња на краевите на врвките за чевли, чија намена е да спречат врвките да се расплетат. Научниците забележале дека по секоја делба на некои клетки, теломерите се скратуваат, како фитил што гори. Изгледа дека на крајот теломерите се скратуваат до степен кога клетката престанува да се дели. Меѓутоа, во присуство на извесен ензим, теломерите не се скратуваат. Така, според оваа теорија, тој ензим би можел да им го даде на клетките потенцијалот да продолжат неограничено да се делат. Еден службеник од една компанија која се занимава со оваа работа, рекол: „Сега првпат можеме да ја замислиме човечката бесмртност“. Меѓутоа, сите научници не се согласуваат со ова.

Како се појавила смртта

Се разбира, луѓето кои имаат вера во Библијата, веруваат дека е можно луѓето да живеат вечно со милениуми. Тие не ја полагаат својата доверба во човечките научници туку во Врвниот Научник, кој ги создал сите живи суштества, Јехова Бог (Псалм 104:24, 25).

Библијата покажува дека смртта на човекот не била дел од намерата на Творецот. Првата човечка двојка била создадена според Божји лик и била сместена во една рајска градина. Тие биле совршени, без телесен или умствен недостаток. Како такви, имале изглед да живеат засекогаш на земјата. Таква била Божјата желба во врска со нив. Тој им дал налог да раѓаат деца и постепено да го прошират Рајот низ целата земја (Битие 1:27, 28; 2:8, 9, 15).

Како што се гледа од Битие, 3. поглавје, Адам намерно се побунил против Бог, знаејќи дека казната ќе биде смрт. Освен тоа, следејќи пат на непослушност, тој донел грев и смрт за неговото сѐ уште неродено потомство. Апостол Павле го објаснил тоа на следниов начин: „Како што преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Со други зборови, заради тоа што Адам згрешил, неговото тело повеќе не било совршено. Постепено остарел и умрел. Неговото потомство го наследило тој недостаток.

Значи, смртта на човекот дошла како резултат на Адамовата побуна и на Божјиот суд кој следел потоа. Луѓето нема да успеат да ја поништат таа осуда. Иако науката постигнала голем напредок во медицината, инспирираните зборови што ги запишал Мојсеј пред 3.500 години се уште се вистинити: „Збирот на нашиот живот е седумдесет години, ако сме силни, и осумдесет; а повеќето од нив се мака и ништожност: зашто минуваат брзо, и ние летаме оттука“ (Псалм 90:10).

Јеховината подготовка за вечен живот

За среќа, постои надеж! Иако во моментов сите луѓе на крајот умираат, Јехова немал намера ваквата ситуација да трае неограничено време. Иако Адам и Ева заслужиле да умрат, Бог знаел дека многу од нивните сѐ уште неродени деца со ценење ќе се одѕвијат на неговото надгледување полно со љубов. За таквите луѓе тој направил подготовка за бескраен живот на Земјата. Псалмистот напишал: „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29). Но, како ќе се постигне тоа?

Ова нема да се случи како резултат на тоа што луѓето ќе ги откријат тајните на ДНК. Наместо тоа, вечниот живот е подарок кој Јехова ќе им го даде на оние кои практикуваат вера во него. Увидувајќи дека потомците на Адам и Ева треба да бидат спасени, тој обезбедил средство за тие да добијат вечен живот — откупната жртва на Исус Христос. Исус се осврнал на оваа подготовка кога рекол: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

И Исус, како Адам, бил совршен човек. Но, за разлика од Адам, Исус му бил совршено послушен на Бог. Затоа Исус можел да го жртвува својот совршен човечки живот за да плати за Адамовиот грев. Преку оваа постапка полна со љубов, со која се израмнила вагата на правдата, децата на Адам можеле да бидат ослободени од осудата на смрт. Според тоа, сите оние кои практикуваат вера во Исус, ќе го добијат вечниот живот како Божји дар (Римјаните 5:18, 19; 1. Тимотеј 2:5, 6).

Ако луѓето можеа самите да ја победат несовршеноста и да овозможат вечен живот, не би имало потреба од откупнина. Библијата го дава овој мудар совет: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение! Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли. Блажен е оној, кому му е помошник: Јакововиот Бог, чија надеж е во Господа, неговиот Бог, Кој ги создаде: небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој останува верен довека“ (Псалм 146:3—6).

Вечниот живот нема да произлезе од научните истражувања туку од Јехова. Што и да науми да направи Бог, тој може и ќе го направи тоа. „Кај Бога ниедна изјава нема да биде невозможна“ (Лука 1:37).

[Извор на слика на страница 12]

© Charles Orrico/SuperStock, Inc.