Постојана потрага по решенија
Постојана потрага по решенија
УШТЕ од самиот почеток, организацијата на Обединетите нации е заинтересирана за децата и за нивните проблеми. На крајот на 1946 година, таа го основа Меѓународниот детски фонд на Обединетите нации за итни потреби (УНИЦЕФ) како привремена мерка за згрижување на децата во местата кои беа погодени од војна.
Во 1953, овој фонд за итни потреби прерасна во постојана организација. Иако сега официјално е познат како Детски фонд на Обединетите нации, ја задржал својата првобитна кратенка, УНИЦЕФ. Така, повеќе од половина век, УНИЦЕФ ги снабдува децата во целиот свет со храна, облека и медицинска нега и настојува да се грижи за сите нивни потреби.
На потребите на децата им се придаде уште поголема важност во 1959, кога Обединетите нации ја усвоија Декларацијата за правата на детето. (Видете ја рамката на 5. страница.) Се негуваа надежи дека овој документ ќе предизвика интерес за проблемите на децата и дека ќе помогне тие да се решат на тој начин што ќе се поттикне јавноста да даде поддршка, во финансиски и во друг поглед.
Но, „по дваесет години“, според Колиеровиот 1980 Year Book (Годишник за 1980), „овие ‚права‘ — особено правата поврзани со исхраната, здравјето и материјалната благосостојба — сѐ уште се во голема мерка неостварени за многу од 1,5 милијардите деца во светот“. Затоа, увидувајќи ја постојаната потреба да се решат проблемите на децата и во склад со целите што ги објавија, Обединетите нации ја одредија 1979 година како Меѓународна година на детето. Владини, граѓански, религиозни и добротворни групи од целиот свет брзо се одѕваа на потрагата по решенија.
Дали сето тоа беше само „сурова шега“?
За жал, според извештајот на УНИЦЕФ, децата во земјите во развој не поминаа добро во текот на Меѓународната година на детето. На крајот на годината, околу 200 милиони од нив сѐ уште беа
неисхранети, а смртта на половина од оние 15 милиони кои умреа пред да наполнат пет години би можела да се припише на неисхранетоста. Од 100 деца кои се раѓаа секоја минута во тие земји, 15 умираа пред да наполнат една година. Помалку од 40 проценти завршуваа основно училиште. Коментирајќи за овој извештај на УНИЦЕФ, една уводна статија во весникот Indian Express се жалеше дека Годината на детето се претвори во „сурова шега“.Некои поединци го предвидоа овој неуспех. На пример, на самиот почеток на таа година, во списанието L’Espresso, Фабрицио Дентиче напишал: „За да се подобри ситуацијата, потребно е нешто повеќе од Година на детето“. Ова списание го дало следниов коментар: „Денешниот начин на живот нѐ прави тоа што сме, и токму него треба да го смениме“.
Во постојаната потрага по решенија за проблемите на децата, во септември 1990 се одржа еден светски самит во седиштето на ОН. Тоа беше една од најголемите средби на светските водачи што некогаш била одржана во историјата. Присуствуваа повеќе од 70 државни лидери. Овој собир беше продолжение на Конвенцијата за правата на детето, која беше усвоена на 20 ноември 1989 а стапи на сила на 2 септември 1990. До крајот на месецот, оваа спогодба ја ратификуваа 39 земји.
Неодамна УНИЦЕФ забележа: „Оваа Конвенција брзо стана најшироко усвоен договор за човековите права, создавајќи еден глобален поттик за децата“. Навистина, во ноември 1999 оваа Конвенција беше усвоена од 191 земја. УНИЦЕФ се фалеше: „Во текот на деценијата што следеше по прифаќањето на Конвенцијата за правата на детето беше постигнат поголем напредок во остварувањето и заштитувањето на правата на децата отколку во кој и да е друг сличен период во човечката историја“.
И покрај ваквиот напредок, германскиот претседател Јоханес Рау бил поттикнат да го даде следниов коментар: „Жално е тоа што во нашево време сѐ уште треба да бидеме потсетувани дека децата имаат права“. Или, пак, да бидеме потсетувани дека тие сѐ уште имаат сериозни проблеми! Кога во ноември 1999 призна дека „сѐ уште треба да
се направи многу“, УНИЦЕФ објасни: „Се проценува дека во светот секоја година умираат 12 милиони деца кои сѐ уште не наполниле пет години, и тоа повеќето од причини кои лесно можеле да се спречат. Околу 130 милиони деца во неразвиените земји не посетуваат основно училиште . . . Околу 160 милиони деца се сериозно или делумно неисхранети . . . Многу несакани деца венеат во домовите за сирачиња и во други институции, лишени од образование и соодветна здравствена нега. Овие деца честопати се физички злоупотребувани. Се проценува дека 250 милиони деца вршат некаков облик на тешка физичка работа“. Се спомнаа и оние 600 милиони деца кои живеат во тотална сиромаштија и 13 милиони за кои се процени дека до крајот на 2000 година ќе изгубат барем еден родител заради СИДА.Се чини дека задоволувачките решенија на овие проблеми им „бегаат“ на политичките водачи. Сепак, проблемите на децата не се ограничени само на земјите во развој. Во западните нации многу деца се лишени од нешто сосема друго.
[Истакната мисла на страница 4]
„Жално е тоа што во нашево време сѐ уште треба да бидеме потсетувани дека децата имаат права“
[Рамка/слика на страница 5]
Декларацијата на ОН за правата на детето:
● Право на име и националност.
● Право на наклоност, љубов, разбирање и материјална сигурност.
● Право на соодветна исхрана, место на живеење и медицинска помош.
● Право на специјална нега ако е инвалид, сеедно дали во физички, ментален или социјален поглед.
● Право да биде меѓу првите кои ќе добијат заштита и помош во секакви околности.
● Право да бидат заштитени од сите облици на запоставување, суровост и експлоатација.
● Право да му се даде можност за игра и рекреација и еднаква можност за бесплатно и задолжително образование, да му се овозможи на детето да ги развие своите индивидуални способности и да стане корисен член на општеството.
● Право да го развие својот целосен потенцијал во услови на слобода и достоинство.
● Право да биде воспитувано во дух на разбирање, толеранција, пријателство меѓу луѓето, мир и универзално братство.
● Право да ги ужива овие права без оглед на расата, бојата, полот, религијата, политичките или други ставови, национално или социјално потекло, како и имотна состојба, статус на раѓање или друг статус.
[Извор на слика]
Резимето е засновано на Everyman’s United Nations
[Извори на слики на страница 3]
ФОТОГРАФИЈА НА ОН 148038/Jean Pierre Laffont
Фотографија на ОН
[Извор на слика на страница 4]
Фотографии на страници 4 и 5 Giacomo Pirozzi/Panos Pictures